Кој бил Понтиј Пилат?
Кој бил Понтиј Пилат?
„ДРСКИОТ, скептичен Пилат е историска личност што често е тема за дискусија. За некои тој е светец, за други е олицетворение на човечката слабост, совршен пример на политичар спремен да жртвува еден човек заради стабилноста“ (Pontius Pilate од Ен Вроу).
Без оглед на тоа дали се согласувате со некое од овие гледишта или не, Понтиј Пилат станал познат заради начинот на кој постапил со Исус Христос. Кој бил Пилат? Што знаеме за него? Тоа што ќе дознаеме нешто повеќе за неговата положба ќе ни помогне подобро да ги разбереме најважните настани што некогаш се одиграле на Земјата.
Положба, должности и власт
Во 26 од н.е., римскиот император Тибериј го поставил Пилат за управител на провинцијата Јудеја. Таквите префекти биле луѓе од таканаречениот коњички ред — ситни благородници, за разлика од аристократите што биле поставувани за сенатори. Пилат веројатно стапил во војската како воен трибун, или офицер од понизок ранг. Со секоја нова служба добивал повисок чин, и на крајот бил поставен за управител кога сѐ уште немал ни 30 години.
Кога носел униформа, Пилат бил облечен во кожена туника и метален граден оклоп. Во јавноста носел бела тога порабена со пурпурен раб. Имал кратка коса и не носел брада. Иако некои сметаат дека потекнувал од Шпанија, неговото име укажува дека припаѓал на племето Понтиј — самнитски благородници од јужна Италија.
Префектите што имале чин како Пилат обично биле испраќани на варварски територии. Римјаните ја сметале Јудеја за такво место. Освен тоа што го одржувал редот и мирот, Пилат го надгледувал и собирањето посредни даноци и данок по глава. Секојдневните судски случаи биле во надлежност на еврејските судови, но случаите во кои требало да се донесе смртна казна очигледно му се изнесувале на управителот, кој бил врховна судска власт.
Со мал персонал од неколкумина писари, придружници и гласници, Пилат и неговата жена живееле во пристанишниот град Цезареја. Пилат заповедал со пет пешадиски чети кои се состоеле од 500 до 1.000 луѓе, како и со коњички полк што веројатно се состоел од 500 души. Било вообичаено неговите војници да ги приковуваат на столб прекршителите на законот. Во време на мир, погубувањето следело откако ќе се одржело сослушување по кратка постапка, кога имало востание, бунтовниците биле погубувани на лице место и во голем број. На пример, Римјаните приковале на столб 6.000 робови за да го задушат востанието што го водел Спартак. Ако на Јудеја ѝ се заканувале немири, управителот обично можел да побара помош од царскиот пратеник
во Сирија, кој заповедал со легиони. Меѓутоа, во текот на поголемиот дел од службата на Пилат, во Сирија немало таков пратеник, па Пилат морал брзо да ги средува немирите.Управителите редовно комуницирале со императорот. За сѐ што било поврзано со неговата чест или што претставувало закана за римската власт требало да му се поднесе извештај на императорот, кој потоа издавал наредби. Веројатно управителот и тоа како сакал да му ја изнесе на императорот својата страна за она што се случувало во неговата провинција пред да се пожалат другите. Бидејќи во Јудеја се спремала неволја, таквите грижи биле многу реални за Пилат.
Освен извештаите од евангелијата, историчарите Јосиф Флавиј и Филон се главен извор на информации во врска со Пилат. И римскиот историчар Тацит вели дека Пилат го погубил Христос, по кого христијаните го добиле своето име.
Предизвикан гневот на Евреите
Јосиф вели дека, од обѕир кон Евреите на кои совеста не им дозволувала да прават идоли, римските управители не носеле во Ерусалим знамиња и симболи на кои бил прикажан ликот на императорот. Бидејќи Пилат не водел сметка за тоа, разгневените Евреи нагрнале во Цезареја за да се жалат. Пилат не презел ништо пет дена. Шестиот ден им наредил на своите војници да ги обиколат бунтовниците и да им се заканат дека ќе ги погубат ако не се разотидат. Кога Евреите рекле дека се поспремни да умрат отколку да гледаат како се прекршува нивниот Закон, Пилат попуштил и наредил да се тргнат идолите.
Пилат знаел да употреби сила. Во еден настан што го запишал Јосиф, Пилат ја започнал изградбата на еден аквадукт за да донесе вода во Ерусалим и ги користел средствата од храмската ризница за да го финансира тој проект. Пилат не си ги присвоил парите така едноставно, бидејќи знаел дека ограбувањето на храмот претставувало сквернавење и би ги навело гневните Евреи да побараат од Тибериј да го повлече од службата. Затоа, изгледа дека Пилат ја придобил соработката на овластените лица во храмот. Средствата посветени на Бог, наречени „корбан“, можеле со право да се користат за изградба на јавни објекти што ќе му бидат од корист на градот. Но, илјадници Евреи се собрале за да го изразат своето незадоволство.
