Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

Врвни точки од книгата Прва Летописи

Врвни точки од книгата Прва Летописи

Јеховината реч е жива

Врвни точки од книгата Прва Летописи

ПОМИНАЛЕ околу 77 години откако Евреите се вратиле во својата татковина од ропството во Вавилон. Храмот што повторно го изградил управителот Зоровавел постоел веќе 55 години. Главната причина зошто Евреите се вратиле била да го обноват вистинското обожавање во Ерусалим. Меѓутоа, луѓето не биле доволно ревносни за обожавањето на Јехова. Итно им било потребно охрабрување, и токму тоа го дава библиската книга Прва Летописи.

Освен што се наведени родословија, во Прва Летописи е опфатен и период од околу 40 години — од смртта на цар Саул до смртта на цар Давид. Се смета дека оваа книга ја напишал свештеникот Езра во 460 пр.н.е. Книгата Прва Летописи е важна за нас затоа што ни дава увид во тоа како луѓето го обожавале Бог во храмот и ни дава детали во врска со лозата на Месијата. Како дел од инспирираната Божја реч, нејзината порака ни ја зајакнува верата и го зголемува нашето разбирање за Библијата (Евреите 4:12).

ЗНАЧАЕН ЗАПИС НА ИМИЊА

(1. Летописи 1:1—9:44)

Деталното родословие што го составува Езра е потребно од најмалку три причини: како гаранција дека само овластени мажи ќе служат како свештеници, за да може да се одреди племенското наследство, и за да се зачува записот за лозата од која ќе произлезе Месијата. Овој запис ни ги открива предците на Евреите сѐ до првиот човек. Од Адам до Ное имало десет генерации, а до Авраам живееле уште десет генерации. Откако се набројани синовите на Исмаил, синовите на Авраамовата наложница Хетура и синовите на Исав, извештајот преминува на лозата на 12-те синови на Израел (1. Летописи 2:1).

За потомците на Јуда е даден детален извештај затоа што од нив призлегува царската лоза на цар Давид. Од Авраам до Давид имало 14 генерации, а од Давид до изгнанството во Вавилон поминале уште 14 генерации (1. Летописи 1:27, 34; 2:1-15; 3:1-17; Матеј 1:17). Потоа, Езра ги наведува потомците на племињата на источната страна на Јордан, а потоа го дава родословието на синовите на Леви (1. Летописи 5:1-24; 6:1). Потоа следи краток преглед на некои други племиња западно од реката Јордан, и детален извештај за лозата на Венијамин (1. Летописи 8:1). Наведени се и имињата на првите жители на Ерусалим откако се вратиле од ропството во Вавилон (1. Летописи 9:1-16).

Одговорени библиски прашања:

1:18 — Кој му бил татко на Сала — Каинан или Арфаксад? (Лука 3:35, 36). Арфаксад му бил татко на Сала (Битие 10:24; 11:12). Терминот „Каинан“ што се појавува во Лука 3:36 веројатно е извртување на терминот „халдејци“. Ако е така, оригиналниот текст можеби гласел „синот на халдеецот Арфаксад“. Или, пак, имињата Каинан и Арфаксад можеби се однесуваат на една иста личност. Не треба да се превиди ниту фактот дека изразот „син на Каинан“ го нема во некои ракописи.

2:15 — Дали Давид бил седмиот син на Јесеј? Не. Јесеј имал осум сина, а Давид бил најмладиот (1. Самоил 16:10, 11; 17:12). Изгледа дека еден од синовите на Јесеј умрел без да има деца. Бидејќи тој син не би имал никакво влијание врз родословијата, Езра го изоставил неговото име.

3:17 — Зошто во Лука 3:27 се вели дека Салатиел, синот на Јоанан (Јехониј, ДХК), е син на Нери? Јоанан му бил татко на Салатиел. Меѓутоа, изгледа дека Нери му ја дал на Салатиел својата ќерка за жена. За зетот на Нери, Лука рекол дека е Нерин син, исто како што направил во случајот со Јосиф, нарекувјаќи го син на Или, таткото на Марија (Лука 3:23).

3:17-19 — Каква била роднинската врска помеѓу Зоровавел, Федај и Салатиел? Зоровавел бил син на Федај, кој му бил брат на Салатиел. Сепак, Библијата понекогаш го нарекува Зоровавел син на Салатиел (Матеј 1:12; Лука 3:27). Ова можеби е така затоа што Федај умрел, а Салатиел го одгледал Зоровавел. Или, пак, можеби затоа што Салатиел умрел без деца, Федај склопил деверски брак со неговата жена, а Зоровавел бил првородениот од тој брак (Второзаконие 25:5-10).

5:1, 2 — Што значело за Јосиф тоа што го добил правото на првенство? Тоа значело дека Јосиф добил двојно поголемо наследство (Второзаконие 21:17). Така станал татко на две племиња — Еферем и Манасија. Од другите синови на Израел произлегло само по едно племе.

