Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

Мноштва почнуваат да го обожаваат Јехова

Мноштва почнуваат да го обожаваат Јехова

„Мојата помош е од Јехова“

Мноштва почнуваат да го обожаваат Јехова

БИБЛИСКИТЕ пророштва што зборуваат за нашево време претскажале дека луѓе од сите нации ќе нагрнат кон возвишеното обожавање на Јехова. На пример, преку пророкот Агеј, Јехова Бог изјавил: „Ќе ги стресам сите народи, за да дојде богатството на сите народи, и ќе го наполнам со слава овој Дом — зборува Господ над Воинствата“ (Агеј 2:7). И Исаија и Михеј прорекле дека во наше време — „на крајот на деновите“ — и народи и поединци ќе го обожаваат Јехова на еден прифатлив начин (Исаија 2:2-4; Михеј 4:1-4).

Дали таквите пророштва навистина се исполнуваат денес? Нека посведочат фактите. Само во последните десет години, повеќе од 3.110.000 нови лица се предале на Јехова во повеќе од 230 земји. Всушност, од секои 10 Сведоци на Јехова што моментално служат, 6 биле крстени во последнава деценија. Во 2004 година, кон христијанското собрание бил придодаван по еден предаден слуга на Бог во просек секои две минути! a

Како што било во првиот век, и денес ‚голем број стануваат верници и се свртуваат кон Господ‘. Иако бројниот пораст сам по себе не е доказ за Божјиот благослов, сепак ни дава доказ дека „раката Јеховина“ е со неговиот народ (Дела 11:21). Што повело милиони кон обожавањето на Јехова? И како ти лично си засегнат од ваквиот развој на работите?

Привлечени се луѓе со искрено срце

Исус јасно кажал: „Никој не може да дојде кај мене, ако не го привлече Таткото кој ме испрати“ (Јован 6:44). Значи, на крајот, Јехова е одговорен да ги привлече луѓето кои што се „исправно наклонети кон вечниот живот“ (Дела 13:48). Божјиот дух може да направи луѓето да станат свесни за своите духовни потреби (Матеј 5:3). Тоа што некому е вознемирена совеста, очајно бара надеж или е притиснат од некој проблем може да го поттикне да го побара Бог и така да дознае за неговата намера со човештвото (Марко 7:26-30; Лука 19:2-10).

Многу поединци ги привлекло обожавањето на Јехова затоа што Библиското образовно дело што го спроведува христијанското собрание им помага да добијат одговор на прашањата што ги збунуваат.

„Ако постои Бог, тогаш зошто луѓето продолжуваат да трпат неправди?“ Ова прашање го измачувало Давиде, дилер на дрога од Италија. Тој не бил нешто посебно заинтересиран за религија, па го поставил ова прашање колку да испровоцира расправија. „Не мислев дека ќе добијам одговор кој ќе е логичен и уверлив“ вели тој. „Но Сведокот што зборуваше со мене беше многу стрплив и она што го кажа ми го потврди со стихови од Библијата. Тој разговор имаше длабок ефект врз мене.“ Денес Давиде живее чесен живот и му служи на Јехова.

Други ги довело до Јеховината организација тоа што барале смисла и цел во животот. Барајќи терапија за своите лични емоционални проблеми, една жена од Загреб која била психијатар отишла кај еден свој доста познат и успешен колега. На нејзино изненадување, психијатарот ѝ го дал телефонскиот број на подружницата на Јеховините сведоци во Загреб, како и името на еден Сведок што го познавал лично. „Слушај“, ѝ рекол, „мислам дека овие луѓе можат да ти помогнат. Ако те пратам в црква ќе најдеш само безживотни ликови — никој не зборува, и ништо не е јасно. Не мислам дека црквата може да ти помогне. Сум пратил и други пациенти кај Јеховините сведоци, и мислам дека тоа ќе биде најдоброто нешто и за тебе“. Еден брачен пар Сведоци со задоволство ја посетиле и наскоро започнале да ја поучуваат за Библијата. По неколку седмици, жената радосно кажала дека тоа што дознала за Божјата намера ѝ дало смисла во животот (Проповедник 12:13).

Кога лично доживеале некоја трагедија, мнозина увиделе дека само вистината од Библијата може да даде вистинска утеха. Во Грција, едно седумгодишно детенце паднало од покривот на своето училиште и умрело. По неколку месеци, две жени Сведоци ја сретнале неговата мајка и се обиделе да ја утешат така што поразговарале со неа за надежта во воскресение (Јован 5:28, 29). Кога чула за тоа, солзи и го облеале лицето. Сестрите ја прашале: „Ако сакаш да дознаеш нешто повеќе за Библијата, кога може да дојдеме?“ „Веднаш“ одговорила таа. Жената ги однела кај неа дома, и започнале да ја проучуваат Библијата. Денес целото нејзино семејство му служи на Јехова.

Имаш ли ти свој удел?

Ваквите искуства ги има многу низ светот. Јехова собира и обучува големо меѓународно мноштво на вистински обожаватели. Собрани од сите краеви на светот, овие луѓе се среќни затоа што можат да го преживеат крајот на овој систем на работи што забрзано доаѓа и да живеат во праведниот нов свет (2. Петрово 3:13).

Поради благословот од Јехова, ова досега невидено дело на собирање незапирливо оди напред кон својата успешна завршница (Исаија 55:10, 11; Матеј 24:3, 14). Дали ти ревносно учествуваш во оваа дејност на објавување на Царството? Ако го правиш тоа, можеш да бидеш сигурен дека Бог ќе ти помага и дека и за тебе ќе важат овие зборови што ги кажал псалмистот: „Мојата помош е од Јехова“ (Псалм 121:2NW ).

[Фуснота]

a Види во Календар на Јеховините сведоци за 2005, септември/октомври.

[Истакната мисла на страница 9]

„Никој не може да дојде кај мене, ако не го привлече Таткото кој ме испрати“ (ЈОВАН 6:44).

[Рамка на страница 8]

КОЈ СТОИ ЗАД ВАКВИОТ ПОРАСТ?

„Ако Господ не го гради домот, напразно се трудат ѕидарите“ (Псалм 127:1).

„Бог правеше да расте; затоа ниту е нешто оној кој сади ниту оној кој залева, туку Бог кој прави да расте“ (1. Коринќаните 3:6, 7).