Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

Дозволи Божјата реч да ја осветлува твојата патека

Дозволи Божјата реч да ја осветлува твојата патека

Дозволи Божјата реч да ја осветлува твојата патека

„Твоето слово е . . . светлина на мојата патека“ (ПСАЛМ 119:105).

1, 2. Во кои околности Јеховината реч ќе ја осветлува нашата патека?

 ЈЕХОВИНАТА реч ќе ја осветлува нашата патека ако го дозволиме тоа. За да имаме таква духовна светлина, мораме трудољубиво да ја проучуваме Божјата пишана реч, Библијата, и да ги применуваме нејзините совети. Само тогаш ќе го имаме истото мислење со псалмистот, кој рекол: „Твоето слово е светилка на мојата нога и светлина на мојата патека“ (Псалм 119:105).

2 Сега да ги разгледаме стиховите од Псалм 119:89⁠-176. Овие стихови, подредени во 11 строфи, содржат вистинско богатство од информации. Тие можат да ни помогнат да останеме на патот што води во вечен живот (Матеј 7:13, 14).

Зошто да ја сакаме Божјата реч?

3. Како покажува Псалм 119:89, 90 дека можеме да се потпреме на секој збор што ќе го каже Бог?

3 Љубовта кон Јеховината реч ни помага да бидеме духовно стабилни (Псалм 119:89⁠-96). Псалмистот пеел: „О Господи, Твојот збор останува довека, постојан како небесата . . . ја зацврсти земјата, и таа стои“ (Псалм 119:89, 90). На зборот што го кажал Бог — „небесните закони“ што ги поставил — небесните тела прецизно се движат во своите орбити и Земјата е цврсто утврдена засекогаш (Јов 38:31⁠-33; Псалм 104:5). Можеме да се потпреме на секој збор што излегува од Јеховината уста; она што го вели Бог ќе се „изврши“ за да се исполни неговата намера (Исаија 55:8⁠-11).

4. Што прави љубовта кон Божјата реч за Божјите слуги што трпат неволји?

4 Псалмистот ‚би пропаднал во својата неволја ако Божјиот Закон не бил негово уживање‘ (Псалм 119:92). Него не му создавале неволја туѓинци; него го мразеле Израелците што го прекршувале законот (Левит 19:17). Но, тоа не го скршило, затоа што го сакал Божјиот закон што му давал сила. Во Коринт, апостол Павле бил „во опасности меѓу лажни браќа“, во кои можеби спаѓале ‚супер апостолите‘, кои барале начин да го обвинат (2. Коринќаните 11:5, 12⁠-14, 26). Сепак, Павле духовно преживеал затоа што ја сакал Божјата реч. Бидејќи ние ја сакаме Јеховината пишана реч, Библијата, и го применуваме она што стои во неа, ги сакаме и нашите браќа (1. Јованово 3:15). Дури ни тоа што светот нѐ мрази не е причина да ги заборавиме Божјите упатства. И понатаму ја извршуваме неговата волја, обединети во љубов со нашите браќа додека го очекуваме времето кога во вечност радосно ќе му служиме на Јехова (Псалм 119:93).

5. Како царот Аса го барал Јехова?

5 Кога ја искажуваме со зборови својата оддаденост на Јехова, можеби се молиме: „Твој сум, спаси ме; зашто јас ги барам Твоите наредби“ (Псалм 119:94). Царот Аса го барал Бог и го искоренил отпадништвото во Јуда. На еден голем собир во 15⁠-тата година од царувањето на Аса (963 пр.н.е.), жителите на Јуда ‚се заветувале дека ќе Го бараат Господа‘. Бог им дозволил ‚да го најдат‘ и ‚им дал мир од сите страни‘ (2. Летописи 15:10⁠-15). За секој што се оддалечил од христијанското собрание овој пример треба да биде поттик повторно да го бара Бог. Тој ќе ги награди и ќе ги заштити оние што одново активно се поврзуваат со неговиот народ.

