Јехова богато ги наградува оние што се држат за неговиот пат
Животна приказна
Јехова богато ги наградува оние што се држат за неговиот пат
РАСКАЖАЛ РОМУАЛД ШТАВСКИ
Во септември 1939 година, кога започна Втората светска војна, северна Полска беше средиште на жестоки битки. Јас, љубопитен деветгодишник, појдов до бојното поле во близина за да видам што се случува таму. Тоа што го видов беше застрашувачко — по земјата лежеа расфрлани трупови, а воздухот задушуваше од чад. Иако главното нешто што ми се вртеше во мислите во тој миг беше како да се вратам дома жив и здрав, во мислите ми дојдоа некои прашања како: „Зошто Бог дозволува да се случуваат вакви ужасни работи? На чија страна е тој?
КОН крајот на војната, младината беше принудена да работи за германскиот режим. Секој што ќе се осмелеше да одбие ќе беше обесен на дрво или на мост а на челото ќе му беше ставен натпис „предавник“ или „саботер“. Нашиот град, Гдиња, се наоѓаше меѓу две спротивставени војски. Кога одевме надвор од градот по вода над главите ни фучеа куршуми, и мојот помал брат, Хенрик, беше смртно погоден. За да нѐ заштити од страшната ситуација во којашто се наоѓавме, мајка ми нѐ префрли нас, четирите деца, во еден подрум. Таму, моето двегодишно братче Еугениуш почина од дифтерија.
Повторно се запрашав: „Каде е Бог? Зошто дозволува да се случува сето ова страдање?“ Иако бев ревносен католик и редовно одев в црква, сепак не ги добив одговорите.
Ја пригрнувам библиската вистина
Одговорите на моите прашања дојдоа од еден сосема неочекуван извор. Војната заврши
во 1945 година, и во почетокот на 1947 година на вратата во нашиот дом во Гдиња дојде еден Јеховин сведок. Со неа зборуваше мајка ми, а и јас чув нешто од разговорот. Звучеше логично, па така ја прифативме поканата да одиме на христијански состанок. Само еден месец подоцна, иако сѐ уште ја немав разбрано потполно библиската вистина, се приклучив кон групата локални Сведоци и им проповедав на луѓето за еден подобар свет, без војни и свирепости. Тоа ми причинуваше големо задоволство.Во септември 1947 година, на покраинскиот собир во Сопот, се крстив. Во мај следната година започнав со општа пионерска служба, посветувајќи го најголемиот дел од своето време во проповедање на библиската порака на луѓето. Свештениците од тоа место огорчено се спротиставија на нашето дело и подбуцнуваа насилства кон нас. Еднаш една разгневена толпа нѐ нападна фрлајќи со камења по нас и нѐ претепа. Во една друга прилика, калуѓерките и свештениците подбуцнаа една група луѓе да нѐ нападнат. Се засолнивме во една полициска станица, но толпата ја опкружи зградата заканувајќи се дека ќе нѐ претепа. На крај пристигна полициско засилување и нѐ однесоа под силна придружба.
Тоа време на нашето подрачје немаше собрание. Понекогаш ноќта ја минувавме во шумата, под ведро небо. Бевме среќни што и покрај таквите услови можевме да продолжиме со службата. Денес на тоа подрачје има јаки собранија.
Бетелска служба и апсење
Во 1949 година бев поканет да служам во Бетелот во Лоѓ. Колкава привилегија беше да се служи на едно такво место! За жал, не останав таму долго. Во јуни 1950 година, еден месец пред нашето дело да биде официјално забрането, бев уапсен заедно со другите браќа во Бетел. Ме ставија во затвор за, како што излезе, да преживеам сурови испрашувања.
Службениците што ја водеа истрагата се обидоа да ме натераат да признаам дека татко ми е американски шпион, затоа што работеше на еден брод што редовно пловеше до Њујорк. Бев подложен на безмилосно испрашување. Воедно, четворица службеници истовремено се обидуваа да ме натераат да сведочам против брат Вилхелм Шајдер, кој во тоа време ги надгледуваше нашите активности во Полска. Со дебели стапови ме маваа по петиците. Додека лежев на подот целиот раскрварен, почувствував дека не можам да издржам повеќе, па затоа извикав: „Јехова, помогни ми!“ Моите мачители беа изненадени и престанаа да ме маваат. По неколку минути, сите заспаа. Ми олесни и повторно ми се врати силата. Ова ме увери дека Јехова со љубов одговара на повиците на своите оддадени слуги кои се во мака. Тоа ми ја зајакна верата и ме научи да имам потполна доверба во Бог.
Конечниот извештај од истрагата содржеше лажен исказ кој наводно сум го дал јас. Кога се побунив, еден од службениците ми рече: „Ќе објасниш на суд!“ Еден од затворениците во мојата ќелија со кој имавме пријателски однос ме посоветува да не се грижам зашто конечниот извештај мора да биде потврден од воениот обвинител, што ќе ми даде шанса да го оспорам лажниот исказ. Навистина излезе така.
