Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

Имај доверба во Јеховината реч

Имај доверба во Јеховината реч

Имај доверба во Јеховината реч

„Имам доверба во твојата реч“ (ПСАЛМ 119:42, NW).

1. Кажи нешто за идентитетот и за карактерот на авторот на 119. Псалм.

 АВТОРОТ на 119. Псалм длабоко ја ценел Јеховината реч. Тој можеби бил кнезот Езекија, од Јуда. Чувствата што се изразени во оваа инспирирана песна се во склад со карактерот на Езекија, кој ‚се прилепил кон Господа‘ додека бил цар на Јуда (2. Цареви 18:3⁠-7). Едно е сигурно: авторот бил свесен за своите духовни потреби (Матеј 5:3).

2. Која е темата на 119. Псалм, и како е составена оваа песна?

2 Една клучна мисла од 119. Псалм е вредноста на Божјата реч, односно порака. a Веројатно за да може полесно да се запомни, авторот ја напишал оваа песна во акростих. Нејзините 176 стихови се базираат на буквите на хебрејската азбука, напишани по азбучен редослед. Во оригиналниот хебрејски јазик, секоја од 22⁠-те строфи на овој псалм има по 8 стиха што започнуваат со истата буква. Во овој псалм се зборува за Божјата реч, за Божјиот закон, за неговите опомени, патишта, наредби, одредби, заповеди, пресуди и зборови. Во оваа и во следната статија ќе го разгледаме 119. Псалм според некои точни преводи на хебрејскиот текст од Библијата. Откако ќе размислиме за искуствата на Јеховините слуги во минатото и денес, ќе се зголеми нашето разбирање за оваа песна инспирирана од Бог, како и нашата благодарност за Божјата пишана реч, Библијата.

Слушај ја Божјата реч и биди среќен

3. Објасни и дај пример за тоа што значи да се биде непорочен.

3 Дали ќе бидеме вистински среќни зависи од тоа дали одиме по Божјиот закон (Псалм 119:1⁠-8). Ако го правиме тоа, Јехова ќе смета дека нашиот „пат е непорочен“ (Псалм 119:1). Да бидеме непорочни не значи да бидеме и совршени, но нашата непорочност покажува дека вистински се трудиме да ја извршуваме Божјата волја. Ное бил „праведен и непорочен човек во свое време“, човек што ‚одел со Бога‘. Тој верен патријарх и неговото семејство го преживеале Потопот затоа што живеел онака како што барал Јехова (Битие 6:9; 1. Петрово 3:20). Слично, дали ќе го преживееме крајот на овој свет зависи од тоа дали ‚грижливо ги пазиме Божјите прописи‘, со што ја извршуваме неговата волја (Псалм 119:4).

4. Од што зависи дали ќе бидеме среќни и успешни?

4 Јехова никогаш нема да нѐ напушти ако ‚го славиме во чесноста на срцето и ги чуваме неговите повелби‘ (Псалм 119:7, 8). Бог не го напуштил израелскиот водач Исус Навин, кој го применил советот ‚да размислува за книжниот свиток на Законот дење и ноќе за да пази верно сѐ што е напишано во него‘. Затоа бил успешен и можел да постапува мудро (Исус Навин 1:8). Кон крајот на својот живот, Исус Навин сѐ уште го славел Бог и можел да ги потсети Израелците: „Вие добро знаете со сето ваше срце и со сета ваша душа дека не остана неисполнето ниту едно ветување од сите добри ветувања што ви ги даде Јехова, вашиот Бог“ (Исус Навин 23:14NW). Како што било случај со Исус Навин и со авторот на 119. Псалм, можеме да бидеме среќни и успешни ако го фалиме Јехова и ако имаме доверба во неговата реч, односно во она што го вели тој.

Јеховината реч ни помага да останеме чисти

5. а) Покажи како е можно некој да остане духовно чист. б) Каква помош може да добие еден млад човек што направил тежок грев?

