Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

Тие се ставаат на располагање

Тие се ставаат на располагање

Тие се ставаат на располагање

„ТВОЈОТ народ спремно ќе се понуди“ (Псалм 110:3NW). Овие зборови имаат посебно значење за 46-те студенти на 118-тиот клас на библиската школа Гилеад на Watchtower. Како се подготвија за да присуствуваат на оваа школа, која оспособува мисионери кои во иднина ќе служат за духовните потреби на луѓето во странски земји? Мајк и Стејси, кои беа дел од 118-тиот клас, објаснија: „Нашата одлука да живееме едноставно ни помогна да ги сведеме на минимум работите што ни го одвлекуваат вниманието и на прво место да ни бидат духовните работи. Бевме решени да не дозволиме нашиот успех во светот на бизнисот да ги истисне духовните цели“. Исто како Мајк и Стејси, и другите студенти од овој клас спремно се ставиле на располагање и сега служат како објавители на Царството на четири различни континенти.

В сабота, на 12 март 2005, јасно можеше да се види радоста на 6.843-те лица што ја следеа програмата што беше изнесена по повод дипломирањето. Претседавач беше Теодор Џерес, член на Водечкото тело на Јеховините сведоци. Откако им изрази срдечно добредојде на гостите што дојдоа од 28 земји, тој обрна внимание на тоа колку вреди библиското образование. Цитирајќи го Вилијам Лион Фелпс, американски педагог, говорникот изјави: „За секој што добро ја познава Библијата може вистински да се рече дека е образован“. Колку и да е корисно световното образование, библиското образование е далеку подобро. Тоа ни помага да го запознаеме Бог, а така можеме да добиеме вечен живот (Јован 17:3). Брат Џерес ги пофали дипломците за нивната спремност уште повеќе да учествуваат во глобалната програма на библиско образование што се извршува во преку 98.000 собранија на Јеховините сведоци низ целиот свет.

Охрабрување за дипломците што дојде токму навреме

По уводните зборови на претседавачот, Вилијам Семјуелсон зборуваше на темата „Како да бидеш како плодна маслина во Божјиот дом“, на темел на стихот од Псалм 52:8. Тој истакна дека маслиновото дрво во Библијата се користи метафорично како симбол за плодност, убавина и достоинство (Еремија 11:16). Споредувајќи ги студентите со маслинови дрвја, говорникот рече: „Јехова ќе ве смета за убави и достоинствени додека верно го извршувате делото на објавување на Царството на вашите мисионерски доделби“. Исто како што едно маслиново дрво треба да има широки корења за да преживее кога ќе настапи суша, студентите треба да ги зајакнат своите духовни корења за да ги издржат рамнодушноста, противењето или другите тешкотии на кои можеби ќе наидат додека служат во друга земја (Матеј 13:21; Колошаните 2:6, 7).

Џон Е. Бар, еден од тројцата членови на Водечкото тело што учествуваа во програмата, зборуваше на темата „Вие сте солта на земјата“ (Матеј 5:13). Тој истакна дека, исто како што дословната сол спречува храната да се расипе, така и мисионерите што проповедаат за Божјето Царство ќе имаат животоспасувачко влијание врз оние што слушаат, штитејќи ги да не се расипат морално и духовно. Потоа, со татковски тон, брат Бар ги поттикна дипломците ‚да задржат мир‘ со другите (Марко 9:50). „Работете на плодовите на духот, и погрижете се секогаш да зборувате и да се однесувате љубезно и обѕирно“, опомена говорникот.

„Остани на бродот кога пловиш по длабоки води“ беше темата на која зборуваше Валас Ливеранс, еден од инструкторите на Гилеад. Исто како еден брод што плови по длабоки води и може да се движи во исправна насока, така и разбирањето на „длабоките работи Божји“ — вистините во врска со Божјата намера и како ќе се исполни таа — може да помогне некому духовно да напредува (1. Коринќаните 2:10). Ако останеме само во плитките духовни води со тоа што ќе бидеме задоволни со „елементарните работи на светите Божји објави“, ќе биде спречен нашиот напредок и може дури и да дојде до ‚бродолом во поглед на нашата вера‘ (Евреите 5:12, 13; 1. Тимотеј 1:19). „,Длабочината на Божјето богатство и мудрост и спознание‘ нека ви помага на вашите мисионерски доделби“, заклучи брат Ливеранс (Римјаните 11:33).

Марк Нојмар, друг инструктор на Гилеад, зборуваше на темата „Ќе ја продолжиш ли традицијата?“ Во изминативе 60 години, библиската школа Гилеад на Watchtower стекна углед и одлична репутација поради ‚купот добро сведоштво‘ што го даваат дипломците на оваа школа (Битие 31:48). Оваа традиција од Гилеад им беше пренесена и на студентите на 118 клас. Брат Нојмар ги охрабри студентите да бидат како древните Текојци од времето на Неемија и понизно да соработуваат со локалното собрание и со другите мисионери. Беа опоменати да не го попримат ставот на гордите ‚племенски поглавари‘ за кои зборувал Неемија и наместо тоа да бидат спремни да го извршуваат делото тивко, без да бидат во центарот на вниманието (Неемија 3:5).

