Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

Среќна што имав удел во светското дело на библиска поука

Среќна што имав удел во светското дело на библиска поука

Животна приказна

Среќна што имав удел во светското дело на библиска поука

РАСКАЖАЛА АНА МАТЕАКИС

Фериботот беше во оган. Да потонеше, бродот долг 171 метар ќе ме повлечеше во водата и ќе се удавев. Избезумено пливав за да се спасам, борејќи се со силните бранови. Единствен начин да останам на површината беше цврсто да се држам за гумениот елек за спасување што го носеше една жена. Го молев Бог да ми даде сила и храброст. Само тоа ми преостануваше.

БЕШЕ 1971 година и се враќав во Италија, мојата трета мисионерска доделба. При тој бродолом изгубив речиси сѐ што имав. Но, не го изгубив најважното нешто — мојот живот, грижливото христијанско братство, како и приликата да му служам на Јехова. Таа служба веќе ме имаше одведено на три континента, а бродоломот беше само една случка од многуте што ги доживеав во мојот исполнет живот.

Родена сум во 1922 година. Моето семејство живееше во Рамла, околу 16 километри северно од Ерусалим. И татко ми и мајка ми потекнуваа од Крит, но татко ми беше пораснат во Назарет. Јас бев најмалото дете, а имав уште двајца браќа и две сестри. Семејството многу го погоди смртта на вториот син, кој се удави во Јордан кога беше на една училишна екскурзија. По таа трагедија, мајка ми повеќе не сакаше да останеме во Рамла, и кога имав три години се преселивме во Атина (Грција).

Библиската вистина и моето семејство

Кратко откако пристигнавме во Грција, мојот најстар брат, Никос, кој тогаш имаше 22 години, дојде во контакт со Истражувачите на Библијата, како што во тоа време беа познати Јеховините сведоци. Библиското спознание што го стекна предизвика кај него голема радост и горлива желба да ја извршува христијанската служба. Татко ми се разбесни поради тоа и го истера Никос од дома. Меѓутоа, кога татко ми ќе појдеше во Палестина, мајка ми, сестра ми и јас одевме со Никос на христијанските состаноци. Сѐ уште живо се сеќавам како мајка ми воодушевено зборуваше за она што ќе го чуеше на тие состаноци. Но, по кратко време се разболе од рак и умре на 42 години. Во тој тежок период, сестра ми Ариадни со многу љубов се грижеше за семејството. Иако беше многу млада, со години ми беше како мајка.

Кога беше во Атина, татко ми секогаш ме носеше во православната црква, па и откако умре јас продолжив да одам в црква, но не толку често. Бидејќи не видов дека некој во црквата живее побожно, со текот на времето престанав да одам таму.

По смртта на татко ми, успеав да најдам сигурна работа во министерството за финансии. Но, брат ми се посвети на делото на проповедање на Царството и многу години служеше во Грција. Во 1934 година се пресели на Кипар. Во тоа време, на тој остров немаше крстени Јеховини сведоци, па затоа имаше предност да го рашири делото на проповедање таму. Откако се ожени, жена му, Галатиа, исто така служеше многу години како полновремен проповедник. * Никос редовно ни праќаше библиски книги и списанија, но ние едвај ги прелистувавме. Тој остана на Кипар сѐ до својата смрт.

Вистината станува мој живот

Во 1940 година, Јоргос Дурас, ревносен Сведок од Атина и пријател на Никос, дојде кај нас и нѐ повика да ѝ се придружиме на една мала група луѓе што ја проучуваа Библијата кај него. Со задоволство се согласивме. Наскоро почнавме да им кажуваме на другите што учиме. Спознанието што го стекнавме од Библијата нѐ мотивираше мене и сестра ми да му го предадеме својот живот на Јехова. Ариадни се крсти во 1942, а јас во 1943 година.

Кога заврши Втората светска војна, Никос нѐ викна да појдеме на Кипар, па затоа во 1945 година се преселивме во Никозија. За разлика од Грција, проповедничкото дело на Кипар не беше забрането. Одевме не само во служба од куќа до куќа туку и сведочевме на улица.

По две години, Ариадни мораше да се врати во Грција. Таму се запозна со својот иден сопруг, кој исто така му служеше на Јехова, па така остана во Атина. Наскоро потоа, зет ми и сестра ми ме охрабрија да се вратам во Грција и да започнам со полновремена служба во главниот град. Бидејќи од секогаш имав цел да бидам пионер, се вратив во Атина, каде што имаше поголема потреба.

Се отвораат нови врати за проповедање

На 1 ноември 1947 година станав пионер, и секој месец проповедав по 150 часа. Нашето собрание имаше огромно подрачје и морав многу да пешачам. Сепак, имав и многу благослови. Полицијата честопати ги апсеше Сведоците што ќе ги фатеше како проповедаат или присуствуваат на христијанските состаноци, па затоа не помина долго време пред да ме уапсат и мене.

