Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

Добра вест за луѓето од сите нации

Добра вест за луѓето од сите нации

Добра вест за луѓето од сите нации

„Ќе ми бидете сведоци . . . до најоддалечениот дел од земјата“ (ДЕЛА 1:8).

1. Како учители на Библијата, на што обрнуваме внимание, и зошто?

 ДОБРИТЕ учители обрнуваат внимание не само на она што им го кажуваат на учениците туку и како им го кажуваат тоа. Како учители на библиската вистина, и ние го правиме истото. Ние обрнуваме внимание и на пораката што ја проповедаме и на методите што ги користиме при тоа. Пораката — добрата вест за Божјето Царство — не се менува, но методите ги менуваме. Зошто? За да допреме до колку што е можно повеќе луѓе.

2. Кога ги менуваме методите на кои проповедаме, чиј пример го следиме?

2 Со тоа што ги менуваме методите на проповедање во зависност од подрачјето, го следиме примерот на Божјите слуги од старо време. На пример, да размислиме за апостол Павле. Тој рекол: „На Евреите им станав како Евреин . . . На оние кои се без закон им станав како без закон . . . На слабите им станав слаб, за да ги придобијам слабите. На луѓето од сите видови им станав сѐ, за на секаков можен начин да спасам некои“ (1. Коринќаните 9:19-23). Тоа што Павле го менувал својот пристап во зависност од луѓето на кои им проповедал му донело успех во службата. И ние ќе имаме успех ако обѕирно ги приспособуваме нашите презентации за да одговараат на луѓето со кои разговараме.

До „сите краишта на земјата“

3. а) Со каков предизвик се соочуваме во нашето проповедничко дело? б) Како се исполнуваат денес зборовите од Исаија 45:22?

3 Еден голем предизвик со кој се соочуваат оние што ја проповедаат добрата вест е обемот на подрачјето — „целата населена земја“ (Матеј 24:14). Во текот на минатиот век, многу Јеховини слуги напорно работеле на тоа да допрат до нови земји каде што ќе ја шират добрата вест. Со каков резултат? Извонреден пораст во целиот свет. Во почетокот на 20. век се проповедало само во неколку земји, но сега Јеховините сведоци се активни во 235 земји! Значи, вистина е дека добрата вест за Царството се проповеда до „сите краишта на земјата“ (Исаија 45:22).

4, 5. а) Кој игра значајна улога во ширењето на добрата вест? б) Што рекле некои подружници за објавителите од странство што дошле да служат во нивната земја?

4 На што се должи таквиот напредок? На многу работи. Мисионерите што се обучени на библиската школа Гилеад на Watchtower и, во поново време, повеќе од 20.000 браќа што ја завршија Школата за оспособување на слуги, многу придонеле за тоа. Истото важи и за многуте Сведоци што на свој личен трошок се преселиле во земји каде што има поголема потреба од објавители на Царството. Таквите самопожртвувани христијани — мажи и жени, млади и стари, самци и лица во брак — играат значајна улога во проповедањето на пораката за Царството низ целата Земја (Псалм 110:3; Римјаните 10:18). Нив многу ги цениме. Забележи што напишале некои подружници за објавителите од странство што дошле во нивната земја и служат таму каде што има поголема потреба.

5 „Овие драги Сведоци предводат во делото на проповедање на зафрлени подрачја, помагаат да се основаат нови собранија и им помагаат на локалните браќа и сестри духовно да напредуваат“ (Еквадор). „Кога би си заминале стотиците странци што служат овде, тоа ќе се одрази врз стабилноста на собранијата. Благослов е што ги имаме“ (Доминиканска Република). „Во многу наши собранија има голем број сестри, понекогаш дури и 70 отсто од објавителите (Псалм 68:11NW). Повеќето од нив се нови во вистината, но немажените пионерки што доаѓаат од други земји се од непроценлива помош со тоа што ги обучуваат новите. Сестрите што доаѓаат од странство се вистински подарок за нас!“ (една источноевропска земја). Дали некогаш си размислувал да служиш во некоја друга земја? * (Дела 16:9, 10).