Поуки за нас:

1:1-9:44. Родословијата на луѓе што навистина постоеле докажуваат дека вистинското обожавање не се темели на митови туку на факти.

4:9, 10. Јехова одговорил на горливата молитва на Јавис да се зголеми неговата територија без да се води војна, за да можат на неа да живеат што повеќе богобојазливи луѓе. И ние треба од сѐ срце да се молиме да има пораст додека ревносно учествуваме во делото на правење ученици.

5:10, 18-22. Во времето на цар Саул, племињата источно од Јордан ги поразиле Агарјанците, иако биле двапати побројни од нив. Тоа го постигнале затоа што јунаците од овие племиња имале доверба во Јехова и барале помош од него. Да имаме целосна доверба во Јехова додека ја водиме нашата духовна битка и покрај тоа што нашите непријатели се посилни од нас (Ефешаните 6:10-17).

9:26, 27. Левитите што служеле како вратари биле на многу одговорна положба. Им бил даден клуч од влезот на светите простории на храмот. Тие одговорно си ја извршувале задачата да ги отвораат вратите секој ден. Нам ни е доверена одговорноста да ги најдеме луѓето на нашето подрачје и да им помогнеме да почнат да го обожаваат Јехова. Зар не треба и ние да бидеме исто толку одговорни и доверливи како левитите што служеле како вратари?

ДАВИД ВЛАДЕЕ КАКО ЦАР

(1. Летописи 10:1—29:30)

Извештајот започнува со цар Саул и неговите три сина, кои умреле во битката против Филистејците на гората Гелвуј. Давид, синот на Јесеј, станува цар на племето Јуда. Луѓе од сите племиња доаѓаат во Хеврон и го поставуваат за цар над целиот Израел (1. Летописи 11:1-3). Кратко потоа, тој го освојува Ерусалим. Подоцна, Израелците го носат ковчегот на сојузот во Ерусалим „радосно воскликнувајќи наспоредно со звуците на роговите . . . играјќи при звуците на псалтирите и гуслињата“ (1. Летописи 15:28).

Давид изразува желба да изгради дом за вистинскиот Бог. Јехова му ја препушта таа чест на Соломон, а со Давид склучува сојуз за Царство. Додека Давид војува против непријателите на Израел, Јехова му дава победа по победа. Поради тоа што е спроведен попис на населението кој е забранет со Законот, умираат 70.000 луѓе. Откако еден ангел му вели да му подигне жртвеник на Јехова, Давид купува место од Евусеецот Орнан. Давид почнува ‚да подготвува многу нешта‘ за изградба на „величествен“ дом на Јехова на тоа место (1. Летописи 22:5). Давид ги организира службите што ги извршуваат левитите, кои овде се опишани подетално отколку на кое и да е друго место во Светото писмо. Царот и народот даваат големи прилози за изградбата на храмот. Откако владее 40 години, Давид умира „наситен од животот, од богатството и од славата. На неговото место се зацари син му Соломон“ (1. Летописи 29:28).

Одговорени библиски прашања:

11:11 — Зошто бројот на убиените е 300, а не 800, како што стои во паралелниот извештај во 2. Самоил 23:8? На чело на тројцата јунаци на Давид бил Јасовеам, или Јосев-Васевет. Другите двајца биле Елеазар и Сама (2. Самоил 23:8-11). Причината за разликата во овие два извештаја веројатно е тоа што се однесуваат на различни подвизи што ги направил еден ист човек.

11:20, 21 — Каква била положбата на Ависеј во однос на тројцата главни јунаци на Давид? Ависеј не бил еден од тројцата најхрабри јунаци што му служеле на Давид. Меѓутоа, како што стои во 2. Самоил 23:18, 19, тој бил на чело на 30 воини и бил најславен од нив. Угледот на Ависеј може да се рамни со угледот на тие тројца јунаци затоа што направил храбро дело слично на она на Јасовеам.

12:8 — Во која смисла лицата на воините од племето Гад биле како лица на лав? Тие храбри јунаци биле заедно со Давид кога тој бил во пустината. Косата им пораснала. Затоа што биле обраснати во коса и брада, изгледале страшно, како лавови.

13:5 — Што е „Египетскиот Сихор“? Некои сметале дека овој израз се однесува на еден речен ракав на реката Нил. Меѓутоа, се верува дека „Египетскиот Сихор“ се однесува на „Египетскиот Поток“ — една долга клисура што служела како југозападна граница на Ветената земја (Броеви 34:2, 5; Битие 15:18).

16:30 — Што значи ‚треперењето‘ пред Јехова? Изразот „трепери“ овде симболично се користи за да се означи страхопочит и длабоко ценење за Јехова.

