Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

Самсон триумфира со помош на силата од Јехова!

Самсон триумфира со помош на силата од Јехова!

Самсон триумфира со помош на силата од Јехова!

ОДМАЗНИЧКИТЕ поробувачи му ги извадиле очите и го ставиле на тешка работа. Потоа го одвеле од затворот во еден пагански храм за да ја забавува толпата. Го покажувале пред илјадници гледачи и го исмејувале. Затвореникот не бил ниту криминалец ниту заповедник на некоја непријателска војска. Тој бил обожавател на Јехова и 20 години служел како судија во Израел.

Како се нашол Самсон — физички најсилниот човек што некогаш живеел — во таква понижувачка ситуација? Дали неговата необична сила ќе го спаси? Во што била тајната на неговата сила? Што можеме да научиме од неговата животна приказна?

Тој „ќе почне да го избавува Израел“

Израелевите синови многупати застраниле од вистинското обожавање. Затоа, кога ‚продолжиле да прават зло пред Господовите очи, Господ ги предал во рацете на Филистејците за четириесет години‘ (Судии 13:1).

Приказната на Самсон почнува кога еден Јеховин ангел ѝ се појавил на една израелска неротка, жената на Маној, и ѝ кажал дека ќе роди син. „Брич нека не помине преку неговата глава“, ѝ рекол ангелот, „зашто детето, од мајчината утроба, ќе Му биде посветено на Бога — ќе биде Божји Назиреј, и тој ќе почне да го избавува Израел од рацете на Филистејците“ (Судии 13:2⁠-5). Уште пред да биде зачнат, Јехова одредил Самсон да има посебна задача. Од моментот кога ќе се роди, требало да биде Назиреј — избран за посебна света служба.

„Токму таа ми се допадна“

Додека Самсон растел, ‚Господ го благословувал‘ (Судии 13:24). Еден ден, Самсон дошол кај татко му и мајка му и им рекол: „Забележав во Тамнат . . . девојка од филистејските ќерки: оженете ме со неа“ (Судии 14:2). Замисли си колку мора да биле изненадени. Наместо да го ослободи Израел од рацете на угнетувачите, нивниот син сакал да стапи во брачен сојуз со нив. Да зема жена што е обожавателка на пагански богови било спротивно на Божјиот закон (Излез 34:11⁠-16). Затоа, родителите се побуниле: „Зар нема девојки меѓу ќерките на твоето племе и во сиот наш народ, па ти одиш да земеш жена од необрезаните Филистејци?“ Но, Самсон настојувал: „Ожени ме со неа, зашто таа ми замиле [токму таа ми се допадна, NW]“ (Судии 14:3).

Во која смисла „токму таа“ жена била за Самсон? Па, не во смисла дека била „убава, шармантна, привлечна“, се вели во Cyclopedia на Меклинток и Стронг, „туку токму таа била вистинската за да се постигне некоја цел, намера или намисла“. За да се постигне каква цел? Судии 14:4 објаснува дека Самсон ‚барал закачка со Филистејците‘. Од таа причина Самсон бил заинтересиран за жената. Кога Самсон станал возрасен, ‚Господовиот Дух почнал да дејствува во него‘, односно да го тера на акција (Судии 13:25). Значи, Јеховиниот дух бил силата што стоела зад ова необично барање на Самсон за жена, како и зад целата негова кариера како судија над Израел. Дали Самсон ја добил закачката, или приликата што ја барал? Најпрво да разгледаме како Јехова го уверил дека го поддржува.

Самсон бил на пат кон градот кај што живеела неговата идна невеста, Тамнат. „Кога дојде во Тамнатските Лозја“, раскажува библискиот извештај, „ете — одненадеж пред него скокна млад лав, рикајќи. Господовиот Дух го опфати Самсона и тој голорак го раскина лавот.“ Овој извонреден приказ на сила се случил кога Самсон бил сам. Немало очевидци. Дали на овој начин Јехова сакал да го увери Самсон дека како Назиреј може да го исполни својот налог што Бог му го дал? Библијата не ни кажува, но Самсон секако сфатил дека таквата необична сила не е негова. Мора да била од Бог. Можел да има доверба дека Јехова ќе му помогне во делото што го чека. Зајакнат од настанот со лавот, Самсон ‚отишол понатаму и разговарал со таа жена. И таа сѐ уште му се допаѓала‘ (Судии 14:5⁠-7NW).

