Го фалат Јехова на училиште
Го фалат Јехова на училиште
НИЗ целиот свет, младите Сведоци на Јехова изнаоѓаат начини да го слават Бог на училиште — и со својот говор и со своето однесување. Да разгледаме неколку искуства што се доказ за овој нивни младешки жар.
Една млада девојка од Грција, која е Јеховин сведок, добила задача да напише состав за загадувањето на Земјината атмосфера. Барајќи во Индексот на публикации на Watch Tower, нашла многу корисен материјал од списанието Разбудете се!, кое го навела во библиографијата на крајот од составот. Професорката ѝ рекла дека тоа бил еден од најубавите состави што ги прочитала во животот. Подоцна таа ги искористила информациите на еден семинар, и имала многу добри резултати. Затоа младата сестра решила да ѝ понуди и други изданија на Разбудете се!, вклучувајќи го и изданието чии уводни статии беа на тема „Учители — што би правеле без нив?“ Подоцна, на час, професорката многу пофално се изразила за Разбудете се! и некои други ученици побарале примероци за себе. Сестрата морала да донесе списанија на училиште за да можат учениците да си одберат и од други изданија.
Во Бенин (Африка), една млада христијанка која е во своите тинејџерски години се соочила со необичен притисок. Родителите на повеќето ученици во нејзиното училиште имале обичај да најмат приватни учители по тешките предмети за да ги подготват децата за испитите. Меѓутоа, приватните учители решиле да ги држат овие часови во сабота наутро. Младата христијанка не се согласила со таа одлука. „Во сабота наутро сите во собранието одат заедно да проповедаат. Тоа ми е најубавиот дел од седмицата и не го давам за ништо!“ — рекла таа. Татко ѝ, самохран родител кој исто така е Сведок, се согласил со неа и се обидел да најде барем неколку родители и учители што ќе се согласат да се смени времето. Но, сите го одбиле. Младата девојка решила да си помине без приватни часови. Наместо да оди на часови, отишла да проповеда со собранието. Другите ученици ѝ се исмевале и ја наговарале да се откаже и од сведочењето и од својот Бог. Биле сто посто сигурни дека ќе падне на испитите. Но, на крајот, паднале тие што земале приватни часови, а нашата млада сестра положила. Излишно е да се каже дека исмејувањето престанало. Сега учениците ѝ велат: „Немој никогаш да престанеш да му служиш на твојот Бог“.
Во Република Чешка, едно 12-годишно девојче требало да напише состав за една книга по нејзин избор. Мајка ѝ ја поттикнала да пишува за книгата Најголемиот човек кој некогаш живеел. Девојчето го почнало составот со прашањата: „Што мислите? Кој би можел да биде најголемиот човек што некогаш живеел?“ Следел опис на Исус, на неговиот живот на Земјата и на неговите учења, а потоа дискусија за поглавјето со наслов „Поука за простувањето“. Нејзината наставничка извикнала: „Ова е најубавиот состав што си го напишала досега!“ Потоа со благодарност зела еден примерок од книгата. Некои од учениците исто така изразиле желба да добијат книга. Следниот ден, девојчето било пресреќно што можело да им подели 18 книги.
Ваквите млади со голема радост го слават Јехова на училиште. Добро е сите да се угледаме на нивниот младешки жар.