Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

Јехова ви ги изброил „сите влакна на главата“

Јехова ви ги изброил „сите влакна на главата“

Јехова ви ги изброил „сите влакна на главата“

„Ниедно [врапче] нема да падне на земја, а вашиот Татко да не знае за тоа. А вам сите влакна на главата ви се изброени“ (МАТЕЈ 10:29, 30).

1, 2. а) Зошто Јов имал чувство дека Бог го напуштил? б) Дали зборовите што ги кажал Јов значат дека се свртел против Јехова? Објасни.

 „ВИКАМ кон Тебе, но Ти не одговараш; стојам пред Тебе, но Ти и не се грижиш. Стана жесток кон мене, со претешка рака се нафрлаш кон мене.“ Човекот што ги кажал овие зборови чувствувал голема болка, што не е за чудење! Изгубил сѐ што имал, во една ненадејна катастрофа загинале неговите деца, а сега страдал од една ужасна болест. Тој се викал Јов, а за неговото страшно премреже е запишано во Библијата за да послужи за наша корист (Јов 30:20, 21).

2 Зборовите на Јов можеби оставаат впечаток дека тој се свртел против Бог, но не било така. Јов едноставно зборувал од длабочината на своето јадосано срце (Јов 6:2, 3). Тој не знаел дека Сатана ги предизвикува неговите неволји, па затоа дошол до погрешниот заклучок дека Бог го напуштил. Во еден момент Јов дури и му рекол на Јехова: „Зошто го криеш сега Своето лице од мене и зошто гледаш непријател во мене?“ * (Јов 13:24).

3. Кога ќе се случат неволји, какви мисли може да ни дојдат во главата?

3 Денес, многу Јеховини слуги постојано доживуваат неволји поради војните, политичките или општествените немири, природните катастрофи, староста, болестите, крајната сиромаштија и забраните што ги наметнуваат властите. Веројатно и ти минуваш низ тешки моменти. Понекогаш можеби си мислиш дека Јехова го скрил своето лице од тебе. Добро ти се познати зборовите од Јован 3:16: „Бог толку многу го љубеше светот што го даде својот единороден Син“. Сепак, кога страдаш а не гледаш никаков излез, можеби се прашуваш: ‚Дали Бог навистина ме сака мене?‘ Дали гледа низ што сѐ минувам? Дали е заинтересиран и дали се грижи за мене лично?‘

4. Какви околности морал долго време да трпи Павле, и како можат таквите околности да влијаат врз нас?

4 Разгледај што му се случило на апостол Павле. „Ми се даде трн во телото, ангел на Сатана, да ме удира“, напишал тој, и додал: „Трипати го молев Господ да го отстрани од мене“. Јехова ги чул неговите молби. Сепак, му дал на знаење на Павле дека нема да направи чудо во врска со тоа. Наместо тоа, Павле ќе морал да се потпира на Божјата сила за да се бори со својот „трн во телото“ * (2. Коринќаните 12:7-9). Исто како Павле, можеби и ти веќе подолго време трпиш некоја неволја. Можеби се прашуваш: ‚Дали тоа што се чини дека Јехова не презема ништо во врска со мојата неволја значи дека не е свесен за мојата ситуација или дека не се грижи и не е заинтересиран за мене?‘ Одговорот е едно отсечно не! Колку длабоко се грижи и е заинтересиран Јехова за секој од своите верни слуги е нагласено со она што Исус им го рекол на своите апостоли кратко откако ги избрал. Да видиме како можат да нѐ охрабрат нас денес неговите зборови.

„Не плашете се“ — зошто?

5, 6. а) Како Исус им помогнал на апостолите да не се плашат од она што ги очекувало? б) Како покажал Павле дека е уверен во тоа дека Јехова се грижи и е заинтересиран за него?

5 Апостолите добиле извонредна моќ од Исус, вклучувајќи и „власт над нечистите духови, за да ги истеруваат, и да лекуваат секаков вид болест и секаква немоќ“. Сепак, тоа не значело дека никогаш немало да имаат неволји и проблеми. Напротив, Исус детално им опишал некои работи што требало да им се случат. Сепак, тој ги охрабрил: „Не плашете се од оние кои го убиваат телото, но не можат да ја убијат душата; туку плашете се повеќе од оној кој може да ги уништи и душата и телото во Геена“ (Матеј 10:1, 16-22, 28).

