Може ли човекот да ѝ стави крај на сиромаштијата?
Може ли човекот да ѝ стави крај на сиромаштијата?
МИЛИОНИ луѓе пораснале без да осетат што е сиромаштија. Никогаш не морале да си легнат гладни или да заспијат тресејќи се од студ. Сепак, многу од нив сочувствуваат со сиромашните и прават сѐ што можат за да им помогнат.
Меѓутоа, сиромаштијата останува сурова реалност за луѓето кои се измачувани од граѓанска војна, поплави, суши и други проблеми. Овие работи се кошмар за африканските земјоделци што се борат за гол живот. Некои биле принудени да ги напуштат своите домови и да се преселат во големи градови или да живеат како бегалци во друга земја. Други селани, пак, се преселуваат во градовите затоа што се примамени од ветувањата за еден подобар живот.
Пренаселените градови честопати стануваат плодно тло за сиромаштија. Има многу малку место, ако воопшто го има, за да се насади нешто. Обично е тешко да се најде работа. Во краен очај, многумина стануваат криминалци. Градските жители викаат за помош, но човечките влади не се способни да го решат сѐ поголемиот проблем со сиромаштијата. Осврнувајќи се на извештајот од Обединетите Нации објавен во ноември 2003 година, The Independent од Лондон изјави: „Светот е сѐ погладен“. Тој додаде: „Се проценува дека денес низ целиот свет се неисхранети 842 милиони луѓе — и таа бројка постојано се зголемува, со дополнителни 5 милиони гладни луѓе секоја година“.
Подружницата на Јеховините сведоци во Јужноафриканската Република понекогаш добива писма од сиромашни луѓе. На пример, еден човек од Блумфонтајн напишал: “Јас сум невработен и крадам во градот секогаш кога имам можност. Ако не крадам, тогаш сме гладни со денови — а да не го спомнувам суровиот студ. Не може да се најде никаква работа. Многумина талкаат низ улиците барајќи работа и нешто да јадат. Некои што ги знам бараат храна во канти за ѓубре. Има и такви што се самоубиваат. Многумина, исто како мене, се потиштени и без надеж. Изгледа дека нема никаква надеж за иднината. Зарем Бог, кој нѐ создал со потребата да јадеме и да се облекуваме, не го гледа ова?“
Постојат утешни одговори за грижите на овој човек. Како што ќе покаже следната статија, овие одговори се наоѓаат на страниците од Божјата реч, Библијата.