Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

Остани смирен ‚кога си во зло‘

Остани смирен ‚кога си во зло‘

Остани смирен ‚кога си во зло‘

„Робот Господов не треба да се кара, туку треба да биде благ кон сите, . . . кој се зауздува кога е во зло“ (2. ТИМОТЕЈ 2:24).

1. Додека ја извршуваме христијанската служба, зошто понекогаш сретнуваме луѓе што зборуваат грубо?

 КАКО реагираш кога имаш работа со луѓе што не се пријателски настроени кон тебе или кон пораката што им ја пренесуваш? Во својот опис на последните денови, апостол Павле претскажал дека луѓето ќе бидат „хулители . . . клеветници, без самосовладување, свирепи“ (2. Тимотеј 3:1-5, 12). Можеби ќе сретнеш такви луѓе додека ја извршуваш службата на проповедање или, пак, во други прилики.

2. Кои библиски стихови можат да ни помогнат да постапиме мудро кога некои луѓе зборуваат грубо со нас?

2 Не значи дека сите што зборуваат грубо се незаинтересирани за она што е исправно. Кога на некого му е многу тешко или е исфрустриран, може да му се случи да избувне и да му се развика на секого што ќе му се најде пред очи (Проповедник 7:7). Мнозина се такви затоа што живеат и работат во средина каде што е вообичаено да се зборува грубо. Тоа не е причина и ние како христијани да прифатиме таков начин на зборување, но ни помага да разбереме зошто другите луѓе зборуваат така. Како треба да реагираме на грубите зборови? Во Пословици 19:11 (NW) стои: „Разбирањето го прави човекот бавен на гнев“. А во Римјаните 12:17, 18 сме советувани: „Никому не враќајте зло за зло . . . Колку што зависи од вас, бидете во мир со сите луѓе“.

3. Како е вклучена мирољубивоста во пораката што ја проповедаме?

3 Ако сме навистина мирољубиви, тоа ќе се види во нашиот став. Ќе се види во она што го зборуваме и правиме, па дури и во изразот на лицето и тонот на гласот (Пословици 17:27). Кога ги испратил своите апостоли да проповедаат, Исус им го дал следниов совет: „Кога влегувате во куќата, поздравете го домаќинството [поздравете ја говорејќи: ‚Нека е мир на таа куќа‘, ПСП]; и ако куќата заслужува, нека дојде на неа мирот кој ѝ го посакувате; но ако не го заслужува, вашиот мир нека ви се врати вам“ (Матеј 10:12, 13). Пораката што ја пренесуваме е добра вест. Библијата ја нарекува „добрата вест на мирот“, „добрата вест на Божјата незаслужена љубезност“ и „оваа добра вест за царството“ (Ефешаните 6:15; Дела 20:24; Матеј 24:14). Нашата цел не е да ги критикуваме верувањата на другите луѓе или да се расправаме со нив околу нивните гледишта, туку да им ја пренесеме добрата вест од Божјата реч.

4. Што би можел да кажеш кога ќе ти речат „не ме интересира“ уште пред да објасниш зошто си дошол?

4 Без да нѐ сослуша, некој станар можеби отсечно ќе рече: „Не ме интересира“. Во многу случаи, ние можеме да речеме: „Сакав да Ви го прочитам само овој стих од Библијата“. Можеби станарот ќе се согласи. Во други случаи, можеби ќе биде добро да речеш: „Сакав да ви кажам дека ќе дојде време кога нема да има неправди и сите луѓе ќе научат да се сакаат“. Ако станарот не побара веднаш да му објасниш нешто повеќе, би можел да додадеш: „Ама по сѐ изгледа сега не е баш најзгоден момент“. Дури и ако станарот не ни одговори благо и смирено, дали треба да заклучиме дека тој ‚не заслужува‘ да му проповедаме? Без оглед на неговата реакција, имај го на ум библискиот совет да бидеш ‚благ кон сите, да се зауздуваш кога си во зло‘, односно да останеш смирен (2. Тимотеј 2:24).

Дрзок, но во заблуда

5, 6. Како постапувал Савле со следбениците на Исус, и зошто?

5 Во првиот век живеел еден човек што се викал Савле, кој бил познат по своето грубо зборување, дури и по своето насилничко однесување. Во Библијата пишува дека тој ‚дишел со закана и убиство против Господовите ученици‘ (Дела 9:1, 2). Подоцна признал дека бил „хулител и прогонител и дрзок човек“ (1. Тимотеј 1:13). Иако некои од неговите роднини можеби станале христијани, тој кажал каков бил неговиот став кон Христовите следбеници: „Поради тоа што преку секоја мерка бев бесен на нив, отидов толку далеку што ги прогонував и во околните градови“ (Дела 23:16; 26:11; Римјаните 16:7, 11). Ништо не покажува дека учениците се обиделе да го вовлечат Савле во јавна дебата додека бил таков.

