Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

Да одиме онака како што одел Исус Христос

Да одиме онака како што одел Исус Христос

Да одиме онака како што одел Исус Христос

„Оној кој вели дека останува во обединетост со [Бог], должен е самиот да оди онака како што одеше [Исус]“ (1. ЈОВАНОВО 2:6).

1, 2. Што значи да гледаме внимателно на Исус?

 „СО ИСТРАЈНОСТ да трчаме во трката што стои пред нас“, напишал апостол Павле, „додека внимателно гледаме на Главниот Застапник и Усовршител на нашата вера, Исус“ (Евреите 12:1, 2). Да бидеме верни значи внимателно да гледаме на Исус Христос.

2 На оригиналниот јазик, зборот за ‚внимателно гледа‘ што се користи во Христијанските грчки списи значи „да посветиш внимание без да бидеш деконцентриран“, „да го свртиш погледот од некоја работа за да видиш нешто друго“, „да го впериш погледот“. Во едно дело стои: „Во истиот момент кога грчкиот тркач во стадионот ќе го сврти вниманието од тркачката патека и од целта кон која брза, а ќе го насочи кон мноштвата што гледаат, тој забавува. Истото важи и за еден христијанин“. Работите што ни го одвлекуваат вниманието можат да го спречат нашиот духовен напредок. Мораме внимателно да гледаме на Исус Христос. А што сакаме да видиме во Главниот Застапник? Грчкиот збор што е преведен со „главен застапник“, значи „главен водач, оној што предводи во што и да е и со тоа дава пример“. За да гледаме внимателно на Исус, треба да го следиме неговиот пример.

3, 4. а) Што треба да правиме за да одиме онака како што одел Исус Христос? б) Кои прашања заслужуваат да им обрнеме внимание?

3 „Оној кој вели дека останува во обединетост со [Бог], должен е самиот да оди онака како што одеше [Исус]“, пишува во Библијата (1. Јованово 2:6). Мораме да останеме во обединетост со Бог држејќи ги Исусовите заповеди, исто онака како што тој ги држел заповедите на својот Татко (Јован 15:10).

4 Значи, за да одиме онака како што одел Исус треба внимателно да го гледаме како Главен Водач и тесно да ги следиме неговите стапки. Во врска со ова треба да разгледаме некои важни прашања, како што се овие: Како нѐ води Христос денес? Како треба да влијае врз нас тоа што ќе одиме и ќе живееме како него? Каква е користа ако го следиме примерот што го дал Исус Христос?

Како ги води Христос своите следбеници

5. Што им ветил Исус на своите следбеници пред да се вознесе на небото?

5 Пред да се вознесе на небото, воскреснатиот Исус Христос им се појавил на своите ученици и им дал една многу важна задача. Тој им рекол: „Одете и правете ученици од луѓето од сите нации“. Во таа прилика Главниот водач исто така ветил дека ќе биде со нив додека ја извршуваат оваа задача, и им рекол: „Гледај, јас сум со вас во сите денови сѐ до завршетокот на системот на работи“ (Матеј 28:19, 20). Во која смисла Исус Христос е со своите следбеници во ова време на завршетокот на системот на работи?

6, 7. Како нѐ води Исус со помош на светиот дух?

6 „Помошникот, светиот дух, кого Таткото ќе го испрати во мое име“, рекол Исус, „тој ќе ве научи на сѐ и ќе ве потсети на сѐ што ви реков“ (Јован 14:26). Светиот дух, кој е испратен во името на Исус, нѐ води и нѐ зајакнува денес. Духовно нѐ просветлува и ни помага да ги разбереме „дури и длабоките работи Божји“ (1. Коринќаните 2:10). Освен тоа, особините што му се допаѓаат на Бог, како што се „љубов, радост, мир, долготрпеливост, љубезност, доброта, вера, благост, самосовладување“, се „плодовите на духот“ (Галатите 5:22, 23). Овие особини можеме да ги стекнеме со помош на светиот дух.

