Здрав разум — зошто станува вистинска реткост?
Здрав разум — зошто станува вистинска реткост?
„ШТО му е на човеков?! Зарем не знае дека не се прави така?“, се чуди еден од присутните. Друг си заминува запрепастено нишајќи со главата и мрморејќи: „Да имаше трошка здрав разум, никогаш не би направил вакво нешто“. Дали си слушнал некој да каже нешто слично? Што, всушност, е „здрав разум“?
Зборот „разум“ се дефинира како „способност на човекот логички да мисли, да расудува“. Тоа значи дека едно лице е способно да донесува разумни заклучоци и одлуки. Очигледно, за да имаме здрав разум треба да користиме способност за расудување. Многу луѓе обично избираат други да мислат наместо нив. Тие дозволуваат медиумите, околината или јавното мислење да им диктира што да прават а што да не прават.
Се чини дека, во денешниов свет, здравиот разум станува вистинска реткост. Како можеме да стекнеме здрав разум? Какви користи ќе имаме од него?
Како да се стекне?
Потребно е време, многу размислување и постојан напор за да се стекне здрав разум и да се донесуваат добри одлуки. Сепак, ова не е недостижна цел. Да разгледаме три фактори што ќе ни помогнат да стекнеме здрав разум.
Проучувај ја Библијата и постапувај според советите што се запишани во неа. Библијата, која се изразува многу јасно и логично, може многу да ни помогне да стекнеме мудрост и здрав разум (Ефешаните 1:8). На пример, апостол Павле ги советува сохристијаните: „Сѐ што е вистинито, сѐ што заслужува сериозно внимание, сѐ што е праведно, сѐ што е чесно, сѐ што е вредно за сакање, за кое добро се зборува, секоја доблест што постои и сѐ што е вредно за фалба, за тоа размислувајте и понатаму“ (Филипјаните 4:8). Ако верно го слушаме овој совет, ќе расудуваме разумно и ќе постапуваме мудро.
Учи од искуство. Истакнувајќи колку се поврзани здравиот разум и искуствата во животот, еден швајцарски поет изјавил: „Здравиот разум е . . . мешавина од искуство и далековидост“. Всушност, „неискусниот верува на секој збор, а паметниот внимава на своите чекори“ (Пословици 14:15, NW). Здравиот разум се стекнува со набљудување, вежбање и искуство. Со текот на времето учиме како подобро да ги правиме работите. Но, за да учиме од своите грешки, потребно е да бидеме понизни и кротки. Вообразеноста, горделивоста и тврдоглавоста на луѓето во овие последни денови не се показатели за здрав разум (2. Тимотеј 3:1-5).
Мудро избирај друштво. Нашето друштво може исто така или многу да помогне или да нѐ спречи да постапуваме мудро и со здрав разум. Пословици 13:20 вели: „Дружи се со мудрите, и ќе станеш мудар, а кој другарува со безумниците станува лош“. Не мораме да ги прифатиме мислењата или идеите на оние што не го слушаат Бог и што ја игнорираат неговата Реч. Во врска со ова, Пословици 17:12 вели: „Подобро е да нагазиш на мечка, чии мечиња се грабнати, отколку на безумник во неговата лудост“.
Каква е користа?
Корисно е да се има здрав разум. Животот ни станува поинтересен а можеме да си заштедиме и време. Освен тоа, здравиот разум може дури да ја намали фрустрацијата која честопати е резултат на непромисленото постапување. Оние што немаат здрав разум си го отежнуваат животот. „Лудите ги мори нивниот труд“, вели Библијата (Проповедник 10:15). Таквите лица можеби нон-стоп работат и се исцрпуваат, а сепак на крајот не успеваат да направат ништо корисно.
Библијата содржи богатство од практични совети во врска со чистотата, комуникацијата, работливоста, со тоа како да се излезе на крај со сиромаштијата и со многу други аспекти од животот. Милиони луѓе можат да посведочат дека успехот или неуспехот во нивниот живот зависел од тоа во колкава мера ги применувале библиските начела кои им помогнале да постапат мудро.
Здравиот разум ни помага да правиме нешто повеќе, а не само да постапуваме според некоја листа на детални упатства или правила. Ни помага да ги исполниме своите одговорности. Сепак, здравиот разум не може да биде замена за учењето. „Мудриот ќе слуша и повеќе ќе научи“, се вели во Пословици 1:5 (NW). Освен тоа, мораме да научиме да ги анализираме информациите што сме ги собрале и да извлечеме исправни заклучоци од нив. Ова ни помага да ‚живееме мудро‘ (Пословици 28:26).
Со здравиот разум е тесно поврзана и скромноста. Иако можеби би сакале да имаме повеќе одговорности, мора исправно да ги просудиме работите и да останеме во границите на нашите можности. Точно е дека апостол Павле ни вели да бидеме „обилно вработени во делото Господово“ (1. Коринќаните 15:58). Сепак, овој совет мора да биде урамнотежен со начелото запишано во Проповедник 9:4: „Живиот пес повеќе вреди отколку мртов лав“. Ако си водиме сметка за здравјето додека му служиме на Јехова, можеме да живееме подолго и да останеме активни. Здравиот разум може да ни помогне да бидеме урамнотежени и така да ги завршиме потребните работи без да ја изгубиме радоста. Да, имаме многу користи од здравиот разум.
[Слика на страница 14]
Библијата содржи богатство од добри совети
[Слика на страница 15]
Здравиот разум се стекнува со набљудување, вежбање и искуство