6 Зошто Савле бил таков? По многу години, тој напишал: „Бев во незнаење и постапував без вера“ (1. Тимотеј 1:13). Тој бил фарисеј, поучен „според строгоста на Законот на предците“ (Дела 22:3). Иако учителот на Савле, Гамалиил, по сѐ изгледа бил човек со широки погледи, првосвештеникот Кајафа, со кого почнал да соработува Савле, бил фанатик. Кајафа бил водач на заверата што водела до погубувањето на Исус Христос (Матеј 26:3, 4, 63-66; Дела 5:34-39). Потоа, Кајафа се погрижил апостолите на Исус да бидат претепани, и строго им наредил да престанат да проповедаат на темел на Исусовото име. Кајафа претседавал на Синедрионот кога се водела вжештената расправа по која Стефан бил одведен и каменуван (Дела 5:27, 28, 40; 7:1-60). Савле го гледал каменувањето, а Кајафа го овластил да продолжи и понатаму да ја задушува активноста на следбениците на Исус со тоа што ќе оди во Дамаск за да ги апси (Дела 8:1; 9:1, 2). Под такво влијание, Савле мислел дека со она што го прави дава доказ дека има ревност за Бог, но, всушност, немал вистинска вера (Дела 22:3-5). Затоа, Савле не сфатил дека Исус бил вистинскиот Месија. Но, се вразумил кога на патот за Дамаск се случило едно чудо и воскреснатиот Исус зборувал со него (Дела 9:3-6).

7. Што се случило со Савле како резултат на средбата со Исус на патот за Дамаск?

7 Кратко време по таа случка, ученикот Ананија бил испратен за да му сведочи на Савле. Дали ти одвај ќе чекаше да појдеш кај него за да му посведочиш? Ананија бил исплашен, но љубезно зборувал со Савле. Ставот на Савле се променил по средбата со Исус на патот за Дамаск, кога се случило чудо (Дела 9:10-22). Подоцна станал познат како апостол Павле — ревносен христијански мисионер.

Со благ нарав, но храбар

8. Како покажал Исус ист став како својот Татко кон луѓето што правеле лошо?

8 Исус бил ревносен објавител на Царството што имал благ нарав, но бил храбар во односите со луѓето (Матеј 11:29). Тој го имал истиот став како неговиот небесен Татко, кој ги повикува злобните да се вратат од своите лоши патишта (Исаија 55:6, 7). Кога бил со грешниците, Исус забележувал кога имало показатели дека се промениле на подобро, и ги охрабрувал таквите (Лука 7:37-50; 19:2-10). Наместо да ги проценува другите на темел на надворешниот изглед, Исус бил како својот Татко и покажувал љубезност, самосовладување и стрпливост за да им помогне да се покаат (Римјаните 2:4). Јехова сака да се покаат и да се спасат најразлични луѓе (1. Тимотеј 2:3, 4).

9. Што можеме да научиме од начинот на кој бил исполнет врз Исус стихот од Исаија 42:1-4?

9 Откривајќи како гледа Јехова на Исус Христос, писателот на евангелието по Матеј ги цитира овие пророчки зборови: „Гледај, мојот слуга кого го избрав, мојот љубен, кого мојата душа го одобри! Ќе го ставам својот дух на него и тој јасно ќе им покаже на нациите што е правда. Нема да се кара, ниту гласно ќе вика, ниту некој ќе го чуе неговиот глас на широките улици. Згмечена трска нема да здроби и ленен фитил што тлее нема да угасне, сѐ додека со успех не истера правда. Всушност, нациите ќе се надеваат во неговото име“ (Матеј 12:17-21; Исаија 42:1-4). Во склад со овие пророчки зборови, Исус не се впуштал во бучни расправии. Дури и кога бил под притисок, со начинот на кој зборувал за вистината ги привлекувал оние што имале искрени срца (Јован 7:32, 40, 45, 46).

10, 11. а) Иако фарисеите биле едни од најжестоките противници на Исус, зошто тој им сведочел на некои од нив? б) Какви одговори повремено им давал Исус на своите противници, но што не правел?

