Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

Дали верата те тера на дела?

Дали верата те тера на дела?

Дали верата те тера на дела?

ВОЕНИОТ офицер бил уверен дека Исус може да го излекува неговиот парализиран роб. Но, не го поканил да дојде кај него дома, можеби затоа што не се сметал достоен за таа чест или затоа што самиот бил не-Евреин. Наместо тоа, офицерот испратил некои постари мажи од Евреите да отидат кај Исус и да му речат: „Господине, не сум достоен да влезеш под мојот покрив, туку кажи само збор и мојот слуга ќе биде излекуван“. Увидувајќи дека овој воен офицер верува дека тој може да лекува дури и оддалеку, Исус им рекол на мноштвото луѓе што го следеле: „Вистина ви велам: Кај никого во Израел не сум нашол толку голема вера“ (Матеј 8:5⁠-10; Лука 7:1⁠-10).

Оваа случка ни го свртува вниманието на една суштинска работа во врска со верата. Вистинската вера не е само пасивно верување — таа е поткрепена со дела. Библискиот писател Јаков објаснил: „Верата, ако нема дела, сама по себе е мртва“ (Јаков 2:17). Ова ќе ни стане уште појасно ако разгледаме еден вистински пример за тоа што може да се случи кога верата ќе стане неактивна.

Во 1513 година пр.н.е., Јехова Бог го склучил со израелската нација сојузот на Законот. Како посредник на тој сојуз, Мојсеј им ја пренел оваа Божја порака на Израелевите синови: „Ако Ми се покорувате верно и го држите Мојот Завет [сојуз, NW], вие ќе Ми бидете . . . свет народ“ (Излез 19:3⁠-6). Да, светоста на Израелците зависела од нивната послушност.

Но, со векови подоцна, за Евреите станало поважно да го проучуваат Законот отколку да ги применуваат начелата што ги содржел тој. Во својата книга со наслов Животот и времето на Месијата Исус (The Life and Times of Jesus the Messiah), Алфред Едерсхајм напишал: „[Рабините] — ‚мудреците на светот‘ — одамна се сложиле дека проучувањето е поважно од делата“.

Точно е дека на древните Израелци им било заповедано трудољубиво да ги проучуваат Божјите барања. Самиот Бог им рекол: „Овие зборови што денес ти ги заповедам, нека ти се врежат во срцето. Напомнувај им ги на своите синови. Зборувај им за нив кога седиш дома во својата куќа и кога одиш патем; кога легнуваш и кога стануваш“ (Второзаконие 6:6, 7). Но, дали Јехова имал намера проучувањето на Законот да стане поважно од делата на кои поттикнувал тој и кои требало да ги прават во склад со тој Закон? Да видиме.

Темелно изучување

Можеби тоа што се ставал крајно силен акцент на проучувањето на Законот им изгледало разумно на Израелците, со оглед на тоа што според едно еврејско предание и Бог лично го проучува Законот по три часа секој ден. Можеш лесно да сфатиш зошто некои Евреи можеби си мислеле: ‚Ако Бог редовно го проучува Законот, зарем не треба и неговите земски суштества потполно да му се посветат на проучувањето?‘

До првиот век од н.е., рабините веќе биле толку опседнати со разглобувањето и толкувањето на Законот, што сосема застраниле во размислувањата. „Книжниците и фарисеите . . . зборуваат, а не прават“, рекол Исус. „Врзуваат тешки товари и ги ставаат врз плеќите на луѓето, а самите не сакаат ниту со прст да ги помрднат“ (Матеј 23:2⁠-4). Овие верски водачи им наметнувале на обичните луѓе тешки товари во облик на безброј правила и прописи, но тие самите лицемерно изнаоѓале дупки во Законот за да не мораат лично да ги држат истите овие закони. Освен тоа, овие луѓе што се концентрирале на темелно проучување ‚ги занемариле потешките работи од Законот, имено, правдата и милосрдноста и верноста‘ (Матеј 23:16⁠-24).

Каква само иронија! Сакајќи да покажат колку се тие праведни, книжниците и фарисеите на крајот почнале да го кршат истиот тој Закон што тврделе дека го држат! Долгите векови на дебатирање околу зборови и други ситници од Законот не им помогнале да се зближат со Бог. Напротив, како резултат на ова тие застраниле, исто како што, според зборовите на Павле, можело да се застрани и од „празни разговори“, ‚противречја‘ и лажно „спознание“ (1. Тимотеј 6:20, 21). Но, уште еден сериозен проблем било влијанието што тоа бескрајно истражување го имало врз нив. Тие не стекнале таква вера што би ги поттикнала на исправни дела.

