Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

„Умниот внимава на својот чекор“

„Умниот внимава на својот чекор“

„Умниот внимава на својот чекор“

УМНИОТ човек е практичен и паметен, здраво ги просудува работите и е остроумен, разумен и промислен, прониклив и мудар. Не е подол ниту, пак, сака да манипулира со другите. „Секој умен дејствува промислено“, стои во Пословици 13:16. Да, многу е убаво човек да е умен.

Како можеме да бидеме умни во секојдневниот живот? Како може да се види оваа особина во одлуките што ги донесуваме, во начинот на кој постапуваме со другите и во начинот на кој реагираме во различни ситуации? Каква е користа за умните? Какви неволји избегнуваат? Цар Соломон од древниот Израел дава практични одговори на овие прашања, како што можеме да прочитаме во Пословици 14:12-25. *

Мудро бирај го својот пат

Секако дека е потребно да имаме способност да разликуваме исправно од погрешно за да можеме да донесуваме мудри одлуки и да бидеме успешни во животот. Меѓутоа, Библијата опоменува: „Има патишта кои на некои луѓе им изгледаат прави, но нивниот крај во смрт води“ (Пословици 14:12Радосна Вест). Значи, мораме да научиме како да правиме разлика помеѓу она што навистина е исправно и она што само изгледа исправно. Тоа што е речено дека ‚има патишта чиј крај води во смрт‘ укажува дека има многу такви измамливи патишта. Да разгледаме некои подрачја за кои треба да бидеме свесни и треба да ги избегнуваме.

Богатите и славни луѓе во светот обично се сметаат за почитувани луѓе на кои другите треба да им се восхитуваат. Поради нивниот успех во општеството и финансискиот успех, можеби изгледа дека сѐ што прават е исправно. Но, што е со средствата што ги користат многу такви поединци за да стекнат богатство или слава? Дали она што го прават е секогаш исправно и морално? Потоа, има и такви што покажуваат многу голема ревност за своите верувања. Но, дали нивната искреност е доказ дека нивните верувања се исправни? (Римјаните 10:2, 3).

Некој пат може да ни се чини исправен и поради тоа што се лажеме себеси. Да ги темелиме нашите одлуки на она што само си мислиме дека е исправно значи да зависиме од срцето, кое е измамлив водич (Еремија 17:9). Неинформираната и неизвежбана совест може да нѐ наведе да размислуваме дека погрешниот пат е исправен пат. Тогаш, што ќе ни помогне да избереме исправен правец во животот?

Неопходно е трудољубиво да ги проучуваме подлабоките вистини од Божјата реч за да стекнеме „моќ за согледување . . . извежбана да разликува исправно и неисправно“. Освен тоа, мораме да ја вежбаме таквата моќ за согледување „преку употреба“ кога ги применуваме библиските начела (Евреите 5:14). Мораме да внимаваме да не дозволиме некој пат што само ни изгледа исправен да нѐ наведе да скршнеме од ‚тесниот пат што води во живот‘ (Матеј 7:13, 14).

Кога „срцето чувствува болка“

Можеме ли да бидеме среќни кога немаме душевен мир? Дали смеата и веселбата ја олеснуваат длабоката болка? Дали е паметно да се бара излез од депресијата во алкохолот, во дрогата или во промискуитетниот начин на живот? Одговорот е не. „И во смеата срцето чувствува болка“, вели мудриот цар (Пословици 14:13а).

Смеата може да ја прикрие болката, но не и да ја отстрани. „Сѐ има свое доба“, пишува во Библијата. Точно, има „време за плачење и време за смеење; време за тажење и време за играње“ (Проповедник 3:1, 4). Кога депресијата ќе потрае подолго време, мораме да сториме нешто за да ја победиме, и кога е потребно да бараме „мудро водство“ (Пословици 24:6NW). * Од смеата и забавата има некаква корист но, во споредба со некои други работи, тие не вредат многу. Кога нѐ опоменува да внимаваме на неисправните облици на забава или да не претеруваме во тоа, Соломон вели: „После веселбата доаѓа тага“ (Пословици 14:13б).

Безверниот и добриот — како се ситат?

„Лукавиот [кој е безверен во срцето, NW] се сити со своите престапи“, продолжува царот на Израел, „а добриот човек со својот труд“ (Пословици 14:14). Како се ситат лукавиот и добриот со она што го прават?