6. Како треба да постапуваме за да се заштитиме од духовна штета?

6 Јеховината реч дава мудрост што може да нѐ заштити од духовна штета (Псалм 119:97⁠-104). Божјите заповеди нѐ прават помудри од нашите непријатели. Добиваме увид ако ги следиме неговите опомени, и ќе бидеме ‚поразумни од старците зашто ги чуваме неговите одредби‘ (Псалм 119:98⁠-100). Ако Јеховините зборови се ‚слатки на нашето непце, послатки од мед во нашата уста‘, ќе ги мразиме и ќе ги избегнуваме „сите лажни патишта“ (Псалм 119:103, 104). Тоа ќе нѐ штити од духовна штета додека во овие последни денови наидуваме на вообразени, свирепи и безбожни луѓе (2. Тимотеј 3:1⁠-5).

Светилка на нашата нога

7, 8. Во склад со Псалм 119:105, што треба да правиме?

7 Божјата реч, односно порака, е извор на постојана духовна светлина (Псалм 119:105⁠-112). Сеедно дали сме помазани христијани или, пак, сме нивните придружници, ‚другите овци‘, ние велиме: „Твоето слово е светилка на мојата нога и светлина на мојата патека“ (Јован 10:16; Псалм 119:105). Божјата реч е како светилка што го осветлува нашиот пат за да не се спрепнеме и да не паднеме духовно (Пословици 6:23). Сепак, секој од нас лично мора да дозволи Јеховината реч да биде светилка на неговата нога.

8 Мораме да бидеме одлучни, исто како авторот на 119. Псалм. Тој бил решен да не отстапи од Божјите наредби. „Одлучувам цврсто“, рекол тој, „да ги одржам Твоите [Јеховините] праведни одлуки“ (Псалм 119:106). Никогаш да не ја потценуваме вредноста на редовното проучување на Библијата и учеството на христијанските состаноци.

9, 10. Од каде знаеме дека поединци што му се оддадени на Јехова можат ‚да се отклонат од Божјите наредби‘, но како можеме да го избегнеме тоа?

9 Псалмистот не се ‚отклонил од Божјите наредби‘, но сепак, тоа може да му се случи некому што му е оддаден на Јехова (Псалм 119:110). Цар Соломон застранил иако бил припадник на една нација што му била оддадена на Јехова и иако во почетокот постапувал во склад со мудроста што му ја дал Бог. ‚Туѓинките го навеле и него на грев‘ со тоа што го намамиле да обожава лажни богови (Неемија 13:26; 1. Цареви 11:1⁠-6).

10 „Ловецот“, Сатана, поставува многу стапици (Псалм 91:3). На пример, некој поранешен сообожавател може да се обиде да нѐ натера да отстапиме од патеката на духовна светлина за да појдеме во темнината на отпадот. Меѓу христијаните во Тијатира ја имало „таа жена Језавела“, веројатно група жени што ги учеле другите да вршат идолопоклонство и неморал. Исус не ги толерирал таквите злодела, па не треба ниту ние (Откровение 2:18⁠-22; Јуда 3, 4). Затоа, да го молиме Јехова да ни помогне да не отстапиме од неговите наредби туку да останеме во Божјата светлина (Псалм 119:111, 112).

Божјата реч ни дава сила

11. Според Псалм 119:119, како гледа Бог на злобните?

11 Ако никогаш не отстапиме од неговите одредби, Бог ќе ни даде сила (Псалм 119:113⁠-120). Не одобруваме кога некои се ‚неодлучни‘, исто како што Исус не одобрува кога се млаки некои што денес велат дека се христијани (Псалм 119:113; Откровение 3:16). Бидејќи му служиме на Јехова со цело срце, тој е ‚наше засолниште‘ и ќе ни даде сила. Тој ќе ги ‚презре оние што отстапуваат од неговите повелби‘ кога се служат со итрина и измама (Псалм 119:114, 117, 118; Пословици 3:32). Таквите злобни луѓе тој ги смета за „запенета згура“ — нечистотијата што се отстранува од металите како што се среброто и златото (Псалм 119:119NW; Пословици 17:3). Треба секогаш да ги сакаме Божјите опомени, бидејќи сигурно не сакаме да им се придружиме на злобните во запенетата згура на уништување!

