Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

Млади, фалете го Јехова!

Млади, фалете го Јехова!

Млади, фалете го Јехова!

„Фалете Го Господа од земјата . . . момчиња и девици“ (ПСАЛМ 148:7, 12).

1, 2. а) Кои забрани им се многу добро познати на многу млади? б) Зошто младите не треба да се лутат што родителите им забрануваат некои работи?

МЛАДИТЕ честопати многу добро знаат што сѐ уште не смеат да прават. Многу од нив можат веднаш да ви кажат колку години ќе треба да наполнат за да смеат сами да ја преминат улицата, да останат подоцна навечер или да возат автомобил. Понекогаш може да имаат чувство дека за премногу работи што ќе ги побараат со силна желба, ќе го добијат истиот одговор: „Почекај уште малку да пораснеш“.

2 Млади, вие знаете дека во очите на вашите родители е мудро да ви забрануваат некои работи, и тоа за да ве заштитат. Исто така, сигурно знаете дека Јехова се радува кога ги слушате родителите (Колошаните 3:20). Но, дали имате чувство дека сѐ уште не сте почнале да живеете како што треба? Дали сите работи што се важни во животот ви се забранети сѐ додека не пораснете уште малку? Тоа воопшто не е точно! Денес се извршува едно дело што е многу поважно од која и да е друга добра прилика во животот што ја чекате. Дали вам, млади, ви е дозволено да учествувате во ова дело? Не само што ви е дозволено, туку лично Највишиот Бог ве повикува да го правите тоа!

3. Во кое посебно дело Јехова ги повикува младите да учествуваат, и за кои прашања ќе поразговараме сега?

3 За кое дело зборуваме? Обрни внимание на зборовите од мотото на оваа статија: „Фалете Го Господа од земјата . . . момчиња и девици, старци со децата заедно“ (Псалм 148:7, 12). Еве која голема чест ја имаш: Ти можеш да го фалиш Јехова. Како млад човек, дали се радуваш што можеш да учествуваш во тоа дело? Мнозина се радуваат. За да видиме зошто е убаво да се чувствуваме така, да поразговараме за три прашања. Прво, зошто треба да го фалиш Јехова? Второ, како можеш да го фалиш делотворно? И трето, кога е најдобро време да почнеш да го фалиш Јехова?

Зошто да го фалиме Јехова?

4, 5. а) Според 148. Псалм, каква прекрасна прилика имаме? б) Како можат творештвата што не зборуваат ниту размислуваат сепак да го фалат Јехова?

4 Една многу битна причина за да го фалиме Јехова е тоа што тој е Творецот на сѐ. Псалм 148 ни помага да се сосредоточиме на тој факт. Замисли дека им се приближуваш на поголема група луѓе што во еден глас пеат многу убава, трогателна песна. Што мислиш, како би се чувствувал? А што ако и она што го кажуваат зборовите на песната е вистина и мислите кажани во неа ти значат, те развеселуваат и ти го подигаат расположението? Зар не би почувствувал желба да ги научиш зборовите и да запееш и ти? Повеќето од нас би почувствувале таква желба. Па, од 148. Псалм можеш да видиш дека и ти си во една слична, но уште подобра ситуација. Овој псалм опишува едно огромно мноштво, и сите во него го фалат Јехова во еден глас. Но, додека го читаш овој псалм, можеби ќе забележиш нешто необично. Што?

5 Многу од оние што го фалат Бог, опишани во 148. Псалм, не можат ниту да зборуваат ниту да размислуваат. На пример, читаме дека Јехова го фалат сонцето, месечината, ѕвездите, снегот, ветрот, планините и ридовите. Како можат да го прават тоа овие неживи творештва? (стихови 3, 8, 9). Па, исто онака како што тоа го прават дрвјата, морските суштества и животните (стихови 7, 9, 10). Дали некогаш си гледал прекрасен залез или си погледнал во полната месечина што пловела низ ноќното небо послано со ѕвезди? Или весело си се смеел кога си гледал животни што си играат или, пак, ти застанал здивот пред некој величествен пејзаж? Тогаш ти си ја „чул“ песната на фалба што доаѓа од творештвото. Сѐ што создал Јехова нѐ потсетува дека тој е семоќниот Творец, дека во целиот универзум никој друг нема толкава моќ, толкава мудрост ниту толкава љубов (Римјаните 1:20; Откровение 4:11).

6, 7. а) Во 148. Псалм, кои интелигентни созданија се опишани како го фалат Јехова? б) Зошто можеме да бидеме мотивирани да го фалиме Јехова? Дај пример.