5 Можеме да бидеме духовно чисти ако внимаваме на себе според Божјата реч (Псалм 119:9⁠-16NW). Тоа е случај дури и ако родителите не ни дале добар пример. Иако татко му на Езекија бил идолопоклоник, Езекија ‚го очистил својот пат‘, веројатно од пагански влијанија. Што ако денес еден млад човек што му служи на Бог направи тежок грев? Тоа што ќе се покае, ќе се моли и ќе добие помош од родителите и од христијанските старешини што му го мислат најдоброто, може да му помогне да биде како Езекија и ‚да го очисти својот пат и да внимава на себе‘ (Јаков 5:13⁠-15).

6. Кои жени ‚го очистиле својот пат и внимавале на себе според Божјата реч‘?

6 Иако Раав и Рута живееле долго време пред да биде напишан 119. Псалм, тие ‚го очистиле својот пат‘. Раав била ханаанска проститутка, но станала позната по својата вера како обожавателка на Јехова (Евреите 11:30, 31). Моавката Рута ги оставила своите богови, му служела на Јехова и се повинила на Законот што тој му го дал на Израел (Рута 1:14⁠-17; 4:9⁠-13). Овие две не-Израелки ‚внимавале на себе според Божјата реч‘ и ја имале прекрасната чест да станат предци на Исус Христос (Матеј 1:1, 4⁠-6).

7. На кој начин Даниел и другите тројца еврејски младичи дале добар пример во одржувањето духовна чистота?

7 „Човечкото срце е склоно кон зло од неговата младост“, но младите можат да одат по еден чист пат дури и во овој расипан свет што е под власта на Сатана (Битие 8:21 NW ; 1. Јованово 5:19). Како изгнаници во Вавилон, Даниел и другите тројца еврејски младичи ‚внимавале на себе според Божјата реч‘. На пример, не сакале да се извалкаат со „царските јадења“ (Даниел 1:6⁠-10). Вавилонците јаделе нечисти животни, кои биле забранети со Мојсеевиот закон (Левит 11:1⁠-31; 20:24⁠-26). Немале обичај да оставаат да истече крвта од закланите животни, а со тоа што јаделе неискрвавено месо го прекршувале Божјиот закон за крвта (Битие 9:3, 4). Не е ништо чудно што четворицата Евреи не сакале да јадат од царските јадења! Тие побожни младичи задржале духовна чистота и со тоа дале убав пример.

Божјата реч ни помага да бидеме верни

8. Каков став треба да имаме и што треба да знаеме за да го сфатиме и да го примениме Божјиот закон?

8 Многу важен фактор што ни помага да му останеме верни на Јехова е љубовта кон Божјата реч (Псалм 119:17⁠-24). Ако сме како инспирираниот псалмист, ќе копнееме да ги разбереме „убавините“ на Божјиот закон. Постојано ќе ‚копнееме по Јеховините закони‘ и ќе ‚уживаме во неговите опомени‘ (Псалм 119:18, 20, 24NW). Ако сме му предадени на Јехова од неодамна, дали ‚развиваме копнеж по неизвалканото млеко кое ѝ припаѓа на речта‘? (1. Петрово 2:1, 2). Треба да ги разбереме основните библиски учења за да можеме подобро да го сфатиме и да го примениме Божјиот закон.

9. Како треба да реагираме кога има расчекор помеѓу Божјиот закон и она што го бараат луѓето?

9 Можеби ги сакаме Божјите опомени, но што ако од некоја причина „кнезовите“ зборуваат против нас? (Псалм 119:23, 24). Денес, оние што се на власт честопати се обидуваат да нѐ натераат да ги ставиме човечките закони пред Божјиот закон. Кога има расчекор помеѓу она што го бара човекот и Божјата волја, што ќе направиме? Нашата љубов кон Божјата реч ќе ни помогне да му останеме верни на Јехова. Исто како прогонуваните апостоли на Исус Христос, ќе речеме: „Повеќе мораме да го слушаме Бог како владетел отколку луѓето“ (Дела 5:29).

10, 11. Дај пример што покажува како можеме да задржиме интегритет кон Јехова и во најтешките околности.