„Десет луѓе од народите на сите јазици“

6. Како стихот од Захарија 8:23 укажува дека големиот број јазици ќе претставуваат предизвик во нашето проповедничко дело?

6 Друг голем предизвик е тоа што на Земјата се зборуваат најразлични јазици. Во Божјата реч е претскажано: „Во тие денови десет луѓе од народите на сите јазици ќе фаќаат за скут еден Евреин, говорејќи: ‚Ќе дојдеме со вас, чувме дека Господ е со вас‘“ (Захарија 8:23). Во денешното исполнување на ова пророштво, десетте луѓе го претставуваат големото мноштво, кое е проречено во Откровение 7:9. Но, забележи дека, според пророштвото на Захарија, ‚десетте луѓе‘ нема да дојдат само од сите народи туку и од „народите од сите јазици“. Дали го гледаме исполнувањето на овој важен детаљ од ова пророштво? Да, го гледаме.

7. Кои статистички податоци покажуваат дека добрата вест доаѓа до луѓето од „сите јазици“?

7 Да разгледаме некои статистички податоци. Пред 50 години, нашата литература се издавала на 90 јазици. Денес, таа бројка се зголеми на преку 400 јазици. „Верниот и разборит роб“ не штедел труд да обезбеди литература дури и на некои јазици што ги зборуваат релативно мал број луѓе (Матеј 24:45). На пример, сега има библиска литература на гренландски (што го зборуваат 47.000 луѓе), палајан (што го зборуваат 15.000 луѓе) и јапезе (што го зборуваат помалку од 7.000 луѓе).

„Голема врата“ кон нови можности

8, 9. Кој развој на настаните ни отворил една „голема врата“, и како реагирале илјадници Сведоци?

8 Меѓутоа, денес не мораме да одиме во некоја странска земја за да им ја пренесеме добрата вест на луѓето од сите јазици. Во последниве години, со пристигнувањето на милиони имигранти и бегалци во економски поразвиените земји се формираа голем број имигрантски населби во кои се зборуваат многу јазици. На пример, во Париз (Франција) се зборуваат околу 100 јазици. Во Торонто (Канада) 125; а во Лондон (Англија) се зборуваат повеќе од 300 странски јазици! Тоа што на подрачјата на многу собранија има луѓе од други земји отвора „голема врата“ со што се создаваат нови можности да им се пренесе добрата вест на луѓе од сите народи (1. Коринќаните 16:9).

9 Илјадници Сведоци го прифаќаат овој предизвик на тој начин што учат друг јазик. За повеќето од нив тоа е тешко; сепак, таа мака е надоместена со радоста што ја чувствуваат кога им помагаат на имигрантите и бегалците да ја чујат вистината што се наоѓа во Божјата реч. Во една од изминативе години, речиси 40 отсто од сите крстени на обласните конгреси во една западноевропска земја потекнувале од некоја друга земја.

10. Како ја користиш брошурката Добра вест за луѓето од сите нации? (Види ја рамката „Карактеристики на брошурката Добра вест за луѓето од сите нации “, на страница 26).

10 Точно, повеќето од нас не се во можност да научат некој друг јазик. Сепак, и ние можеме да им помогнеме на имигрантите ако добро ја користиме новата брошурка Добра вест за луѓето од сите нации (Good News for People of All Nations), * која содржи една привлечна библиска порака на многу различни јазици (Јован 4:37). Дали ја користиш оваа брошурка во службата?

Кога луѓето не се оѕвиваат на добрата вест

11. На кој друг предизвик се наидува на некои подрачја?

11 Додека Сатана сѐ повеќе влијае врз Земјата, сѐ почесто наидуваме на уште еден предизвик — на некои подрачја нема голем одѕив на добрата вест. Се разбира, оваа ситуација не нѐ изненадува, бидејќи Исус претскажал дека ќе биде така. Кога зборувал за денешново време, тој рекол: „Љубовта на повеќето ќе олади“ (Матеј 24:12). Навистина, кај многу луѓе исчезнува верата во Бог и почитта кон Библијата (2. Петрово 3:3, 4). Затоа, во некои делови од светот релативно мал број луѓе стануваат нови ученици на Христос. Меѓутоа, тоа не значи дека е залуден трудот на нашите драги христијански браќа и сестри што верно проповедаат на подрачја каде што нема голем одѕив (Евреите 6:10). Зошто? Размисли за следново.