7 Додека го проучуваме Светото писмо и се трудиме да го применуваме она што го учиме, Јеховиниот дух ни помага да станеме помудри, попроникливи, да стекнеме поголемо разбирање, спознание, просудување и способност за размислување (Пословици 2:1-11). Исто така, светиот дух ни помага да ги издржиме искушенијата и неволјите (1. Коринќаните 10:13; 2. Коринќаните 4:7; Филипјаните 4:13). Христијаните се опоменати ‚да се исчистат од секоја валканост на телото и духот, усовршувајќи ја светоста‘ (2. Коринќаните 7:1). Зарем можеме навистина да го исполниме Божјето барање да бидеме свети, или чисти, без помошта од светиот дух? Еден начин што го користи Исус за да нѐ води денес е светиот дух, а Јехова Бог го овластил својот Син да го користи (Матеј 28:18).

8, 9. Како Христос го користи „верниот и разборит роб“ за да даде водство?

8 Размисли за уште еден начин на кој Христос го води собранието денес. Зборувајќи за својата присутност и за завршетокот на системот на работи, Исус рекол: „Кој е, всушност, верниот и разборит роб, кого неговиот господар го поставил над своите домашни за да им ја дава нивната храна во право време? Среќен е тој роб ако неговиот господар, кога ќе дојде, го најде да прави така! Вистина ви велам: Ќе го постави над целиот свој имот“ (Матеј 24:3, 45-47).

9 ,Господарот‘ е Исус Христос. ‚Робот‘ е групата од помазани христијани што се на Земјата. На класата на робот ѝ е доверено да се грижи за земните интереси на Исус и навреме да дава духовна храна. Една мала група од способни надгледници од редовите на класата на „верниот и разборит роб“ го сочинува Водечкото тело, служејќи како негов претставник. Тие го водат светското дело на проповедање за Царството и обезбедуваат духовна храна во право време. Така, Христос го води собранието преку „верниот и разборит роб“ што е помазан со дух, и преку неговото Водечко тело.

10. Каков став треба да имаме кон старешините, и зошто?

10 Уште еден начин на кој нѐ води Христос се ‚даровите во облик на луѓе‘ — христијанските старешини, или надгледници. Тие се дадени „со цел да се исправаат светите, за делото на служење, за изградувањето на Христовото тело“ (Ефешаните 4:8, 11, 12). Во врска со нив, во Евреите 13:7 стои: „Сеќавајте се на оние кои предводат меѓу вас, кои ви ја зборуваа Божјата реч, и додека набљудувате каков е исходот од нивното однесување, имитирајте ја нивната вера“. Старешините предводат во собранието. Бидејќи тие го имитираат Христос Исус, нивната вера заслужува да ја имитираме (1. Коринќаните 11:1). Можеме да покажеме дека сме благодарни што ги имаме старешините со тоа што ќе им бидеме послушни и подложни на овие „дарови во облик на луѓе“ (Евреите 13:17).

11. Како Исус ги води своите следбеници денес, и што значи тоа да одиме онака како што одел тој?

11 Да, денес Исус Христос ги води своите следбеници преку светиот дух, преку „верниот и разборит роб“ и преку собраниските старешини. За да живееме онака како што живеел Христос, треба да разбереме како нѐ води тој и да се подложиме на неговото водство. Исто така, треба да се угледаме на тоа како одел тој. „На тој пат бевте повикани“, напишал апостол Петар, „зашто и Христос страдаше за вас, оставајќи ви пример, за тесно да ги следите неговите стапки“ (1. Петрово 2:21). Како треба да влијае врз нас тоа што го следиме Исусовиот совршен пример?

Биди разумен кога имаш авторитет

12. Кој аспект од Христовиот пример е од особено значење за старешините во собранието?

12 Иако Исус добил неспоредлив авторитет од својот Татко, го користел разумно. Сите во собранието — особено надгледниците — треба да се трудат нивната ‚разумност да им биде позната на сите луѓе‘ (Филипјаните 4:5; 1. Тимотеј 3:2, 3). Бидејќи старешините имаат извесен авторитет во собранието, многу е битно да ги следат Христовите стапки кога го користат.

13, 14. Како можат старешините да се угледаат на Христос додека ги охрабруваат другите да му служат на Бог?