Безверниот човек не мисли на тоа дека треба да поднесе сметка пред Бог. Затоа, на човек што нема вера не му е важно да го прави она што е исправно во Јеховините очи (1. Петрово 4:3-5). Таквата личност се сити и е задоволна со она што го добива од својот материјалистички живот (Псалм 144:11-15а). Добриот човек, пак, мисли на духовните работи. Во сѐ што прави се држи за Божјите праведни мерила. Таквиот човек се сити и е задоволен со својот труд затоа што Јехова е негов Бог и чувствува неизмерна радост затоа што му служи на Највишиот (Псалм 144:15б).

Не верувај „на секој збор“

Правејќи разлика помеѓу патиштата на неискусниот и патиштата на умниот, Соломон вели: „Глупавиот [неискусниот, NW] верува на секој збор, а умниот внимава на својот чекор“ (Пословици 14:15). Умниот не е лековерен. Наместо да верува во сѐ што ќе чуе или да им остави на другите да размислуваат наместо него, тој мудро внимава на своите чекори. Кога ќе ги дознае сите факти до кои може да дојде, постапува со спознание.

На пример, да размислиме за прашањето „Постои ли Бог?“ Неискусниот обично има склоност да го прифати она што е популарно или она во што веруваат угледните луѓе. Умниот, пак, одвојува време да ги испита фактите. Размислува за стихови како што се Римјаните 1:20 и Евреите 3:4. Во духовните работи, умниот не го прифаќа туку-така она што ќе го речат верските водачи. Тој ‚ги испитува инспирираните изрази за да види дали потекнуваат од Бог‘ (1. Јованово 4:1).

Колку е мудро да го послушаме советот ‚да не веруваме на секој збор‘! Особено оние што имаат одговорност да ги советуваат другите во христијанското собрание не смеат да го заборават тоа. Советникот мора да има целосна слика за она што се случило. Мора внимателно да слуша и да собира факти од сите страни за да не даде лош или пристрасен совет (Пословици 18:13; 29:20).

‚Човекот што знае да размислува ќе биде замразен‘

Укажувајќи на уште една разлика помеѓу мудрите и безумните, царот на Израел вели: „Мудриот се бои и се отклонува од злото, а безумниот се распалува и е смел. Избувливиот човек прави лудости, а зломисленикот [човекот што знае да размислува, NW] ќе биде замразен“ (Пословици 14:16, 17).

Мудриот се плаши од последиците од неисправното постапување. Затоа, тој е претпазлив и го цени секој совет што ќе го спречи да не постапи лошо. Безумниот нема таков страв. Бидејќи е самоуверен, арогантно го игнорира советот што му го даваат другите. Бидејќи лесно се разгневува, таквиот човек постапува безумно. Но, зошто еден човек што размислува би бил омразен?

Изразот од оригиналниот јазик преведен со ‚човек што знае да размислува‘ има две значења. Во позитивна смисла, може да означува проникливост или бистрина (Пословици 1:4; 2:11; 3:21). Во негативна смисла, оваа фраза може да се однесува на злобни идеи или на злобно размислување (Псалм 37:7; Пословици 12:2; 24:8).

Ако изразот ‚човек што знае да размислува‘ се однесува на злобен сплеткар, не е тешко да се види зошто другите ја мразат таквата личност. Но, зар не е точно дека и проникливиот човек го мразат оние што ја немаат таа особина? На пример, светот ги мрази оние што размислуваат со своја глава и одлучуваат да не бидат „дел од светот“ (Јован 15:19). Другите им се исмејуваат на младите христијани што размислуваат трезвено и не попуштаат пред лошиот притисок од околината за да не постапат неисправно. Факт е дека вистинските обожаватели се омразени во светот, кој лежи во власта на Сатана Ѓаволот (1. Јованово 5:19).

„Лошите се поклонуваат“

Има уште една разлика помеѓу умните, или паметните, и неискусните. „Глупавите [неискусните, NW] ја наследуваат лудоста, а мудрите ги овенчува знаењето“ (Пословици 14:18). Бидејќи не се проникливи, неискусните одлучуваат да го прават она што е глупаво. Таков им станува животот. Од друга страна, пак, спознанието го краси умниот исто како што круната го краси кралот.

„Лошите се поклонуваат пред добрите“, вели мудриот цар, „а нечесните пред вратите на праведникот“ (Пословици 14:19). Со други зборови, добрите на крајот ќе ликуваат над лошите. Размисли малку за Божјиот народ што денес станува сѐ поброен и има многу поквалитетен живот отколку другите луѓе. Кога некои противници ќе видат дека на Јеховините слуги им се случуваат овие добри работи, ќе „се поклонуваат“ пред Јеховината симболична небесна жена, која е претставена со помазаниот остаток што е на Земјата. Најдоцна во Армагедон, тие противници ќе мораат да признаат дека земниот дел од Божјата организација навистина го претставува небесниот дел од организацијата (Исаија 60:1, 14; Галатите 6:16; Откровение 16:14, 16).

