Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

Дали те измачуваат негативни чувства?

Дали те измачуваат негативни чувства?

Дали те измачуваат негативни чувства?

ВО ПОГОЛЕМИОТ дел од животот, Лина се борела со негативните чувства што ги имала кон себеси. „Како дете, со години бев сексуално злоупотребувана“, вели таа. „Тоа ми ја уништи скоро сета самопочит. Се чувствував апсолутно безвредна.“ И Симона, размислувајќи за својата младост, вели: „Длабоко во себе се чувствував празно и си мислев дека ништо не вредам“. Се чини дека поради ваквите размислувања многу луѓе денес се чувствуваат длабоко несреќни. Извештајот од една отворена телефонска линија, каде што тинејџерите можат да се јават за совети, вели дека скоро половина од нив рекле дека „постојано имаат чувство на ниска самопочит“.

Според некои психијатри, луѓето се чувствуваат безвредно кога се омаловажувани од другите. Едно лице може да почне да размислува вака доколку некој постојано го навредува, претерано и остро го критикува или, пак, немилосрдно го искористува. Без оглед на причината, последиците за оној со кого се постапува вака можат да бидат разорни и погубни. Едно неодамнешно медицинско истражување покажа дека поединците што имаат негативни чувства кон себеси обично немаат самодоверба, а немаат доверба ни во другите, па така, несвесно, си ги поткопуваат блиските врски и пријателства со другите. Еден извештај за ова истражување наведува: „На некој начин, [овие луѓе] самите се доведуваат баш во тие ситуации од кои најмногу се плашат“.

Лицата што се чувствуваат вака најчесто се жртви на своите сопствени „мачни мисли“, како што ги нарекува Библијата (Псалм 94:19NW). Тие си мислат дека никогаш не се доволно добри. Кога нешто не оди како што треба, инстинктивно си мислат дека тие се виновни. Иако можеби другите ги фалат за тоа што го постигнуваат, длабоко во себе тие се чувствуваат како измамник што порано или подоцна ќе биде разоткриен. Бидејќи си мислат дека не заслужуваат да бидат среќни, многу од нив почнуваат да се однесуваат на начин со кој си наштетуваат себеси, и се чувствуваат немоќни да престанат со ваквото однесување. Кај Лина, спомната во почетокот, чувството на ниска самопочит придонело да се развие тешко нарушување во навиките на исхрана. Таа признава: „Немав сила да променам нешто“.

Дали оние што се измачуваат со вакви „мачни мисли“ се осудени да се чувствуваат така до крајот на животот? Може ли нешто да сторат за да се изборат со таквите чувства? Библијата содржи начела и практични совети кои им помогнале на многу луѓе да ги победат тие чувства. Кои се некои од тие начела и како им помогнале да му се радуваат на животот? Следната статија ќе ни го даде одговорот.