12. Кои се двете главни цели на нашето проповедничко дело?

12 Евангелието по Матеј истакнува кои се двете главни цели на нашата проповедничка активност. Едната е ‚да правиме ученици од луѓето од сите нации‘ (Матеј 28:19). Другата цел е пораката за Царството да служи како „сведоштво“ (Матеј 24:14). Двете цели се важни, но втората е од посебно значење. Зошто?

13, 14. а) Кое е едно истакнато обележје на знакот на Христовата присутност? б) Што треба да задржиме на ум, особено кога проповедаме на подрачја каде што нема голем одѕив?

13 Библискиот писател Матеј запишал дека апостолите го прашале Исус: „Што ќе биде знакот на твојата присутност и на завршетокот на системот на работи?“ (Матеј 24:3). Исус одговорил дека едно посебно обележје на тој знак ќе биде проповедничкото дело што ќе се извршува во целиот свет. Дали зборувал за правењето ученици? Не. Тој рекол: „Оваа добра вест за царството ќе биде проповедана по целата населена земја за сведоштво на сите нации“ (Матеј 24:14). Со тоа Исус покажал дека делото на проповедање на Царството само по себе ќе претставува едно важно обележје на знакот.

14 Затоа, додека ја проповедаме добрата вест за Царството задржуваме на ум дека, дури и ако не успеваме секогаш да правиме ученици, сепак успеваме да дадеме „сведоштво“. Без оглед на тоа како реагираат луѓето, тие знаат што правиме, и со тоа имаме удел во исполнувањето на Исусовото пророштво (Исаија 52:7; Откровение 14:6, 7). Џорди, млад сведок од Западна Европа, рекол: „Многу се радувам кога ќе помислам дека Јехова ме користи и мене во исполнувањето на Матеј 24:14“ (2. Коринќаните 2:15-17). Без сомнение и ти го мислиш истото.

Кога луѓето се противат на пораката

15. а) На што ги предупредил Исус своите следбеници? б) Што ни помага да проповедаме и покрај противењето?

15 Уште еден предизвик со кој се соочуваме кога ја проповедаме добрата вест за Царството е тоа што луѓето се противат на пораката. Исус ги предупредил своите следбеници: „Ќе им бидете предмет на омраза на сите нации поради моето име“ (Матеј 24:9). Некои луѓе денес ги мразат, им се противат и ги прогонуваат Исусовите следбеници, исто како што им правеле и на раните христијани (Дела 5:17, 18, 40; 2. Тимотеј 3:12; Откровение 12:12, 17). Во некои земји владата во моментов им има наметнато забрана. Сепак, затоа што му се послушни на Бог, вистинските христијани во тие земји продолжуваат да ја проповедаат добрата вест за Царството (Амос 3:8; Дела 5:29; 1. Петрово 2:21). Што им помага ним и на сите други Сведоци во светот да го прават тоа? Јехова ги зајакнува преку својот свет дух (Захарија 4:6; Ефешаните 3:16; 2. Тимотеј 4:17).

16. Како покажал Исус дека постои врска помеѓу делото на проповедање и Божјиот дух?

16 Исус ја нагласил тесната врска што постои помеѓу Божјиот дух и делото на проповедање кога им рекол на своите следбеници: „Ќе примите сила кога светиот дух ќе дојде на вас, и ќе ми бидете сведоци . . . до најоддалечениот дел од земјата“ (Дела 1:8; Откровение 22:17). Значајно е да се забележи редоследот на настаните што се спомнати во овој стих. Прво, учениците го примиле светиот дух, а потоа започнале со делото на сведочење низ целиот свет. Само со помош на Божјиот свет дух имале сила да истраат додека им давале „сведоштво на сите нации“ (Матеј 24:13, 14; Исаија 61:1, 2). Затоа, сосема е на место што Исус го нарекол светиот дух „помошникот“ (Јован 15:26). Рекол дека Божјиот дух ќе ги поучи и ќе ги води неговите ученици (Јован 14:16, 26; 16:13).