„Милостив кон сиромасите“

Кажувајќи нешто за човечката природа, Соломон вели: „Сиромавиот им е омразен и на своите пријатели, а богатиот има многу другари“ (Пословици 14:20). Ова е сосема точно кога станува збор за несовршените луѓе! Бидејќи по природа се себични, тие се склони да бидат пристрасни кон богатите на сметка на сиромашните. Иако богатиот има многу пријатели, тие се само привремени, исто како и богатството. Затоа, зар не треба да избегнуваме да си стекнуваме пријатели со пари или со ласкање?

Што ако со едно искрено преиспитување откриеме дека им се умилкуваме на богатите и гледаме од високо на сиромашните? Мораме да сфатиме дека таквата пристрасност е осудена во Библијата. Во неа стои: „Греши кој го презира својот ближен, а блазе на оној кој е милостив кон сиромасите“ (Пословици 14:21).

Треба да бидеме обѕирни кон оние што се во тешки околности (Јаков 1:27). Како можеме да покажеме обѕир? Давајќи им од „средствата од овој свет кои се потребни за живот“, што може да вклучува пари, храна, кров над главата, облека и лично внимание (1. Јованово 3:17). Оној што е милостив кон таквите е среќен, бидејќи „повеќе среќа има во давањето, отколку во примањето“ (Дела 20:35).

Како ќе си поминат?

Начелото „што човек сее, тоа и ќе пожнее“ важи и за умниот и за безумниот (Галатите 6:7). Првиот го прави она што е добро, а вториот смислува зло. „Не одат ли по заблуда оние што смислуваат зло?“, прашува мудриот цар. Одговорот е потврден; тие ‚застрануваат‘ (Радосна Вест). „А зар не се добрината и верноста со оние што смислуваат добро?“ (Пословици 14:22). Оние што прават добро им се мили на другите луѓе, и Бог ги сака.

Поврзувајќи го успехот со напорната работа а неуспехот со многу зборување и малку дела, Соломон вели: „Од секој труд има полза, а од брбливоста на усните само сиромаштво“ (Пословици 14:23). Ова начело сигурно важи за нашите духовни активности. Кога напорно работиме во христијанската служба, ги жнееме наградите од тоа што на многу луѓе им ја пренесуваме животоважната вистина од Божјата реч. Чувствуваме радост и задоволство кога верно ќе ја извршиме секоја теократска задача што ќе ја добиеме.

„На мудрите венец им е нивното богатство, а глупоста на безумните е нивната лудост“, стои во Пословици 14:24. Ова би можело да значи дека мудроста што мудрите настојуваат да ја стекнат е нивно богатство, и таа им е како венец, односно како украс. Безумните, пак, добиваат само безумство. Според едно дело, оваа пословица би можела да покажува и дека „богатството е украс за оние што добро го користат . . . [додека] на глупавите им останува само нивната глупавост“. Како и да е, мудриот ќе си помине подобро отколку глупавиот.

„Вистинскиот сведок избавува души“, вели царот на Израел, „а лажниот сведок истура лаги“ (Пословици 14:25). Иако ова несомнено е точно во некој судски случај, размисли за тоа каква врска има со нашата служба. Нашето дело на проповедање за Царството и правење ученици вклучува да сведочиме за вистината од Божјата реч. Таквото сведочење ги избавува луѓето што се со искрени срца од лажната религија и спасува животи. Со тоа што обрнуваме постојано внимание на себеси и на нашето поучување, ќе се спасиме и себеси и оние што нѐ слушаат (1. Тимотеј 4:16). Додека продолжуваме да го правиме тоа, да бидеме будни и да бидеме умни во секој аспект од животот.

[Фусноти]

^ пас. 3 За дискусија на стиховите од Пословици 14:1-11, види страници 26-29 од изданието на Стражарска кула од 15 ноември 2004.

^ пас. 11 Види страници 11-16 во англиското издание на Разбудете се! од 22 октомври 1987.

[Слика на страница 18]

Мораме трудољубиво да ги проучуваме подлабоките вистини за да ‚разликуваме исправно од погрешно‘

[Слика на страница 18]

Дали материјалистичкиот начин на живот навистина донесува задоволство?