Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

„Стравот од Господа — ете што е мудрост“

„Стравот од Господа — ете што е мудрост“

„Стравот од Господа — ете што е мудрост“

„ДА ГО ЧУЕМЕ завршниот збор за сѐ: ‚Бој се од Бога, исполнувај ги Неговите заповеди, зашто во тоа е сѐ за човекот‘“ (Проповедник 12:13). До колку длабок заклучок дошол цар Соломон од древниот Израел под инспирација од Бог! И патријархот Јов сфатил колку е важно човек да има страв од Бог, бидејќи рекол: „Стравот од Господа — ете што е мудрост, ‚Отстранувај се од злото‘ — тоа ти е разумност“ (Јов 28:28).

Библијата вели дека е многу важно да имаме страв од Јехова. Зошто е мудро да имаме страхопочит кон Бог? Како ни користи стравот од Бог — секому од нас поединечно и на сите како група вистински обожаватели? Одговор на овие прашања можеме да најдеме во стиховите 26 до 35 во 14. поглавје од книгата Пословици. a

Извор на „голема верба“

„Во стравот од Господа е голема верба“, вели Соломон, „и е прибежиште за неговите синови“ (Пословици 14:26). Богобојазливиот човек има доверба само во лојалниот и семоќен Бог, Јехова. Не е чудно што таквиот човек со силна доверба се соочува со она што стои пред него! Него го очекува долга и среќна иднина.

Но, што може да се рече за иднината на оние што ја полагаат својата доверба во светот — во неговите планови, организации, идеологии и богатства? На каква и иднина да се надеваат, таа е кратка, бидејќи во Библијата стои: „Светот поминува, а и неговата желба, но оној кој ја врши Божјата волја останува засекогаш“ (1. Јованово 2:17). Тогаш, имаме ли некаква причина ‚да го љубиме светот или она што е во светот‘? (1. Јованово 2:15).

Какви мерки можат да преземат богобојазливите родители за да им обезбедат „прибежиште“ на своите деца? „Дојдете, чеда, и послушајте ме“, во песна рекол псалмистот, „ќе ве научам на страв од Господа“ (Псалм 34:11). Кога децата ќе научат да се плашат од Бог гледајќи го примерот од родителите и слушајќи ја нивната поука, ќе созреат во мажи и жени што имаат цврста доверба во Јехова (Пословици 22:6).

„Стравот од Господа е извор на животот“, продолжува Соломон, „тој избавува од стапицата на смртта“ (Пословици 14:27). Стравот од Јехова е „извор на животот“ затоа што вистинскиот Бог е „Изворот на живата вода“ (Еремија 2:13). Стекнувањето спознание за Јехова и за Исус Христос може да значи вечен живот за нас (Јован 17:3). Стравот од Бог исто така нѐ избавува од стапиците на смртта. Како? Во Пословици 13:14 стои: „Поуката на мудриот е животен извор, таа избавува од примките на смртта“. Кога имаме страв од Јехова, кога го слушаме неговиот закон и кога дозволуваме неговата Реч да ги води нашите чекори, зар не сме заштитени од лошите навики и емоции што можат да водат до предвремена смрт?

„Слава на царот“

Во текот на поголемиот дел од своето владеење, Соломон бил богобојазлив цар што му бил послушен на Јехова. Затоа владеел успешно. По што се гледа колку добро владее еден цар? Одговорот го наоѓаме во Пословици 14:28: „Многуброен народ е слава за царот, а без луѓе владетелот пропаѓа“. Успехот на еден цар се мери по благосостојбата на неговите поданици. Ако е голем бројот на луѓето што сакаат да останат под неговата власт, тоа потврдува дека е добар владетел. Соломон имал поданици „од [Црвеното] море до [Средоземното] море и од Реката (Еуфрат) до границите на светот“ (Псалм 72:6-8). За време на неговото владеење имало мир и богатство како никогаш дотогаш (1. Цареви 4:24, 25). Соломон владеел успешно. Од друга страна, пак, за владетелот е срам кога народот не е задоволен од него.

Во врска со ова, што може да се рече за славата на Поголемиот Соломон, месијанскиот Цар, Исус Христос? Помисли на поданиците што ги има уште денес. Од едниот до другиот крај на Земјата, повеќе од шест милиони богобојазливи мажи и жени веќе избрале да живеат под власта на Христос. Тие покажуваат вера во Исус и се обединети во вистинското обожавање на живиот Бог (Јован 14:1). До крајот на илјадагодишното владеење, сите оние што се во Божјето сеќавање ќе бидат воскреснати. Тогаш рајската Земја ќе биде полна со среќни, праведни луѓе што покажуваат ценење за својот Цар. Тоа ќе биде големо сведоштво за успехот на Христовото владетелство! Да се држиме цврсто за нашата прекрасна надеж за Царството.

