Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

„За Господа и за Гедеона!“

„За Господа и за Гедеона!“

„За Господа и за Гедеона!“

БРОЈНИ како скакулци, ги претвораат плодните полиња во пустош. Ова се случува во времето кога во Израел владеат судиите, а израелскиот народ е во краен очај. Веќе седум години, тукушто ќе почне да ‘рти семето, јавнати на камили врз земјата навалуваат ордите на Мадијамците, Амаличаните и синовите на Исток, собирајќи плен. Стадата на овие пљачкаши се раштркуваат во потрага по пасишта, проголтувајќи сѐ што е зелено. А Израелците немаат ни магаре, ни говедо, ни овца. Суровото владеење на Мадијамците е толку ужасно што на бедните Израелци не им преостанува друго освен да се кријат по планините, пештерите и тешко достапните места.

На што се должи оваа тешка состојба? Отпадничкиот Израел им служи на лажни богови. За возврат, Јехова ги има препуштено во рацете на тирански непријатели. Кога состојбата станува неподнослива, Израелците го повикуваат Јехова да им помогне. Дали ќе го стори тоа? Што можеме да научиме од она што се случило со Израелците? (Судии 6:1-6).

Претпазлив земјоделец или ‚храбар јунак‘?

Во нормални услови, израелските земјоделци го вршат житото на отворено, ветровито место, за да може ветрот, при процесот на веење, да ја издува плевата од зрното. Но, бидејќи постои опасност да налетаат пљачкашите кои имаат намера да грабнат сѐ, веењето е премногу упадливо. Затоа, далеку од погледот на Мадијамците, Гедеон го врши житото во винско гмечало — најверојатно голем, покриен сад од издлабено парче карпа (Судии 6:11). Во него најверојатно се ставала само мала количина зрна кои биле удирани со стап. Под условите во кои се наоѓа, Гедеон мора некако да се снајде.

Замисли колку мора да е изненаден кога пред него се појавува еден ангел и му вели: „Господ со тебе, храбар јунаку!“ (Судии 6:12). Тешко дека некој би се нарекол себеси храбар кога би се наоѓал во неговата ситуација — скришно да врши жито во винско гмечало. Сепак, овие зборови покажуваат дека Бог има доверба во неговата способност да биде храбар водач на Израел. Но, Гедеон мора самиот да се увери во тоа.

Кога Јехова го овластува да го ‚избави Израел од рацете на Мадијамците‘, Гедеон скромно вели: „Но, господару . . . Како ќе го избавам Израел? Мојот род е најмал во Манасиевото племе, а јас сум последен во куќата на мојот татко“. Претпазливиот Гедеон бара од Бог да му даде знак дека ќе биде со него во победата против Мадијамците, и Јехова е спремен да му го исполни ова разумно барање за Гедеон да биде потполно уверен. Така, на ангелот што го посетува Гедеон му принесува дар од храна, а од карпата пламнува оган и ја спалува жртвата. Откако Јехова му го смирува стравот, Гедеон подига жртвеник на тоа место (Судии 6:12-24).

„Самиот Ваал нека се пресмета со него“

Најголемиот проблем на Израелците не е угнетувањето од Мадијамците, туку тоа што го обожаваат Ваал. Јехова е „ревнив [љубоморен, NW] Бог“ и за него не е прифатлива службата на некој што во исто време обожава други богови (Излез 34:14). Затоа Јехова му заповеда на Гедеон да го уништи олтарот на Ваал што му припаѓа на неговиот татко и да ги исече Ашерите покрај него. Бидејќи се плаши од реакцијата на татка си а и на секој што би можел да го види ако го стори тоа денски, Гедеон, со помош на десетмина слуги, го прави тоа ноќе.

Ваквата претпазливост на Гедеон е оправдана, зашто кога откриваат што сторил, обожавателите на Ваал сакаат да го убијат. Но татко му на Гедеон, Јоас, истапува пред луѓето со несоборлива логика. Тој им вели дека ако Ваал е навистина бог, ќе може самиот да се брани. Тогаш Јоас го нарекува својот син Јеровал, соодветно име што на хебрејски значи „Самиот Ваал нека се пресмета со него“ (Судии 6:25-32).

Секогаш кога слугите на Јехова смело ќе застанат на страната на вистинското обожавање, Јехова ги благословува. Кога Мадијамците и нивните сојузници повторно ја напаѓаат територијата на Израел, Јеховиниот дух го обзема Гедеон (Судии 6:34). Под влијание на Божјиот дух, или активна сила, Гедеон собира војска од Манасиевото, Асировото, Завулоновото и Нефталимовото племе (Судии 6:35).

Подготовки за акција

Иако сега има војска од 32.000 души, Гедеон бара знак од Бог. Ако на руното што ќе го остави на гумното има роса а земјата околу него е сува, тоа ќе биде знак дека Јехова ќе го спаси Израел преку негови раце. Јехова го прави ова чудо, а Гедеон добива потврда и кога бара како знак да се случи обратното — на земјата да има роса а руното да е суво. Дали Гедеон е претерано претпазлив? Очигледно не, зашто Јехова му го исполнува и ова барање (Судии 6:36-40). Денес не очекуваме такви чуда. Сепак, можеме да добиеме водство од Јехова и охрабрување од неговата Реч.

Следно, Бог вели дека војската на Гедеон е преголема. Ако го надвладеат непријателот со толку голема војска, Израелците може да се фалат дека самите си се спасиле. Но заслугата за победата што им претстои мора да ја добие Јехова. Кое е решението? Гедеон треба да примени една одредба од Мојсеевиот закон и да им понуди на сите што се плашат да се повлечат. Тоа и се случува, и 22.000 од луѓето се повлекуваат, а остануваат само 10.000 души (Второзаконие 20:8; Судии 7:2, 3).