6 За да им помогне на своите апостоли да сфатат зошто не требало да се плашат, Исус им дал два сликовити примера. Тој им рекол: „Не се продаваат ли две врапчиња за една паричка од мала вредност? Па сепак ниедно од нив нема да падне на земја, а вашиот Татко да не знае за тоа. А вам сите влакна на главата ви се изброени. Затоа, не плашете се: Вие сте повредни од многу врапчиња“ (Матеј 10:29-31). Забележи дека Исус рекол дека нема да се плашиме од неволјите ако сме уверени дека Јехова се грижи и е заинтересиран за секого од нас. Сосема очигледно, апостол Павле бил уверен во тоа. Тој напишал: „Ако Бог е за нас, кој ќе биде против нас? Оној кој не го поштеди ни својот сопствен Син, туку го предаде за сите нас, зошто тогаш со него да не ни даде љубезно и сѐ друго?“ (Римјаните 8:31, 32). Без оглед на тоа со какви проблеми се соочуваш, и ти можеш да бидеш уверен дека Јехова е заинтересиран и се грижи за тебе лично сѐ додека си му верен. Уште појасно ќе го видиме ова додека подетално ја разгледуваме опомената што им ја дал Исус на своите апостоли.

Колку вреди едно врапче

7, 8. а) Како се гледало на врапчињата во времето на Исус? б) По сѐ изгледа, зошто во Матеј 10:29 се користи деминутивна форма од грчкиот збор за „врапчиња“?

7 Сликовитите примери што ги дал Исус добро опишуваат колку се грижи Јехова за секој од своите слуги. Најнапред да поразговараме за врапчињата. Во времето на Исус, врапчињата се користеле за храна, но бидејќи претставувале опасност за посевите, луѓето ги сметале за штетници. Имало толку многу врапчиња и тие биле толку евтини што две врапчиња можеле да се купат за помалку од два и пол денари во денешна вредност. За двапати повисока цена можеле да се купат не четири туку пет врапчиња — вишокот птичка била дадена бесплатно, како да немала никаква вредност! (Лука 12:6).

8 Размисли и за големината на оваа обична птичка. Во споредба со многу други птици, дури и едно поголемо врапче е многу мало. Сепак, грчкиот збор што во Матеј 10:29 е преведен со „врапчиња“ се однесува баш на малите врапчиња. Очигледно, Исус сакал неговите апостоли да си ја замислат најмалата и најбезначајна птичка. Како што стои во една книга: „Исус наведува како пример една многу мала птичка, па дури и за неа зборува во деминутив!“

9. Која силна поента е истакната во примерот за врапчињата што го дал Исус?

9 Споредбата со врапчињата што ја кажал Исус истакнува една многу силна мисла: Она што им изгледа безвредно на луѓето, за Јехова Бог е важно. Понатаму, Исус ја истакнува оваа вистина додавајќи дека едно мало врапченце нема „да падне на земја“ без да забележи Јехова. * Поентата е многу јасна. Ако Јехова ја забележува дури и најмалата и најбезначајна птица, колку ли повеќе ќе биде загрижен за тешката ситуација на некој човек што одлучил да му служи!

10. Што значат зборовите: „А вам сите влакна на главата ви се изброени“?

10 Откако го кажал примерот за врапчињата, Исус рекол: „А вам сите влакна на главата ви се изброени“ (Матеј 10:30). Оваа куса но длабока изјава уште повеќе ја нагласува поентата од примерот за врапчињата што го дал Исус. Размисли за следново: Во просек, човекот има околу 100.000 влакна на главата. Најчесто, сите влакна се исти, и ниту едно влакно не заслужува некое посебно внимание. Сепак, Јехова Бог го забележува и го брои секое влакно. Според тоа, зар има некој детаљ од нашиот живот што Јехова не го знае? Секако дека Јехова ја разбира единствената природа на секој од своите слуги. Навистина, тој „гледа што е во срцето“ (1. Самоил 16:7).

11. Како ја изразил Давид својата увереност дека Јехова се грижи за него лично?

11 Давид, за кој неволјите не биле ништо невообичаено, бил уверен дека Јехова го забележува. „Господи, ме согледуваш целиот и ме познаваш“, напишал тој. „Ти знаеш кога седнувам и кога станувам, веќе оддалеку ги знаеш моите мисли“ (Псалм 139:1, 2). И ти можеш да бидеш уверен дека Јехова те познава тебе лично (Еремија 17:10). Немој избрзано да донесеш заклучок дека ти си премногу безначаен за да те забележат Јеховините очи, кои гледаат сѐ!

„Ги собра моите солзи во Твојот сад“

12. Од каде знаеме дека Јехова добро ги знае неволјите што ги доживуваат неговите слуги?

