Прашања од читателите
Прашања од читателите
Може ли играњето насилни компјутерски игри да влијае врз нашиот однос со Јехова?
„Господ [Јехова NW] ги испитува праведниот и неправедниот“, напишал цар Давид од древниот Израел, „од дното на душата го мрази силникот“ (Псалм 11:5). Зборот „мрази“ на оригиналниот јазик може да значи „да се биде непријател“. Според тоа, секој што го сака насилството станува непријател на Бог. Затоа, треба да го разгледаме следново прашање: Можно ли е играњето некоја компјутерска игра да развие кај некого љубов кон насилството?
Насилните компјутерски игри ја величаат употребата на оружје. Честопати, оној што игра такви игри се обучува на воени вештини. Во списанието The Economist пишувало: „Американската војска сѐ повеќе ги користи компјутерските игри како помошно средство за обука. Некои игри што ги користи војската се во слободна продажба“.
Точно е дека оние што играат насилни компјутерски игри не повредуваат вистински луѓе. Но што покажува тој избор на забава за тоа што можеби се случува во нивните срца? (Матеј 5:21, 22; Лука 6:45). Што би помислил за некое лице коешто ужива во прободување, осакатување, убивање и пукање во измислени луѓе? Што ако ова лице поминува многу часови секоја седмица задоволувајќи ги овие насилни фантазии, со што станува скоро зависен од таквите игри? Ако ништо друго, би заклучил дека тој развива љубов кон насилството, исто како што лицето кое гледа порнографија развива неморални желби (Матеј 5:27-29).
До кој степен го мрази Јехова оној што го сака насилството? Давид рекол дека Јехова го мрази таквото лице „од дното на душата“. Во времето на Ное, Јехова покажал колку многу ги мрази оние што го сакаат насилството. Тој му рекол на Ное: „Одлучив да им биде крај на сите суштества, зашто земјата се наполни со насилства; и, еве, ќе ги уништам заедно со земјата“ (Битие 6:13). Вистинскиот Бог уништил еден цел свет затоа што луѓето биле многу насилни. Тој го спасил само Ное и неговото семејство — осум лица кои не го сакале насилството (2. Петрово 2:5).
Луѓето што сакаат да бидат пријатели со Јехова ‚ги прековуваат мечевите во плугови, а копјата во српови‘. Наместо да се учат да го сакаат насилството, тие не ‚се учат веќе на војување‘. За да останеме Божји пријатели наместо да станеме негови непријатели, мораме да ‚се тргаме од злото и да правиме добро‘. Треба да ‚бараме мир и да тежнееме кон него‘ (1. Петрово 3:11).
Што ако веќе играме насилни видео игри? Тогаш треба да бидеме цврсто одлучни да му угодиме на Јехова, со тоа што ќе престанеме да го правиме она што тој го мрази. Се разбира, треба да се молиме за помош од Божјиот свет дух за да престанеме со оваа навика што е штетна за нашата духовност. Можеме да престанеме со тоа ако дозволиме особините како што се мир, добрина и самосовладување да направат нашиот начин на живот да биде повеќе во склад со Божјиот начин на размислување и постапување (Лука 11:13; Галатите 5:22, 23).