Од гледна точка на Бог, сѐ уште се многу луѓе. На Гедеон му е речено да ги поведе на вода. Еврејскиот историчар Јосиф вели дека Бог му рекол на Гедеон да ги поведе трупите во марш кон реката сред најголемата дневна жега. Како и да било, Гедеон набљудува на кој начин луѓето пијат од водата. Само 300 од нив заграбуваат вода со грст и ја голтаат. Само овие 300, најпретпазливите, ќе појдат со Гедеон (Судии 7:4-8). Пробај да се ставиш во нивна кожа. Со оглед на тоа што од другата страна стојат 135.000 непријатели, сигурно би заклучил дека победата е можна само со Јеховината сила, а не со твојата.

Сега Бог му вели на Гедеон да поведе со себе еден слуга и да го извиди логорот на Мадијамците. Таму, Гедеон случајно го наслушнува сонот што еден човек му го раскажува на својот другар кој, пак, без двоумење го протолкува како знак дека Бог одлучил да ги предаде Мадијамците во рацете на Гедеон. Тоа е сѐ што му треба на Гедеон. Сега е сигурен дека Јехова ќе им даде нему и на неговите 300 војници победа над Мадијамците (Судии 7:9-15).

Воената стратегија

Војската од 300 души е поделена на три одреди од по 100 души. Секому му е даден рог за трубење и голема празна врчва. Во секоја врчва е скриена запалена борина. Првата наредба што ја дава Гедеон е: „Гледајте ме . . . и правете што ќе правам и јас! Кога ќе затрубам во рогот, тогаш трубете и вие во рогот и викајте: ‚За Господа и за Гедеона!‘“ (Судии 7:16-18, 20).

Тристатамина израелски војници крадешкум доаѓаат до работ на непријателскиот логор. Околу десет часот навечер е — стражата тукушто е сменета. Ова време изгледа е најповолно за напад, зашто на новите стражари ќе им треба малку време додека очите да им се привикнат на темнината.

Каков ужас доживуваат сега Мадијамците! Одеднаш, мртвата тишина е разбиена од кршењето на 300 врчви, трубењето на 300 труби и извиците на 300 луѓе. Запрепастени, особено од извикот „За Господа и за Гедеона!“, и Мадијамците се придружуваат кон општата викотница. Во еден таков хаос, невозможно е да знаат кој им е пријател а кој противник. Додека оние 300 души мирно стојат на своите позиции, Бог прави непријателот да се исколе меѓусебе со своите сопствени мечеви. Логорот е разбиен, патот за бегство е пресечен а акциите за да се докрајчи непријателот засекогаш ја отстрануваат заканата од Мадијамците. Конечно му доаѓа крајот на долгото и крваво владеење (Судии 7:19-25; 8:10-12, 28).

Дури и по оваа победа, Гедеон е скромен. Кога Ефремовците, кои изгледа се навредени затоа што не биле повикани за битката, сакаат да започнат кавга со него, тој одговара на благ начин. Неговиот благ одговор им го стивнува гневот и ги смирува (Судии 8:1-3; Пословици 15:1).

Сега, откако сѐ е средено и има мир, Израелците го тераат Гедеон да им стане цар. Какво искушение! Но Гедеон ја одбива понудата. Тој не заборавил кој ја извојувал победата над Мадијамците. „Не, не сакам да владеам над вас, а ни мојот син“ изјавува. „Господ [Јехова, NW] ќе биде ваш владетел“ (Судии 8:23).

Но, како и секој несовршен човек, Гедеон не покажува секогаш добра способност на просудување. Од некоја причина што не е наведена, од воениот плен тој прави ефод и го поставува во својот град. Извештајот кажува дека сиот Израел почнува ‚блудно да оди‘ по тој ефод. Тој им служи за обожавање и е замка дури и за Гедеон и неговото семејство. Сепак тој не се свртел потполно кон идолопоклонство, зашто Библијата го нарекува човек со вера во Јехова (Судии 8:27; Евреите 11:32-34).

Поука за нас

Приказната за Гедеон дава поука што треба да ни служи и како предупредување и како охрабрување. Таа служи како предупредување кое нѐ потсетува дека ако Јехова ги тргне од нас својот дух и својата наклоност поради нашето своеглаво однесување, нашата духовна состојба ќе стане слична како онаа во која се наоѓаат бедните жители на една земја опустошена од скакулци. Живееме во тешки времиња и затоа никогаш не треба да заборавиме дека благословот од Јехова „збогатува и не придодава никаква мака“ (Пословици 10:22). А Божјиот благослов го имаме затоа што му служиме „со сето срце и со драговолна душа“. Во спротивно, ќе не отфрли засекогаш (1. Летописи 28:9).

Извештајот за Гедеон за нас е охрабрување, затоа што покажува дека Јехова може да нѐ спаси од каква и да е опасност, дури и на тој начин што ќе употреби некој што изгледа немоќно и беспомошно. Тоа што Гедеон и неговата војска од 300 луѓе успеале да ја совладаат онаа од 135.000 на Мадијамците е доказ за Божјата бескрајна моќ. Можеби ќе се најдеме заглавени во очајна ситуација и може да ни се чини дека ни нема надеж зашто непријателот е многу поброен од нас. Сепак, Библискиот извештај за Гедеон нѐ охрабрува да ја положиме својата доверба во Јехова, кој ќе ги благослови и спаси сите што имаат вера во него.