По некое време, кога Самсон се вратил да си ја одведе жената дома, ‚се свртел за да го види мртвиот лав, а ете во мртвиот лав рој пчели и мед‘. Кога се сетил на тоа, на 30⁠-мина филистејски свадбени другари, на својата свадба, Самсон им ја поставил оваа гатанка: „Од оној што јаде излегло јадење, од силниот излезе слатко“. Ако погоделе што значи загатката, Самсон ќе им дадел 30 кошули и свечени облеки. Ако не погоделе, тие ќе требало да му го дадат истото. Филистејците три дена не можеле да ја решат гатанката. На четвртиот ден, почнале да ѝ се закануваат на жената. Ѝ рекле: „Извлечи го од мажот, со измама, решението на гатанката, или ќе ве спалиме и тебе и татковиот ти дом!“ Колку сурово! Ако Филистејците вака се однесувале со својот сопствен народ, замисли си во колку тешка ситуација мора да биле угнетените Израелци! (Судии 14:8⁠-15).

Преплашената жена го натерала Самсон да ѝ го каже одговорот. Покажувајќи дека не го сака Самсон и дека не му е лојална, веднаш им го кажала тоа на свадбените другари. Тие ја решиле гатанката и Самсон знаел зошто. Им рекол: „Ако не оравте со мојата јуница, не ќе ја решевте гатанката“. Сега се појавила приликата што Самсон ја чекал. „Господовиот Дух дојде на него, па тој слезе во Аскалон и таму уби триесет луѓе, им ја зеде облеката и им даде свечени облеки на оние, кои ја одгатнаа гатанката“ (Судии 14:18, 19).

Дали она што Самсон го направил во Аскалон било затоа што сакал да се одмазди? Не. Тоа било дело на Бог што го направил преку избавителот што го избрал. Преку Самсон, Јехова започнал борба против суровите угнетувачи на неговиот народ. Оваа борба требало да продолжи. Следна прилика за тоа се појавила кога Самсон отишол да ја посети својата жена.

Еден човек војува сам

Кога се вратил во Тамнат, Самсон открил дека таткото на жена му, мислејќи дека Самсон ја мрази, ја омажил за друг. Самсон изгледал навреден. Фатил 300 лисици, ги врзал по две и им ставил по еден факел меѓу опашките. Кога ги пуштил лисиците, тие ги запалиле полињата, лозјата и маслинките, уништувајќи ги трите главни годишни култури во Филистеја. Разгневените Филистејци биле сурови. Сметале дека жената на Самсон и татко ѝ се виновни и ги запалиле. Нивната сурова одмазда му послужила на Самсон да ја исполни својата намера. Ги испотепал со голем колеж (Судии 15:1⁠-8).

Дали Израелците сфатиле дека Јехова Бог го благословувал Самсон и дали затоа се здружиле со него за да му стават крај на владеењето на Филистеја? Тешко. За да избегнат неволји, Јудејците испратиле 3.000 мажи да го уапсат Божјиот избран водач и им го предале на неговите непријатели. Меѓутоа, оваа нелојалност на Израелците му дала шанса на Самсон да им нанесе уште загуби на своите непријатели. Кога требало да им биде предаден на Филистејците, ‚Господовиот Дух го опфатил, и јажињата на неговите раце станале како ленени конци, прегорени со оган, и му паднале од рацете‘. Потоа, зел една челуст од магаре и со неа убил илјада непријатели (Судии 15:10⁠-15).

Повикувајќи го Јехова, Самсон рекол: „Ти ја извојува оваа голема победа со рацете на Твојот слуга, а зар сега треба да умрам од жед и да им паднам во рацете на необрезаните?“ Јехова ја чул молитвата на Самсон и му одговорил. „Господ ја расече вдлабоченоста . . . и вода потече од неа. Самсон се напи, и му се врати силата, духот му оживе“ (Судии 15:18, 19).