10 Можеме да му останеме верни на Јехова дури и во најтешките околности (Псалм 119:25⁠-32). За да успееме да останеме беспрекорни во Божји очи, мораме да бидеме спремни да учиме и горливо да го молиме да ни дава упатства. Исто така, мораме да го избереме „патот на верноста“ (Псалм 119:26, 30NW).

11 Езекија, кој можеби го напишал Псалм 119, го избрал „патот на верноста“. Тоа го направил иако бил опкружен со лажни обожаватели и можеби му се потсмевале оние што припаѓале на царскиот двор. Најверојатно ‚душата му ронела солзи од тага‘ поради таквите околности (Псалм 119:28). Но, Езекија имал доверба во Бог, бил добар цар и го правел „она што е право во Господовите очи“ (2. Цареви 18:1⁠-5). Ако се потпираме на Бог, и ние ќе можеме да ги поднесеме неволјите и да останеме беспрекорни (Јаков 1:5⁠-8).

Јеховината реч ни дава храброст

12. Како можеме ние лично да ги примениме стиховите од Псалм 119:36, 37?

12 Следењето на водството од Божјата реч ни ја дава храброста што ни е потребна за да се справиме со тешкотиите во животот (Псалм 119:33⁠-40). Понизно го молиме Јехова да ни дава упатства за да можеме да го држиме неговиот закон „со сето срце“ (Псалм 119:33, 34). Исто како псалмистот, го молиме Бог: „Приклони ми го срцето кон Твоите прописи, а не кон среброљубие“, или нечесна добивка (Псалм 119:36). Исто како апостол Павле, ние ‚се однесуваме чесно во сѐ‘ (Евреите 13:18). Ако работодавачот бара од нас да направиме нешто нечесно, собираме храброст за да се држиме за Божјите упатства — и Јехова секогаш го наградува тоа. Всушност, тој ни помага да ги контролираме сите лоши склоности. Затоа, да се молиме: „Одврати ги очите мои да не гледаат безвредни работи“ (Псалм 119:37NW). Никогаш не би сакале да ги сметаме за пожелни безвредните работи што ги мрази Бог (Псалм 97:10). Меѓу другото, тоа нѐ поттикнува да бегаме од порнографијата и од спиритизмот (1. Коринќаните 6:9, 10; Откровение 21:8).

13. Како собрале храброст Исусовите прогонувани ученици да сведочат смело?

13 Точното спознание за Божјата реч, односно порака, ни влева самодоверба за да можеме храбро да сведочиме (Псалм 119:41⁠-48). Навистина ни е потребна храброст за да ‚им одговориме на оние што нѐ исмеваат‘ (Псалм 119:42). Понекогаш можеби ќе бидеме како прогонуваните ученици на Исус, кои се молеле: „Јехова . . . дај им на своите слуги и понатаму со сета смелост да ја говорат твојата реч“. Каков бил исходот од таа молитва? „Сите до еден се исполнија со светиот дух, па со смелост ја зборуваа Божјата реч“. Истиот севишен Бог ни дава храброст да ја зборуваме неговата реч со смелост (Дела 4:24⁠-31).

14. Што ни помага да сведочиме храбро како што сведочел Павле?

14 Ако го сакаме „зборот на вистината“ и ‚постојано го пазиме Божјиот закон‘, ќе ја имаме храброста што ни е потребна за да даваме сведоштво без страв дека ќе бидеме засрамени (Псалм 119:43, 44). Марливото проучување на Божјата пишана реч, Библијата, нѐ оспособува ‚да зборуваме за неговите прописи пред царевите‘ (Псалм 119:46). Исто така, молитвата и Јеховиниот дух ќе ни помогнат да го речеме тоа што треба и онака како што треба (Матеј 10:16⁠-20; Колошаните 4:6). Павле храбро им зборувал за Божјите опомени на владетелите од првиот век. На пример, му сведочел на римскиот управител Феликс, кој ‚го сослушал за верата во Христос Исус‘ (Дела 24:24, 25). Исто така, сведочел пред гувернерот Фест и пред царот Агрипа (Дела 25:22–26:32). Со Јеховина помош, и ние можеме да бидеме храбри сведоци, кои никогаш ‚не се срамат од добрата вест‘ (Римјаните 1:16).