12. Зошто е важно да имаме страв од Јехова?

12 „Моето тело трепери од страв пред Тебе [Јехова]“, рекол псалмистот (Псалм 119:120). За да ни даде сила како на негови слуги, неопходно е да имаме здрав страв од Бог што ќе го покажеме со тоа што ќе го избегнуваме она што тој не го одобрува. Стравот од Јехова полн со почит го навел Јов да живее праведно (Јов 1:1; 23:15). Стравот од Бог може да ни помогне да останеме на патот што Бог го одобрува, без оглед на она што мораме да го поднесеме. Но, за да истраеме, мораме горливо да се молиме со вера (Јаков 5:15).

Моли се со вера

13-15. а) Зошто можеме да имаме вера дека нашите молитви ќе бидат одговорени? б) Што може да се случи ако не знаеме што да кажеме во молитва? в) Покажи како со помош на Псалм 119:121⁠-128 можеме да ги изразиме нашите „неискажливи воздишки“ кога се молиме.

13 Можеме да се молиме со вера дека Бог ќе ни помогне (Псалм 119:121⁠-128). Исто како псалмистот, сигурни сме дека нашите молитви ќе бидат одговорени. Зошто? Затоа што ги сакаме Божјите заповеди „повеќе од злато, повеќе и од суво злато“. Освен тоа, сметаме дека ‚сите Божји наредби се исправни во сѐ‘ (Псалм 119:127, 128NW).

14 Јехова ги слуша нашите молби затоа што се молиме со вера и затоа што грижливо се повинуваме на неговите наредби (Псалм 65:2). Но, што ако некогаш проблемите толку нѐ збунуваат што не знаеме што да кажеме во молитвата? Тогаш „самиот дух се зазема за нас со неискажливи воздишки“ (Римјаните 8:26, 27). Во тие моменти, Бог ги прифаќа зборовите што се кажани во неговата Реч како молитви во кои се изнесени нашите потреби.

15 Библијата е полна со молитви и мисли со кои можеме да ги изразиме нашите „неискажливи воздишки“. На пример, да го разгледаме текстот од Псалм 119:121⁠-128. Начинот на кој се кажани работите во него може да одговара на нашите околности. На пример, ако се плашиме дека ќе бидеме измамени, можеме да побараме помош од Бог онака како што барал псалмистот (стихови 121⁠-123). Да речеме дека треба да донесеме некоја многу тешка одлука. Тогаш би можеле да се молиме Јеховиниот дух да ни помогне да се сетиме и да ги примениме неговите опомени (стихови 124, 125). Иако ни се ‚омразени сите лажни патишта‘, можеби ќе треба да го молиме Бог да ни помогне да не подлегнеме на некое искушение да го прекршиме неговиот закон (стихови 126⁠-128). Ако секојдневно ја читаме Библијата, кога ќе го молиме Јехова, во мислите можат да ни дојдат вакви стихови што ќе ни помогнат.

Јеховините опомени ни помагаат

16, 17. а) Зошто ни се потребни Божјите опомени, и како треба да гледаме на нив? б) Како може другите да гледаат на нас, но што е навистина важно?

16 За да ни бидат сослушани молитвите и за да ја имаме Божјата милост, мораме да обрнеме внимание на Божјите опомени (Псалм 119:129⁠-136). Бидејќи понекогаш забораваме, потребни ни се Јеховините прекрасни опомени што нѐ потсетуваат на неговите упатства и заповеди. Се разбира, благодарни сме за духовната светлина што ја добиваме со секоја нова работа што ќе ни се открие во врска со Божјите зборови (Псалм 119:129, 130). Исто така, благодарни сме што Јехова ‚нѐ осветлил со своето лице‘ и нѐ прифаќа, иако ‚потоци солзи течат од нашите очи‘ затоа што другите го прекршуваат неговиот закон (Псалм 119:135, 136; Броеви 6:25).

