Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

Работата — благослов или проклетство?

Работата — благослов или проклетство?

Работата — благослов или проклетство?

„Нема друга среќа за човекот освен . . . да биде задоволен со својата работа“ (Проповедник 2:24).

„ИСЦРПЕН на крајот од работниот ден.“ Така најчесто се чувствувал секој трет вработен, според една неодамнешна анкета. Ова воопшто не изненадува во една средина каде што луѓето се под постојан стрес; тие работат сѐ подолго и носат сѐ повеќе работа дома — а за цело тоа време имаат шефови кои ретко им кажуваат фала.

Појавата на масовното производство предизвика многу работници да се чувствуваат само како мало шрафче во една голема, студена машинерија. Инспирацијата и креативноста често се задушени. Нормално, ова влијае врз ставовите на луѓето кон работата. Многу лесно може да им биде задушена мотивацијата да покажат интерес за неа. Може да згасне желбата да ја извршат работата квалитетно. Поради такви проблеми некој може да престане да ја сака својата работа, па дури и да почне да ја мрази.

Да си го преиспитаме ставот

Се разбира, не можеме секогаш да ги смениме нашите околности. Но, зарем не се согласуваш дека можеме да си го смениме ставот? Ако забележиш дека врз тебе, до некоја мера, влијаеле негативните ставови кон работата, ќе биде добро да ги разгледаш Божјите гледишта и начела во врска со оваа тема (Проповедник 5:17). Многу луѓе утврдиле дека, кога ги имаат овие работи на ум, чувствуваат поголема радост и задоволство во работата.

Бог е Главниот работник. Бог е работник. Можеби не сме гледале на него на тој начин, но уште во почетокот на Библијата тој се претставува себеси како работник. Библиската книга Битие започнува со извештај за тоа како Јехова ги создава небото и Земјата (Битие 1:1). Размисли за големиот број различни улоги што ги одиграл Бог кога почнал да создава — конструктор, организатор, инженер, уметник, специјалист за материјали, проектант, хемичар, биолог, зоолог, програмер и лингвист се само некои од нив (Пословици 8:12, 22-31).

Каков бил квалитетот на работата на Бог? Извештајот во Библијата кажува дека бил ‚добар‘, ‚многу добар‘ (Битие 1:4, 31). Навистина, творбите „ја раскажуваат Божјата слава“, и ние исто така треба да го славиме (Псалм 19:1; 148:1).

Меѓутоа, работата на Бог не завршила со создавањето на физичките небо и Земја и на првиот човечки пар. Синот на Јехова, Исус Христос, рекол: „Мојот Татко работи сѐ досега“ (Јован 5:17). Да, Јехова продолжува да работи со тоа што им го дава потребното на неговите созданија, ги одржува во живот своите творби и ги спасува своите верни обожаватели (Неемија 9:6; Псалм 36:6; 145:15, 16). Тој дури и користи луѓе како „Божји соработници“ за да помагаат во извршувањето на некои работи (1. Коринќаните 3:9).

Работата може да биде благослов. Зарем Библијата не вели дека работата е проклетство? Од Битие 3:17—19 на прв поглед може да се чини дека Бог ја дал тешката работа како казна за побуната на Адам и Ева. Кога ги проколнал првите луѓе, Бог му рекол на Адам: „Со пот на своето лице ќе јадеш леб, додека не се вратиш во земјата“. Дали тоа значи дека работата не е ништо друго освен едно проклетство?

Не. Поради тоа што Адам и Ева биле неверни, проширувањето на Еденската градина не требало да се случи тогаш и таму. Почвата била проколната од Бог. Луѓето можеле да успеат да преживеат од земјата само со пот и мака (Римјаните 8:20, 21).

Наместо да ја прикаже работата како проклетство, Библијата кажува дека таа е благослов што треба длабоко да се цени. Како што беше спомнато претходно, Бог е трудољубив работник. Со тоа што ги создал луѓето според својот лик, Јехова им дал способност и власт да владеат со земните творби (Битие 1:26, 28; 2:15). Таа работна задача била дадена пред Бог да ги каже зборовите од Битие 3:19. Ако работата била проклетство и зло, Јехова никогаш не би ги поттикнувал луѓето да работат. Ное и неговото семејство имале многу работа пред и после Потопот. Во христијанската ера, учениците на Исус исто така биле поттикнати да работат (1. Солуњаните 4:11).

Сепак, сите знаеме дека денес работата може да биде товар. Стресот, ризикот, здодевноста, разочарувањето, конкуренцијата, измамата и неправдата се само некои од ‚трњето и троскотот‘ со кои таа сега е поврзана. Но, работата сама по себе не е проклетство. Во Проповедник 3:13 Библијата ги нарекува работата и плодовите од неа дарови од Бог. (Види ја рамката „Да се справиме со стресот од работата“.)