Бев обвинета за прозелитизам, што во тоа време претставуваше сериозен престап. Добив затворска казна од два месеца во женскиот затвор Авероф, во Атина. Таму веќе имаше една наша сестра, и ние двете се радувавме што можевме да се дружиме и да се храбриме иако бевме затворени. Откако ја одлежав казната, радосно продолжив со пионерската служба. Мнозина од оние со кои тогаш ја проучував Библијата сѐ уште верно му служат на Јехова, и многу сум среќна поради тоа.

Во 1949 година добив покана да присуствувам на 16-тиот клас на библиската школа Гилеад на Watchtower во Соединетите Држави, каде што полновремените слуги се обучуваат за мисионерско дело. Моите роднини и јас бевме многу радосни. Планирав да присуствувам на еден меѓународен конгрес во Њујорк Сити летото 1950 година, а потоа да започнам со школата.

Откако пристигнав во Соединетите Држави, имав прилика неколку месеци да служам како собарка во светското седиште на Јеховините сведоци во Њујорк Сити. Таму сѐ беше чисто, убаво и ме изградуваше, а секаде околу мене сретнував радосни браќа и сестри. Секогаш со радост ќе се сеќавам на шесте месеци што ги поминав таму. Потоа дојде време да започне школата Гилеад, каде што брзо летнаа петте месеци интензивно проучување и поука. Сфативме колку е скапоцено и прекрасно спознанието од Светото писмо, а тоа ни ја зголеми радоста и желбата да им го пренесеме на другите животоважното спознание за вистината.

Мојата прва мисионерска доделба

На школата Гилеад ни беше дозволено уште пред да ги добиеме мисионерските доделби сами да си избереме кој ќе ни биде партнер во службата. Мене партнерка ми беше Рут Хеминг (сега Босхард), една прекрасна сестра. Рут и јас многу се радувавме кога добивме доделба во Истанбул (Турција) — кој беше како раскрсница помеѓу Азија и Европа! Знаевме дека во таа земја сѐ уште не беше признато проповедничкото дело, но воопшто не се сомневавме дека Јехова ќе ни помогне.

Истанбул е прекрасен космополитски град. Таму најдовме преполни пазари, најдобри традиционални кујни во светот, интересни музеи, симпатични населби и крајбрежје што секогаш ти го одзема здивот со својата убавина. Што е уште поважно, најдовме искрени луѓе што сакаа да учат за Бог. Малата група Сведоци во Истанбул се состоеше главно од Ерменци, Грци и Евреи. Меѓутоа, имаше и луѓе од други националности, и затоа беше корисно да се знаат повеќе јазици, вклучувајќи го и турскиот. Уживавме да запознаваме луѓе од различни националности што беа жедни за вистината. Многу од нив и ден-денес верно му служат на Јехова.

За жал, на Рут не ѝ ја продолжија дозволата за престој и затоа мораше да ја напушти земјата. Таа и понатаму е во полновремена служба во Швајцарија. По сиве овие години, сѐ уште ми недостига нејзиното пријатно, изградувачко друштво.

Во сосема друг дел од светот

Во 1963 година не успеав да ја продолжам мојата дозвола за престој во Турција. Ми беше тешко да ги оставам сохристијаните што гледав како напредуваат духовно додека се борат со многу проблеми и тешкотии. За да ме охрабрат, моите роднини великодушно ми го платија патот за Њујорк Сити за да присуствувам на еден конгрес што се одржа таму. Сѐ уште не знаев каде ќе биде мојата следна доделба.

По конгресот, бев доделена во Лима (Перу). Заедно со една млада сестра што требаше да ми биде партнерка, од Њујорк веднаш заминав на мојата доделба. Научив шпански и живеев во мисионерскиот дом што се наоѓаше веднаш над подружницата на Јеховините сведоци. Со задоволство проповедав таму и се запознав со локалните браќа и сестри.

Уште една доделба, уште еден јазик

Со текот на времето, моите роднини во Грција почна да ги мачи староста и сѐ полошото здравје. Но, никогаш не ме тераа да прекинам со полновремената служба за да се вратам на еден таканаречен нормален живот за да им помагам. Сепак, откако многу размислував и се молев, сфатив дека ќе биде подобро да служам некаде каде што ќе бидам поблиску до семејството. Одговорните браќа покажаа разбирање и се согласија со мене, па добив доделба во Италија, а моите роднини се понудија да ги покријат трошоците за преселбата. И во Италија имаше голема потреба од проповедници.

Повторно морав да научам нов јазик — италијански. Мојата прва доделба беше градот Фоѓа. Подоцна бев префрлена во Неапол, каде што имаше поголема потреба. Подрачје за проповедање ми беше Позилипо, еден од најубавите делови на Неапол. Подрачјето беше многу големо, а на него имаше само еден објавител на Царството. Многу уживав во службата и Јехова ми помогна да почнам да проучувам со многу луѓе. Со текот на времето, на тоа подрачје се оформи едно големо собрание.