17 Бог сигурно и понатаму ќе гледа на нас со наклоност ако ги слушаме неговите праведни опомени (Псалм 119:137⁠-144). Како Јеховини слуги, признаваме дека тој има право да ни го сврти вниманието на своите праведни опомени и да ни ги дава како заповеди што треба да ги слушаме (Псалм 119:138). Ако псалмистот бил послушен на Божјите заповеди, зошто рекол: „Мал сум и презрен“? (Псалм 119:141). Изгледа дека мислел на тоа како гледале на него неговите непријатели. Ако задржиме цврст став за праведноста, другите можеби ќе нѐ гледаат од високо. Сепак, она што е навистина важно е Јехова да гледа на нас со наклоност затоа што живееме во склад со неговите праведни опомени.

Безбедни и во мир

18, 19. Каков е резултатот ако ги слушаме Божјите опомени?

18 Кога ги слушаме Божјите опомени, ние сме блиски со него (Псалм 119:145⁠-152). Затоа што обрнуваме внимание на Јеховините опомени, се чувствуваме слободни да го повикуваме со сето срце и можеме да очекуваме дека ќе нѐ чуе. Можеби некогаш ќе се разбудиме во „зората“ и ќе го молиме за помош. Тоа е добра прилика да се молиме! (Псалм 119:145⁠-147). Исто така, Бог е близу до нас затоа што не сакаме да се однесуваме распуштено и затоа што, како Исус, и ние ја сметаме неговата реч за вистина (Псалм 119:150, 151; Јован 17:17). Нашиот однос со Јехова ни дава сила во овој разбрануван свет и ќе ни помогне да ја преживееме неговата голема војна Армагедон (Откровение 7:9, 14; 16:13⁠-16).

19 Поради тоа што длабоко ја цениме Божјата реч, уживаме во вистинска сигурност и безбедност (Псалм 119:153⁠-160). За разлика од злобните, ние ‚не отстапуваме од Јеховините прописи‘. Бидејќи ги сакаме Божјите наредби, се чувствуваме безбедни поради неговата лојална љубов (Псалм 119:157⁠-159). Јеховините опомени ја поттикнуваат нашата меморија за да се сетиме што очекува тој од нас во конкретни ситуации. Божјите наредби, пак, ни даваат водство, и ние спремно го признаваме правото на нашиот Творец да нѐ води. Свесни дека ‚целината на Божјиот збор е вистина‘ и дека не можеме независно да управуваме со своите чекори, радосно го прифаќаме Божјето водство (Псалм 119:160; Еремија 10:23).

20. Зошто имаме „голем мир“?

20 Нашата љубов кон Јеховиниот закон ни носи огромен мир (Псалм 119:161⁠-168). Прогонството не ни го одзема неспоредливиот ‚Божји мир‘ (Филипјаните 4:6, 7). Толку ги цениме Јеховините закони што често го фалиме Бог заради нив — „седумпати дневно“ (Псалм 119:161⁠-164). „Оние кои го љубат Твојот Закон, уживаат голем мир“, во песна рекол псалмистот, и „не се сопнуваат на ништо“ (Псалм 119:165). Ако го сакаме и го држиме Јеховиниот закон, нема да се спрепнеме духовно поради она што го прави некој друг ниту, пак, поради што и да е друго.

21. Кои библиски примери покажуваат дека нема потреба да се спрепнеме ако во собранието се појават проблеми?