12 Не само што Јехова го познава секој свој слуга туку исто така сосема добро знае какви неволји доживува секој од нив. На пример, кога Израелците биле угнетувани како робови, Јехова му рекол на Мојсеј: „Ги видов страдањата на својот народ во Египет . . . и му ја чув тужбата против неговите угнетувачи. Познати ми се неговите маки“ (Излез 3:7). Колку сме утешени што знаеме дека, кога поднесуваме некоја неволја, Јехова гледа што се случува и ги слуша нашите повици! Сигурно не му е сеедно кога гледа како страдаме.

13. Што покажува дека Јехова вистински сочувствува со своите слуги?

13 Колку е заинтересиран Јехова и колку се грижи за оние што му се блиски се гледа и од она што го чувствувал за Израелците. Иако честопати причината за нивното страдање била нивната тврдоглавост, Исаија го запишал следново во врска со Јехова: „Во сите нивни тешкотии Тој ги сожалуваше [чувствуваше болка, NW]“ (Исаија 63:9). Затоа, како верен слуга на Јехова, можеш да бидеш уверен дека, ако тебе нешто ти причинува болка, тоа е болно и за Јехова. Зар тоа не ти дава сила бестрашно да се соочиш со неволјите и да продолжиш да даваш сѐ од себе за да му служиш? (1. Петрово 5:6, 7).

14. Во какви околности бил компониран 56. Псалм?

14 Увереноста на цар Давид дека Јехова се грижи и е заинтересиран за него и дека сочувствува со него јасно се гледа во 56. Псалм, кој Давид го компонирал додека бегал од цар Саул, кој сакал да го убие. Давид избегал во Гат, но се плашел да не биде заробен кога ќе го препознаат Филистејците. Тој напишал: „Моите непријатели се нафрлаат врз мене секој ден; мнозина се оние, што војуваат против мене“. Поради опасната ситуација во која се наоѓал, Давид му се обратил на Јехова. „Од утро до вечер, ми ги изопачуваат зборовите“, рекол тој. „Сите нивни помисли се зло за мене“ (Псалм 56:2, 5).

15. а) Што мислел Давид со тоа што го замолил Јехова да ги стави неговите солзи во сад или во книга? б) Кога долго време сме во ситуација во која ни е ставена на испит верата, во што можеме да бидеме сигурни?

15 Потоа, како што е запишано во Псалм 56:8, Давид ги кажува следниве интересни зборови: „Ти ги изброи дните на моите скитања, ги собра моите солзи во Твојот сад; не е ли запишано сѐ во Твојата книга?“ Колку трогателен опис на Јеховината нежна грижа! Кога сме под притисок, можеби со солзи го повикуваме Јехова. Тоа го направил дури и Исус, кој бил совршен човек (Евреите 5:7). Давид бил уверен дека Јехова го гледа и дека ќе се сети на неговата длабока болка, исто како да ги зачувал неговите солзи во некој сад или како да ги запишал во книга. Можеби мислиш дека твоите солзи прилично ќе го наполнат тој сад или дека ќе зафатат многу страници од една таква книга. Ако е така, утеши се. Библијата нѐ уверува: „Господ е близу до оние што се со скрушени срца, и ги спасува оние, што се со покајнички дух“ (Псалм 34:18).

Да се стане близок пријател на Бог

16, 17. а) Од каде знаеме дека на Јехова не му е сеедно кога гледа дека неговиот народ се соочува со проблеми? б) Што направил Јехова за да им овозможи на своите слуги да бидат блиски со Него?

16 Тоа што Јехова ни ги изброил дури и „влакната на главата“ ни дава претстава за тоа каков внимателен и грижлив Бог имаме чест да обожаваме. Иако ќе треба да чекаме да дојде ветениот нов свет за да нема повеќе страдања и болка, Јехова прави нешто чудесно за својот народ веќе денес. Давид напишал: „Господ е близу до оние, кои се бојат од Него, и ќе им го покаже Својот Завет“ (Псалм 25:14).

17 Да се биде ‚близу до Јехова‘ — за несовршените луѓе изгледа несфатлива дури и самата помисла на такво нешто! Сепак, Јехова ги повикува оние што се плашат од него да бидат гости во неговиот шатор (Псалм 15:1-5). А што прави Јехова за своите гости? Им го кажува својот завет, како што вели Давид. Јехова им се доверува, откривајќи им ја својата „доверлива работа“ преку пророците, за да знаат кои се неговите намери и што мораат да прават за да живеат во склад со нив (Амос 3:7NW).