17. Како ни помага светиот дух кога сме соочени со жестоко противење?

17 На кои начини Божјиот дух ни помага нам денес кога луѓето жестоко ни се противат што ја проповедаме добрата вест? Божјиот дух нѐ зајакнува и им се спротивставува на оние што нѐ прогонуваат. За да го илустрираме ова, да разгледаме еден настан од животот на цар Саул.

Против нив е Божјиот свет дух

18. а) Каква драматична промена на полошо доживеал Саул? б) Кои методи ги употребил Саул за да го прогонува Давид?

18 Саул бил добар кога станал првиот цар на Израел, но подоцна престанал да го слуша Јехова (1. Самоил 10:1, 24; 11:14, 15; 15:17-23). Затоа, Божјиот дух повеќе не му помагал на царот. Саул го покажал со насилство својот бес кон Давид, кој бил помазан за да биде следен цар и затоа Бог му помагал со својот свет дух (1. Самоил 16:1, 13, 14). Изгледало дека Давид ќе биде лесен плен. Па, тој имал во рацете само една харфа, а Саул држел копје. Така, еден ден додека Давид свирел на харфата, ‚Саул го фрлил копјето велејќи во себе: „Сега ќе го заковам Давида за ѕидот!“ Но Давид му избегал двапати‘ (1. Самоил 18:10, 11). Потоа, Саул го послушал својот син, Јонатан, кој му бил пријател на Давид, и се заколнал: „Живиот ми Господ, Давид нема да умре!“ Но, и тогаш Саул повторно ‚се обидел да го прикове Давида со своето копје за ѕидот‘. Меѓутоа, Давид побегнал, но Саул тргнал да го гони. Во тој критичен период, Божјиот дух му станал противник на Саул. Како? (1. Самоил 19:6, 10).

19. Како светиот дух го заштитил Давид?

19 Давид побегнал кај пророкот Самоил, но Саул ги испратил своите луѓе за да го фатат. Меѓутоа, кога дошле до местото каде што се криел Давид, ‚Божјиот дух ги опфатил Сауловите гласници, та и тие пророкувале‘. Толку ги обзел Божјиот дух што сосема заборавиле зошто отишле таму. Уште двапати Саул испратил свои луѓе за да го доведат Давид, и секој пат се случило истото. На крајот, лично царот Саул отишол кај Давид, но и тој не успеал да му се спротивстави на Божјиот дух. Всушност, светиот дух го парализирал „тој ден и сета ноќ“ — а со тоа Давид имал доволно време за да побегне (1. Самоил 19:20-24).

20. Која поука можеме да ја извлечеме од извештајот за Саул кога го прогонувал Давид?

20 Овој извештај за Саул и Давид содржи една поука што нѐ зајакнува: Оние што ги прогонуваат Божјите слуги не можат да успеат кога против нив е Божјиот дух (Псалм 46:11; 125:2). Јехова имал намера Давид да биде цар на Израел. Никој не можел да го промени тоа. Во денешно време, Јехова рекол дека ‚добрата вест за царството ќе биде проповедана‘. Никој не може да спречи тоа да се случи (Дела 5:40, 42).

21. а) Како постапуваат денес некои противници? б) Во што сме уверени?

21 Некои верски и политички водачи користат лаги, па дури и насилство за да нѐ спречат да го извршуваме делото. Меѓутоа, како што Јехова го штител Давид во духовен поглед, така ќе го заштити и својот народ денес (Малахија 3:6). Според тоа, исто како Давид, и ние со увереност велиме: „Се надевам на Бога и нема да се плашам: што може да ми направи човек?“ (Псалм 56:11; 121:1-8; Римјаните 8:31). Со Јеховина помош, да продолжиме и понатаму да се соочуваме со сите предизвици на кои наидуваме додека го извршуваме налогот што ни го дал Бог — да им ја проповедаме добрата вест за Царството на луѓето од сите нации.

[Фусноти]

^ Види ја рамката ‚Чувство на големо задоволство‘, на страница 22.