Со твојата работа можеш да го славиш Бог. Квалитетот во работата е нешто што отсекогаш било ценето. Еден важен аспект од библиското гледиште за работата е квалитетот. Бог ја врши својата работа квалитетно. Тој ни дал таленти и способности и сака да ги користиме тие вештини за добри цели. На пример, за време на изработката на шаторот во древниот Израел, Јехова им дал на луѓе како Веселеил и Ор мудрост, разбирање и знаење, со што ги оспособил да извршат некои уметнички и практични работи (Излез 31:1-11). Ова покажува дека на Бог му биле многу важни функционалноста, квалитетот на изработката, дизајнот како и други детали од нивната работа.

Сево ова длабоко влијае врз тоа како ќе гледаме на нашите способности и работни навики. Ни помага да гледаме на нив како на дарови од Бог, кои не треба да се земаат здраво за готово. Затоа, христијаните се советувани да ја извршуваат нивната работа како лично Бог да ја проценува: „Што и да правите, работете на тоа со сета душа како за Јехова, а не како за луѓето“ (Колошаните 3:23). На Божјите слуги им е заповедано добро да си ја работат работата со што можат да придонесат христијанската порака да им стане попривлечна на колегите и на другите. (Види ја рамката „Да ги примениме библиските начела на работното место“.)

Кога го имаме предвид ова, ќе биде добро да се преиспитаме колку квалитетно и марливо ја работиме нашата работа. Дали Бог би бил задоволен со тоа како работиме? Дали сме потполно задоволни со начинот на кој ги извршуваме нашите задачи? Ако не, тогаш треба да се подобриме (Пословици 10:4; 22:29).

Сочувај рамнотежа меѓу работата и духовноста. Иако трудољубивоста е за пофалба, има уште еден важен фактор за да најдеме задоволство во работата и животот. Тоа е духовноста. Цар Соломон, кој трудољубиво работел и уживал во богатството и задоволствата што животот може да ги понуди, дошол до следниов заклучок: „Бој се од Бога, исполнувај ги Неговите заповеди, зашто во тоа е сѐ за човекот“ (Проповедник 12:13).

Очигледно, во сѐ што правиме мораме да ја земеме предвид Божјата волја. Дали работиме во склад со неговата волја или можеби спротивно на неа? Дали се трудиме да му угодиме на Бог или, пак, само се обидуваме да си угодиме себе си? Ако не ја вршиме Божјата волја, на крајот ќе ја почувствуваме болката што ја носат очајот, осаменоста и празнината.

Стивен Берглас предлага исцрпените шефови ‚да си најдат цел што ќе ја сакаат и која ќе им стане дел од животот‘. Нема повредна цел од тоа да му се служи на Оној што ни ги дал вештините и способностите да извршуваме содржајна работа. Ако извршуваме работа што му е угодна на нашиот Творец, сигурно ќе најдеме задоволство. Работата што му ја дал Јехова на Исус го задоволувала, исполнувала и освежувала исто толку колку и храната (Јован 4:34; 5:36). Покрај тоа, да не заборавиме и дека Бог, Главниот работник, нѐ поканува да бидеме негови „соработници“ (1. Коринќаните 3:9).

Тоа што го обожаваме Бог и растеме духовно нѐ оспособува да црпиме задоволство од работата и одговорностите. Бидејќи работното место честопати е исполнето со притисоци, конфликти и стрес, нашата длабоко вкоренета вера и духовноста можат да ни ја дадат силата што ни е многу потребна додека се трудиме да бидеме подобри работници и работодавачи. Од друга страна, пак, реалноста на животот во овој безбожен свет може да ни укаже на кои подрачја треба да расте нашата вера (1. Коринќаните 16:13, 14).

Кога работата ќе биде благослов

Оние што сега трудољубиво работат на тоа да му служат на Бог можат да го очекуваат времето кога тој ќе го обнови Рајот и кога целата Земја ќе биде полна со содржајна работа. Исаија, еден пророк на Јехова, го прорекол следново во врска со животот во Рајот: „Ќе градат куќи и ќе живеат во нив, ќе садат лозја и ќе го уживаат нивниот плод. Не ќе се гради веќе, за да живеат други, ниту ќе се сади за да уживаат други: векот на Мојот народ ќе биде како векот на дрвото . . . Моите избраници ќе ги уживаат долго плодовите на своите раце“ (Исаија 65:21-23).

Каков благослов ќе биде тогаш работата! Ако учиш која е Божјата волја за тебе и ако работиш во склад со неа, тогаш ќе бидеш меѓу оние што Јехова ќе ги благослови и секогаш ‚ќе уживаш во својот труд‘ (Проповедник 3:13).

[Истакната мисла на страница 8]

Бог е Главниот работник: Битие 1:1, 4, 31; Јован 5:17.

[Истакната мисла на страница 8]

Работата може да биде благослов: Битие 1:28; 2:15; 1. Солуњаните 4:11.

[Истакната мисла на страница 8]

Со твојата работа можеш да го славиш Бог: Излез 31:1-11; Колошаните 3:23.

[Истакната мисла на страница 8]

Сочувај рамнотежа меѓу работата и духовноста: Проповедник 12:13; 1. Коринќаните 3:9.

