Прашања од читателите
Прашања од читателите
Зошто Давид и Витсавеа не биле погубени поради тоа што извршиле прељуба, додека нивното новороденче умрело?
Во Мојсеевиот закон било пропишано: „Ако некој маж биде најден како лежи со жена мажена за друг, двата — и мажот што лежеше со жената и самата жена — нека бидат погубени. Така ќе го откорнеш злото од Израел“ (Второзаконие 22:22). Да дозволел Јехова Бог правниот случај со гревот на Давид и Витсавеа да го решат човечки судии според Законот, тогаш двајцата прељубници ќе биле погубени. Бидејќи човечките судии не можеле да ги читаат срцата, тие донесувале пресуда на темел на постапките на престапниците поткрепени со факти. Прељубата се казнувала со смрт. Израелските судии не биле овластени да го простат тој грев.
Од друга страна, вистинскиот Бог може да ги чита срцата и да простува гревови ако види основа за тоа. Бидејќи во случајот бил вклучен Давид, со кого Тој склучил сојуз за Царството, Јехова одлучил да направи исклучок и самиот да ја реши работата (2. Самоил 7:12-16). „Судијата на целиот свет“ има право на таква одлука (Битие 18:25).
Што видел Јехова кога го испитал срцето на Давид? Натписот на Псалм 51 ни кажува дека овој псалм открива како се чувствувал Давид ‚кога пророкот Натан дошол при него, откако Давид бил при [легнал со, NW] Витсавеа‘. Псалм 51:1-4 вели: „Смили ми се Боже, според Твоето милосрдие, според големите помилувања избриши го моето беззаконие! Измиј ме целиот од мојата вина, очисти ме од мојот грев. Зашто го признавам своето беззаконие, мојот грев е секогаш пред мене. Тебе, само Тебе, Ти згрешив и направив што е зло пред Тебе“. Јехова сигурно ја сметал оваа длабока грижа на совест во срцето на Давид како доказ за искрено каење и одлучил дека има основа да покаже милост кон престапниците. Освен тоа, самиот Давид бил милосрден, а Јехова е милостив со милосрдните (1. Самоил 24:4-7; Матеј 5:7; Јаков 2:13). Затоа, кога Давид го признал својот грев, Натан му рекол: „Господ ти го опростува твојот грев: нема да умреш“ (2. Самоил 12:13).
Давид и Витсавеа немало да ги избегнат сите последици од нивниот грев. „Бидејќи со тоа дело го презре Господа“, му рекол Натан на Давид, „неминовно ќе умре детето, кое ти се роди!“ Нивното дете се разболело и умрело и покрај тоа што Давид постел и тажел седум дена (2. Самуел 12:14-18).
На некои им е тешко да сфатат зошто детето морало да умре, кога Второзаконие 24:16 вели: „Нека не се осудуваат на смрт . . . синовите заради татковците“. Но, да не заборавиме дека доколку случајот им бил предаден на човечките судии, и родителите и нероденото дете во утробата би го загубиле животот. Исто така, загубата на синот можеби му помогнала на Давид подлабоко да сфати колку бил разочаран Јехова поради неговиот грев со Витсавеа. Можеме да бидеме сигурни дека Јехова го решил проблемот на праведен начин, зашто „совршени се Господовите патишта“ (2. Самоил 22:31).
[Слика на страница 31]
Давид покажал дека вистински се кае