Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

„Бдејте“ — дојде часот на суд!

„Бдејте“ — дојде часот на суд!

„Бдејте“ — дојде часот на суд!

Информациите во оваа студиска статија се темелат на брошурата Бдејте!, објавена на обласните конгреси што се одржаа во целиот свет во 2004 и 2005 година.

„Бдејте зашто не знаете во кој ден доаѓа вашиот Господ“ (МАТЕЈ 24:42).

1, 2. Со што го споредил Исус своето доаѓање?

 ШТО БИ НАПРАВИЛ кога би знаел дека во твојата населба има некој крадец што се прикрадува и пљачка по становите? За да ги заштитиш твоите најмили и твоите вредни работи, ти би бил на штрек, би бдеел. Нормално е да бдееме, бидејќи крадецот не испраќа писмо со кое се најавува кога ќе дојде. Напротив, тој доаѓа крадешкум и неочекувано.

2 Во повеќе прилики, Исус ги употребил како пример методите на крадецот (Лука 10:30; Јован 10:10). Во врска со настаните што требало да се случат во времето на крајот и непосредно пред да дојде Исус за да изврши суд, тој го дал следново предупредување: „Затоа, бдејте зашто не знаете во кој ден доаѓа вашиот Господ. Но едно знајте дека домаќинот, кога би знаел во која стража доаѓа крадецот, тој би останал буден и не би дозволил да му се провали во куќата“ (Матеј 24:42, 43). Значи, Исус го споредил своето доаѓање со доаѓањето на некој крадец — неочекувано.

3, 4. а) Што значи да се послуша Исусовата опомена во врска со неговото доаѓање? б) Кои прашања се поставуваат?

3 Оваа илустрација била сосема на место, бидејќи не се знаел точниот датум кога ќе дојде Исус. Претходно, во истото пророштво, Исус рекол: „За тој ден и час никој не знае, ниту ангелите на небесата ниту Синот, туку само Таткото“ (Матеј 24:36). Затоа, тој ги опоменал оние што го слушале: „Покажете се подготвени“ (Матеј 24:44). Оние што ја послушале неговата опомена ќе биле подготвени и ќе постапувале исправно, без оглед на тоа кога ќе дојде тој за да го изврши Јеховиниот суд.

4 Се поставуваат некои важни прашања: Дали Исусовата опомена важи само за луѓето во светот, или и вистинските христијани треба да ‚бдеат‘? Зошто е толку итно да ‚бдееме‘, и што значи тоа да бдееме?

За кого е таа опомена?

5. Од каде знаеме дека опомената ‚да се бдее‘ се однесува на вистинските христијани?

5 Сосема е сигурно дека доаѓањето на Господарот ќе биде како крадец за луѓето од светот, кои не сакаат да го послушаат предупредувањето за претстојната катастрофа (2. Петрово 3:3-7). Но, што е со вистинските христијани? Апостол Павле им напишал на своите соверници: „И самите многу добро знаете дека Јеховиниот ден доаѓа токму како крадец во ноќта“ (1. Солуњаните 5:2). Ние воопшто не се сомневаме дека „Јеховиниот ден доаѓа“. Но, дали тоа значи дека не е толку потребно да бдееме? Забележи дека баш на своите ученици Исус им рекол: „Синот човечки доаѓа во час кога не ни мислите“ (Матеј 24:44). Некое време пред тоа, кога ги поттикнувал своите ученици постојано да го бараат Царството, Исус ги опоменал: „Бидете подготвени, бидејќи Синот човечки доаѓа во час во кој и не мислите дека е веројатно“ (Лука 12:31, 40). Зар не е јасно дека Исус мислел на своите ученици кога опоменал: „Бдејте“?

6. Зошто е потребно да ‚бдееме‘?

6 Зошто треба ‚да бдееме‘ и ‚да бидеме подготвени‘? Исус објаснил: „Двајца мажи ќе бидат на нива: еден ќе биде земен, а другиот ќе биде оставен; две жени ќе мелат на рачна воденица: едната ќе биде земена, а другата оставена“ (Матеј 24:40, 41). Кога ќе биде уништен безбожниот свет, оние што ќе бидат подготвени ќе бидат ‚земени‘, односно спасени. Другите ќе бидат ‚оставени‘ за уништување поради тоа што си живееле себично гледајќи си ги само своите интереси. Меѓу нив ќе бидат и оние што некогаш биле информирани, но не бдееле.

