Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

Не подлегнувај на неисправното размислување!

Не подлегнувај на неисправното размислување!

Не подлегнувај на неисправното размислување!

КОГА патријархот Јов бил во неволја, кај него пошле неговите тројца пријатели, Елифаз, Валдад и Софар. Дошле да покажат дека сочувствуваат со него и да го утешат (Јов 2:11). Највлијателен и можеби најстар од нив бил Елифаз. Тој зборувал прв и имал да каже најмногу. Какво размислување може да се види од неговите три говори?

Потсетувајќи се на некое натприродно искуство што го имал некогаш, Елифаз рекол: „И духот помина над мене; косата ми се крена. Тој застана, — но јас не го видов лицето негово, — само облак беше пред очите мои; тивко веење, и чув глас“ (Јов 4:15, 16ПСП). Каков бил тој дух што влијаел врз размислувањето на Елифаз? Критизерскиот тон на зборовите што ги кажал потоа покажува дека тој дух сигурно не бил некој од Божјите праведни ангели (Јов 4:17, 18). Тоа било некое злобно духовно суштество. Инаку, зошто Јехова би ги прекорил Елифаз и неговите двајца пријатели за лагите што ги кажале? (Јов 42:7). Да, Елифаз бил под демонско влијание. Во неговите зборови може да се види дека не размислувал како што размислува Бог.

Какви гледишта откриваат зборовите на Елифаз? Зошто е важно да се чуваме од погрешно размислување? И кои мерки можеме да ги преземеме за да не му подлегнеме на таквото размислување?

„Не им верува веќе ни на своите слуги“

Во сите три говора, Елифаз го изнел гледиштето дека Бог толку многу бара од своите слуги што за него не е доволно добро што и да направат тие. „Не им верува веќе ни на своите слуги“, му рекол Елифаз на Јов, „и ги обвинува Своите ангели за грешки“ (Јов 4:18). Подоцна, Елифаз го рекол следново во врска со Бог: „Ете, Тој не се доверува ни на светците, за Неговото око ни небесата не се чисти“ (Јов 15:15). Исто така, го поставил прашањето: „Зар е милост за Семоќниот ако си праведен?“ (Јов 22:3). Валдад се согласил со ова гледиште, а тоа го гледаме од неговите зборови: „Ете, и месечината ја губи својата светлина пред Него, за [Божјите] очи ѕвездите не се чисти“ (Јов 25:5).

Мораме да внимаваме да не паднеме под влијание на такво размислување. Тоа може да нѐ наведе да си помислиме дека Бог бара премногу од нас. Ваквото гледиште го ослабнува нашето пријателство со Јехова. Освен тоа, ако почнеме да размислуваме на таков начин, како ќе реагираме кога ќе добиеме потребен совет и укор? Наместо понизно да ја прифатиме исправката, нашето срце може да „се лути на Господа“, и може да се случи да станеме огорчени на него (Пословици 19:3). Тоа би водело до духовна катастрофа!

„Зар човек може да Му биде полезен на Бога?“

Тесно поврзано со сфаќањето дека Бог премногу бара од луѓето е гледиштето дека Тој ги смета луѓето за бескорисни. Во својот трет говор, Елифаз го поставил прашањето: „Зар човек може да Му биде полезен на Бога?“ (Јов 22:2). Елифаз сакал да каже дека во Божји очи човекот е бескорисен. Слично, Валдад тврдел: „Па како може човек да биде праведен пред Бога, и родениот од жена, како може да биде чист?“ (Јов 25:4). Според тоа размислување, како можел Јов, кој бил обичен смртник, дури и да помисли дека може да биде праведен во Божји очи?

Некои луѓе денес се растргнати од негативни чувства за себе. За ова можеби придонеле фактори како што се семејното воспитание, притисоците на животот или тоа што биле жртви на расна или на етничка омраза. Но, и Сатана и неговите демони се радуваат кога ќе обесхрабрат некого. Ако можат да влијаат врз некого да има чувство дека што и да прави не е доволно добро во очите на Семоќниот Бог, тој полесно ќе се потишти. Со текот на времето, таквото лице може да се оддалечи од живиот Бог, па дури и да отстапи од него (Евреите 2:1; 3:12).

Староста и здравствените проблеми ни наметнуваат ограничувања. Можеби изгледа дека сосема малку учевствуваме во службата за Царството во споредба со она што сме го правеле кога сме биле помлади, поздрави и појаки. Колку е важно да сфатиме дека Сатана и неговите демони сакаат да мислиме дека што и да правиме не е доволно добро за Бог! Не смееме да подлегнеме на таквото размислување.

Како да се спротивставиме на негативното размислување

И покрај страдањето што му го наметнал Сатана Ѓаволот, Јов рекол: „Својата невиност [непорочност, NW] ќе ја бранам до последниот здив“ (Јов 27:5). Затоа што го сакал Бог, Јов бил решен да остане непорочен макар што и да се случи, и ништо немало да го промени тоа. Во тоа лежи еден важен фактор што ќе ни помогне да им се спротивставиме на негативните мисли. Мораме добро да ја разбереме Божјата љубов и да ја цениме од сѐ срце. Исто така, треба да ја продлабочиме својата љубов кон него. Тоа ќе го постигнеме ако редовно ја проучуваме Божјата реч и ако во молитва размислуваме за она што го учиме.