Во покраинска служба и повторно затворен
Бев ослободен во јануари 1951 година. Еден месец подоцна, почнав да служам како патувачки надгледник. И покрај забраната, заедно со други браќа работевме на тоа да ги зајакнеме собранијата и да им помогнеме на сообожавателите што беа распрснати поради дејноста на службата за безбедност. Ги храбревме браќата да продолжат со службата. Низ годините што следеа, овие браќа храбро ги поддржуваа патувачките надгледници и тајно печатеа и разнесуваа литература што се темели на Библијата.
Еден априлски ден во 1951 година, по еден христијански состанок, на улицата бев уапсен од полицајците кои внимателно ме набљудувале. Бидејќи одбив да одговарам на нивните прашања, ме однесоа во затвор во Бидгошч и уште истата вечер започнаа да ме испрашуваат. Ми беше наредено да стојам потпрен на ѕидот цели шест дена и шест ноќи во густиот дим од тутунот на службениците, без воопшто да добијам храна или вода. Ме тепаа со пендрек и ме гореа со цигари. Кога се онесвестив, врз мене истурија вода и одново почнаа со испрашувањето. Го преколнував Јехова да ми даде сила да издржам, и тој ме поткрепи.
Тоа што бев во затворот во Бидгошч имаше и своја добра страна. Таму можев да ја споделам библиската вистина со луѓе до кои не би се дошло на поинаков начин. И навистина, излегоа многу можности да се посведочи. Тоа што се наоѓаа во очајна, честопати и безизлезна ситуација, затворениците спремно ги отворија ушите и срцата за добрата вест.
Две зачајни промени
Кратко откако бев ослободен во 1952 година, ја запознав Нела, ревносна пионерка. Таа служеше како пионер во јужна Полска. Подоцна работеше во „пекарница“, тајно место каде што се печатеше нашата литература. Тоа беше напорна работа што бараше претпазливост и самопожртвуваност. Се зедовме во 1954 година и продолживме со полновремената служба сѐ до раѓањето на нашата ќерка, Лидија. Потоа, за јас да можам да продолжам со патувачкото дело, одлучивме Нела да прекине со полновремената служба, да се врати дома и да се грижи за нашата ќерка.
Истата година се соочивме со уште една важна одлука. Бев замолен да служам како обласен надгледник на една област што зафаќаше една третина од Полска. Се молевме и размислувавме за тоа. Знаев колку е важно да се зајакнат браќата кои служеа под забрана. Беа извршени многу апсења, па затоа постоеше голема потреба духовно да бидат зајакнати. Имајќи поддршка од Нела, ја прифатив задачата. Јехова ми помогна да продолжам со оваа служба 38 години.
Одговорен за „пекарниците“
Во тоа време, обласниот надгледник беше одговорен и за “пекарниците“, кои се наоѓаа во зафрлени места. Полицијата постојано ни беше зад петици, обидувајќи се да пронајде каде се врши нашето печатење за да го прекрати. Понекогаш успеваше во тоа, но никогаш не останавме без неопходната духовна храна. Беше сосема очигледно дека Јехова се грижи за нас.
На тешкото и опасно печатење можеше да работи само некој што е лојален, секогаш претпазлив, самопожртвуван и послушен. Токму поради ваквите особини една „пекарница“ можеше да продолжи безбедно да функционира. Беше тешко и да се најде место каде што тајно ќе се печати. Некои локации одговараа, но браќата таму не беа многу дискретни. На други места ситуацијата беше обратна. Браќата беа спремни да прават исклучителни жртви. Многу ги ценев браќата и сестрите со кои имав предност да работам.
Одбрана на добрата вест
Низ тие тешки години, постојано бевме обвинувани за впуштање во нелегални, субверзивни дејности и бевме изведувани пред суд. Ова ни претставуваше проблем зашто немавме адвокати за да не бранат. Некои адвокати ни беа наклонети, но повеќето се плашеа од публицитет и не сакаа да предизвикаат незадоволство кај власта. Но Јехова знаеше што ни треба и, во право време, направи сѐ да си дојде на свое место.
Алојз Простак, патувачки надгледник од Краков, беше толку брутално малтретиран за време на испрашувањето што мораше да биде однесен во затворската болница. Неговиот цврст став, и покрај психичкото и физичкото малтретирање, му донесе почит и восхит од останатите затвореници во болницата. Еден од нив беше и адвокатот Витолд Лис-Олшевски, кој беше импресиониран од храброста на брат Простак. Тој разговараше со него неколкупати и му вети: „Веднаш штом ќе ме ослободат и ќе ми дозволат да продолжам со работата, ќе ги бранам Јеховините сведоци“. Како што рече така и стори.