7. Каква прилика ни дава тоа што не знаеме кога ќе дојде крајот?

7 Тоа што не го знаеме точниот ден кога ќе дојде крајот на овој стар систем ни дава прилика да покажеме дека му служиме на Бог од чисти мотиви. Како тоа? Можеби ни се чини дека крајот нема да дојде скоро. За жал, некои христијани што мислат вака дозволиле да ослабне нивната ревност за Јеховината служба. Но, кога сме му се предале на Јехова за да му служиме, ние сме му се предале безусловно. На оние што го познаваат Јехова им е јасно дека тој нема да биде импресиониран од ревноста покажана во последен момент. Тој гледа што има во срцето (1. Самоил 16:7).

8. Како љубовта кон Јехова нѐ поттикнува да бдееме?

8 Бидејќи навистина го сакаме Јехова, извршувањето на неговата волја ни причинува огромна радост (Псалм 40:8; Матеј 26:39). Ние сакаме да му служиме на Јехова засекогаш. Таа можност не губи од својата вредност само затоа што мораме да чекаме малку подолго отколку што сме очекувале. Пред сѐ, ние бдееме затоа што желно очекуваме да дојде Јеховиниот ден бидејќи тој ќе игра важна улога во исполнувањето на неговата намера. Тоа што имаме искрена желба да му угодиме на Бог нѐ тера да ги примениме советите од неговата Реч и на прво место во животот да го ставиме Царството (Матеј 6:33; 1. Јованово 5:3). Да разгледаме како треба тоа што бдееме да влијае врз нашите одлуки и врз начинот на кој живееме секој ден.

Во кој правец оди твојот живот?

9. Зошто луѓето во светот мораат итно да сфатат што значат настаните во овие времиња?

9 Многу луѓе денес сфаќаат дека сериозните проблеми и шокантните настани се секојдневие, и можеби не се задоволни со правецот во кој тргнал нивниот живот. Меѓутоа, дали знаат кое е вистинското значење на ваквите услови во светот? Дали сфаќаат дека живееме во „завршетокот на системот на работи?“ (Матеј 24:3). Сфаќаат ли дека тоа што се толку раширени себичните, насилнички, па дури и безбожни ставови покажува дека овие времиња се „последните денови“? (2. Тимотеј 3:1-5). Мораат итно да сфатат што значи сево ова и да размислат во кој правец оди нивниот живот.

10. Што мораме да правиме за да бдееме?

10 А како стојат работите со нас? Секој ден се соочуваме со одлуки во врска со нашето вработување, здравје, семејство и обожавање на Бог. Знаеме што вели Библијата и настојуваме да го примениме тоа. Затоа, треба да се запрашаме: ‚Дали дозволувам тегобните грижи на животот да ме одвлечат во друг правец? Им дозволувам ли на филозофиите на светот, на неговиот начин на размислување, да влијае врз моите одлуки?‘ (Лука 21:34-36; Колошаните 2:8). Треба и понатаму да покажуваме дека имаме доверба во Јехова со сето свое срце и дека не се потпираме на сопствениот разум (Пословици 3:5). На тој начин ‚цврсто ќе го зграпчиме вистинскиот живот‘ — вечниот живот во Божјиот нов свет (1. Тимотеј 6:12, 19).

11-13. Што можеме да научиме од примерите за она што се случило: а) во деновите на Ное? б) во деновите на Лот?

11 Библијата содржи многу предупредувачки примери што можат да ни помогнат да бдееме. Да видиме што се случило во деновите на Ное. Бог се погрижил да биде дадено предупредување доволно однапред. Но, освен Ное и неговата фамилија, луѓето не обрнале внимание (2. Петрово 2:5). Во врска со тоа, Исус рекол: „Како што беше во деновите на Ное таква ќе биде присутноста на Синот човечки. Зашто како што во тие денови пред потопот јадеа и пиеја, мажите се женеа и жените се мажеа, сѐ до оној ден кога Ное влезе во арката; и не обрнаа внимание додека не дојде потопот и ги однесе сите, таква ќе биде присутноста на Синот човечки“ (Матеј 24:37-39). Што можеме да научиме од тоа? Ако некој од нас дозволи секојдневните работи — па дури и нормалните активности во животот — да ги истиснат духовните активности, кои Бог нѐ поттикнува да ни бидат на прво место, треба сериозно да размисли за својата ситуација (Римјаните 14:17).