Духовни и физички користи

Страхопочитта кон Бог може да ни даде мир во срцето и спокојство во духот, затоа што некои од многуте фасети на мудроста се доброто просудување и проникливоста. Во Пословици 14:29 стои: „Кој се гневи бавно има големо разбирање, а избувливиот во дух покажува глупост“. Проникливоста ни помага да сфатиме дека неконтролираниот гнев штетно влијае врз нашата духовност. Некои од делата што би можеле да нѐ спречат ‚да го наследиме Божјето царство‘ се „непријателства, кавги, љубомора, изливи на гнев, препирки“ (Галатите 5:19-21). Советувани сме да не држиме дури ни оправдана лутина (Ефешаните 4:26, 27). А поради нестрпливоста можеме да речеме или да направиме нешто непромислено за кое подоцна ќе зажалиме.

Укажувајќи на негативните физички последици од гневот, царот на Израел вели: „Тивкото срце е живот на телото, а љубомората е гнилеж во коските“ (Пословици 14:30). Некои заболувања што настануваат како последица од лутината и гневот се проблеми со дишењето, зголемен крвен притисок, заболувања на црниот дроб и оштетување на панкреасот. Лекарите исто така велат дека лутината и гневот се емоции што ги влошуваат, па дури и ги предизвикуваат болестите како што се чиреви, мозолчиња, астма, кожни болести и дигестивни проблеми. Од друга страна, пак, „тивкото срце е живот на телото“ (Пословици 14:30). Затоа, ќе биде мудро „да се стремиме кон она што придонесува за мир и кон она што служи за заемно изградување“ (Римјаните 14:19).

Стравот од Бог ни помага да бидеме непристрасни

„Кој го угнетува бедниот, го навредува неговиот Творец“, вели Соломон, „а кој е милостив кон бедниот Го почитува“ (Пословици 14:31). Богобојазливиот човек сфаќа дека сите луѓе имаат еден и ист Творец, Јехова Бог. Според тоа, бедниот е наш ближен, а на Творецот на човештвото му е важно како другите се однесуваат кон него. За да го величаме Бог, мораме да постапуваме праведно и непристрасно со другите. Христијанинот што е сиромашен треба да добие духовна помош без пристрасност. Добрата вест за Божјето Царство мораме да им ја прнесеме и на сиромашните и на богатите.

Спомнувајќи една друга корист од стравот од Бог, мудриот цар вели: „Нечесниот пропаѓа заради сопствената пакост, а праведникот и при самата смрт наоѓа засолниште“ (Пословици 14:32). Како пропаѓа злобниот? Некои изучувачи мислат дека тоа значи дека нема никакви шанси повторно да застане на нозе откако ќе доживее неволја. Од друга страна, пак, во тешките моменти, богобојазливиот човек наоѓа засолниште во својата непорочност пред Бог. Со целосна доверба во Јехова дури до смрт, тој ја има истата одлучност како Јов, кој рекол: „Својата невиност [непорочност, NW] ќе ја бранам до последниот здив“ (Јов 27:5).

За да останеме непорочни треба да имаме страв и мудрост од Бог. А каде можеме да најдеме мудрост? „Мудроста почива во разумното срце“, наоѓаме одговор во Пословици 14:33, „а што е во безумниот тоа и се покажува.“ Да, може да се најде мудрост во срцето на разумниот човек. Но, како се покажува мудроста на безумните? Според една книга, „безумниот, од преголема желба да остави впечаток дека е мудар, брбори сѐ што си мисли дека е мудро, но потоа испаѓа дека тоа било глупост“.

„Го возвишува народот“

Свртувајќи ни го вниманието од тоа како влијае стравот од Бог врз секој поединец на тоа како влијае врз една цела нација, царот на Израел вели: „Правдата го возвишува народот, а гревот е срам на народите“ (Пословици 14:34). Колку точно се покажало ова начело во случајот со нацијата Израел! Затоа што нацијата Израел се држела за Божјите високи мерила, била на повисоко ниво од околните нации. Меѓутоа, паднале во немилост затоа што постојано биле непослушни и на крајот Јехова го отфрлил Израел. Ова начело важи и за Божјиот народ денес. Христијанското собрание се разликува од светот затоа што се држи за Божјите праведни начела. Но, за да ја задржиме таа возвишена положба, секој од нас мора да води морално чист живот. Гревот ни носи срам нам лично, а освен тоа фрла прекор врз собранието и врз Бог.

Кажувајќи што му носи радост на еден цар, Соломон вели: „Царската наклонетост е кон разумниот слуга, а неговиот гнев — против оној кој го срами“ (Пословици 14:35). Слично, во Пословици 16:13 стои: „Пријатни им се на царевите праведни усни, и тие го љубат оној кој зборува вистина“. Да, нашиот Водач и Цар, Исус Христос, многу се радува кога постапуваме праведно и проникливо и кога ги користиме усните за да проповедаме за Царството и да правиме ученици. Затоа, да останеме зафатени во тоа дело додека ги уживаме благословите што доаѓаат од тоа што имаме страв од вистинскиот Бог.

[Фуснота]

a За дискусија за стиховите од Пословици 14:1-25 види го изданието на Стражарска кула од 15 ноември 2004, страници 26-29, и 15 јули 2005, страници 17-20.

[Слика на страница 15]

Можеме да научиме да имаме страв од Бог