Прашања од читателите
Прашања од читателите
Во Второзаконие 14:21 пишува: „Не смеете да јадете ништо што ќе пцовиса“. Дали тоа е во спротивност со Левит 11:40, каде што пишува: „Секој што ќе јаде од неговата пцовисаница нека ја испере својата облека и нека биде нечист до вечерта“?
Овие два стиха не се во спротивност. Првиот стих ја повторува забраната да се јаде животно што е најдено мртво, кое можеби било убиено од дива ѕверка (Излез 22:31; Левит 22:8). Вториот, пак, објаснува што можел да направи некој Израелец ако можеби случајно ја прекрши оваа забрана.
Тоа што нешто било забрането со Законот не значело дека забраната никогаш нема да биде прекршена. На пример, постоеле закони против крадење, убиство, лажно сведочење итн. Во исто време, имало и казни доколку некој ги прекршел тие закони од Бог. Тие казни им давале сила на законите и покажувале колку биле сериозни.
Оној што ќе ја прекршел забраната да го јаде месото од животно што било најдено мртво, бил нечист во очите на Јехова и морал да помине низ точно пропишана процедура на чистење. Ако не се исчистел правилно, тогаш ќе морал да „го понесе на себе своето беззаконие“ (Левит 17:15, 16).