Интелигентни умови, безверни срца

Каква само разлика меѓу размислувањата на еврејските верски водачи и размислувањето на Бог! Кратко пред Израелците да влезат во Ветената земја, Мојсеј им рекол: „Во своите срца посадете ги овие зборови, што ги земам денес за сведоци против вас; наредете им на своите синови да ги пазат, вршејќи ги сите зборови на овој Закон“ (Второзаконие 32:46). Јасно, Божјите слуги не требало само да го изучуваат Законот туку и да го вршат.

Но, секогаш одново, израелската нација му била неверна на Јехова. Наместо да вршат исправни дела, Израелевите синови ‚не Му поверувале и не го послушале гласот Негов‘ (Второзаконие 9:23ПСП; Судии 2:15, 16; 2. Летописи 24:18, 19; Еремија 25:4⁠-7). На крајот, Евреите го отфрлиле Исус како Месија. Ова бил нивниот најголем чин на неверност (Јован 19:14⁠-16). Како резултат на тоа, Јехова Бог го отфрлил Израел и го свртел своето внимание кон нациите (Дела 13:46).

И ние треба да внимаваме да не паднеме во истата замка — да си мислиме дека можеме да го обожаваме Бог со интелигентен ум, но со безверно срце. Или, со други зборови, кога ја проучуваме Библијата, не треба само да се трудиме да трупаме знаење. За да имаме корист од ова знаење во животот, тоа мора да продре длабоко во нашето срце. Па, има ли смисла да учиш како да бидеш градинар, а никогаш да не засадиш ниедно семе? Точно, можеби ќе научиме нешто за тоа како да садиме и како да ја одржуваме градината. Но, да не очекуваме дека ќе набереме нешто од неа! На сличен начин, луѓето што учат за Божјите барања проучувајќи ја Библијата мораат да дозволат семето на вистината да фати корен во нивното срце, за да може да потера и да роди дела (Матеј 13:3⁠-9, 19⁠-23).

„Станете извршители на Речта“

Апостол Павле рекол дека „верата доаѓа од она што се слуша“ (Римјаните 10:17). Овој нормален редослед на работите, кој започнува со слушање на Божјата реч и води кон покажување вера во неговиот Син, Исус Христос, ни дава можност да добиеме вечен живот. Да, потребно е нешто повеќе отколку само да се рече: ‚Верувам во Бог и во Христос‘.

Исус ги поттикнал своите следбеници да имаат таква вера што ќе ги поттикне на дела: „Со тоа мојот Татко е прославен, да донесувате многу плод и да се покажете дека сте мои ученици“ (Јован 15:8). Подоцна Јаков, полубрат на Исус, напишал: „Станете извршители на речта, а не само слушатели“ (Јаков 1:22). Но, од каде да знаеме што да правиме? Со збор и со пример, Исус покажал што треба да правиме за да му се допаднеме на Бог.

Додека бил на Земјата, Исус работел напорно на тоа да ги унапредува интересите на Царството и да го прослави името на својот Татко (Јован 17:4⁠-8). На кој начин? Многу луѓе можеби ќе помислат на чудата што ги правел — лекувањето на болните и на сакатите. Но, во евангелието на Матеј јасно се кажува на кој главен начин го правел тоа: „Исус почна да ги обиколува сите градови и села, поучувајќи во нивните синагоги, проповедајќи ја добрата вест за царството“. Значајно е тоа што Исус не ја ограничил својата служба зборувајќи им само на неколку пријатели или познаници или на луѓе со кои случајно би се сретнал. Тој силно се напрегал на секој можен начин да стапи во контакт со луѓето низ „цела Галилеја“ (Матеј 4:23, 24; 9:35).

Исус ги поучил и своите следбеници да прават ученици. Всушност, тој им дал совршен пример како да го прават тоа (1. Петрово 2:21). На своите верни ученици им рекол: „Затоа одете и правете ученици од луѓето од сите нации, крштавајќи ги во името на Таткото и на Синот и на светиот дух, учејќи ги да држат сѐ што ви заповедав“ (Матеј 28:19, 20).

Мора да се признае, вистински предизвик е да се проповеда. Самиот Исус рекол: „Ете, ве праќам како јагниња меѓу волци“ (Лука 10:3). Кога ќе се соочиме со противење, природно ни доаѓа да се повлечеме за да се поштедиме од непотребна болка и загриженост. Вакво нешто се случило и ноќта кога бил уапсен Исус. Апостолите се разбегале зашто ги совладал стравот. Нешто подоцна истата ноќ, Петар трипати изјавил дека не го познава Исус (Матеј 26:56, 69⁠-75).

