Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

Филон од Александрија — неговите мудрувања за Библијата

Филон од Александрија — неговите мудрувања за Библијата

Филон од Александрија — неговите мудрувања за Библијата

ВО 332 година пр.н.е., Александар Велики навлегол со своите војски во Египет. Пред да тргне на исток, во својот поход да го освои светот, тој основал еден град што го нарекол Александрија. Овој град станал центар на грчката култура. Во 20 година пр.н.е., таму се родил еден друг освојувач. Но, оружјето на овој нов освојувач не биле мечеви и копја туку филозофско мудрување. Тој е познат како Филон од Александрија, или како Филон Евреинот, поради своето еврејско потекло.

Како резултат на раселувањето на Евреите по уништувањето на Ерусалим во 607 година пр.н.е., во Египет живееле голем број Евреи. Илјадници од нив живееле во Александрија. Меѓутоа, имало проблеми меѓу Евреите и нивните соседи, Грци. Евреите одбивале да ги обожаваат грчките богови, а Грците им се исмевале на хебрејските списи. На Филон му биле добро познати овие несогласувања затоа што самиот бил воспитан како Евреин но добил грчко образование. За него јудаизмот бил вистинската религија. Но, за разлика од многу други, Филон се трудел да ги доведе не-Евреите до Бог по мирен пат. Тој сакал да им го приближи јудаизмот.

Ново значење на старите списи

Како што било случај со многу Евреи во Александрија, мајчин јазик на Филон му бил грчкиот. Затоа, основа на неговото проучување била Септуагинтата, грчкиот превод на хебрејските списи. Додека го испитувал текстот на Септуагинтата, тој дошол до заклучок дека таа содржи филозофски елементи и дека Мојсеј имал „неверојатна дарба за филозофија“.

Уште со векови пред тоа, на грчките интелектуалци им било тешко да ги прифатат приказните за боговите и божиците, како и за џиновите и демоните од нивната древна грчка митологија. Тие почнале да им даваат ново толкување на тие стари приказни. Во врска со оваа метода, Џејмс Драмонд, кој го изучува класичниот период, рекол: „Филозофот барал некое таинствено значење скриено под површината на митолошките приказни, па од нивната грозна и апсурдна содржина дошол до заклучок дека намерата на авторите била преку сликовит јазик да пренесат некоја длабока или поучна вистина“. Овој процес е наречен алегорично толкување, и Филон се обидел да го искористи за да го објасни Писмото.

На пример, да го земеме стихот во Битие 3:22, каде што во Багстеровиот превод на Септуагинтата стои: „Господ Бог им направи на Адам и на жена му облеки од кожа и ги облече“. Грците сметале дека е под достоинството на Севишниот Бог да прави облека за некого. Затоа, Филон во тој стих гледал симболика: „Облеката од кожа е симбол за дословната човечка кожа, односно, за нашето тело; бидејќи Бог, кога најпрво го создал интелектот, го нарекол Адам; а потоа го создал животниот дух, и го нарекол Живот. На крајот, исто така било неопходно да го создаде и телото, и му дал симболично име — облека од кожа“. На тој начин, Филон се обидел да го претстави тоа што Бог ги облекол Адам и Ева како филозофско прашање за кое треба длабоко да се размислува.

Да ги земеме и стиховите од Битие 2:10-14, во кои се кажува од каде извирала вода за Еденската градина и кои четири реки истекувале од неа. Филон се обидел да најде подлабоко, скриено значење во тие зборови со кои е опишана градината. Откако дал коментар за самата земја, тој рекол: „Можеби овие стихови имаат и алегорично значење; бидејќи четирите реки означуваат четири доблести“. Тој теоретизирал дека реката Фисон е симбол на мудроста, реката Гион симбол на разборитоста, Тигар ја симболизира храброста, а Еуфрат правдата. Така алегоријата, или симболиката, ја истиснала географијата.

Филон користел алегорично толкување за да ги објасни и извештајот за создавањето, записот за убиството на Абел од страна на Каин, Потопот од деновите на Ное, збрката на јазиците во Вавел, како и многу прописи од Мојсеевиот закон. Како што се гледа и од примерот во претходниот пасус, тој честопати признавал дека одреден библиски стих има дословно значење, а потоа внесувал и симболично разбирање така што обично ќе кажел: „Можеби треба да ги разгледаме овие зборови како да се пишувани и со алегорично значење“. Во записите на Филон, во преден план е ставена симболиката додека, за жал, очигледното значење на она што е запишано во Писмото се губи.