Самсон бил решен да ја постигне својата цел — да се бори против Филистејците. Останал во куќата на една проститутка во Газа со намера да се бори против Божјите непријатели. На Самсон му требало место каде што ќе преноќи во еден непријателски град, а место можел да најде само во куќата на некоја проститутка. Немал никакви неморални намери на ум. Си заминал од куќата на таа жена на полноќ, ги грабнал градската порта и двата довратника и ги однел на врвот на една планина во близина на Хеврон, кој бил оддалечен околу 60 километри. Ова го направил со одобрение и со сила од Бог (Судии 16:1⁠-3).

Начинот на којшто дејствувал светиот дух во случајот на Самсон е необичен затоа што и околностите биле необични. Верните слуги на Бог денес можат да се потпрат на истиот овој дух за сила. Исус ги уверил своите следбеници дека Јехова ќе им „даде свет дух на оние кои го молат“ (Лука 11:13).

Зошто Јехова ‚се свртел од Самсон‘?

Подоцна Самсон се вљубил во една жена по име Делила. Петте сојузнички филистејски владетели толку многу сакале да го убијат Самсон што побарале помош од неа. Ѝ пристапиле на Делила и ѝ рекле: „Заведи го и научи каде стои неговата голема сила, за да можеме да го совладаме“. Како поткуп, секој од овие пет владетели ѝ понудил „по илјада и сто сребрени сикли“ (Судии 16:4, 5).

Понудата од 5.500 сикли била огромен поткуп. Авраам платил 400 сикли за погребно место за жена му, а роб се продавал за само 30 сикли (Битие 23:14⁠-20; Излез 21:32). Фактот што сојузничките владетели — владетели на пет филистејски градови — се понадевале на алчноста на Делила а не на нејзината етничка лојалност, укажува на тоа дека таа можеби била Израелка. Како и да е, Делила ја прифатила понудата.

Самсон трипати ѝ дал погрешен одговор кога Делила го распрашувала, и сите трипати таа го изневерила обидувајќи се да им го предаде на неговите непријатели. Но, ‚бидејќи секој ден му здодевала и го мачела, нему веќе му тежело во душата до смрт‘. Самсон конечно ѝ ја кажал вистината — косата никогаш не му била потстрижена. Кога би му била потстрижена, би ја изгубил силата и би станал како и сите други луѓе (Судии 16:6⁠-17).

Тоа била Самсоновата пропаст. Делила го намамила во ситуација за да му ја избричат главата. Меѓутоа, силата на Самсон не му била буквално во косата. Неговата коса едноставно го претставувала неговиот посебен однос со Бог како Назиреј. Кога Самсон се довел себеси во ситуација што се одразила врз неговото назирејство затоа што му била избричена главата, Јехова ‚се свртел од него‘. Сега, Филистејците го совладале Самсон, го ослепеле и го фрлиле во затвор (Судии 16:18⁠-21).

Ова нѐ учи на една навистина силна лекција! Зарем не треба да го цениме нашиот однос со Јехова како нешто многу скапоцено? Ако го компромитираме нашето христијанско предание на каков и да било начин, како можеме да очекуваме Бог и понатаму да нѐ благословува?

„Нека загинам со Филистејците“

Ликувајќи, Филистејците му благодареле на својот бог Дагон за победата над Самсон. Прославувајќи ја својата победа, го воделе својот заробеник до храмот на Дагон. Но, Самсон знаел која била вистинската причина за неговата пропаст. Знаел зошто Јехова го напуштил, и се покајал за тоа што потфрлил. Додека бил во затвор, косата почнала бујно да му расте. Сега, застанат пред илјадници Филистејци, што можел да направи?

„Господи, Господи [Севишен Господару Јехова, NW]“, се молел Самсон, „спомни си за мене и дај ми сила, само уште сега, за да им се одмаздам на Филистејците за двете очи.“ Потоа, ги фатил двата средишни столба на зградата и ‚напнал со сета сила‘. Каков бил резултатот? „Ја урна зградата врз кнезовите и врз сиот народ што се наоѓаше таму. Повеќе ги уби умирајќи отколку што ги истепа во животот“ (Судии 16:22⁠-30).

Во поглед на физичката сила, на Самсон му немало рамен. Неговите моќни дела се навистина истакнати. Но, што е најважно, Јеховината реч го вбројува Самсон меѓу оние што биле цврсти во верата (Евреите 11:32⁠-34).

[Слика на страница 26]

Во што била тајната на силата на Самсон?