6 Во 148. Псалм е опишано и како интелигентните созданија го фалат Јехова. Во 2. стих гледаме дека Бог го фалат небесните „воинства“, ангелите. Во 11. стих, во фалбата се повикани да се придружат моќни и влијателни луѓе, како што се царевите и судиите. Ако моќните ангели со радост го фалат Јехова, зар има човек што со право може да рече дека е премногу важна личност за да го прави тоа? Потоа, во 12. и во 13. стих, и вие младите сте повикани да се придружите и да го фалите Јехова. Дали имате желба да го правите тоа?

7 Да размислиме за еден пример. Кога би имал некој близок пријател што е многу вешт во нешто — можеби во спортот, уметноста или музиката — дали би им зборувал за него на твоите домашни или на другите пријатели? Секако. Па, слично може да влијае врз нас и тоа што ќе дознаеме што создал Јехова. На пример, во Псалм 19:1, 2 стои дека ѕвезденото небо „објавува“ зборови. И ние не можеме а да не им зборуваме на другите за нашиот Бог кога ќе помислиме на прекрасните работи што ги направил Јехова.

8, 9. Од кои причини Јехова сака да го фалиме?

8 Друга многу битна причина за да го фалиме Јехова е тоа што тој сака да го правиме тоа. Зошто? Дали затоа што му треба луѓето да го фалат? Не. Нам луѓето понекогаш ни е потребно да нѐ пофалат, но Јехова е многу повозвишен од нас (Исаија 55:8). Тој не се сомнева во себе или во своите способности (Исаија 45:5). Сепак, сака ние да го фалиме и се радува кога го правиме тоа. Зошто? Да се задржиме на две причини. Прво, тој знае дека нам ни е потребно да го фалиме. Нѐ создал со духовни потреби, со потреба да го обожаваме (Матеј 5:3). Кога гледа како ја задоволуваме таа потреба, Јехова се радува, исто како што се радуваат твоите родители кога гледаат како јадеш нешто што знаат дека е добро (Јован 4:34).

9 Второ, Јехова знае дека е потребно другите луѓе да чујат како го фалиме. Апостол Павле му го напишал следново на младиот Тимотеј: „Обрнувај постојано внимание на себе и на своето поучување. Остани во овие работи, зашто правејќи го ова ќе се спасиш и себеси и оние кои те слушаат“ (1. Тимотеј 4:16). Да, кога ги поучуваш другите за Јехова Бог, фалејќи го, и тие ќе го запознаат Јехова. Ако стекнат такво спознание, ќе можат да добијат вечно спасение! (Јован 17:3).

10. Зошто се чувствуваме мотивирани да го фалиме нашиот Бог?

10 Има уште една причина за да го фалиме Јехова. Сети се на примерот со твојот надарен пријател. Ако чуеш како другите кажуваат лаги за него и го оцрнуваат и клеветат неговото добро име, зар не би бил уште поодлучен да зборуваш пофално за него? Па, во овој свет насекаде го клеветат Јехова (Јован 8:44; Откровение 12:9). Затоа, оние што го сакаат, се чувствуваат мотивирани да ја кажуваат вистината за него, давајќи исправна слика за работите. Дали и ти би сакал да ја покажеш својата љубов и ценење за Јехова и да покажеш дека и ти го сакаш како Владетел него, а не неговиот главен непријател, Сатана? Сето тоа можеш да го направиш на тој начин што ќе го фалиш Јехова. Затоа, следното прашање е: Како можеш да го фалиш Јехова?

Како некои млади го фалеле Јехова

11. Кои библиски примери покажуваат дека младите можат многу успешно да го фалат Јехова?

11 Библијата покажува дека младите честопати многу успешно го фалат Јехова. На пример, Во Израел имало едно девојче што Сиријците го одвеле во ропство. Тоа смело ѝ кажувало на својата господарка за Јеховиниот пророк Илија. Благодарение на тоа што зборувала, подоцна било направено едно чудо и било дадено големо сведоштво (2. Цареви 5:1-17). И Исус сведочел смело кога бил дете. Од сите настани од неговото детство што можеле да бидат запишани во Писмото, Јехова избрал еден, онаа прилика кога 12-годишниот Исус храбро им поставувал прашања на верските учители во храмот во Ерусалим, а тие биле толку изненадени од неговото разбирање на Јеховините патишта што останале занемени (Лука 2:46-49).

12, 13. а) Што направил Исус во храмот кратко пред да умре, и како влијаело тоа врз луѓето таму? б) Што мислел Исус за фалбите што ги кажувале малите деца?