Освен тоа, можеби ќе се изненадиш, но дури и апостол Павле рекол дека мора да води борба за да ја проповеда добрата вест. На собранието во Солун тој му го напишал следново: „Со помош на нашиот Бог собравме смелост да ви ја зборуваме Божјата добра вест со голема борба“ (1. Солуњаните 2:1, 2).

Павле и другите апостоли успеале да го совладаат стравот и да им зборуваат на другите за Божјето Царство. Можеш да го совладаш и ти. Како? Најважен чекор е да се потпираш на Јехова. Ако потполно му веруваме на Јехова, таа вера ќе нѐ поттикне на дела, и ќе можеме да ја извршиме неговата волја (Дела 4:17⁠-20; 5:18, 27⁠-29).

Ќе бидеш награден за твојот труд

Јехова гледа колку многу се трудиме да му служиме. На пример, тој знае кога сме болни и уморни. Може да види кога сме несигурни или се сомневаме во своите способности. А кога сме оптоварени со финансиски проблеми или, пак, сме разочарани од нашето слабо здравје или лоши чувства, Јехова е секогаш свесен за нашата ситуација (2. Летописи 16:9; 1. Петрово 3:12).

Колку мора да се радува Јехова кога гледа како и покрај нашите слабости и проблеми, нашата вера нѐ поттикнува на дела! Нежната љубов што Јехова ја чувствува кон своите верни слуги не е само некакво чувство — тој ја покажал со тоа што дал ветување. Воден од светиот дух, апостол Павле напишал: „Зашто Бог не е неправеден да го заборави вашето дело и љубовта што ја покажавте кон неговото име, со тоа што им служевте на светите и понатаму им служите“ (Евреите 6:10).

Можеш да имаш доверба во она што го вели Библијата за Јехова — дека тој е „верен Бог [во кој] нема неправда“ и „дека ги наградува оние кои сесрдно го бараат“ (Второзаконие 32:4; Евреите 11:6). На пример, една жена од Калифорнија (САД), си спомнува: „Пред да подигне семејство, татко ми десет години бил полновремен објавител. Уживав кога ми раскажуваше како Јехова го поддржувал во службата. Многупати ќе си ги дал последните пари за бензин за да може да оди во служба. Кога потоа ќе се врател дома, честопати пред вратата ќе најдел неочекуван пакет со храна“.

Освен тоа што нѐ поддржува во материјален поглед, „Таткото на нежни милосрдија и Богот на секоја утеха“ ни дава и емоционална и духовна поддршка (2. Коринќаните 1:3). „Задоволство е да се потпираш на Јехова“, вели една христијанка, која низ годините се соочувала со многу испити. „Имаш прилика да ја покажеш својата доверба во него и да видиш со свои очи како тој дејствува за да ти помогне.“ Можеш понизно да му се обратиш на Оној што ‚ја послушува молитвата‘, со целосна доверба дека тој ќе му обрне внимание на она што тебе лично те загрижува (Псалм 65:2).

Духовните жетвари добиваат многу благослови и награди (Матеј 9:37, 38). На мнозина, учеството во проповедањето добро им влијаело врз здравјето, а може добро да влијае и врз тебе. Но, што е уште поважно, сведочењето на другите го зајакнува нашиот добар однос со Бог (Јаков 2:23).

Продолжи да правиш добро

Би било погрешно некој Божји слуга да заклучи дека Јехова е разочаран од него затоа што поради болест или старост на некој начин не може да прави во службата онолку колку што сака. Истото важи и за оние што се ограничени од слабо здравје, семејни одговорности или, пак, некои други околности.

Сети се дека кога апостол Павле се чувствувал слаб од некоја болест или друг проблем, ‚трипати го молел Господ да го отстрани‘ од него. Наместо да го излекува Павле за да може повеќе да му служи, Јехова му рекол: „Доволна ти е мојата незаслужена љубезност; зашто мојата сила се усовршува во слабост“ (2. Коринќаните 12:7⁠-10). Затоа, биди сигурен дека, и покрај тешките околности со кои можеби се соочуваш, твојот небесен Татко длабоко го цени сето она што сепак можеш да го правиш во неговото дело (Евреите 13:15, 16).

Нашиот Творец кој многу нѐ сака не бара од нас повеќе од она што можеме да го дадеме. Тој едноставно бара да имаме таква вера која ќе нѐ поттикне на дела.

[Слика на страница 26]

Дали било доволно да се проучува Законот?

[Слики на страница 29]

Нашата вера мора да биде поткрепена со дела