Противречности околу работата
Противречности околу работата
„На работа — на работа! Бескрајна е радоста кога знаеме дека сѐ уште имаме многу работа“ — Кетрин Менсфилд, писателка (1888-1923).
ДАЛИ и ти гледаш вака идеалистички на работата како во претходната изјава? Какво е твоето лично гледиште за работата? Дали можеби мислиш дека работата е еден долг, темен тунел помеѓу два релаксирачки викенда? Или, пак, ти станала страст што се граничи со зависност?
Повеќето луѓе, најголемиот дел од своето време го посветуваат на работата. Таа може да одреди каде и како ќе живееме. Голем број од луѓето увидуваат дека од младоста па до нивното пензионирање работата е во центарот на нивниот живот. Некои од нас многу уживаат во работата. Други, пак, вредноста на работата ја мерат според платата или угледот, додека за трети работата е нешто со што само ќе си го пополнат времето или, пак, е само губење на време.
Има луѓе што работат за да живеат и луѓе што живеат за да работат; некои умираат на работа или од работа. На пример, според неодамнешниот извештај на Обединетите нации, работата предизвикува повеќе болка и смрт „отколку војните или дрогата и алкохолот заедно“. Коментирајќи за ова, весникот The Gardian од Лондон вели: „Секоја година умираат повеќе од два милиона луѓе поради несреќи и болести предизвикани од работа . . . Изложеноста на прашина, хемикалии, бука и радијација предизвикуваат рак, срцеви заболувања и мозочни удари“. Експлоатацијата на деца и присилната работа се уште две грди страни од сегашните услови при работењето.
Освен тоа, постои и „кобната исцрпеност“, како што ја нарекува психологот Стивен Берглас. Тој го опишува трудољубивиот работник како човек кој го достигнал врвот на кариерата, а сѐ што добил од тоа е „хроничен страв, немир, очај или депресија кои се резултат на чувството дека е заробен на работното место или на патот на кариерата, од каде не може ниту да избега, ниту, пак, да почувствува душевно задоволство“.
Трудољубивоста наспроти зависноста од работа
Во еден свет во кој многумина макотрпно работат долги часови, треба да знаеме што е разликата помеѓу еден трудољубив работник и еден зависник од работа. За многу зависници од работа, работното место е сигурно катче во овој опасен, непредвидлив свет; за трудољубивите работници, пак, работата е неопходна, а понекогаш и
интересна обврска која ги исполнува. Зависниците дозволуваат работата да им биде пред сѐ друго во животот; трудољубивите знаат кога да го исклучат компјутерот, да го пренасочат умот на нешто друго и, на пример, да бидат присутни кога ја прославуваат годишнината од нивната венчавка. Зависниците наоѓаат емоционално задоволство во прекумерната работа и од тоа им се покачува адреналинот во крвта; што не е случај со трудољубивите.Со тоа што ја идеализира прекумерната работа, современото општество ја замаглува линијата меѓу тие две групи. Модемите, мобилните телефони и пејџерите можат да ја замаглат границата меѓу работното место и домот. Кога би можеле да го користат секое место и секое време за работа, некои би работеле без престан, дури и по цена на својот живот.
Како реагираат некои луѓе на тој штетен став? Социолозите забележале дека кај луѓето кои работат прекумерно и се преоптоварени, има тренд да внесат духовност во работното место и да го спојат религиозниот со професионалниот живот. San Francisco Examiner известил дека „спојот на духовноста и работата станал општ феномен“.
Во врска со Силиконската Долина, еден важен центар на високата технологија во Соединетите Држави, еден неодамнешен извештај вели: „Додека работодавците ги бројат празните места за паркирање пред фирмите затоа што сѐ повеќе луѓе се отпуштаат, на паркиралиштата пред вечерните школи на кои се проучува Библијата не може да се најде празно место“. Без оглед што би можело тоа да значи, многу луѓе низ целиот свет откриле дека Библијата позитивно влијае врз нивното гледиште за работата, со што имаат поурамнотежен став кон животот.
Како може Библијата да ни помогне да имаме урамнотежено гледиште кон работата? Дали има некои начела од Библијата кои можат да ни помогнат успешно да се соочиме со предизвиците на работното место денес? Следната статија ќе ги разгледа тие прашања.