16:1, 37-40; 21:29, 30; 22:19 — Како бил обожаван Бог во Израел од времето кога ковчегот на сојузот бил однесен во Ерусалим па сѐ до изградбата на храмот? Кога Давид го донел ковчегот во Ерусалим и го ставил во шаторот што го направил, ковчегот со години не бил во светиот шатор. Откако бил пренесен, ковчегот останал во тој шатор во Ерусалим. Светиот шатор се наоѓал во Гаваон, каде што првосвештеникот Садок и неговите браќа принесувале жртви што биле пропишани со Законот. Ова било така сѐ додека не бил завршен храмот во Ерусалим. Кога храмот бил готов, светиот шатор бил пренесен од Гаваон во Ерусалим, а ковчегот бил сместен во Светињата над светињите во храмот (1. Цареви 8:3, 6).

Поуки за нас:

13:11. Наместо да се лутиме и да го обвинуваме Јехова кога нема да успееме во нешто, мораме да ја анализираме ситуацијата и да се обидеме да видиме која била причината за неуспехот. Без сомнение Давид го направил тоа. Извлекол поука од својата грешка и подоцна успешно го пренел ковчегот на сојузот во Ерусалим на прописен начин. *

14:10, 13-16; 22:17-19. Секогаш треба да му се обраќаме на Јехова во молитва и да бараме водство од него пред да направиме нешто што ќе влијае врз нас духовно.

16:23-29. На прво место во животот треба да ни биде да го обожаваме Јехова.

18:3. Јехова ги исполнува своите ветувања. Преку Давид, тој го исполнил своето ветување да му ја даде на семето на Авраам целата земја Ханаан, која се протегала „од Реката во Египет до Големата Река, реката Еуфрат“ (Битие 15:18; 1. Летописи 13:5).

21:13-15. Јехова му заповедал на ангелот да го запре поморот затоа што многу му е жал кога неговиот народ страда. Навистина „е големо Неговото милосрдие“. *

22:5, 9; 29:3-5, 14-16. Иако не бил овластен да го изгради Јеховиниот храм, Давид покажал дарежливост. Зошто? Затоа што сфатил дека сѐ што стекнал се должело на Јеховината добрина. Истото чувство на благодарност треба да нѐ поттикне и нас да бидеме дарежливи.

24:7-18. Подготовката да има 24 свештенички одделенија, што ја вовел Давид, сѐ уште важела кога еден Јеховин ангел му се појавил на Захарија, таткото на Јован Крстител, и му го најавил раѓањето на Јован. Како припадник на „одделението на Авија“, во таа прилика на Захарија му било ред да служи во храмот (Лука 1:5, 8, 9). Вистинското обожавање е поврзано со историски, а не со митолошки личности. Ќе бидеме благословени ако лојално соработуваме со „верниот и разборит роб“, поврзани со добро организираното обожавање на Јехова денес (Матеј 24:45).

Служи му на Јехова „со драговолна душа“

Книгата Прва Летописи не содржи само родословија. Во неа се раскажува и за тоа како Давид го однел во Ерусалим ковчегот на сојузот, за неговите славни победи, за подготовката за изградбата на храмот, како и за поставувањето на левитските свештенички одделенија за служба. Сѐ што раскажува Езра во книгата Прва Летописи сигурно им користело на Израелците, бидејќи им помогнало да ја обноват својата ревност за обожавањето на Јехова во храмот.

Давид оставил добар пример со тоа што на прво место во животот му било обожавањето на Јехова! Наместо да настојува тој лично да добие посебна чест, Давид ја извршувал Божјата волја. Охрабрени сме да го примениме неговиот совет да му служиме на Јехова „со сето срце и со драговолна душа“ (1. Летописи 28:9).

[Фусноти]

^ пас. 2 За други поуки од обидот на Давид да го пренесе ковчегот во Ерусалим, види Стражарска кула од 15 мај 2005, страници 16-19.

^ пас. 6 За други поуки во врска со пописот што го направил Давид, со кој го прекршил Законот, види Стражарска кула од 15 мај 2005, страници 16-19.

[Табела/слики на страници 8-11]

(Види во публикацијата)

Генерациите од Адам до Ное (1.056 години)

4026 пр.н.е. Адам

130 години ⇩

Сит

105 ⇩

Енос

90 ⇩

Кенан

70 ⇩

Малелеил

65 ⇩

Јаред

162 ⇩

Енох

65 ⇩

Матусал

187 ⇩

Ламех

182 ⇩

2970 пр.н.е. се раѓа НОЕ

Генерациите од Ное до Авраам (952 години)

2970 пр.н.е. Ное

502 години ⇩

Сим

100 ⇩

ПОТОП 2370 пр.н.е.

Арфаксад

35 ⇩

Сала

30 ⇩

Евер

34 ⇩

Фалек

30 ⇩

Рагав

32 ⇩

Серух

30 ⇩

Нахор

29 ⇩

Тара

130 ⇩

2018 пр.н.е. се раѓа АВРААМ

Од Авраам до Давид: 14 генерации (911 години)

2018 пр.н.е. Авраам

100 год.

Исак

60 ⇩

Јаков

о.88 ⇩

Јуда

Фарес

Есрон

Арам

Аминадав

Насон

Салмон

Воз

Овид

Јесеј

1107 пр.н.е. се раѓа ДАВИД