Кој е Бог?

Филон го докажувал постоењето на Бог користејќи една силна илустрација. Откако ги опишал земјата, реките, планетите и ѕвездите, тој заклучил: „Светот како создание е направен на еден извонредно уметнички и мудар начин — како да го конструирал некој што е апсолутно совршен и што поседува совршено знаење. Токму тоа нѐ води до заклучокот дека постои Бог“. Ова е навистина логично расудување (Римјаните 1:20).

Но, кога Филон се обидел да ја објасни природата на Семоќниот Бог, многу застранил од вистината. Тој тврдел дека Бог „нема конкретни особини“ и дека „не можеме да го разбереме“. Исто така сметал дека е залудно човек да се труди да го запознае, и тврдел дека „е апсолутно бесмислено да се обидуваме да одиме понатаму, и да се трудиме да ја разоткриеме природата или конкретните особини на Бог“. Овие негови размислувања немаат поддршка во Библијата, туку во идеите на паганскиот филозоф Платон.

Филон рекол дека Бог е толку несфатлив за нас што е невозможно да има лично име. Тој изјавил: „Затоа, многу е логично што не може да му се даде соодветно лично име на оној што, всушност, е жив Бог“. Колку далеку е ова од вистината!

Библијата сосема јасно наведува дека Бог има лично име. Во Осија 12:5 (ПСП) се вели: „А Господ е Бог Саваот; Јехова е името Негово“. Исаија 42:8 (NW) го цитира Бог како вели: „Јас сум Јехова. Тоа е моето име“. Зошто Филон, Евреин што ги знаел овие библиски стихови, учел дека Бог нема име? Затоа што не зборувал за библискиот Бог, кој е личност, туку за некој безимен, недостапен Бог кој бил производ на грчката филозофија.

Што е душата?

Филон учел дека душата не е исто што и телото. Тој тврдел дека човекот „се состои од тело и од душа“. Може ли душата да умре? Забележи какво објаснување дава Филон: „Додека сме живи, живееме без оглед на тоа што нашата душа е мртва и закопана во нашето тело, како во гроб. Но, ако тоа [тело] умре, тогаш нашата душа ќе живее како што треба, затоа што ќе се ослободи од едно зло и смртно тело за кое била врзана“. За Филон, смртта на душата била симболична. Таа, всушност, никогаш не умира. Таа е бесмртна.

Меѓутоа, што учи Библијата во врска со душата? Битие 2:7 вели: „Господ, Бог, го обликува човекот од земниот прав и му дувна здив на живот во носалките. Така човекот стана жива душа“. Според Библијата, луѓето немаат души; тие се души.

Библијата исто така учи дека душата не е бесмртна. Езекиел 18:4 (ПСП) вели: „Која душа греши, таа ќе умре“. Од овие стихови можеме да дојдеме до исправен заклучок: Човекот е душа. Затоа, кога умира човек, умира душа (Битие 19:19). *

Откако Филон умрел, Евреите не му обрнале никакво посебно внимание. Но, христијанскиот свет го прифатил со раширени раце. Евзебиј и други црковни водачи верувале дека Филон станал христијанин. Ероним го навел на списокот на Црковните отци. Отпадничкото христијанство, а не Евреите, било тоа што ги зачувало записите на Филон.

Записите на Филон довеле до верска револуција. Под негово влијание, номиналните христијани ја усвоиле небиблиската доктрина за бесмртност на душата. А учењето на Филон за Логосот (или Речта) придонело да се развие доктрината за тројството, небиблиска догма на отпадничкото христијанство.

Немој да се залажуваш

Додека ги проучувал хебрејските списи, Филон водел сметка „да не испушти ниедно алегорично значење што можеби случајно се крие зад едноставните зборови“. Меѓутоа, како што е запишано во Второзаконие 4:2, во врска со Божјиот закон Мојсеј рекол: „Ниту додавајте нешто на тоа што ви заповедам ниту одземајте нешто од тоа; вршете ги заповедите на Господа, на својот Бог, што ви ги давам“. Иако се чини дека имал само добри намери, Филон додал толку многу мудрувања што тие, како една густа магла, ги сокриле јасните поуки кои се изнесени во Божјата инспирирана реч.