12 Кога станал возрасен човек, и самиот Исус ги мотивирал децата да го фалат Јехова. На пример, само неколку дена пред да умре, Исус отишол во храмот во Ерусалим. Библијата ни кажува дека таму направил ‚чудесни работи‘. Ги истерал оние што од тоа свето место направиле разбојничка пештера. Исто така, излекувал некои слепи и сакати луѓе. Сите што биле присутни, особено верските водачи, требало да бидат поттикнати да го фалат Јехова и неговиот Син, Месијата. Но, за жал, мнозина во тоа време не кажувале такви фалби. Тие знаеле дека Исус бил испратен од Бог, но се плашеле од верските водачи. Меѓутоа, една група луѓе сепак зборувале смело. Знаеш ли кои биле тие? Библијата ни кажува: „Кога главните свештеници и книжниците ги видоа чудесните работи што [Исус] ги направи и децата кои викаа во храмот и велеа: ‚Спаси го, те молиме, Синот Давидов!‘, се разлутија и му рекоа [на Исус]: ‚Слушаш ли што велат овие?‘“ (Матеј 21:15, 16; Јован 12:42).

13 Тие свештеници се надевале дека Исус ќе ги замолкне децата што го фалеле. Но, дали тој го сторил тоа? Не! Напротив, Исус им одговорил на свештениците: „Да. Зарем никогаш не сте го читале ова: ‚Од устата на бебињата и доенчињата си прибави фалба‘?“ Очигледно, Исус и неговиот Татко се радувале што малите деца ги фалеле. Тие деца го правеле токму она што требало да го прават сите возрасни што биле таму. Во нивните детски глави сето тоа сигурно било многу јасно. Тие виделе дека тој човек прави чудесни работи, зборува со вера и храброст и покажува силна љубов кон Бог и неговиот народ. Тој бил оној што тврдел дека е — ветениот ‚Син Давидов‘, Месијата. Наградени за својата вера, децата имале чест да исполнат дури и едно пророштво (Псалм 8:2).

14. Како даровите што ги имаат младите им помагаат да го фалат Бог?

14 Што можеме да научиме од овие примери? Дека младите можат многу успешно да го фалат Јехова. Тие честопати можат јасно и лесно да ја видат вистината и да ја изразат својата вера искрено и ревносно. Исто така, го имаат она што е спомнато во Пословици 20:29: „Убавината на младите е нивната сила“. Да, вие млади имате сила и енергија — вистински дарови што ви користат за да го фалите Јехова. А сега да видиме како можете да ги употребите тие дарови.

Како можете да го фалите Јехова?

15. Каков мотив треба да имаш за успешно да го фалиш Јехова?

15 Срцето е клучен фактор за да го фалите Јехова успешно. Не можете успешно да го фалите Јехова ако го правите тоа само затоа што другите ве тераат. Не заборавајте, најголемата заповед е оваа: „Мораш да го љубиш Јехова својот Бог со сето свое срце и со сета своја душа и со сиот свој разум“ (Матеј 22:37). Дали си го запознал Јехова преку личното проучување на неговата Реч? Исправниот резултат од она што го учиш е чувството на љубов кон Јехова. Природен начин да ја изразиш таа љубов е да го фалиш. Штом имаш јасен и силен мотив, подготвен си воодушевено да го фалиш Јехова.

16, 17. Каква улога игра однесувањето во фалењето на Јехова? Дај пример.

16 Пред да размислиш што ќе речеш, размисли како ќе постапиш. Ако малата Израелка во времето на Елисеј ја знаеле како груба, неучтива или неискрена, мислиш ли дека нејзините поробувачи од Сирија ќе го послушале она што го кажувала за Јеховиниот пророк? Веројатно не. Слично, луѓето поспремно ќе те сослушаат ако видат дека си учтив, искрен и културен (Римјаните 2:21). Да разгледаме еден пример.

17 Едно 11-годишно девојче од Португалија имало притисок на училиште да прославува празници што не ѝ ги дозволува нејзината библиски школувана совест. Таа учтиво ѝ објаснила на наставничката зошто нема да го прави тоа, но наставничката ја исмејувала. Постојано се обидувала да ја засрами, потсмевајќи ѝ се поради религијата. Меѓутоа, девојчето останало учтиво. По многу години, таа млада сестра служела како општ пионер, полновремен проповедник. На еден конгрес, додека ги гледала оние што се крштавале, препознала некого — нејзината поранешна наставничка! Откако со солзи се прегрнале, постарата жена ѝ рекла на помладата дека никогаш не го заборавила учтивото однесување на нејзината ученичка. Кај неа дошле Сведоци, и наставничката им кажала за однесувањето на својата поранешна ученичка. Како резултат на тоа почнала да ја проучува Библијата, и ја прифатила библиската вистина. Како што гледаш, твоето однесување може да биде многу силен начин да го фалиш Јехова!