Пилат заповедал трупите да се помешаат со мноштвата, но им дал наредба да не користат мечеви туку да ги претепаат бунтовниците со стапови. Изгледа дека сакал да го контролира мноштвото без да предизвика масакр. По сѐ изгледа тоа се исплатело, иако некои сепак го изгубиле животот. Можеби оние што му рекле на Исус дека Пилат ја измешал крвта на Галилејците со нивните жртви мислеле на овој настан (Лука 13:1).
„Што е вистина?“
Пилат стекнал лош глас поради истрагата што ја спровел кога главните свештеници и старешините на Евреите поднеле обвиненија дека Исус тврдел за себе дека е Цар. Кога чул дека Исус е дојден за да сведочи за вистината, Пилат видел дека овој затвореник не претставува никаква опасност за Рим. „Што е вистина?“, прашал тој, очигледно мислејќи дека вистината е толку несфатлива работа што не заслужува да ѝ се посвети големо внимание. До каков заклучок дошол? „Не наоѓам никакво Јован 18:37, 38; Лука 23:4).
злосторство кај овој човек“ (Ова требало да биде крај на судењето на Исус, но Евреите упорно тврделе дека тој го кревал народот на бунт. Главните свештеници го дале Исус на суд од завист, и Пилат го знаел тоа. Исто така, знаел дека ослободувањето на Исус ќе предизвика проблеми, а сакал да го избегне тоа. Веќе имал доволно проблеми, бидејќи Варава и некои други биле во затвор поради бунт и убиство (Марко 15:7, 10; Лука 23:2). Освен тоа, претходните расправии со Евреите му го расипале добриот глас пред Тибериј, кој бил познат по тоа што постапувал многу строго со лошите управители. Сепак, би покажал слабост кога би им попуштил на Евреите. Затоа, Пилат стоел пред дилема.
Кога чул од каде е Исус, Пилат се обидел да му го префрли случајот на Ирод Антипа, кој бил обласен управител на Галилеја. Кога ни тоа не му успеало, Пилат се обидел да ги натера оние што биле насобрани пред неговата палата да бараат Исус да биде пуштен, во склад со обичајот да се ослободи еден затвореник на Пасхата. Мноштвото гласно барало да биде ослободен Варава (Лука 23:5-19).
Пилат можеби сакал да постапи исправно, но исто така сакал да се поштеди себеси и да му угоди на мноштвото. На крајот, својата кариера ја ставил пред својата совест и пред правдата. Побарал вода и си ги измил рацете, тврдејќи дека не е виновен за смртта што ја одобрил во тој момент. a Иако верувал дека Исус бил невин, Пилат дал да го камшикуваат и им дозволил на војниците да му се подбиваат, да го удираат и да го плукаат (Матеј 27:24-31).
Пилат направил последен обид да го ослободи Исус, но мноштвото довикувало дека, ако го стори тоа, не му е пријател на цезарот (Јован 19:12). На тие зборови Пилат попуштил. Еден изучувач го рекол следново во врска со одлуката на Пилат: „Решението било лесно: да се погуби човекот. Сѐ што можело да се изгуби бил животот на еден навидум безначаен Евреин; би било глупаво да си навлече неволја поради него“.
Што се случило со Пилат?
Последниот запишан настан од кариерата на Пилат бил еден друг конфликт. Јосиф вели дека толпа вооружени Самарјани се собрале на планината Геризим со надеж дека ќе го пронајдат богатството што Мојсеј наводно го закопал таму. Пилат се вмешал, и неговите трупи убиле многу од насобраните луѓе. Самарјаните му се пожалиле на надлежниот на Пилат, Луциј Вителиј, кој бил управител на Сирија. Не е кажано дали Вителиј сметал дека Пилат претерал. Како и да е, му наредил на Пилат да појде во Рим за да одговара пред императорот за своите постапки. Меѓутоа, пред да пристигне таму, Тибериј умрел.
„Во тој момент“, вели едно списание, „Пилат преминува од историја во легенда“. Сепак, мнозина се обиделе да ги дадат деталите што недостасуваат. Некои тврдат дека Пилат станал христијанин. Етиопските „христијани“ го направиле „светец“. Евзебиј, кој пишувал кон крајот на третиот и почетокот на четвртиот век, бил првиот од многуте што рекле дека Пилат се самоубил, исто како Јуда Искариот. Меѓутоа, никој не знае точно што се случило со Пилат.
Пилат можеби бил своеглав, брзоплет и суров. Но, останал во служба десет години, додека повеќето префекти во Јудеја ја задржале таа положба многу пократко. Затоа, од гледна точка на Римјаните, Пилат бил способен човек. За него е речено дека бил плашливец што дозволил да се малтретира и да се убие Исус за да се заштити себеси, што е за осуда. Други аргументираат дека должноста на Пилат не била толку да дели правда колку да се грижи за мирот и интересите на Рим.
Времето во кое живеел Пилат било многу поинакво од нашево. Сепак, ниеден судија не би можел со право да осуди човек што го смета за невин. Да не била неговата средба со Исус, Понтиј Пилат можеби ќе бил само уште едно име во книгите по историја.
[Фуснота]
a Миењето раце било еврејски, а не римски обичај со кој некој покажувал дека не учествува во пролевањето крв (Второзаконие 21:6, 7).
[Слика на страница 11]
Овој натпис, во кој јасно се кажува дека Понтиј Пилат бил префект на Јудеја, бил пронајден во Цезареја