Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

Врвни точки од книгата Прва Цареви

Врвни точки од книгата Прва Цареви

Јеховината реч е жива

Врвни точки од книгата Прва Цареви

„НАРОДОТ се радува кога се умножуваат праведниците, а народот воздивнува, кога ќе завладеат нечесните“ (Пословици 29:2). Библиската книга Прва Цареви јасно ни покажува колку е точна оваа пословица. Во оваа книга се зборува за животот на Соломон, за време на чие царување во древниот Израел настапува период на мир и богатство. Од Прва Цареви дознаваме и за поделбата на народот по смртта на Соломон и за 14-те цареви што владееле по него, некои во Израел, а некои во Јуда. Само двајца од овие цареви целиот живот му биле верни на Јехова. Освен тоа, оваа книга ни кажува и за службата на шест пророци, вклучувајќи го и Илија.

Текстот го напишал пророкот Еремија во Ерусалим и во Јуда, и опфаќа период од околу 129 години — од 1040 пр.н.е. до 911 пр.н.е. Додека ја пишувал оваа книга, Еремија очигледно се консултирал со некои древни извештаи како што е „книжниот свиток на Соломоновата Повест“. Овие извештаи повеќе не постојат (1. Цареви 11:41; 14:19; 15:7).

ЕДЕН МУДАР ЦАР ПРИДОНЕСУВА ЗА МИР И БОГАТСТВО

(1. Цареви 1:1—11:43)

Прва Цареви започнува со еден интересен извештај за обидот на Адониј, синот на цар Давид, да го приграби престолот на својот татко. Пророкот Натан го осуетува овој план со тоа што веднаш реагира, и за цар е поставен Давидовиот син Соломон. Јехова е задоволен со она што го побарал новиот цар и му дава „мудро и разумно срце“, како и „богатство и слава“ (1. Цареви 3:12, 13). Никој друг не може да се спореди со царот по мудроста и богатството. Израел ужива период на мир и богатство.

Некои од градбите што ги завршува Соломон се Јеховиниот храм и различни државни згради. Јехова го уверува Соломон: „Јас ќе го зацврстам засекогаш твојот царски престол над Израел“, под услов царот да останел послушен (1. Цареви 9:4, 5). Вистинскиот Бог го опоменува и на последиците од непослушноста. Но, Соломон си зема за жени многу туѓинки. Под нивно влијание, на постари години се свртува кон лажното обожавање. Јехова претскажува дека неговото царство ќе биде поделено. Во 997 пр.н.е. Соломон умира, и со тоа завршува неговото 40-годишно владеење. На престолот седнува син му Ровоам.

Одговорени библиски прашања:

1:5 — Зошто Адониј се обидел да го приграби престолот додека Давид сѐ уште бил жив? Библијата не ни го дава одговорот. Меѓутоа, разумно е да заклучиме дека Адониј си мислел дека има право да го наследи престолот како најстар од синовите на Давид што останале живи, бидејќи веќе биле мртви неговите постари браќа Амнон и Авесалом, а веројатно и Давидовиот син Хилеав (2. Самоил 3:2-4; 13:28, 29; 18:14-17). Кога ја придобил поддршката на моќниот воен командант Јоав и на влијателниот првосвештеник Авијатар, Адониј веројатно бил уверен дека ќе успее во својот обид. Библијата не ни кажува дали знаел дека Давид имал намера престолот да го наследи Соломон. Сепак, Адониј не го викнал Соломон и другите луѓе што му биле верни на Давид да принесат заедно „жртва“ (1. Цареви 1:9, 10). Ова покажува дека го сметал Соломон за соперник.

1:49-53; 2:13-25 — Зошто Соломон го убил Адониј откако му простил? Иако Витсавеа не сфатила за што се работи, Соломон сфатил која била вистинската намера на Адониј кога од неа побарал да го замоли царот да му ја даде за жена Ависага. Иако Давид немал односи со неа, убавата Ависага се сметала за конкубина на Давид. Според обичајот од тоа време, таа требало да стане сопственост само на законскиот наследник на Давид. Адониј можеби си мислел дека, со тоа што ќе ја земе Ависага за жена, повторно ќе може да се обиде да го добие престолот. Соломон си го повлекол простувањето кога сфатил дека со своето барање Адониј покажува дека сака да го добие престолот.