Поучни искуства и интервјуа

Следниот дел од програмата носеше наслов „Божјата реч и понатаму растеше“ (Дела 6:7). Под водство на инструкторот Лоренс Боуен, студентите прикажаа во живо некои искуства што ги имале во службата на теренот додека траела школата. Искуствата покажаа дека студентите ја објавувале Божјата реч со ревност и дека Јехова богато ги благословил нивните напори.

Ричард Еш интервјуираше членови на бетелската фамилија што тесно соработуваат со школата. Од нивните коментари се виде колку соработува бетелската фамилија за да им се помогне на студентите на Гилеад да извлечат што е можно поголема корист од нивното школување. Потоа, Џефри Џексон разговараше со неколку поранешни дипломци на Гилеад. Тие кажаа колку убави прилики дава мисионерскиот живот за да се фали и да му се оддава чест на Јехова. Еден од нив рече: „Луѓето забележуваат сѐ што правиш како мисионер. Слушаат, гледаат и памтат“. Затоа, студентите беа охрабрени да имаат на ум дека секогаш треба да бидат добар пример. Овој добар совет несомнено ќе им биде од непроценлива вредност во иднина.

Стивен Лет, член на Водечкото тело, го одржа последниот говор, со наслов „И понатаму носете ‚жива вода‘“ (Јован 7:38). Тој рече дека, во изминатите пет месеци, студентите извлекоа неизмерна корист пиејќи обилно од Божјата реч на вистината. Но, што ќе прават новите мисионери со информациите што ги добија? Брат Лет ги поттикна дипломците несебично да им ги носат и на другите овие духовни води за да имаат и тие во себе „извор на вода која извира за да даде вечен живот“ (Јован 4:14). Говорникот додаде: „Никогаш не заборавајте да му ги дадете на Јехова, кој е ‚изворот на жива вода‘, честа и славата што ги заслужува. Бидете трпеливи кога ги поучувате оние што излегле од сушниот Голем Вавилон“ (Еремија 2:13). Брат Лет заврши охрабрувајќи ги дипломците воодушевено да го имитираат духот на невестата и да продолжат да велат: „,Дојди!‘ И секој кој жеднее, нека дојде; секој кој сака, нека земе бесплатно од водата на животот“ (Откровение 22:17).

Брат Џерес ја заврши програмата пренесувајќи ги поздравите што беа добиени од различни земји. Потоа, еден студент од класот што дипломираше прочита едно писмо со благодарност.

Можеш ли да се ставиш на располагање да служиш онаму каде што има поголема потреба? Ако да, тогаш постави си духовни цели, како што направиле и студентите што дипломираа. Почувствувај ги среќата и задоволството што ги има оној што радосно и спремно се нуди да ја извршува Божјата служба — сеедно дали како мисионер во друга земја или како проповедник близу до својот дом.

[Рамка на страница 13]

ПОДАТОЦИ ЗА КЛАСОТ

Број на застапени земји: 8

Број на земји во кои се доделени: 19

Број на студенти: 46

Просечна старост: 33,0

Просек на години во вистина: 16,5

Просек на години во полновремена служба: 12,9

[Слика на страница 15]

118. клас што дипломираше на Библиската школа Гилеад на Watchtower

Во списокот долу, редовите се нумерирани однапред наназад, а имињата се наведени одлево надесно во секој ред.

1) Брокмајер, А.; Малоуни, С.; Сајмондс, Н.; Лопез, И.; Хауард, К. 2) Јастребски, Т.; Браун, Д.; Хернандез, Х.; Малагон, А.; Џоунс, А.; Конел, Л. 3) Хауард, Џ.; Лару, Е.; Шемз, Б.; Хејс, С.; Браун, О. 4) Барел, Џ.; Хемер, М.; Мајер, А.; Ким, К.; Стенли, Р.; Рејни, Р. 5) Јастребски, П.; Зилавец, К.; Ферис, Ш.; Торес, Б.; Торес, Ф. 6) Конел, Џ.; Хернандез, Р.; Малоуни, М.; Малагон, Х.; Шемз, Р.; Хејс, Џ. 7) Ферис, А.; Хемер, Џ.; Стенли, Г.; Ким, Ч.; Сајмондс, С.; Лопез, Д.; Барел, Д. 8) Брокмајер, Д.; Мајер, Ј.; Рејни, Ш.; Зилавец, С.; Џоунс, Р.; Лару, Џ.