18. Што може да направи еден млад човек ако не му е лесно да започнува разговори за Библијата и за Јехова Бог?

18 Дали понекогаш ти е тешко на училиште да започнеш разговор за твојата вера? Не си единствениот. Меѓутоа, ти можеш да направиш ситуации другите да ти постават прашање за твојата вера. На пример, ако е дозволено, зошто не си понесеш некои библиски публикации да ги читаш за време на одморот или во други термини кога можеш да го правиш тоа? Другите ученици можеби ќе те прашаат што читаш. Со тоа што ќе им одговориш и ќе им кажеш што си нашол интересно во статијата или во книгата што ја читаш, ќе видиш дека веќе си започнал разговор без да сетиш. Не заборавај да поставуваш прашања за да видиш во што веруваат твоите соученици. Слушај учтиво и кажи им нешто што си научил од Библијата. Како што покажува искуството на страница 29, многу млади го фалат Бог на училиште. Тоа им причинува голема радост и им помага на мнозина да го запознаат Јехова.

19. Како можат младите да станат поделотворни во службата од врата до врата?

19 Службата од куќа до куќа е многу добар начин на кој можеме да го фалиме Јехова. Ако сѐ уште немаш удел во оваа гранка од службата, зошто не си поставиш цел да почнеш? Ако веќе одиш во служба, има ли некои други цели што би можел да си ги поставиш? На пример, наместо да го кажуваш секогаш истото на секоја врата, барај начини да се подобриш и замоли ги твоите родители и другите искусни христијани да ти дадат предлози. Научи како повеќе да ја користиш Библијата, да правиш делотворни повторни посети и да почнеш да ја проучуваш Библијата со некого (1. Тимотеј 4:15). Колку повеќе го фалиш Јехова на такви начини, толку поуспешно ќе го правиш тоа и толку повеќе ќе уживаш во службата.

Кога да почнеш да го фалиш Јехова?

20. Зошто нема потреба младите да мислат дека се премлади за да го фалат Јехова?

20 Од сите три прашања за кои разговараме, најлесно е да се одговори на последното. Забележи каков директен одговор дава Библијата: „Спомнувај си за својот Создател во деновите на својата младост“ (Проповедник 12:1). Да, најдоброто време да почнеш да го фалиш Јехова е сега. Многу е лесно да речеш: „Премногу сум млад за да го фалам Јехова. Неискусен сум. Да почекам уште малку“. Нема да бидеш првиот што мисли така. На пример, младиот Еремија му рекол на Јехова: „Ах, Господи Боже, ете, јас не знам да зборувам; дете сум“. Јехова го успокоил и му рекол дека нема причина да се плаши (Еремија 1:6, 7). Слично на тоа, и ние нема од што да се плашиме кога го фалиме Јехова. Нема зло што може да нѐ снајде а кое Јехова не може да го поправи (Псалм 118:6).

21, 22. Зошто младите што го фалат Јехова се споредени со капки роса, и зошто таа споредба нѐ охрабрува?

21 Затоа, млади, ве поттикнуваме: Не колебајте се да го фалите Јехова! Сега, додека сте млади, е најдоброто време да се придружите во најважното дело што се извршува денес на Земјата. Така станувате дел од нешто прекрасно — го фалите Јехова заедно со сите созданија во универзумот како едно семејство. Обрни внимание на овие инспирирани зборови што псалмистот му ги упатил на Јехова: „Твојот народ спремно ќе се понуди во денот кога ќе ја поведеш во војна својата воена сила. Украсена со светост, од утробата на зората, покрај тебе е твојата чета од млади луѓе што се како капки роса“ (Псалм 110:3NW).

22 Капките роса што блескаат на утринското сонце се прекрасна глетка, нели? Тие освежуваат, блескаат и ги има толку многу што не би можеле да се избројат. Така гледа Јехова на вас, младите што верно го фалите во овие критични времиња. Јасно, вашата одлука да го фалите Јехова го радува неговото срце (Пословици 27:11). Затоа, млади, не пропуштајте да го фалите Јехова!

Како би одговорил?

• Кажи некои важни причини за да го фалиме Јехова.

• Кои библиски примери покажуваат дека младите можат многу успешно да го фалат Јехова?

• Како можат младите да го фалат Јехова денес?

• Кога треба младите да почнат да го фалат Јехова, и зошто?

[Прашања]

[Слики на страница 25]

Ако некој твој пријател е многу вешт во нешто, зар не би им зборувал на другите за тоа?

[Слика на страница 27]

Можеби твоите соученици ќе се заинтересираат за твоите верувања

[Слика на страница 28]

Ако сакаш да се подобриш во службата, побарај предлози од некој поискусен Сведок