Господин Олшевски имаше свој тим од адвокати. Сериозноста со која нѐ бранеа беше навистина за восхит. Во периодот кога противењето беше најжестоко, тие ги бранеа браќата во околу 30 случаи месечно — секој ден по еден! Бидејќи требаше да биде добро информиран за секој од случаите, мене ми беше дадена задачата да одржувам контакт со господин Олшевски. Со него соработував во период од седум години во 1960-те и 1970-те години.
За тоа време научив многу за правните работи. Често ги следев судењата, ги следев коментарите на адвокатите — и позитивните и негативните — методите на правната одбрана и сведочењето на обвинетите соверници. Сето тоа се покажа од голема корист за браќата, особено за оние што беа повикани на суд да сведочат, за да знаат што да кажат а што да премолчат пред судот.
Кога беше во тек некој судски процес, господин Олшевски често преспиваше во домот на некој Јеховин сведок. Тоа го правеше не затоа што не можеше да си дозволи престој во хотелска соба туку затоа што, како што самиот еднаш рече: „Пред судењето, сакам да вдишам малку од вашиот дух“. Благодарение на неговата помош, многу судски процеси завршија поволно за нас. Мене ме бранеше неколку пати и никогаш не сакаше да ми наплати. Во една друга ситуација одби да наплати за 30 случаи. Зошто? Рече: „Сакам да дадам барем мал придонес за вашето дело“. А не се работеше за малку пари. Она што го правеше тимот на господин Олшевски не помина незабележано од власта, но тоа не го поколеба да ни помага.
Тешко е да се опише убавото сведоштво што го дадоа нашите браќа за време на тие судења. Многумина дојдоа во судот за да ги следат судските процеси и да ги зајакнат обвинетите браќа. Кога бројот на обвиненија го имаше достигнато својот врв избројав дури 30.000 присутни на судењата во текот на една година. Да, тоа беше едно големо мноштво сведоци!
Нова доделба
Во 1989 година забраната над нашето дело беше укината. Три години потоа беше изградена и посветена новата подружница. Бев поканет да работам во неа, во Службата за болнички информации, доделба што јас со задоволство ја прифатив. Како тим од тројца, им дававме поддршка на браќата кои беа ставени во ситуација да примат крв и им помагавме да го одбранат ставот кој Дела 15:29).
им го налагаше нивната христијанска совест (Заедно со мојата сопруга многу сме благодарни за честа да учествуваме во јавната служба за Јехова. Нела секогаш ме поддржуваше и храбреше. Благодарен сум што, кога и да бев зафатен со теократски доделби или пак, да бев испратен в затвор, таа никогаш не се жалеше што не сум дома. Кога беше тешко, таа ги тешеше другите наместо да дозволи да биде емоционално скршена.
На пример, во 1974 година бев уапсен заедно со уште еден патувачки надгледник. Некои од браќата кои дознаа сакале да ѝ го кажат тоа на еден фин начин. Кога се виделе со неа, ја прашале: „Сестра Нела, спремна ли си да го чуеш најлошото?“ Отпрвин таа се здрвила од страв, затоа што помислила дека сум мртов. Кога дознала што навистина се случило, со олеснување рекла: „Важно е жив! Па не му е првпат да го затворат“. Подоцна браќата ми кажаа дека нејзиниот позитивен став им оставил длабок впечаток.
Иако поминавме низ некои болни работи во минатото, Јехова секогаш богато нѐ наградуваше за тоа што не скршнавме од неговиот пат. Колку сме среќни што нашата ќерка, Лидија, и нејзиниот сопруг, Алфред Де Руша се примерен брачен пар христијани. Она што нѐ прави уште посреќни е што и нивните два сина, Кристофер и Јонатан, се предадени слуги на Бог. Мојот брат, Ришард, и мојата сестра, Уршула, исто така се верни христијани долги години.
Јехова никогаш не нѐ остави, и сакаме со сета душа да продолжиме да му служиме и понатаму. Лично ја искусивме вистинитоста на зборовите од Псалм 37:34: „Надевај се на Господа и држи се за Неговиот пат; Тој ќе те возвиши и ќе ја наследиш земјата; радосно ќе ја гледаш пропаста на безбожните“. Тоа време го чекаме со сето срце.
[Слика на страница 17]
На еден конгрес одржан во бавчата на еден брат во Краков, во 1964
[Слика на страница 18]
Со сопругата, Нела, и нашата ќерка, Лидија, во 1968
[Слика на страница 20]
Со детето на едно семејство Сведоци пред бескрвната операција на неговото срце
[Слика на страница 20]
Со Нела во 2002
[Слика на страница 20]
Со д-р Вајтс, главен хирург за бескрвна операција на срце за деца во болницата во Катовице