‚Донесувај добра вест за нешто подобро‘
‚Донесувај добра вест за нешто подобро‘
„Колку се убави по планините нозете на оној . . . кој донесува добра вест за нешто подобро“ (ИСАИЈА 52:7, NW).
1, 2. а) Кои ужасни работи се случуваат секој ден? б) Како реагираат многу луѓе кога постојано слушаат само лоши вести?
СЕ ЧИНИ дека денес луѓето низ целиот свет се бомбардирани од лоши вести. Кога ќе го вклучат радиото, слушаат застрашувачки извештаи за смртоносни болести што ѝ се закануваат на Земјата. Кога ќе пуштат вести на телевизија, гледаат вознемирувачки слики на прегладнети деца што преколнуваат за помош. Кога ќе отворат весник, читаат за експлозии што срамнуваат со земја згради, убивајќи безброј невини луѓе.
2 Да, секој ден се случуваат ужасни работи. Нема никакво сомнение дека сцената на овој свет се менува — и тоа на полошо (1. Коринќаните 7:31). Едно списание од западна Европа коментирало дека понекогаш се чини дека целиот свет „само што не се вивнал во пламен“. Не е ни чудо што сѐ повеќе луѓе се вознемирени! Еден човек цитиран во една анкета спроведена во врска со вестите што се даваат на телевизија во Соединетите Држави несомнено ги изразил чувствата на милиони луѓе кога рекол: ‚Откако ќе ги изгледам вестите, паѓам во депресија. Сѐ само лоши вести. Просто те утепуваат‘.
Вест што треба да ја чуе секој
3. а) Која добра вест ја објавува Библијата? б) Зошто сметаш дека е важна добрата вест за Царството?
3 Може ли во еден ваков мрачен свет да се чуе и некоја добра вест? Да, може! Утешно е да се знае дека Библијата објавува една добра вест. Тоа е веста дека Божјето Царство ќе им стави крај на болеста, гладот, криминалот, војните и на секое угнетување (Псалм 46:9; 72:12). Зарем тоа не е вест што треба да ја чуе секој? Јеховините сведоци се уверени во тоа. Затоа, насекаде се познати по нивните постојани напори да им ја пренесуваат добрата вест за Божјето Царство на луѓето од сите нации (Матеј 24:14).
4. Кои аспекти од нашата служба ќе ги разгледаме во оваа и во следната статија?
4 Тогаш, што можеме да направиме за да можеме и понатаму радосно да учествуваме во сериозното дело на проповедање на оваа добра вест — дури и на подрачја каде што нема голем одѕив? (Лука 8:15). Во тоа несомнено ќе ни помогне еден краток преглед на три важни аспекти од нашето проповедничко дело. Можеме да ги испитаме: 1) нашите мотиви, или зошто проповедаме; 2) нашата порака, или што проповедаме; и 3) нашите методи, или како проповедаме. Ако нашите мотиви се исправни, ако нашата порака е јасна и ако нашите методи се делотворни, ќе можеме да им дадеме прилика на најразлични луѓе да ја чујат најдобрата вест што може да се чуе денес — добрата вест за Божјето Царство. *
Зошто ја проповедаме добрата вест
5. а) Пред сѐ, што нѐ мотивира да ја извршуваме службата? б) Зошто може да се рече дека со тоа што сме послушни на библиската заповед да проповедаме, покажуваме дека го сакаме Бог?
5 Да го разгледаме првиот аспект — нашите мотиви. Зошто ја проповедаме добрата вест? Од истата причина од која проповедал и Исус. Тој рекол: „Јас го љубам Таткото“ (Јован 14:31; Псалм 40:8). Пред сѐ, мотивирани сме да го правиме тоа од љубов кон Бог (Матеј 22:37, 38). Библијата ни кажува дека љубовта кон Бог е поврзана со нашата служба, бидејќи во неа стои: „Љубовта кон Бог значи ова: да ги држиме неговите заповеди“ (1. Јованово 5:3; Јован 14:21). Дали Божјите заповеди ја вклучуваат и заповедта ‚да одиме и да правиме ученици‘? (Матеј 28:19). Да. Иако овие зборови ги кажал Исус, тие потекнуваат од Јехова. Како тоа? Исус објаснил: „Ништо не правам на своја иницијатива; туку како што ме научи Таткото, така зборувам“ (Јован 8:28; Матеј 17:5). Според тоа, кога ја држиме заповедта да проповедаме, му покажуваме на Јехова дека го сакаме.
6. На кој начин љубовта кон Бог нѐ мотивира да проповедаме?