18. Од каде знаеме дека Јехова сака да бидеме блиски со него?

18 Секако, утешно е сознанието дека ние, несовршени луѓе, можеме да бидеме блиски пријатели со Највишиот, Јехова Бог. Всушност, тој нѐ поттикнува токму на тоа. „Приближете му се на Бог, и тој ќе ви се приближи вам“, пишува во Библијата (Јаков 4:8). Јехова сака да бидеме блиски со него. Всушност, тој веќе презел чекори за да го овозможи тоа. Откупната жртва на Исус ни овозможува да бидеме пријатели со Семоќниот Бог. Во Библијата стои: „А што се однесува до нас, ние љубиме, бидејќи тој првин нѐ љубеше нас“ (1. Јованово 4:19).

19. Како може истрајноста да го зајакне нашето пријателство со Јехова?

19 Тоа блиско пријателство е зајакнато кога сме истрајни и не подлегнуваме во тешки околности. Ученикот Јаков напишал: „Истрајноста нека го доврши своето дело за да бидете потполни и здрави во секој поглед, без никаков недостаток“ (Јаков 1:4). Кое „дело“ се извршува кога истрајно поднесуваме неволји? Сети се на ‚трнот во телото‘ што го имал Павле. Што постигнала истрајноста во неговиот случај? Еве што рекол Павле за своите неволји: „Затоа со најголемо задоволство повеќе ќе се фалам во врска со своите слабости, за да остане Христовата сила како шатор над мене. Затоа наоѓам задоволство во слабости, во навреди, во нужди, во прогонства и тешкотии за Христос. Зашто кога сум слаб, тогаш сум моќен“ (2. Коринќаните 12:9, 10). Павле искусил дека Јехова му ја дал силата што му била потребна — дури и „силата која ја надминува нормалната“ — за да може да издржи и да биде истраен. На тој начин станал поблизок со Христос и со Јехова Бог (2. Коринќаните 4:7; Филипјаните 4:11-13).

20. Зошто можеме да бидеме сигурни дека Јехова ќе ни помогне и ќе нѐ утеши кога се соочуваме со неволји?

20 Можеби Јехова дозволува твоите неволји сѐ уште да траат. Ако е така, мисли на ветувањето што им го дал на оние што се плашат од него: „Никако нема да те оставам и воопшто нема да те напуштам“ (Евреите 13:5). И ти можеш да ја добиеш таквата помош и утеха. Јехова ти ги изброил „сите влакна на главата“. Тој ја гледа твојата истрајност. Ја чувствува твојата болка. Искрено се грижи и е заинтересиран за тебе. Исто така, никогаш нема ‚да го заборави твоето дело и љубовта што си ја покажал кон неговото име‘ (Евреите 6:10).

[Фусноти]

^ пас. 2 Слични зборови кажале праведниот Давид и верните синови на Кореј (Псалм 10:1; 44:24).

^ пас. 4 Библијата не ни кажува точно што бил тој „трн во телото“ на Павле. Можеби станувало збор за некоја физичка болест, како што е лошиот вид. Или, пак, изразот „трн во телото“ можеби се однесувал на лажните апостоли или на другите што го оспорувале апостолството на Павле и неговата служба (2. Коринќаните 11:6, 13-15; Галатите 4:15; 6:11).

^ пас. 9 Некои изучувачи велат дека тоа што врапчето паѓа на земја не мора да значи дека умрело. Тие велат дека на оригиналниот јазик овој израз може да се однесува на тоа што врапчето слетува на земја за да си најде храна. Ако е така, тоа би значело дека Бог ја забележува и се грижи за оваа птица додека ги извршува своите секојдневни активности, а не само кога умира (Матеј 6:26).

Се сеќаваш ли?

• Од кои причини некој може да се почувствува како Бог да го напуштил?

• Што учиме од примерите што ги дал Исус за врапчињата и за броењето на влакната на нашата глава?

• Што значи тоа нечии солзи да бидат ставени во Јеховиниот „сад“ или во неговата „книга“?

• Како можеме да станеме ‚блиски со Јехова‘?

[Прашања]

[Слика на страница 22]

Зошто Јехова не му го тргнал на Павле ‚трнот во телото‘?

[Слика на страница 23]

Што можеме да научиме од примерот за врапчињата што го кажал Исус?

[Извор на слика]

© J. Heidecker/VIREO

[Слика на страница 25]

Ако редовно ја читаме Библијата, ќе се увериме дека Бог се грижи и е заинтересиран за секого од нас