10 Додека ја извршувал својата служба, Исус разговарал со многу фарисеи. Иако некои од нив се обидувале да го фатат на збор, Исус не дошол до заклучок дека сите тие имале лоши мотиви. Симон, фарисеј што бил критички настроен, изгледа сакал подобро да го запознае Исус и го поканил на оброк. Исус ја прифатил поканата и им сведочел на сите што биле присутни (Лука 7:36-50). Во друга прилика, еден угледен фарисеј по име Никодим дошол кај Исус ноќе, во тајност. Исус не му префрлил што чекал прво да се стемни. Наместо тоа, му сведочел на Никодим за љубовта што ја покажал Бог со тоа што го испратил својот Син за да го отвори патот за спасение на оние што ќе покажат вера. Исто така, Исус љубезно истакнал колку е важно да го почитуваме и да се придржуваме за сето она што Бог го подготвува за нас (Јован 3:1-21). Подоцна, Никодим отворено зборувал во одбрана на Исус кога другите фарисеи зборувале со потценување за еден поволен извештај за Исус (Јован 7:46-51).

11 Исус не бил слеп за лицемерството на оние што сакале да го фатат во стапица. Тој не им дозволил на противниците да го вовлечат во бесцелни дебати. Меѓутоа, кога било момент, давал кратки, силни одговори со тоа што ќе навел некое начело, ќе употребел некоја илустрација или ќе цитирал некој стих (Матеј 12:38-42; 15:1-9; 16:1-4). Во други прилики, кога било очигледно дека нема да се постигне ништо добро ако одговори, едноставно не одговарал (Марко 15:2-5; Лука 22:67-70).

12. Дури и кога луѓето викале по него, како успевал Исус да им помогне?

12 Понекогаш, некои луѓе што биле под власта на нечисти духови викале по Исус. Кога ќе се случело тоа, тој останувал смирен, па дури и ја користел моќта што му ја дал Бог за да им помогне на тие луѓе (Марко 1:23-28; 5:2-8, 15). Ако некои луѓе ни се налутат или ни се развикаат додека сме во службата, и ние треба да останеме смирени и да се трудиме во таа ситуација да постапиме љубезно и тактично (Колошаните 4:6).

Во семејството

13. Зошто понекогаш луѓето му се противат на некој од семејството што почнува да ја проучува Библијата со Јеховините сведоци?

13 Честопати, во семејниот круг е најочигледно дека е потребно Исусовите следбеници да останат смирени. Оној чие срце длабоко го допрела библиската вистина копнее и неговите домашни да го почувствуваат истото. Но, како што рекол Исус, домашните можеби ќе се противат (Матеј 10:32-37; Јован 15:20, 21). За тоа има различни причини. На пример, иако она што го учи Библијата може да ни помогне да станеме чесни, одговорни и да ги почитуваме другите, Писмото исто така ни кажува дека, во која и да е ситуација, имаме поголема одговорност пред нашиот Творец (Проповедник 12:1, 13; Дела 5:29). Некој од семејството што има чувство дека го губи авторитетот поради тоа што сме му верни на Јехова можеби ќе се навреди. Во таква ситуација многу е важно да го следиме примерот на Исус и да останеме смирени! (1. Петрово 2:21-23; 3:1, 2).

14-16. Што предизвикало промени кај некои што порано им се противеле на своите домашни?

14 Мнозина од оние што сега му служат на Јехова имаат сопружник или некој друг член на семејството што се противел на промените што ги направиле откако почнале да ја проучуваат Библијата. Противниците можеби чуле негативни коментари за Јеховините сведоци и можеби се плашеле дека во домот ќе има штетно влијание. Што ги натерало таквите да го променат своето мислење? Во многу случаи голема улога одиграл добриот пример. Бидејќи оној што станал верник цврсто ги применувал библиските совети — редовно да присуствува на христијанските состаноци и да учествува во службата додека истовремено се грижи и за семејните одговорности, и бидејќи останувал смирен дури и кога бил навредуван — противењето во семејството понекогаш се намалило (1. Петрово 2:12).

15 Некој противник можеби не сака да чуе ништо од Библијата затоа што има предрасуди или затоа што е горд. Тоа било случај со еден човек од Соединетите Држави, кој рекол дека бил голем патриот. Еднаш, додека жена му била на конгрес, си ја зел сета облека и си заминал. Во друга прилика си заминал од дома со пиштол и се заканил дека ќе се убие. За своето неразумно однесување ја обвинувал нејзината религија. Но, таа правела сѐ за да ги применува и понатаму библиските совети. Дваесет години откако станала Јеховин сведок, и тој станал Сведок. Во Албанија, некоја жена се налутила затоа што ќерка ѝ ја проучувала Библијата со Јеховините Сведоци и се крстила. Дванаесет пати мајката ѝ ја уништувала Библијата. Потоа, еден ден ја отворила новата Библија што ќерка ѝ ја оставила на масата. Случајно, таа се отворила кај стихот од Матеј 10:36, и мајката сфатила дека она што стои таму важи за неа. Сепак, загрижена за ќерка си, ја испратила до бродот со кој требало да замине на конгрес во Италија заедно со други Сведоци. Кога мајката видела колку се сакаат сите во групата, како се прегрнуваат, колку се весели и радосно се смеат, нејзините чувства почнале да се менуваат. Кратко потоа, се согласила да ја проучува Библијата. Денес, таа им помага на други што во почетокот се противат на вистината.