Едни од првите мештани со кои ја проучував Библијата беа една мајка и нејзините четири деца. Таа и нејзините две ќерки сѐ уште се Јеховини сведоци. Проучував и со една брачна двојка што имаше мала ќерка. Целото семејство напредуваше во вистината и сите го симболизираа своето предание со крштавање во вода. Сега ќерката е мажена за верен слуга на Јехова, и заедно ревносно му служат на Бог. Додека ја проучував Библијата со едно големо семејство, бев воодушевена кога видов колкава моќ има Божјата реч. Кога прочитавме неколку стихови што покажуваат дека Бог не одобрува да го обожаваме со икони, мајката не чекаше ни да завршиме со проучувањето. Веднаш ги фрли сите икони што ги имаше дома!

Во опасности на море

Додека патував од Италија за Грција и обратно, секогаш одев со брод. Обично патувањето беше пријатно. Но, сѐ беше поинаку кога патував летото 1971 година. Се враќав во Италија на фериботот Елеана. Рано утрото на 28 август, во бродската кујна изби пожар. Огнот се рашири и се крена паника меѓу патниците. Жените се онесвестуваа, децата плачеа, а мажите приговараа и се закануваа. Луѓето трчаа накај чамците за спасување што беа наредени на обете страни на палубата. Но, немаше доволно елеци за спасување, а механизмот за спуштање на чамците не работеше како што треба. Јас немав елек за спасување, но пламењата се ширеа нагоре и затоа единствен излез ми беше да скокнам во морето.

Кога скокнав во водата, крај мене видов една жена со елек за спасување. Изгледаше дека не знае да плива, па затоа ја фатив за рака за да ја извлечам од бродот што тонеше. Морето сѐ повеќе се брануваше, и многу се уморив додека се напрегав да останам на површината. Сѐ изгледаше безнадежно, но не престанав горливо да го молам Јехова да ми даде храброст, и така добивав сила. Не можев а да не помислам на бродоломот што го доживеал апостол Павле (Дела, 27. поглавје).

Држејќи се за мојата придружничка четири часа се борев со брановите, пливајќи кога имав сили и молејќи го Јехова за помош. На крајот здогледав еден чамец. Јас се спасив, но жената што беше со мене веќе беше мртва. Кога пристигнавме во Бари (Италија), ме однесоа во болница и ми укажаа прва помош. Морав да останам таму неколку дена, а многу Сведоци ме посетуваа и љубезно се грижеа за сѐ што ми требаше. Христијанската љубов што ја покажаа им остави длабок впечаток на вработените во болницата. *

Откако целосно закрепнав, бев доделена во Рим. Ми дадоа задача да проповедам во деловното подрачје во центарот на градот, и тоа го правев цели пет години, со Јеховина помош. Вкупно 20 години уживав во службата во Италија и ги засакав луѓето во таа земја.

Назад каде што почнав

Со текот на времето, здравјето на Ариадни и нејзиниот сопруг се влоши. Сфатив дека, ако живеам поблиску до нив, ќе можам донекаде да им се оддолжам за сета љубов што ми ја дадоа и за сѐ што направија за мене. Морам да признаам дека ми беше многу тешко да заминам од Италија. Меѓутоа, одговорните браќа ми дозволија и, од летото 1985 година, служам како пионер во Атина, каде што започнав со полновремената служба во 1947 година.

Проповедав на подрачјето што му беше доделено на моето собрание, и ги прашав браќата во подружницата дали ќе ми дозволат да проповедам и во деловното подрачје во центарот на градот. Тоа го правев три години заедно со една пионерка. Успеавме да им дадеме темелно сведоштво на луѓето што ретко можеа да се најдат дома.

Како што минува времето, мојата желба да служам постојано се обновува, но не и мојата физичка сила. Мојот зет почина. Ариадни, која ми беше како мајка, го изгуби видот. Мене ме служеше добро здравје додека служев полновремено. Но, неодамна паднав по едни мермерни скали и си ја скршив десната рака. Потоа паднав и си ја скршив карлицата. Морав да одам на операција и долго време лежев в кревет. Сега не можам слободно да се движам. Користам бастун и можам да излегувам само ако има некој со мене. Сепак, давам сѐ од себе и се надевам дека ќе оздравам. Сѐ уште најмногу се радувам и чувствувам најголема исполнетост кога учествувам во поучувањето за Библијата, иако во ограничена мерка.

Кога ќе се сетам на радосните години што ги поминав во полновремената служба, срцето ми се исполнува со благодарност кон Јехова. Тој и земниот дел од неговата организација постојано ми даваа исправно водство и скапоцена помош, овозможувајќи ми да сторам сѐ што можев додека му служев целиот свој живот. Искрена желба ми е Јехова да ме зајакне да продолжам да му служам. Радосна сум што имав скромен удел во светското дело на библиска поука што го води тој (Малахија 3:10).

[Фусноти]

^ Види страници 73-89 во англиското издание на Годишник на Јеховините сведоци за 1995, издаден од Јеховините сведоци.

^ За повеќе детали види го англиското издание на Разбудете се! од 8 февруари 1972, страници 12-16.

[Слика на страница 9]

Со сестра ми, Ариадни, и нејзиниот сопруг, Михалис, кога заминував за Гилеад

[Слика на страница 10]

Рут Хеминг и јас бевме доделени во Истанбул (Турција)

[Слика на страница 11]

Во Италија, во почетокот на 1970-тите

[Слика на страница 12]

Денес со сестра ми, Ариадни