6:37—8:2 — Кога бил храмот свечено пуштен во употреба? Храмот бил завршен во осмиот месец од 1027 пр.н.е., 11-тата година од царувањето на Соломон. Изгледа дека биле потребни 11 месеци за да се донесе мебелот и да се направат други подготовки. Најверојатно храмот бил свечено пуштен во употреба седмиот месец од 1026 пр.н.е. Извештајот ни открива дека биле изградени и други објекти откако бил завршен храмот, а пред да се спомне дека бил свечено пуштен во употреба, очигледно за да се даде комплетен опис на градежните работи (2. Летописи 5:1-3).

9:10-13 — Дали тоа што Соломон му подарил 20 градови од Галилеја на царот Хирам од Тир било во склад со Мојсеевиот закон? Законот што е наведен во Левит 25:23, 24 можеби важел само за некоја област населена со Израелци. Можно е градовите што Соломон му ги дал на Хирам да биле населени со не-Израелци, иако биле во границите на Ветената земја (Излез 23:31). Постапката на Соломон покажува дека можеби пропуштил сосема да се повини на Законот, како тогаш кога ‚држел многу коњи‘ и си зел многу жени (Второзаконие 17:16, 17). Како и да е, Хирам не бил задоволен со подарокот. Можеби паганските жители не ги одржувале добро градовите или можеби тие градови немале баш најдобра местоположба.

11:4 — Дали сенилноста на Соломон била причина што станал неверен кога остарел? Изгледа дека не е така. Соломон бил прилично млад кога почнал да владее, и иако владеел 40 години, не достигнал многу длабока старост. Освен тоа, не се оддалечил сосема од Јехова. Изгледа дека почнал со некакво меѓуверство.

Поуки за нас:

2:26, 27, 35. Она што го претскажува Јехова секогаш се исполнува. Со отстранувањето на Авијатар, кој бил потомок на Илија, се ‚исполнил Господовиот збор, што го изрекол против Илиевиот дом‘. Со замената на Авијатар со Садок од лозата на Финес се исполниле стиховите од Броеви 25:10-13 (Излез 6:25; 1. Самоил 2:31; 3:12; 1. Летописи 24:3).

2:37, 41-46. Колку е опасно да си мислиме дека можеме да ги пречекориме границите и да поминеме неказнето! Оние што намерно отстапуваат од ‚тесниот пат што води во живот‘ ќе ги трпат последиците од таа немудра одлука (Матеј 7:14).

3:9, 12-14. Јехова одговара на искрените молитви на своите слуги кога го молат за мудрост, разбирање и водство додека ја извршуваат неговата служба (Јаков 1:5).

8:22-53. Колку длабоко ценење изразил Соломон за Јехова — Богот на верна љубов, кој ги исполнува своите ветувања и ги слуша молитвите! Длабокото размислување за зборовите од молитвата што ја кажал Соломон кога храмот бил свечено пуштен во употреба ќе го зголеми нашето ценење за овие и за други аспекти на Божјата личност.

11:9-14, 23, 26. Кога Соломон станал непослушен подоцна во животот, Јехова дозволил да има противници. „Бог им се противставува на горделивите, а на понизните им дава незаслужена љубезност“, вели апостол Петар (1. Петрово 5:5).

11:30-40. Цар Соломон сакал да го убие Јеровоам поради она што Ахиј го пророкувал за Јеровоам. Колку поинаку реагирал царот 40 години пред тоа, кога не сакал да им се одмазди на Адониј и на другите што учествувале во заговорот! (1. Цареви 1:50-53). Ваквата промена на ставот била последица од тоа што се оддалечил од Јехова.

ЕДНО ОБЕДИНЕТО ЦАРСТВО Е РАСЦЕПКАНО

(1. Цареви 12:1—22:53)

Јеровоам и народот доаѓаат кај царот Ровоам и го замолуваат да им го олесни товарот што им го наметнал татко му, Соломон. Наместо да им удоволи на ова барање, Ровоам се заканува дека ќе им наметне уште потежок товар. Десетте племиња креваат бунт и си го поставуваат Јеровоам за цар. Царството е поделено. Ровоам владее со северното царство, кое се состои од племињата на Јуда и на Венијамин, а Јеровоам владее со северното десетплеменско царство Израел.

