Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

Надеж среде очајот — собир во еден камп за бегалци

Надеж среде очајот — собир во еден камп за бегалци

Надеж среде очајот — собир во еден камп за бегалци

КАМПОТ за бегалци Какума се наоѓа во северниот дел на Кенија, близу до границата со Судан. Тој е дом на околу 86.000 лица. Кампот е сместен во едно сушно подрачје каде што температурата преку ден се крева до 50 Целзиусови степени. Освен тоа, меѓу раселените бегалци насилството е секојдневие. За мнозина, кампот е место на очај. Сепак, некои имаат надеж.

Меѓу бегалците има многу Јеховини сведоци, кои ревносно ја објавуваат добрата вест за Царството. Тие му припаѓаат на малото собрание во Лодуар, кое се наоѓа на 120 километри јужно од кампот. Од таму до најблиското собрание се вози осум часа.

Бидејќи бегалците не можат слободно да излегуваат од кампот, многу од нив не можат да одат на собирите и на конгресите што ги одржуваат Јеховините сведоци. Затоа беа направени подготовки да се одржи Ден на специјален собир во самиот камп.

Патување на север

За да помогнат при собирот, 15 Сведоци од градот Елдорет, сместен на 480 километри јужно од кампот, доброволно се нафатија да го пројдат овој напорен пат до сушниот север. Со нив беше и еден интересент кој понуди возачот да ги однесе со неговиот приватен минибус. Овие Сведоци сакаа од сѐ срце да ги охрабрат и да ги зајакнат своите браќа.

Беше студено, рано утро, кога тргнаа на пат од планинското подрачје во западна Кенија. Нерамниот друм се извиваше нагоре низ нивите и шумите, а потоа се спушти и продолжи меѓу ниските грмушки што ги печеше пустинското сонце. На речиси голата земја пасеа стада кози и камили. Овде-онде можеше да се види по некој домородец облечен во традиционална носија, а многу од нив носеа стапови, лакови и стрели. Конечно, по цели 11 часа, Сведоците стигнаа до Лодуар, жешко и правливо гратче со население од околу 20.000 жители. По срдечниот пречек што им го приредија домаќините — локалните Сведоци — патниците легнаа да се одморат за да бидат подготвени за многуте активности што ги чекаа тој викенд.

Следното утро, гостите решија да разгледаат некои од знаменитостите во тоа подрачје. Беше незамисливо да не го видат езерото Туркана, кое е најголемо во Кенија. Опкружено со километри и километри пустински грмушки, ова езеро е дом на најголем број крокодили во светот. Алкалните езерски води им помагаат на малубројните жители што живеат крај неговиот брег да си обезбедат издршка. Таа вечер гостите уживаа во Теократската школа за служба и во Состанокот за служба заедно со локалното собрание. Во ова гратче има прекрасна Сала на Царството. Таа беше изградена во 2003 година во склоп на Програмата за градба во земји со ограничени средства што ја спроведуваат Сведоците.

Денот на специјален собир

Неделата беше резервирана за Денот на специјален собир. На браќата од собранието Лодуар и на гостувачките браќа, им беше дозволено да влезат во кампот до 8.00 часот, па затоа Сведоците сакаа да тргнат порано. Патот се извиваше низ оголеното земјиште водејќи ги кон границата со Судан. Над него се надвиснуваа шилестите планински врвови. Конечно, видикот се отвори кај селото Какума. Пред тоа врнело и земјениот пат што водеше до кампот беше поплавен на некои места. Повеќето куќи беа направени од цигли од кал, а покривите беа покриени со лим или со церада. Одделни групи Етиопјани, Сомалијци, Суданци и луѓе од други националности живеат на своја одредена територија во кампот. Патниците наидоа на воодушевен дочек од бегалците.

Собирот беше одржан во еден вид училиште. Цртежите на ѕидот раскажуваа за ужасите на бегалскиот живот, но тој ден во салата преовладуваше дух на надеж. Сите говори беа изнесени на англиски и на свахили. Некои од говорниците, кои течно ги зборуваа и двата јазика, самите си преведуваа. Еден брат, бегалец од Судан, го одржа воведниот говор „Да го испитаме нашето фигуративно срце“. Некои говори беа одржани од гостувачки старешини.