6 Освен тоа, љубовта кон Јехова нѐ мотивира да проповедаме затоа што сакаме да ги побиеме лагите што ги шири Сатана против Бог (2. Коринќаните 4:4). Сатана го довел во прашање правото на Бог да владее (Битие 3:1-5). Како Јеховини сведоци, од дното на душата сакаме и ние да ги разоткриеме клеветите на Сатана и да го исчистиме од лаги Божјето име пред целото човештво (Исаија 43:10-12). Освен тоа, ја извршуваме службата затоа што сме ги запознале Јеховините особини и начинот на којшто тој размислува и постапува. Го чувствуваме близок и имаме силна желба да им кажуваме на другите за нашиот Бог. Всушност, Јеховината добрина и неговата праведност ни носат толкава радост што не можеме да престанеме да зборуваме за него (Псалм 145:7-12). Имаме силна мотивација да кажуваме фалби за него и да им зборуваме за неговите ‚извонредности‘ на оние што сакаат да слушаат (1. Петрово 2:9; Исаија 43:21).
7. Од која друга важна причина проповедаме освен затоа што го сакаме Бог?
7 Има уште една важна причина зошто продолжуваме да ја извршуваме службата: Искрено сакаме да ги утешиме оние што се притиснати од постојаната лавина од лоши вести и оние што страдаат од оваа или од онаа причина. Во тоа се трудиме да бидеме како Исус. На пример, да го разгледаме настанот што е опишан во Марко 6. поглавје.
8. Што чувствувал Исус за луѓето, како што се гледа од извештајот во Марко, 6. поглавје?
8 Апостолите се враќаат од една проповедничка акција и му раскажуваат на Исус за сѐ што направиле и за што ги учеле луѓето. Исус забележува дека апостолите се уморни, им вели да појдат со него за да се ‚одморат малку‘. Така, тие влегуваат во еден чамец и одат на некое мирно место. Луѓето ги следат, трчајќи покрај брегот, и наскоро ги стигнуваат. Што прави сега Исус? „Виде големо мноштво“, ни кажува извештајот, „но се сожали над нив, зашто беа како овци без пастир. И почна да ги учи за многу работи“ (Марко 6:31-34). И покрај тоа што е уморен, Исус продолжува да им зборува на луѓето за добрата вест затоа што се сожалил над нив. Очигледно, срцето му се кине од жал за овие луѓе. Сочувствува со нив.
9. Што учиме од извештајот од Марко, 6. поглавје, во врска со исправните мотиви од кои проповедаме?
9 Што учиме од овој извештај? Како христијани, ние чувствуваме обврска да ја проповедаме добрата вест и да правиме ученици. Сфаќаме дека сме должни да ја објавуваме добрата вест, зашто Божја волја е „сите видови луѓе да се спасат“ (1. Тимотеј 2:4). Меѓутоа, не ја извршуваме нашата служба само од чувство на должност туку и затоа што сочувствуваме со луѓето. Кога искрено сочувствуваме со луѓето, како што сочувствувал и Исус, срцето ќе нѐ поттикне да правиме сѐ што можеме за да продолжиме да им ја проповедаме добрата вест (Матеј 22:39). Ако ја извршуваме службата од исправни мотиви, ќе можеме да ја проповедаме добрата вест без престан.
Нашата порака — добрата вест за Божјето Царство
10, 11. а) Како ја опишува Исаија пораката што ја проповедаме? б) Како донел Исус добра вест за нешто подобро, и како го следеле Исусовиот пример Божјите слуги во современа доба?
10 Сега, да го разгледаме вториот аспект од нашата служба — нашата порака. Што проповедаме? Пророкот Исаија го дал овој убав опис на пораката што ја објавуваме: „Колку се убави по планините нозете на оној кој донесува добра вест, кој објавува мир, кој донесува добра вест за нешто подобро, кој објавува спасение, кој му вели на Сион: ‚Твојот Бог почна да царува!‘“ (Исаија 52:7, NW).
11 Клучниот израз во овој стих, „твојот Бог почна да царува“, нѐ потсетува на пораката што треба да ја објавуваме, имено, добрата вест за Божјето Царство (Марко 13:10). Исто така, забележи дека овој стих ја открива позитивната содржина на нашата порака. Исаија користи изрази како што се „спасение“, „добра вест“, „мир“ и „нешто подобро“. Многу векови откако живеел Исаија, во првиот век од н.е., Исус Христос го исполнил ова пророштво на еден извонреден начин, оставајќи ни пример на ревносно објавување на една вест за нешто подобро — претстојното Царство на Бог (Лука 4:43). Во современа доба, особено од 1919 година наваму, Јеховините сведоци го следат примерот на Исус со тоа што ревносно ја објавуваат добрата вест за Божјето воспоставено Царство и за благословите што тоа ќе ги донесе.