12 Размисли и за деновите на Лот. Градот Содом, каде што живеел Лот со своето семејство, бил материјално богат град, но бил и крајно неморален. Јехова испратил ангели за да го уништат тоа место. Ангелите ги наговарале Лот и неговото семејство да избегаат од Содом и да не погледнуваат назад. Поттикнати од ангелите, тие го напуштиле градот. Но, Лотовата жена по сѐ изгледа не можела да го прежали својот дом во Содом. Таа непослушно погледнала назад, и за тоа платила со животот (Битие 19:15-26). Исус нѐ предупредил за иднината, велејќи: „Сеќавајте се на Лотовата жена“. Дали постапуваме според ова предупредување? (Лука 17:32).

13 Оние што ги послушале Божјите опомени биле поштедени. Тоа било случај со Ное и неговото семејство, како и со Лот и неговите ќерки (2. Петрово 2:9). Бидејќи ги земаме при срце предупредувањата што се наоѓаат во овие примери, охрабрени сме и од пораката за спасение што ја содржат тие за оние што ја сакаат праведноста. Ова ни го исполнува срцето со потполна увереност дека ќе се исполни Божјето ветување за „нови небеса и нова земја“, во кои „ќе престојува праведност“ (2. Петрово 3:13).

‚Дојде часот на суд‘!

14, 15. а) Што вклучува „часот“ на суд? б) Што значи тоа ‚да се плашиме од Бог и да му оддаваме слава‘?

14 Што можеме да очекуваме додека бдееме? Книгата Откровение укажува на тоа како ќе се одвиваат настаните што ќе водат до исполнување на Божјата намера. За да бидеме подготвени, неопходно е да постапуваме според она што ни е откриено во неа. Во ова пророштво живописно се опишани настаните што ќе се случат во „Господовиот ден“, кој започнал кога Христос бил устоличен на небото во 1914 година (Откровение 1:10). Книгата Откровение ни го свртува вниманието на еден ангел на кого му е доверена ‚вечна добра вест за да ја објави‘. Со силен глас, тој вели: „Плашете се од Бог и оддајте му слава, зашто дојде часот на неговиот суд“ (Откровение 14:6, 7). Тој ‚час‘ на суд е краток период; во него ќе бидат објавени и извршени пресудите што се опишани во тоа пророштво. Ние денес живееме во тој период.

15 Сега, пред да заврши часот на суд, поттикнати сме: „Плашете се од Бог и оддајте му слава“. Што значи тоа? Исправниот страв од Бог треба да нѐ натера да бегаме од она што е лошо (Пословици 8:13). Ако му оддаваме чест на Бог, ќе го слушаме со длабока почит. Нема да бидеме толку зафатени со други работи што ќе го занемариме редовното читање на неговата Реч, Библијата. Нема да го омаловажуваме неговиот совет да одиме на христијанските состаноци (Евреите 10:24, 25). Ќе сметаме дека е посебна чест да ја објавуваме добрата вест за Божјето месијанско Царство и ревносно ќе го правиме тоа. Ќе имаме доверба во Јехова во секое време и со сето срце (Псалм 62:8). Признаваме дека Јехова има право да владее над целиот универзум, па спремно му се подложуваме нему како на севишен владетел во нашиот живот. Дали навистина имаш страв од Бог и му оддаваш слава на сите овие начини?

16. Зошто можеме да речеме дека судот против Големиот Вавилон, што е изречен во Откровение 14:8, веќе е извршен?

16 Четиринаесеттото поглавје од Откровение понатаму опишува и други настани што ќе се одиграат во часот на суд. Најнапред е спомнат Големиот Вавилон, светското царство на лажната религија: „И уште еден, втор ангел, го следеше велејќи: ‚Падна! Падна Големиот Вавилон!‘“ (Откровение 14:8). Да, од Божја гледна точка, Големиот Вавилон веќе паднал. Во 1919 година, Јеховините помазани слуги биле ослободени од ропството на вавилонските науки и обичаи, кои со илјадници години ги држеле во подложност луѓето и народите (Откровение 17:1, 15). Тогаш можеле да се посветат на ширењето на вистинското обожавање. Оттогаш низ целиот свет се проповеда добрата вест за Божјето Царство (Матеј 24:14).