Посебно важна карактеристика на секој собир е крштавањето. Кога кон крајот на говорот за крштавање единствениот кандидат стана, сите очи беа вперени во него. Жилбер побегнал со татко му од својата родна земја за време на геноцидот во 1994 година. Во почетокот се надевале дека ќе бидат на безбедно во Бурунди, но наскоро сфатиле дека и таму се во опасност. Жилбер побегнал во Заир, а потоа во Танзанија — каде што понекогаш се криел во шумата — и на крајот избегал во Кенија. Во очите на мнозина од присутните засветкаа солзи кога говорникот му изрази срдечно добредојде во собранието. Стоејќи пред малата група од 95 луѓе, Жилбер двапати кажа гласно „Ndiyo!, што на свахили значи „Да!“, како одговор на двете прашања што му ги постави говорникот. Заедно со некои други браќа, тој ископал мало базенче и го обложил со церадата што порано му служела како покрив на живеалиштето во кампот. Покажувајќи ја својата спремност да се крсти, истото тоа утро тој го наполнил базенчето со вода — кофа по кофа — и тоа сам!

Една од главните точки на попладневната програма беа раскажаните искуства од специфичната ситуација во која се наоѓаат Сведоците што живеат како бегалци. Еден брат објасни како му пристапил на некој човек што се одморал под едно дрво.

„Кажи ми, дали е секогаш безбедно да се седи под дрво?“

„Да“, одговорил човекот. Потоа додал: „Всушност не, не е безбедно да се седи ноќе“.

Братот му го прочитал стихот во Михеј 4:3, 4: „Секој ќе седи мирно под виновата лоза, и под својата смоква, и никој не ќе го плаши“. „Гледаш“, му објаснил тој, „во Божјиот нов свет секогаш ќе бидеме безбедни.“ Човекот зел публикација за проучување на Библијата.

Една сестра што патуваше до Какума неодамна изгубила три блиски членови од семејството. Во врска со браќата во кампот, таа рече: „Овде е многу тешко да се живее а, сепак, верата на браќата останува силна. Живеат во едно несреќно место, но среќно му служат на Јехова. Тие се во мир со Бог. Ме охрабрија да го задржам својот мир и да му служам на Јехова. За што да се жалам јас?“

Денот на собирот заврши многу брзо. Во завршното предавање, говорникот истакна дека беа присутни претставници од осум земји. Еден од Сведоците што живее како бегалец рече дека овој собир е доказ дека меѓу Јеховините сведоци постои единство и љубов, иако живеат во еден поделен свет. Тие му припаѓаат на едно вистинско христијанско братство (Јован 13:35).

[Рамка/слика на страница 25]

ИЗГУБЕНИТЕ МОМЧИЊА ОД СУДАН

Откако во 1983 година започна граѓанската војна во Судан, пет милиони луѓе беа истерани од своите домови. Меѓу нив имаше и 26.000 деца што беа оттргнати од своите семејства. Илјадници од нив побегнаа во камповите за бегалци во Етиопија, каде што останаа речиси три години. Присилени повторно да заминат, тие пешачеа цела година назад низ Судан до северна Кенија, напаѓани од војници, бандити, болести и диви животни. Во текот на овие исцрпувачки патувања, само половина од децата успеаја да преживеат и тие сега го сочинуваат јадрото на кампот Какума. На хуманитарните служби им се познати како „изгубените момчиња од Судан“.

Кампот за бегалци Какума сега е мултинационален дом за бегалци од Судан, Сомалија, Етиопија и други земји. Кога еден бегалец ќе пристигне во кампот, му се даваат основни материјали за да си изгради живеалиште и церада за да го покрие. Двапати месечно, на секој бегалец му следуваат 6 килограми брашно, еден килограм грав и малку масло и сол. Многу од бегалците трампаат дел од оваа храна за да можат да набават други потребни работи.

Некои од овие изгубени момчиња успеаја да ги најдат своите семејства, а други, пак, беа раселени во други земји. Но, според податоците од Канцеларијата за раселување на бегалци, „уште илјадници се наоѓаат во правливиот камп за бегалци Какума, во кој врие од муви и каде што мораат да се мачат да најдат храна и да се изборат за образование“.

[Извор на слика]

Со љубезна дозвола на Refugees International

[Карта на страница 23]

(Види во публикацијата)

КЕНИЈА

Кампот Какума

Езерото Туркана

Лодуар

Елдорет

Најроби

[Слика на страница 23]

Условите за живот во кампот се тешки

[Слика на страница 23]

Во кампот Какума водата се дели во ограничени количини

[Слика на страница 23]

Сведоци од Кенија напорно патуваат на север за да ги охрабрат своите браќа

[Слика на страница 24]

Еден мисионер го преведува говорот што го држи еден локален специјален пионер

[Слика на страница 24]

Базен за крштавање

[Извор на слика на страница 23]

Делење на вода во ограничени количини и кампот за бегалци Какума: со љубезна дозвола на Refugees International