21 Многу личности што се спомнати во Библијата не дозволиле ништо да ги спрепне. На пример, христијанинот Гај не бил спрепнат туку продолжил ‚да оди во вистината‘ и покрај безбожното однесување на Диотреф (3. Јованово 1⁠-3, 9, 10). Павле ги опоменал христијанките Еводија и Синтихија „да бидат со ист ум во Господ“, веројатно затоа што меѓу нив се појавиле проблеми. Очигледно, им било помогнато да го решат проблемот и продолжиле верно да му служат на Јехова (Филипјаните 4:2, 3). Затоа, нема потреба да се спрепнеме ако во собранието се појават некакви проблеми. Да се сосредоточиме на тоа да ги држиме Јеховините наредби, имајќи на ум дека ‚сите наши патишта се пред него‘ (Псалм 119:168; Пословици 15:3). Тогаш ништо нема трајно да ни го одземе ‚големиот мир‘.

22. а) Ако го слушаме Бог, каква чест можеме да имаме? б) Како треба да гледаме на некои што заскитале од христијанското собрание?

22 Ако секогаш го слушаме Јехова, ќе имаме прилика постојано да го фалиме (Псалм 119:169⁠-176). Живеејќи во склад со Божјите одредби, не само што ќе уживаме во духовна сигурност и безбедност туку и ‚нашите усни ќе запеат пофална песна‘ за Јехова (Псалм 119:169⁠-171, 174). Тоа е најголемата чест што можеме да ја имаме во овие последни денови. Псалмистот сакал да продолжи да живее и да го фали Јехова, но на начин што нам не ни е откриен, тој ‚заскитал како изгубена овца‘ (Псалм 119:175, 176). Некои што заскитале од христијанското собрание можеби сѐ уште имаат љубов кон Бог и сакаат да го фалат. Затоа, да правиме сѐ што можеме за да им помогнеме да можат повторно да најдат духовна сигурност и безбедност и да се радуваат додека го фалат Јехова заедно со неговиот народ (Евреите 13:15; 1. Петрово 5:6, 7).

Постојана светлина за нашата патека

23, 24. Каква корист извлече од 119. Псалм?

23 Псалм 119 може да ни користи на различни начини. На пример, може да ни помогне повеќе да се потпираме на Бог, бидејќи покажува дека вистински сме среќни ако ‚одиме според Господовиот Закон‘ (Псалм 119:1). Псалмистот нѐ потсетува дека ‚целината на Божјиот збор е вистина‘ (Псалм 119:160). Секако дека тоа треба да го зголеми нашето ценење за целата пишана Божја реч, Библијата. Ако размислуваме за 119. Псалм, ќе бидеме поттикнати марливо да го проучуваме Писмото. Псалмистот постојано го молел Бог: „Научи ме на Своите повелби“ (Псалм 119:12, 68, 135). Исто така, тој се молел: „Научи ме на разум и знаење, зашто верувам во Твоите заповеди“ (Псалм 119:66). И ние треба да се молиме така.

24 Поуката што ни ја дава Јехова ни овозможува да имаме близок однос со него. Псалмистот постојано се нарекува себеси Божји слуга. Всушност, тој му се обраќа на Јехова со трогателните зборови: „Твој сум“ (Псалм 119:17, 65, 94, 122, 125; Римјаните 14:8). Голема чест е да му служиме на Јехова и да го фалиме како негови Сведоци! (Псалм 119:7). Дали радосно му служиш на Бог како објавител на Царството? Ако е така, биди уверен дека Јехова и понатаму ќе ти дава сила и ќе те наградува во таа почесна активност ако секогаш имаш доверба во неговата реч и дозволуваш таа да ја осветлува твојата патека.

Како би одговорил?

• Зошто треба да ја сакаме Божјата реч?

• Како ни дава сила Божјата реч?

• На кои начини ни помагаат Јеховините опомени?

• Зошто Јеховиниот народ е на безбедно и во мир?

[Прашања]

[Слика на страница 16]

Божјата реч е извор на духовна светлина

[Слика на страница 17]

Ако ги сакаме Јеховините опомени, тој никогаш нема да нѐ смета за „запенета згура“

[Слики на страница 18]

Ако секојдневно ја читаме Библијата, кога се молиме лесно можат да ни дојдат во мислите стихови што ќе ни помогнат