17. Што е вклучено во тоа да излеземе од Големиот Вавилон?

17 Тоа не е сѐ што се однесува до Божјиот суд над Големиот Вавилон. Наскоро тој ќе биде сосема уништен (Откровение 18:21). Со добра причина, Библијата ги поттикнува луѓето во целиот свет: „Излезете од неа [Големиот Вавилон] . . . ако не сакате да учествувате со неа во нејзините гревови“ (Откровение 18:4, 5). Како излегуваме од Големиот Вавилон? Не е доволно само да ги прекинеме сите врски со лажната религија. Влијанието на Вавилон се гледа во многу популарни прослави и обичаи, во попустливиот став што светот го има кон сексот, во раширената забава со елементи на спиритизам, и во многу други работи. За да продолжиме да бдееме, неопходно е и со нашите постапки и со желбите на своето срце да докажеме дека навистина сме одделени од Големиот Вавилон во секој поглед.

18. Со оглед на она што е опишано во Откровение 14:9, 10, што внимателно избегнуваат будните христијани?

18 Во Откровение 14:9, 10 е опишан уште еден аспект на ‚часот на суд‘. Еден друг ангел вели: „Ако некој го обожава дивиот ѕвер и неговиот лик, и прими знак на своето чело или на раката, и тој ќе пие од виното на Божјата лутина“. Зошто? Затоа што „дивиот ѕвер и неговиот лик“ се симболи за човечкото владеење што не го признава Јехова како севишен владетел. Будните христијани внимаваат врз нивниот став и постапки да не влијаат оние што не сакаат да го признаат правото на владеење на вистинскиот Бог, Јехова, односно да не бидат означени како нивни робови. Христијаните знаат дека Божјето Царство веќе е воспоставено на небото, дека тоа ќе им стави крај на сите човечки влади, и дека самото ќе стои довека (Даниел 2:44).

Не губи го чувството на итност!

19, 20. а) Како што навлегуваме сѐ подлабоко во последните денови, што можеме да бидеме сигурни дека ќе се обиде да направи Сатана? б) На што треба да бидеме решени?

19 Колку подлабоко навлегуваме во последните денови, толку посилни ќе бидат притисоците и искушенијата. Сѐ додека живееме во овој стар систем и се мачиме со својата сопствена несовршеност, нѐ погодуваат многу работи, како што се слабото здравје, староста, смртта на некој близок, повредените чувства, разочарувањето кога наидуваме на мал одѕив додека ја проповедаме Божјата реч, како и многу други работи. Никогаш не заборавај дека Сатана многу би сакал да ги искористи притисоците со кои се соочуваме за да нѐ натера да се откажеме — да престанеме да ја проповедаме добрата вест или да престанеме да живееме според Божјите мерила (Ефешаните 6:11-13). Сега не е време да го изгубиме нашето чувство на итност во поглед на времето во кое живееме!

20 Исус знаел дека ќе бидеме под голем притисок да се откажеме, па затоа ни го дал советот: „Бдејте зашто не знаете во кој ден доаѓа вашиот Господ“ (Матеј 24:42). Затоа, да бидеме уште побудни во поглед на тоа каде сме во струјата на времето. Да внимаваме на итрините на Сатана што би можеле да нѐ наведат да забавиме или да се откажеме. Да бидеме решени да ја проповедаме добрата вест за Божјето Царство со уште поголема ревност и одлучност. Да го задржиме нашето чувство на итност додека ја слушаме Исусовата опомена: „Бдејте“. Со тоа ќе му донесеме чест на Јехова и ќе бидеме меѓу оние што очекуваат да добијат вечни благослови од него.

Како би одговорил?

• Од каде знаеме дека Исусовата опомена да ‚бдееме‘ важи за вистинските христијани?

• Кои предупредувачки примери од Библијата можат да ни помогнат да ‚бдееме‘?

• Што е часот на суд, и што сме поттикнати да правиме пред да заврши?

[Прашања]

[Слика на страница 23]

Исус го споредил своето доаѓање со доаѓањето на некој крадец

[Слика на страница 24]

Се ближи уништувањето на Големиот Вавилон

[Слики на страница 25]

Да бидеме решени да проповедаме со уште поголема ревност и одлучност