12. Како влијае добрата вест за Царството врз оние што ја прифаќаат?
12 Како влијае оваа добра вест за Царството врз оние што ја прифаќаат? Денес, како и во времето на Исус, добрата вест дава надеж и утеха (Римјаните 12:12; 15:4). Таа им дава надеж на оние што се со искрени срца затоа што дознаваат дека имаат цврсти причини да веруваат дека им претстои подобра иднина (Матеј 6:9, 10; 2. Петрово 3:13). Ваквата надеж многу им помага на богобојазливите луѓе да задржат позитивен став. Псалмистот вели дека тие ‚не ќе се плашат од лоши вести‘ (Псалм 112:1, 7).
Порака што ќе ги ‚превие раните на оние што се со скршени срца‘
13. Како ги опишува пророкот Исаија благословите што веќе денес ги добиваат оние што ја прифаќаат добрата вест?
13 Освен тоа, добрата вест што ја проповедаме веќе денес им носи утеха и благослови на оние што ја слушаат. Како? Некои од тие благослови опишал пророкот Исаија кога претскажал: „Духот на Господа Бога е на Мене, зашто Господ Ме помаза, Ме испрати да им донесам Радосна [добра, NW] Вест на бедните, да ги излечам скршените срца [да ги превијам раните на оние што се со скршени срца, NW]; да им проповедам слобода на заробениците и ослободување на оние во темница; да ја навестам годината на Господовата милост и денот на одмаздата на нашиот Бог; да ги развеселам натажените“ (Исаија 61:1-3; Лука 4:16-21).
14. а) Што покажува за пораката за Царството изразот ‚ги превива раните на оние што се со скршени срца‘? б) Како покажуваме дека се грижиме за оние што се со скршени срца, исто како што се грижи Јехова?
14 Според ова пророштво, проповедајќи ја добрата вест, Исус ќе ги ‚превиел раните на оние што се со скршени срца‘. Колку сликовит опис дава Исаија! Според еден библиски речник, хебрејскиот збор што е преведен со глаголот „превие“ „честопати се користи за да се опише ‚превивање‘ со завој, то ест за лекување и негување на повредениот“. Една грижлива медицинска сестра може да го преврзе со завој повреденото место, или да му стави облога што ќе служи како потпора. Слично на тоа, и пораката за Царството што ја проповедаат грижливите објавители им ја дава потребната сила и потпора на сите што реагираат на пораката и страдаат поради нешто. А со тоа што им даваат потпора на оние што се во неволја, тие покажуваат грижа како онаа што ја покажува Јехова (Езекиел 34:15, 16). Во врска со Бог, псалмистот вели: „Тој ги исцелува оние што се со скршено срце и ги преврзува нивните рани“ (Псалм 147:3).
Како влијае пораката за Царството
15, 16. Кои искуства покажуваат дека пораката за Царството им дава сила и потпора на оние што се во неволја?
15 Многу искуства покажуваат на кој начин пораката за Царството ги зајакнува и им дава потпора на оние што се со скршени срца. Размисли за Ореана, една постара жена од Јужна Америка што ја изгубила желбата за живот. Една жена Јеховин сведок почнала да ја посетува Ореана и да ѝ чита од Библијата и од книгата Моја книга со библиски приказни. * Во почетокот, депримираната жена слушала додека ѝ се читало, но лежела в постела со затворени очи, длабоко воздивнувајќи одвреме навреме. Но, по кратко време, почнала да се обидува да седи на креветот додека жената ѝ читала. По некое време седела на стол во дневата соба, чекајќи да дојде жената што ја поучувала за Библијата. Потоа почнала да оди на христијанските состаноци во Салата на Царството. Охрабрена од она што го учела на тие состаноци, почнала да му нуди библиска литература на секој што минувал покрај нејзината куќа. И на крајот, на возраст од 93 години, Ореана се крстила како Јеховин сведок. Пораката за Царството ѝ ја вратила желбата за живот (Пословици 15:30; 16:24).
16 Пораката за Царството им ја дава неопходната сила и потпора дури и на оние што знаат дека нивниот живот ќе заврши поради некоја болест. Пример за тоа е Марија, од Западна Европа. Таа имала неизлечлива болест и изгубила секаква надеж. Кога ги сретнала Јеховините сведоци била во длабока депресија. Меѓутоа, кога дознала каква намера има Бог, нејзиниот живот повторно добил смисла. Се крстила и била многу активна во делото на проповедање. Во текот на последните две години од нејзиниот живот, од очите ѝ зрачеле надеж и радост. Марија умрела со цврста надеж дека ќе воскресне (Римјаните 8:38, 39).