13 Исус ги зел предвид ограничувањата на своите ученици. Не барал од нив повеќе од она што можеле да го направат (Јован 16:12). Без да ги присилува, Исус ги охрабрил своите следбеници ‚силно да се напрегаат‘ да ја извршуваат Божјата волја (Лука 13:24). Тоа го направил предводејќи и мотивирајќи ги нивните срца. Слично, христијанските старешини денес не ги заплашуваат другите да му служат на Бог од срам или од чувство на вина. Наместо тоа, ги охрабруваат да му служат на Јехова од љубов кон него и кон Исус, како и кон ближниот (Матеј 22:37-39).

14 Исус не го злоупотребувал авторитетот што му бил даден контролирајќи им го животот на луѓето. Тој не поставувал недостижни мерила ниту безброј правила. Сакал да ги мотивира другите достигнувајќи ги нивните срца со начелата што стоеле зад законите што биле дадени преку Мојсеј (Матеј 5:27, 28). Угледувајќи се на Исус Христос, старешините не поставуваат своеволни правила и не инсистираат на своите лични гледишта. Кога станува збор за облекувањето и личниот изглед или за рекреацијата и забавата, старешините се обидуваат да допрат до срцето применувајќи ги Божјите начела, како што се оние што се изнесени во Михеј 6:8, 1. Коринќаните 10:31-33 и 1. Тимотеј 2:9, 10.

Биди сочувствителен и простувај

15. Како реагирал Исус на пропустите на своите ученици?

15 Христос ни оставил пример во начинот на кој реагирал на пропустите и грешките на своите ученици. Да спомнеме два настана од последната ноќ додека бил на Земјата како човек. Откако пристигнал во Гетсиманија, Исус ‚ги зел со себе Петар, Јаков и Јован‘ и им рекол ‚да бдеат‘. Потоа, ‚отишол малку потаму, паднал наземи и почнал да се моли‘. Кога се вратил, ‚ги нашол како спијат‘. Како реагирал Исус? Тој рекол: „Духот, секако, е горлив, но телото е слабо“ (Марко 14:32-38). Наместо остро да ги прекори Петар, Јаков и Јован, тој покажал сочувство! Истата таа ноќ, Петар три пати се откажал од Исус (Марко 14:66-72). Како постапувал оттогаш Исус со Петар? „Господ навистина е подигнат и му се појави на Симона [Петар]“ (Лука 24:34). „Му се појави на Кифа“, стои во Библијата, а „потоа на дванаесеттемина“ (1. Коринќаните 15:5). Наместо да биде огорчен, Исус му простил на апостолот што се каел и го зајакнал. Подоцна, Исус му доверил на Петар големи одговорности (Дела 2:14; 8:14-17; 10:44, 45).

16. Како можеме да бидеме како Исус кога нашите соверници ќе нѐ разочараат или ќе ни згрешат нешто?

16 Кога соверниците ќе нѐ разочараат или ќе ни згрешат нешто поради човечката несовршеност, зар не треба и ние да бидеме сочувствителни и да простуваме како Исус? Петар ги поттикнал своите соверници: „Бидете сите едномислени, покажувајте сочувство, имајте братска наклоност, нежна сочувствителност, понизност на умот, не враќајте зло за зло ни навреда за навреда, туку, напротив, благословувајте“ (1. Петрово 3:8, 9). Што ако некој не постапи со нас како што би постапил Исус, па не е сочувствителен и не ни простува? Дури и тогаш имаме обврска да се трудиме да бидеме како Исус и да реагираме како што би реагирал тој (1. Јованово 3:16).

На прво место стави ги интересите на Царството

17. Што покажува дека најважно во животот на Исус било да ја извршува Божјата волја?

17 Има уште една работа во која треба да одиме онака како што одел Исус Христос. Објавувањето на добрата вест за Божјето Царство било најважната работа во животот на Исус. Откако ѝ проповедал на Самарјанката во близина на градот Сихар во Самарија, Исус им рекол на учениците: „Мојата храна е да ја вршам волјата на оној кој ме испрати и да го завршам неговото дело“ (Јован 4:34). Извршувањето на волјата на својот Татко му давало сила на Исус; тоа го хранело, му носело задоволство и го освежувало како храна. Зар и нашиот живот нема да биде исто толку смисловен и исполнет ако и нам, како на Исус, на прво место ни е извршувањето на Божјата волја?