На пример, во Јован 3:16 стои: „Бог толку многу го љубеше светот што го даде својот единороден Син“. Јехова многу ги сака луѓето, а таа љубов се гледа од начинот на кој постапувал со нив низ историјата. Ако длабоко размислуваме за примерите од минатото, ќе се зголеми нашето ценење за Јехова и ќе се продлабочи нашата љубов кон него, а тоа ќе ни помогне да се спротивставиме на неисправното или негативно размислување.

Размисли како постапил Јехова со Авраам непосредно пред да бидат уништени Содом и Гомор. Авраам осумпати го прашувал Јехова во врска со неговиот суд. Во ниеден момент Јехова не покажал дека се изнервирал или дека се налутил. Напротив, со своите одговори го успокоил и го утешил Авраам (Битие 18:22-33). Кога Бог подоцна ги спасил Лот и неговата фамилија од Содом, Лот побарал да побегне во некој близок град наместо во планините. Јехова одговорил: „Ќе ја послушам и таа твоја молба, и нема да го разурнам градот за кој зборуваш“ (Битие 19:18-22). Дали овие извештаи го прикажуваат Јехова како владетел што премногу бара, што нема љубов и што постапува како некој диктатор? Не. Тие го прикажуваат онаков каков што навистина е — како Севишен владетел што се одликува со љубов, љубезност, милост и разбирање.

Примерите на Арон, Давид и Манасија од древниот Израел го побиваат сфаќањето дека Бог е ситничав маанџија и дека никој не е доволно добар во негови очи. Арон бил виновен за три сериозни престапи. Го направил златното теле, ѝ се придружил на сестра си Маријам во критикувањето на Мојсеј, и не го посветил и не му оддал чест на Бог кај Мерива. Сепак, Јехова ги видел добрите работи кај него и му дозволил да продолжи да служи како првосвештеник сѐ до смртта (Излез 32:3, 4; Броеви 12:1, 2; 20:9-13).

Цар Давид направил тешки гревови додека владеел, меѓу кои прељуба, ја предизвикал смртта на недолжен човек, и направил попис на населението, што било спротивно на законот. Меѓутоа, Јехова забележал дека Давид се каел, и затоа лојално се држел за сојузот за Царство со тоа што му допуштил да служи како цар сѐ до својата смрт (2. Самоил 12:9; 1. Летописи 21:1-7).

Јудејскиот цар Манасија му подигнал жртвеници на Ваал, ги принел своите синови како жртва во оган, ширел спиритистички обичаи, и во дворовите на храмот изградил жртвеници што служеле за целите на лажната религија. Меѓутоа, откако искрено се покајал, Јехова му простил, го ослободил од ропство и му го вратил царството (2. Летописи 33:1-13). Зарем вака би постапил еден Бог за кого никој не е доволно добар? Секако дека не!

Вината лежи врз лажниот обвинител

Не треба да се изненадиме што самиот Сатана најмногу ги има токму тие особини за кои го обвинува Јехова дека ги има. Сатана е тој што е суров и премногу бара. Ова јасно може да се види од обичајот да се жртвуваат деца како дел од лажното обожавање во минатото. Отпадничките Израелци ги гореле своите синови и ќерки во оган — што на Јехова не му ни паднало на ум (Еремија 7:31).

Сатана е ситничав маанџија, а не Јехова. Во Откровение 12:10 за Сатана е речено дека е „обвинителот на нашите браќа, кој ги обвинува ден и ноќ пред нашиот Бог!“ Од друга страна, пак, во врска со Јехова, псалмистот пеел: „Ако си спомнуваш, Господи, за гревот, Господи, кој ќе опстане? Но во Тебе е проштавањето“ (Псалм 130:3, 4).

Кога повеќе никој нема да размислува неисправно

На ангелите сигурно многу им олеснало кога Сатана Ѓаволот и неговите демони биле исфрлени од небото! (Откровение 12:7-9). По тој настан, тие злобни духови повеќе не можеле да влијаат врз она што го правела фамилијата од Јеховини ангели на небото (Даниел 10:13).

Во блиска иднина, и жителите на Земјата ќе се радуваат. Наскоро, еден ангел што ќе се симне од небото со клуч од бездната и со голем синџир во раката ќе ги врзе Сатана и неговите демони и ќе ги фрли во бездната каде што ќе бидат неактивни (Откровение 20:1-3). Колку ли ќе ни олесни кога ќе се случи тоа!

Во меѓувреме, мораме да се чуваме од неисправното размислување. Кога и да утврдиме дека во умот почнуваат да ни се вртат погрешни или негативни мисли, треба да им се спротивставиме со тоа што ќе ги сосредоточиме мислите на Јеховината љубов. Тогаш, ‚мирот Божји, кој ја надминува секоја мисла, ќе ги чува нашите срца и нашите умствени сили‘ (Филипјаните 4:6, 7).

[Слика на страница 26]

Јов не подлегнал на негативното размислување

[Слика на страница 28]

Лот научил дека Јехова е Севишен владетел што покажува разбирање