^ Издадена од Јеховините сведоци.

Можеш ли да се сетиш?

• Зошто ги менуваме нашите методи на проповедање?

• Кон кои нови можности води една „голема врата“ што е отворена?

• Што се постигнува со нашето проповедничко дело, па дури и на подрачја каде што нема голем одѕив?

• Зошто ниеден противник не може да го запре проповедањето на добрата вест за Царството?

[Прашања]

[Рамка на страница 22]

Чувство на големо задоволство

„Тие се среќни и радосни додека заедно му служат на Јехова.“ Овие зборови важат за едно семејство што се преселило од Шпанија во Боливија. Еден од синовите отишол таму за да ѝ помогне на една изолирана група. Неговата очигледна радост оставила толкав впечаток врз родителите што наскоро таму служело целото семејство — во кое имало и четири сина на возраст од 14 до 25 години. Тројца од нив сега се пионери, а оној што прв отишол во таа земја неодамна беше на Школата за оспособување на слуги.

„Има многу предизвици“, вели 30-годишната Анџелика од Канада, која служи во Источна Европа, „но чувствувам задоволство кога им помагам на луѓето што ги сретнувам во службата. Исто така, трогната сум од многуте изрази на благодарност од локалните Сведоци што честопати ми се заблагодаруваат што сум дошла да им помогнам“.

„Имаше многу обичаи на кои моравме да се навикнеме“, велат две телесни сестри во своите 20-ти години, кои потекнуваат од Соединетите Држави а служат во Доминиканската Република. „Меѓутоа, истрајавме на нашата доделба, и седум лица со кои ја проучувавме Библијата сега доаѓаат на состаноците“. Овие две сестри многу помогнале за да се организира група објавители на Царството во еден град каде што нема собрание.

Лора, сестра во своите доцни 20-ти, служи во странство подолго од четири години. Таа вели: „Намерно живеам едноставно. Тоа им помага на објавителите да видат дека човек може да живее скромно не само затоа што е сиромашен туку затоа што трезвено размислил и така одлучил. Тоа што можам да им помагам на другите, особено на младите, ми причинува голема радост која ми помага да ги совладам вистинските тешкотии што настануваат кога се служи на полето во странство. Не би ја менувала мојата служба овде за нешто друго во животот, и ќе останам овде сѐ додека дозволува Јехова“.

[Рамка/слика на страница 26]

Карактеристики на брошурката Добра вест за луѓето од сите нации

Брошурката Добра вест за луѓето од сите нации содржи порака од една страница која е изнесена на 92 јазика. * Пораката е напишана во прво лице. Така, кога станарот ја чита пораката, таа звучи како ти да му зборуваш.

На внатрешната страница од предната корица има карта на светот. Користи ја оваа карта за да воспоставиш пријателски однос со станарот. Можеби би можел да ја покажеш земјата каде што живееш и да му укажеш дека би сакал да ти покаже од каде е тој. На ваков начин, можеш да го поттикнеш на разговор и да создадеш пријателска и опуштена атмосфера.

Во предговорот од брошурката се наведени неколку чекори што треба да ги преземеме за успешно да им помогнеме на оние што зборуваат јазик што не го разбираме. Те молиме, внимателно прочитај ги и совесно применувај ги овие три чекори.

Во содржината не се наведени само јазиците туку и соодветните ознаки за тие јазици. Оваа карактеристика ќе ти помогне да ги препознаеш ознаките за јазиците што се отпечатени на нашите трактати и во другите публикации на други јазици.

[Фуснота]

^ Оваа брошурка има три различни изданија со 32, 64 и 96 страници.

[Слика]

Ја користиш ли оваа брошурка во службата?

[Слики на страница 23]

Нашите библиски публикации сега ги има на располагање на преку 400 јазици

ГАНА

ЛАПОНИЈА (ШВЕДСКА)

ФИЛИПИНИ

[Слики на страници 24 и 25]

Можеш ли да служиш онаму каде што има поголема потреба од објавители на Царството?

ЕКВАДОР

ДОМИНИКАНСКА РЕПУБЛИКА