За да ги одврати луѓето да одат во Ерусалим за да го обожаваат Бог, Јеровоам поставува две златни телиња — едното во Дан а другото во Ветил. Некои цареви што владеат во Израел по Јеровоам се Надав, Васа, Ила, Замври, Тамниј, Амриј, Ахав и Охозија. Авија, Аса, Јосафат и Јорам го наследуваат Ровоам во Јуда. Во деновите на овие цареви пророкувале пророците Ахија, Семеј и еден Божји човек чие име не е кажано, како и Јуј, Илија и Михеј.

Одговорени библиски прашања:

18:21 — Зошто луѓето молчеле кога Илија им рекол да му служат или на Јехова или на Ваал? Можеби сфатиле дека направиле пропуст што не го обожавале само Јехова како што барал од нив, и затоа се чувствувале виновни. Или можеби совеста им била толку затапена што не гледале ништо лошо во тоа да го обожаваат Ваал додека истовремено тврделе дека го обожаваат и Јехова. Дури откако Јехова ја покажал својата моќ, тие рекле: „Јехова е вистинскиот Бог! Јехова е вистинскиот Бог!“ (1. Цареви 18:39NW).

20:34 — Откако Јехова му дал на Ахав победа над Сиријците, зошто Ахав го поштедил нивниот цар, Вен-Адад? Наместо да го убие Вен-Адад, Ахав склучил сојуз со него. Според тој сојуз, улиците на Дамаск, главнот град на Сирија, му припаднале на Ахав, по сѐ изгледа за да отвори пазари. Претходно, татко му на Вен-Адад исто така си одредил улици во Самарија што ќе се користат за водење трговија. Значи, Вен-Адад бил ослободен за да може Ахав да си има трговски интереси во Дамаск.

Поуки за нас:

12:13, 14. Кога донесуваме многу битни одлуки во животот, треба да побараме совет од мудри и зрели поединци што добро го познаваат Светото писмо и имаат високо ценење за библиските начела.

13:11–24. Ако некој совет или предлог звучи сомнително, дури и ако доаѓа од некој добронамерен соверник, треба да го одмериме според здравото водство што го добиваме од Божјата реч (1. Јованово 4:1).

14:13. Јехова длабоко нѐ испитува за да го најде доброто во нас. Без оглед на тоа колку незабележително може да биде тоа добро, тој може да направи да се зголеми додека даваме сѐ од себе за да му служиме.

15:10-13. Мораме смело да го отфрлиме отпадот и наместо тоа да го поддржуваме вистинското обожавање.

17:10-16. Вдовицата од Сарепта сфатила дека Илија е пророк и го примила како пророк, и Јехова ја благословил што постапила со таква вера. И денес Јехова забележува кога постапуваме со вера, и ги наградува оние што го поддржуваат делото на Царството на различни начини (Матеј 6:33; 10:41, 42; Евреите 6:10).

19:1-8. Кога наидуваме на силно противење, можеме да бидеме уверени дека Јехова ќе ни помогне (2. Коринќаните 4:7-9).

19:10, 14, 18. Вистинските обожаватели никогаш не се сами. Тие го имаат Јехова и нивното светско братство.

19:11–13. Јехова не е некаков бог на природата или само персонификација на природните сили.

20:11. Кога Вен-Адад се фалел дека ќе ја разори Самарија, царот на Израел одговорил: „Нека не се фали оној кој се препашува [со оружје подготвувајќи се за битка] како оној што се распашува“ откако ќе се врати од битка како победник. Кога пред нас стои некоја нова задача, не смееме да дозволиме да станеме фалбаџии поради преголема самодоверба (Пословици 27:1; Јаков 4:13-16).

Многу вредна за нас

Кога Мојсеј им раскажал на синовите на Израел како Јехова му го дал Законот на планината Синај, им рекол: „Гледајте! Денес ви нудам благослов и проклетство: благослов, ако ги слушате заповедите на Господа, вашиот Бог, што ви ги давам денес; а проклетство, ако не ги слушате заповедите на Господа, својот Бог, туку се отклоните од патот што ви го одредувам денес“ (Второзаконие 11:26-28).

Колку јасно ни е насочено вниманието на вистината што е изнесена во книгата Прва Цареви! Како што видовме, оваа книга содржи и други скапоцени поуки. Нејзината порака навистина е жива и има моќ (Евреите 4:12).

[Слика на страница 29]

Храмот и другите згради што ги изградил Соломон

[Слика на страници 30 и 31]

Откако Јехова ја покажал својата моќ, народот извикнал: „Јехова е вистинскиот Бог!“