18. Кои се благословите ако ги поттикнуваме децата да започнат со полновремена служба?

18 Кога родителите ги поттикнуваат своите деца да започнат со полновремена служба, и едните и другите добиваат многу благослови. Еден татко што има двајца близнаци им помогнал да си постават за цел пионерска служба уште од раното детство. Откако завршиле со световното образование, близнаците станале пионери. Размислувајќи за радоста што ја искусил како резултат на тоа, овој татко пишува: „Синовите не нѐ разочараа. Со благодарност можеме да речеме: ‚Синовите се дар од Јехова‘“ (Псалм 127:3). А како им користи на децата полновремената служба? Една мајка што има пет деца вели: „Пионерската служба им помогна на сите мои деца да стекнат многу поблизок однос со Јехова, да стекнат подобри навики на проучување, да научат како мудро да го користат своето време и да научат духовните работи да ги ставаат на прво место во животот. Иако сите мораа да прават многу промени, ниеден од нив не жали за патот по кој избрал да оди“.

19. За кои планови за иднината треба мудро да размислат младите?

19 Млади, какви планови имате за иднината? Дали настојувате да бидете најдобри на професионално поле? Или работите на тоа да градите кариера во полновремената служба? „Строго пазете да не одите како немудри, туку како мудри“, опоменал Павле, „откупувајќи си го поволното време зашто деновите се зли“. Тој додава: „Поради тоа, престанете да бидете неразумни, туку и понатаму согледувајте која е Јеховината волја“ (Ефешаните 5:15-17).

Биди лојален

20, 21. Во кој поглед Исус бил лојален, и како можеме да бидеме лојални како него?

20 За да одиме онака како што одел Исус, треба да бидеме лојални како него. Во врска со лојалноста на Исус, Библијата вели: „Иако беше во Божји облик, не размислуваше за грабање, имено дека треба да биде еднаков со Бог. Не, туку се одрече од себеси и зеде облик на роб и стана сличен на луѓето. И повеќе од тоа, кога се најде во облик на човек се понизи и стана послушен сѐ до смрт, да, до смрт на маченички столб“. Исус лојално го поддржувал Јеховиното право на владеење со тоа што се подложил на Божјата волја за него. Тој станал толку послушен што претрпел смрт на маченички столб. Мораме ‚да го задржиме ваквиот умствен став‘ и лојално да се подложиме на извршувањето на Божјата волја (Филипјаните 2:5-8).

21 Исус покажал лојалност и кон своите верни апостоли. И покрај нивните слабости и маани, Исус ги сакал „докрај“ (Јован 13:1). И ние не треба да дозволиме поради мааните на нашите браќа да стекнеме критизерски став.

Следи го примерот што го оставил Исус

22, 23. Како ни користи тоа што го следиме примерот што го оставил Исус?

22 Се разбира, како несовршени луѓе, ние не можеме да одиме баш по стапките на нашиот совршен Пример. Меѓутоа, можеме да се трудиме тесно да ги следиме. За тоа треба да го разбереме и да се подложиме на Христовиот начин на кој нѐ води и да го следиме примерот што го оставил тој.

23 Ќе имаме многу благослови ако бидеме како Христос. Животот ни е посмисловен и поисполнет затоа што сме сосредоточени на извршувањето на Божјата волја, а не на својата (Јован 5:30; 6:38). Имаме чиста совест. Им служиме на другите за пример. Исус ги повикал сите што се измачувале и што биле оптоварени да дојдат кај него и да најдат освежување за своите души (Матеј 11:28-30). Кога го следиме примерот на Исус, и ние можеме да ги освежиме другите со нашето друштво. Затоа, да продолжиме да одиме и да живееме како Исус.

Се сеќаваш ли?

• Како ги води Христос своите следбеници денес?

• Како можат старешините да го следат Христовото водство кога го користат авторитетот што им го дал Бог?

• Како можеме да го следиме Исусовиот пример кога се справуваме со недостатоците на другите?

• Како можат младите да ги стават интересите на Царството на прво место?

[Прашања]

[Слика на страница 23]

Христијанските старешини ни помагаат да го следиме Христовото водство

[Слики на страници 24 и 25]

Млади, какви планови правите за да водите исполнет христијански живот?