[Рамка/слика на страница 6]

ДА ИЗЛЕЗЕМЕ НА КРАЈ СО СТРЕСОТ ОД РАБОТАТА

Медицинските стручњаци го вбројуваат стресот што го предизвикува работата меѓу ризиците што ги носи професијата. Тој може да предизвика чиреви и депресија и дури може да доведе до самоубиство. Јапонците имаат израз за тоа — кароши, „смрт од прекумерна работа“.

Стрес предизвикуваат многу фактори поврзани со работата. Во нив спаѓаат промена на работното време или услови, проблеми со претпоставените, промена на одговорностите или видот на работата, пензионирање и отпуштање од работа. Како реакција на тој стрес, некои се обидуваат да побегнат од него со тоа што ја менуваат работата или околината. Други, пак, се обидуваат да го потиснат стресот, но го истураат во другите подрачја од животот, најмногу во семејството. Некои луѓе дури страдаат емоционално, запаѓаат во депресија и очај.

Христијаните се добро подготвени да се справат со стресот предизвикан од работата. Библијата ни дава голем број основни начела кои можат да ни помогнат да ги пребродиме тешките периоди, што ќе влијае позитивно на нашето духовно и емоционално здравје. На пример, Исус рекол: „Никогаш немојте тегобно да се грижите за утрешниот ден, зашто утрешниот ден ќе има свои сопствени тегобни грижи. На секој ден доста му е неговото сопствено зло“. Ова нѐ поттикнува да се концентрираме на проблемите што сега ги имаме, а не на оние што можеби ќе дојдат утре. На тој начин не си ги преувеличуваме проблемите, со што би си го зголемиле притисокот што го чувствуваме (Матеј 6:25-34).

Важно е христијаните да се потпираат на Божјата сила, а не на својата. Кога мислиме дека повеќе не можеме да издржиме, Бог може да ни даде мир, да ни влее радост во срцата и да ни ја даде мудроста што е потребна за да се справиме со било која тешкотија. „И понатаму стекнувајте моќ во Господ и во моќта на неговата сила“, напишал апостол Павле (Ефешаните 6:10; Филипјаните 4:7).

На крајот, дури и стресните околности можат да дадат позитивни резултати. Испитите можат да нѐ поттикнат да му се обратиме на Јехова за помош, да го бараме и да имаме доверба во него. Тие исто така можат да нѐ поттикнат да продолжиме да ја градиме нашата христијанска личност и способноста да истраеме под притисок. Павле нѐ советува: „Да ликуваме додека сме во неволји, зашто знаеме дека неволјата донесува истрајност; истрајноста, пак, одобрена состојба; а одобрената состојба надеж“ (Римјаните 5:3, 4).

Значи, наместо да биде извор на очај и тага, дури и стресот може да ни стане поттик за духовно да напредуваме.

[Рамка/слика на страница 7]

ДА ГИ ПРИМЕНИМЕ БИБЛИСКИТЕ НАЧЕЛА НА РАБОТНОТО МЕСТО

Ставот и однесувањето на еден христијанин на работното место можат да придонесат колегите и други да се заинтересираат за пораката од Библијата. Во своето писмо до Тит, апостол Павле ги советува работниците да ‚им бидат подложни на своите [претпоставени] во сѐ, да им угодуваат, не одговарајќи дрско, не крадејќи, туку во потполност покажувајќи добра верност за да го украсуваат учењето на нашиот Спасител, Бог, во сѐ‘ (Тит 2:9, 10).

На пример, разгледај што напишал еден деловен човек до светската централа на Јеховините сведоци: „Ви пишувам за да ве замолам да ми одобрите да вработувам Јеховини сведоци. Сакам да ги вработам затоа што сигурно знам дека тие се чесни, искрени, доверливи и дека не крадат. Единствените луѓе на кои вистински им верувам се Јеховините сведоци. Ве молам помогнете ми“.

Кајл е христијанка која работи како рецепционерка во едно приватно училиште. Поради некое недоразбирање, една колешка ја опцула пред неколку ученици. „Морав да внимавам да не го посрамотам името на Јехова“ се сеќава Кајл. Следните пет дена, Кајл размислувала како да ги примени библиските начела. Едно од нив се наоѓа во Римјаните 12:18: „Ако е можно, колку што зависи од вас, бидете во мир со сите луѓе“. Таа ѝ пратила порака на колешката преку компјутер и ѝ се извинила поради напнатоста меѓу нив. Кајл ја замолила колешката да останат после работата, за да разговараат и да ги средат недоразбирањата. Откако поразговарале, колешката на Кајл смекнала и признала дека пристапот на Кајл бил многу мудар. Таа ѝ рекла: „Ова мора да е поврзано со твојата религија“ и срдечно ја прегрнала кога се поздравиле. Што сфатила Кајл? „Никогаш нема да погрешиме ако ги примениме библиските начела.“

[Слика на страници 4 и 5]

Многу работници се чувствуваат само како шрафче во една голема, студена машинерија.

[Извор на слика]

Japan Information Center, Consulate General of Japan in NY

[Извор на слика на страница 8]

Земја: NASA photo