„Не ве запознавме со силата и со присутноста на нашиот Господ Исус Христос следејќи препредено смислени лажни прикаски“, рекол апостол Петар (2. Петрово 1:16). За разлика од она што го пишувал Филон, поуките што му ги дал Петар на собранието на првите христијани се темелеле на факти и на водството од Божјиот дух, „духот на вистината“, што ги упатил во сета вистина (Јован 16:13).

Ако си заинтересиран да му служиш на Богот за кој зборува Библијата, ти треба веродостојно водство, а не толкувања што се темелат на човечко размислување. Потребно ти е точно спознание за Јехова и за неговата волја, а потребна ти е и понизност за навистина да можеш да учиш. Ако ја проучуваш Библијата со ваков исправен став, кој е од пресудна важност, ќе ги запознаеш „светите списи, кои можат преку верата да те направат мудар за спасение во поврзаност со Христос Исус“. Ќе видиш дека речта Божја може да те направи „потполно способен, целосно опремен за секое добро дело“ (2. Тимотеј 3:15-17).

[Фуснота]

^ пас. 18 Во врска со душата, The Jewish Encyclopedia од 1910 година вели: „Верувањето дека душата продолжува да постои откако телото ќе се распадне е тема на филозофски и теолошки мудрувања, а не основен елемент на верата, и затоа никаде во Библијата не се поучува јасно за ова“.

[Рамка/слика на страница 10]

ГРАДОТ ВО КОЈ ЖИВЕЕЛ ФИЛОН

Филон живеел и работел во египетска Александрија. Со векови тој град бил светска престолнина на книги и научни дискусии.

Учениците имале прилика да учат од познати професори кои предавале во школите во градот. Александриската библиотека станала позната низ целиот свет. Бројот на збирки во неа пораснал на стотици илјади бидејќи библиотекарите се труделе да набават примероци од секој можен пишан документ.

Подоцна, ценењето на луѓето за Александрија и за нејзините ризници на знаење постепено се намалило. Римските императори ѝ давале предност на својата престолнина, па така културниот центар се пренел во Европа. Александрија се нашла на дното во седмиот век од н.е. кога градот бил освоен од непријателите. До ден-денес, историчарите жалат за загубата на славната библиотека, за која некои тврдат дека ја уназадила цивилизацијата за 1.000 години.

[Извор на слика]

L. Chapons/Illustrirte Familien-Bibel nach der deutschen Uebersetzung Dr. Martin Luthers

[Рамка на страница 12]

АЛЕГОРИЧНО ТОЛКУВАЊЕ ДЕНЕС

Алегоријата е „сликовит начин на изразување во литературата, т.е. изразување што има поинаква смисла од она што непосредно се дава“. Се вели дека записите во кои се користи алегорија содржат симболика за многу поважни скриени работи. Исто како Филон од Александрија, и некои современи верски учители користат алегорично толкување за да ја објаснат Библијата.

Да го земеме, на пример, Битие, поглавја 1-11, во кои е запишана човечката историја од создавањето до времето на Вавилонската кула, кога дошло до раселување на населението. Во врска со овој дел од Библијата, The New American Bible, католички превод, вели: „За да може израелскиот народ да ги разбере вистините што се запишани во овие поглавја и да ги зачува, тие вистини морало да се пренесат на начин на којшто луѓето кои живееле во тоа време можеле да ги разберат. Од оваа причина, мора да се направи јасна разлика меѓу вистините и книжевната наметка што им била дадена“. Според ова, поглавјата 1-11 од Битие не треба да се сфатат дословно. Напротив, исто како што една наметка (облека) го покрива телото, така и зборовите покриваат подлабоко значење.

Сепак, Исус поучувал дека извештаите во тие први поглавја од Битие се дословни (Матеј 19:4-6; 24:37-39). И апостолите Павле и Петар го поучувале истото (Дела 17:24-26; 2. Петрово 2:5; 3:6, 7). Луѓето што искрено ја проучуваат Библијата ги отфрлаат објаснувањата што не се во склад со целата Божја реч.

[Слика на страница 9]

Големиот светилник во Александрија

[Извор на слика]

Archives Charmet/Bridgeman Art Library