17. а) Како влијае пораката за Царството врз животот на оние што ја прифаќаат? б) На кои начини ти лично си искусил дека Јехова „ги исправа наведнатите“?
17 Ваквите извештаи потврдуваат колку може да влијае пораката за Царството во животот на оние што копнеат по библиските вистини. Оние што жалат поради смртта на некој сакан добиваат нови сили кога ќе чујат за надежта во воскресение (1. Солуњаните 4:13). На луѓето што живеат во сиромаштија и едвај успеваат да го прехранат своето семејство им се враќаат достоинството и храброста кога ќе дознаат дека Јехова нема никогаш да ги остави ако му се лојални (Псалм 37:28). Со Јеховина помош, многу од оние што се во длабока депресија полека ја стекнуваат силата што им е потребна за да издржат, а во некои случаи можат дури и да ја победат таа болест (Псалм 40:1, 2). Навистина, благодарение на силата што ја добиваме преку неговата Реч, Јехова токму сега „ги исправа наведнатите“ (Псалм 145:14). Кога гледаме дека добрата вест за Царството им носи утеха на луѓето со скршени срца што живеат на нашето подрачје, како и на оние што се во христијанското собрание, секогаш одново сме потсетени дека ние ја имаме најдобрата вест што постои денес! (Псалм 51:17).
„Моето преколнување до Бог за нив“
18. Како влијаело врз Павле тоа што Евреите не ја прифатиле добрата вест, и зошто?
18 Иако нашата порака ја содржи најдобрата вест, мнозина не ја прифаќаат. Како би можело тоа да влијае врз нас? Исто како што влијаело врз апостол Павле. Тој често им проповедал на Евреите, но повеќето од нив не ја прифатиле пораката за спасение. Тоа многу го погодило Павле. Тој отворено рекол: „Имам голема жалост и непрестајна болка во моето срце“ (Римјаните 9:2). Павле имал сочувство кон Евреите на кои им проповедал. Бил тажен што не ја прифатиле добрата вест.
19. а) Зошто е сосема разбирливо дека понекогаш ќе се обесхрабриме? б) Што му помогнало на Павле да продолжи со своето проповедничко дело?
19 И ние ја проповедаме добрата вест од сочувство. Затоа, сосема е разбирливо што можеби ќе се обесхрабриме кога многу луѓе нема да ја прифатат пораката за Царството. Таквата реакција покажува дека сме искрено заинтересирани за духовното добро на оние на кои им проповедаме. Меѓутоа, треба да мислиме на примерот на апостол Павле. Што му помогнало да продолжи со своето проповедничко дело? Иако тоа што Евреите не сакале да ја прифатат добрата вест му причинило болка и го разжалостило, Павле не се откажал од сите Евреи, мислејќи дека повеќе им нема помош. Се надевал дека сепак имало некои што ќе го прифатат Христос. Затоа, во врска со своите чувства кон поединечни Евреи, Павле напишал: „Добрата волја на моето срце и моето преколнување до Бог за нив навистина се за нивно спасение“ (Римјаните 10:1).
20, 21. а) Како можеме да го следиме примерот на Павле во нашата служба? б) За кој аспект од нашата служба ќе дискутираме во следната статија?
20 Забележи кои две работи ги нагласил Павле. Од сѐ срце сакал барем некои да се спасат, и го молел Бог за тоа. Денес, ние го следиме примерот на Павле. И ние од сѐ срце сакаме да ги најдеме сите што можеби сѐ уште се исправно наклонети кон добрата вест. И понатаму го молиме Јехова да ги најдеме таквите лица за да им помогнеме да одат по патот што води до спасение (Пословици 11:30; Езекиел 33:11; Јован 6:44).
21 Меѓутоа, за да достигнеме колку што е можно повеќе лица со пораката за Царството, треба да внимаваме не само зошто и што проповедаме туку и како проповедаме. На оваа тема ќе дискутираме во следната статија.
[Фусноти]
^ Во оваа статија ќе ги разгледаме првите два аспекта. Во следната статија ќе го разгледаме третиот аспект.
^ Издадена од Јеховините сведоци.
Што научи?
• Од кои причини ја извршуваме службата?
• Која е главната порака што ја проповедаме?
• Кои благослови ги доживуваат оние што ја прифаќаат пораката за Царството?
• Што ќе ни помогне да продолжиме со нашата служба?
[Прашања]
[Слики на страница 18]
Пораката за Царството им дава сила на оние што се со скршени срца
[Слики на страница 20]
Молитвата ни помага да истраеме во нашата служба