16 Во еден случај, држејќи нож в рака мажот ѝ дофрлал на жена си остри замерки додека одела накај Салата на Царството. Таа благо му одговорила: „Дојди во Салата на Царството, и види самиот како е“. Послушал, и со текот на времето станал христијански старешина.

17. Ако во некој христијански дом дојде до напната атмосфера, кој библиски совет може да помогне?

17 Дури и ако сите во твојот дом се христијани, понекогаш можеби ќе дојде до напната атмосфера во семејството, па дури и ќе се чујат груби зборови поради човечката несовршеност. Значајно е што на христијаните во древниот Ефес им бил даден следниов совет: „Нека се отстрани од вас сета злобна горчина и лутина и гнев и викање и навредлив говор заедно со сета лошотија“ (Ефешаните 4:31). Изгледа дека врз христијаните во Ефес влијаела средината во која живееле, нивната сопствена несовршеност и, во некои случаи, нивниот поранешен начин на живот. Што ќе им помогнело да се променат? Требало ‚да се обноват во силата која го задвижува нивниот ум‘ (Ефешаните 4:23). Како што ја проучувале Божјата реч, размислувале за тоа како таа требало да влијае врз нивниот живот, се дружеле со сохристијаните и горливо се молеле, во животот сѐ повеќе ќе ги покажувале плодовите на Божјиот дух. Ќе научеле ‚да бидат љубезни еден спрема друг, нежно сочувствителни, спремно простувајќи си еден на друг токму како што и Бог преку Христос спремно им простил ним‘ (Ефешаните 4:32). Што и да прават другите, ние треба да останеме смирени, да бидеме љубезни, сочувствителни и да простуваме. Всушност, не треба ‚никому да враќаме зло за зло‘ (Римјаните 12:17, 18). Секогаш е исправно да покажуваме вистинска љубов, каква што покажува Бог (1. Јованово 4:8).

Совет за сите христијани

18. Зошто советот од 2. Тимотеј 2:24 бил соодветен за еден старешина во древниот Ефес, и како може да им користи на сите христијани?

18 Советот ‚да се зауздуваме кога сме во зло‘, односно да останеме смирени, важи за сите христијани (2. Тимотеј 2:24). Но, најнапред му бил упатен на Тимотеј, кому му бил потребен кога служел како старешина во Ефес. Некои од тоа собрание јавно ги изнесувале своите лични гледишта и поучувале лажни науки. Бидејќи не ја сфатиле сосема целта на Мојсеевиот закон, не разбрале колку се важни верата, љубовта и чистата совест. Бидејќи биле горди, имало неслоги затоа што се впуштале во дебати околу зборови, а не сфатиле која е суштината на Христовите учења и колку е важно да му бидат оддадени на Бог. За да ја реши оваа ситуација, Тимотеј морал цврсто да ја брани библиската вистина, но сепак да биде благ со своите браќа. Како што им е добро познато на денешните старешини, и тој знаел дека стадото не му припаѓа нему и дека треба да се однесува со другите на начин со кој ќе придонесе да има поголема љубов и единство меѓу христијаните (Ефешаните 4:1-3; 1. Тимотеј 1:3-11; 5:1, 2; 6:3-5).

19. Зошто е важно сите ‚да ја бараме кроткоста‘?

19 Бог го поттикнува својот народ ‚да ја бара кроткоста‘ (Софонија 2:3NW). Хебрејскиот израз што се преведува со ‚кроткост‘ означува став што му овозможува на човека стрпливо да поднесе неправда, без да се налути и да се одмаздува. Горливо да го молиме Јехова да ни помогне да останеме смирени и да го претставуваме како што треба, дури и во тешки околности.

Што научи?

• Кога некој ти зборува дрско, кои библиски стихови можат да ти помогнат?

• Зошто Павле постапувал дрско?

• Како ни помага примерот на Исус да постапуваме исправно со секакви луѓе?

• Зошто е добро да останеме смирени кога зборуваме со домашните?

[Прашања]

[Слика на страница 26]

И покрај тоа што Савле бил на лош глас, Ананија бил љубезен со него

[Слика на страница 29]

Противењето во семејството може да се намали ако христијанинот совесно ги исполнува своите одговорности

[Слика на страница 30]

Христијаните работат на тоа да има поголема љубов и единство меѓу нив