Божјата реч нѐ теши

15. Како може Божјата реч да нѐ утеши кога другите ни се исмејуваат?

15 Јеховината реч ни дава неисцрпна утеха (Псалм 119:49⁠-56). Има моменти кога особено ни е потребна утеха. Иако храбро и отворено зборуваме како Сведоци на Јехова, „горделивците“ — оние што постапуваат горделиво во однос на Бог — понекогаш ‚ни се исмејуваат преку секоја мера‘ (Псалм 119:51NW). Меѓутоа, додека се молиме, можеме да се сетиме на изградувачки работи од Божјата пишана реч, Библијата, и така ‚се утешуваме‘ (Псалм 119:52). Додека се молиме, можеби ќе се сетиме на некој библиски закон или начело што ни ги дава утехата и храброста што ни се потребни кога сме во некоја тешка ситуација.

16. Што не направиле Божјите слуги и покрај прогонството?

16 Горделивците што му се исмејувале на псалмистот биле Израелци — припадници на народот што му бил предаден на Бог. Каков срам! За разлика од нив, да бидеме решени никогаш да не отстапиме од Божјиот закон (Псалм 119:51). Кога биле прогонувани од нацистите или со години трпеле сличен третман, илјадници Божји слуги не сакале да отстапат од законите и начелата што се наоѓаат во Библијта (Јован 15:18⁠-21). А да се слуша Јехова воопшто не е тешко, бидејќи неговите одредби ни се како утешни песни (Псалм 119:54; 1. Јованово 5:3).

Биди благодарен за Јеховината реч

17. На што нѐ поттикнува ценењето за Божјата реч?

17 Нашата благодарност за Божјата реч ја покажуваме со тоа што живеме според неа (Псалм 119:57⁠-64). Псалмистот ветил дека ќе ‚ги пази Јеховините зборови‘, па дури и ‚станувал на полноќ за да го слави Бог заради неговите праведни одлуки‘. Ако се разбудиме ноќе, имаме добра прилика да му се заблагодаруваме на Бог во молитва! (Псалм 119:57, 62). Ако ја цениме Божјата реч, ќе бидеме поттикнати да бараме Бог да нѐ поучува и ќе бидеме радосни ‚пријатели на сите што се бојат од Јехова‘ — оние што со почит се плашат од Бог (Псалм 119:63, 64). Зар може да се најде подобро друштво на светов?

18. Како одговара Јехова на нашите молитви кога ‚нѐ сплеткале јажињата на грешниците‘?

18 Кога се молиме од сѐ срце и понизно бараме од Јехова да нѐ учи, ‚го смилостивуваме неговото лице‘ (NW), односно ја имаме неговата наклоност. Особено треба да се молиме кога ‚нѐ сплеткале јажињата на грешниците‘ (Псалм 119:58, 61). Јехова може да ги пресече непријателските јажиња што нѐ ограничуваат и може да нѐ ослободи за да продолжиме да проповедаме за Царството и да правиме ученици (Матеј 24:14; 28:19, 20). Тоа многупати можело да се види во земјите каде што е забрането нашето дело.

Имај вера во Божјата реч

19, 20. Како е можно да биде добро да сме во неволја?

19 Верата во Бог и во неговата реч ни помага да издржиме кога сме во неволја и да продолжиме да ја извршуваме неговата волја (Псалм 119:65⁠-72). Иако горделивците ‚смислувале клевета против него‘, псалмистот во песна рекол: „Добро ми е што сум во неволја“ (Псалм 119:66, 69, 71NW). Како е можно да биде добро за некој Јеховин слуга да е во неволја?

