Што мислат другите за нас — дали е важно?
Што мислат другите за нас — дали е важно?
РЕЧИСИ не постои човек што не сака да го пофалат. Комплиментите може да нѐ расположат, да нѐ исполнат со чувство на успех. Признанието што ќе го добиеме може дури да нѐ поттикне да се подобриме во работата. Сосема спротивно е кога ќе забележиме дека некои луѓе немаат добро мислење за нас. Една студена реакција или забелешка дадена со потценување може да ни го скрши духот. Што мислат другите за нас може многу да влијае врз тоа што ние самите ќе мислиме за себе.
Би било погрешно да не ни е важно што мислат другите за нас. Всушност, можеме да имаме корист ако ги замолиме другите да го проанализираат нашето однесување. Кога се темелат на високи морални начела, мислењата на другите можат да нѐ поттикнат да се подобриме, да нѐ мотивираат да се однесуваме како што треба (1. Коринќаните 10:31-33). Сепак, општото мислење за некого честопати е многу пристрасно. Помисли на извртеното гледиште што го имале за Исус првосвештениците и некои други кога ‚почнале да викаат, велејќи: „Прикови! Прикови го!“‘ (Лука 23:13, 21-25). Гледиштата засновани на погрешни информации или оформени поради завист или предрасуди можеби едноставно треба да ги исфрлиме од главата. Значи, потребно е да употребиме добра моќ на просудување и да реагираме разумно на мислењата од другите.
Чие мислење е важно?
Ни значи признанието што ќе го добиеме од оние со кои заедно го обожаваме вистинскиот Бог. Тоа ги вклучува членовите на семејството кои се иста вера со нас и нашите браќа и сестри сохристијани (Римјаните 15:2; Колошаните 3:18-21). Љубовта и почитта од нашите сообожаватели и меѓусебната „размена на охрабрување“ многу ни значат (Римјаните 1:11, 12). Со ‚понизност на умот ги сметаме другите за подобри од себе‘ (Филипјаните 2:2-4). Освен тоа, се трудиме да го стекнеме и го цениме признанието од „оние кои предводат“ — старешините во собранието (Евреите 13:17).
Исто така, сакаме да имаме и „добро сведоштво од луѓето однадвор“ (1. Тимотеј 3:7). Колку е убаво кога нѐ почитуваат роднините што не се од нашата вера, колегите од работа и соседите! И зарем не се трудиме да оставиме добар впечаток кај луѓето на коишто им проповедаме за да реагираат поволно на пораката за Царството? Тоа што во околината сме познати како луѓе што се морално чисти, чесни и со исправно однесување му носи слава на Бог (1. Петрово 2:12). Сепак, никогаш нема да ги прекршиме своите Библиски начела за да ја стекнеме наклоноста на другите; ниту, пак, ќе се правиме нешто што не сме само за да ги импресионираме. Мора да сме свесни дека не е можно да им се угоди на сите. Исус рекол: „Да бевте дел од светот, светот ќе го сакаше своето. А бидејќи не сте дел од светот, туку јас ве избрав од светот, затоа светот ве мрази“ (Јован 15:19). Има ли нешто што може да се направи за да ја стекнеме почитта на оние кои ни се спротивставуваат?
Да се стекне почитта на оние кои ни се спротивставуваат
„И ќе бидете предмет на омраза кај сите луѓе поради моето име; но кој ќе истрае докрај, тој ќе биде спасен“ (Матеј 10:22). Оваа омраза понекогаш ни носи злобни обвинувања. Може да бидеме означени како „бунтовници“ или „превратници“ од владини службеници со предрасуди. Некои отворени противници може неосновано да тврдат дека сме проблематична секта што мора да се забрани (Дела 28:22). Овие лажни обвинувања понекогаш може да се неутрализираат. Како? Така што ќе го следиме советот на апостол Павле: „[Бидете] секогаш спремни да дадете одбрана пред секого кој ви бара причина за надежта која е во вас, но тоа правете го со благ нарав и со длабока почит“ (1. Петрово 3:15). Покрај тоа, треба да користиме „здрав говор што не може да се осуди, така што оној на противничката страна да се посрами, немајќи ништо подло да каже за нас“ (Тит 2:8).
Ако додека се трудиме да си го исчистиме името од прекор неправедно сме оцрнети, нема потреба да се обесхрабриме или тоа да нѐ скрши. Исус, Божјиот совршен син, бил обвинет за хулење, за бунт против државата, па дури и за спиритизам (Матеј 9:3; Марко 3:22; Јован 19:12). Апостол Павле бил клеветен (1. Коринќаните 4:13). Ниту Исус ниту Павле не им обрнувале внимание на таквите критики и продолжиле со својата служба (Матеј 15:14). Биле свесни дека никогаш нема да добијат признание од своите непријатели, зашто „целиот свет лежи во власта на злобниот“ (1. Јованово 5:19). Ние денес се соочуваме со исти обвиненија. Нема потреба да дозволиме да нѐ заплаши тоа што противниците што нѐ мразат шират лаги за нас (Матеј 5:11).
Мислење кое е навистина важно
Луѓето имаат различни мислења за нас, во зависност од нивните мотиви и она што го чуле за нас. Некои нѐ сакаат и почитуваат, други зборуваат сѐ најлошо и нѐ мразат. Како и да е, сѐ додека сме водени од Библиските начела, ги имаме сите потребни причини да бидеме среќни и спокојни.
Апостол Павле напишал: „Целото Писмо е инспирирано од Бог и корисно за поучување, за укорување, за исправање на работите, за дисциплина во праведност, за Божјиот човек да биде потполно способен, целосно опремен за секое добро дело“ (2. Тимотеј 3:16, 17). Ако со благодарност прифаќаме Божјата реч да нѐ води во сите работи, ја стекнуваме наклоноста на Јехова Бог и на неговиот Син, Исус Христос. На крајот на краиштата, за нас е најважно мислењето на Јехова и на неговиот Син. Она што тие го мислат за нас покажува колку навистина вредиме. И на крај, нашиот живот зависи само од тоа дали тие ќе имаат добро мислење за нас (Јован 5:27; Јаков 1:12).
[Истакната мисла на страница 30]
„Пофалбата ме засрамува, зашто потајно во себе копнеам по неа“ — ИНДИСКИОТ ПОЕТ РАБИНДРАНАТ ТАГОРЕ
[Слики на страница 31]
Мислењето што за нас го имаат сообожавателите е важно
[Извор на слика на страница 30]
Culver Pictures