20 Кога сме во неволја, без сомнение горливо му се молиме на Јехова, и тоа уште повеќе нѐ зближува со него. Можеби одвојуваме повеќе време за да ја проучуваме Божјата пишана реч, Библијата, и можеби повеќе се трудиме да ја примениме. Затоа сме посреќни. Но, што ако на неволјите реагираме на начин што открива непожелни особини, како што се нестрпливоста и гордоста? Со горлива молитва и со помош на Библијата и Божјиот дух, можеме да ги совладаме таквите недостатоци и поцелосно ‚да ја облечеме новата личност‘ (Колошаните 3:9⁠-14). Освен тоа, кога имаме неволји, ни се зајакнува верата (1. Петрово 1:6, 7). Павле извлекол корист од неволјите што ги имал затоа што, благодарение на нив, почнал повеќе да се потпира на Јехова (2. Коринќаните 1:8⁠-10). Дали дозволуваме страдањето да влијае добро врз нас?

Секогаш имај доверба во Јехова

21. Што се случува кога Бог ги посрамува гордите?

21 Божјата реч ни дава здрава основа да имаме доверба во Јехова (Псалм 119:73⁠-80). Ако вистински имаме доверба во нашиот Творец, нема да имаме причина да се срамиме. Меѓутоа, поради она што го прават другите, потребна ни е утеха и можеби во нашите молитви ќе посакаме да речеме: „Нека се збунат [посрамат, NW] гордите“ (Псалм 119:76⁠-78). Кога Јехова ги посрамува таквите, се разоткриваат нивните зли патишта и се прославува неговото свето име. Можеме да бидеме уверени дека оние што го прогонуваат Божјиот народ не добиваат ништо со тоа. На пример, тие никогаш не успеале — ниту, пак, некогаш ќе успеат — да ги истребат Јеховините сведоци, кои имаат доверба во Бог со сето свое срце (Пословици 3:5, 6).

22. Во која смисла псалмистот бил како „мев во дим“?

22 Божјата реч ја зајакнува нашата доверба во него кога сме прогонувани (Псалм 119:81⁠-88). Бидејќи гордите го прогонувале, псалмистот се чувствувал како „мев во дим“ (Псалм 119:83, 86). Во библиските времиња се користеле мевови што биле направени од животинска кожа за во нив да се чува вода, вино и други течности. Кога не се користеле, тие мевови можеле да се збрчкаат и да се стврднат ако биле обесени во близина на оган во просторија каде што немало оџак. Дали некогаш си се чувствувал како „мев во дим“ поради тешкотиите или прогонството? Ако да, имај доверба во Јехова и моли се: „Оживеј ме според Твојата милост, и ќе ги чувам сведоштвата на Твојата уста“ (Псалм 119:88).

23. Што научивме додека го разгледувавме Псалм 119:1⁠-88, и што треба да се запрашаме пред да го проучиме Псалм 119:89⁠-176?

23 Од она што го разгледавме во првата половина на 119. Псалм видовме дека Јехова покажува лојална љубов кон своите слуги затоа што имаат доверба во неговата реч, односно порака, и затоа што ги сакаат неговите одредби, опомени, заповеди и закони (Псалм 119:16, 47, 64, 70, 77, 88). Тој се радува кога оние што му се оддадени внимаваат на себе според неговата реч (Псалм 119:9, 17, 41, 42). Додека со радост исчекуваш да го проучиш останатиот дел од овој прекрасен псалм, запрашај се: ‚Дали навистина дозволувам Јеховината реч да ја осветлува мојата патека‘?

[Фуснота]

a Овде се мисли на Јеховината порака, а не на целокупната содржина на Библијата — Светото писмо.

Како би одговорил?

• Од што зависи вистинската среќа?

• Како ни помага Јеховината реч да останеме духовно чисти?

• На кои начини Божјата реч ни дава храброст и утеха?

• Зошто треба да имаме вера во Јехова и во неговата реч?

[Прашања]

[Слики на страница 11]

Рута, Раав и младите Евреи што биле изгнани во Вавилон ‚внимавале на себе според Божјата реч‘

[Слика на страница 12]

Павле храбро ‚зборувал за Божјите прописи пред цареви‘