Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

Дали го препознаваш знакот на Исусовата присутност?

Дали го препознаваш знакот на Исусовата присутност?

Дали го препознаваш знакот на Исусовата присутност?

НИКОЈ не сака да биде сериозно болен или ненадејно да биде погоден од катастрофа. За да избегне такви несреќи, мудрото лице внимава на знаците што укажуваат на опасност и постапува во склад со тоа. Исус Христос опишал еден конкретен знак што треба да го препознаеме. Она на што укажал требало да влијае насекаде и врз сите луѓе. Во тоа си вклучен и ти и твоето семејство.

Исус зборувал за Божјето Царство, кое ќе го отстрани злото и ќе ја претвори Земјата во рај. Неговите ученици биле љубопитни во врска со тоа и сакале да знаат кога ќе дојде тоа Царство. Тие прашале: „Кога ќе бидат овие работи, и што ќе биде знакот на твојата присутност и на завршетокот на системот на работи?“ (Матеј 24:3).

Исус знаел дека откако ќе биде убиен и воскреснат, треба да поминат векови пред тој да биде устоличен како месијански Цар кој ќе владее со луѓето. Затоа што неговото устоличување требало да биде невидливо, Исус дал еден знак по кој неговите следбеници ќе можат да ја препознаат неговата „присутност“, како и „завршетокот на системот на работи“. Овој знак се состои од неколку аспекти, кои заедно сочинуваат едно комбинирано обележје — знакот на Христовата присутност.

Евангелските писатели Матеј, Марко и Лука внимателно го запишале одговорот на Исус (Матеј, поглавја 24 и 25; Марко, поглавје 13; Лука, поглавје 21). Други библиски писатели додале детали за знакот (2. Тимотеј 3:1-5; 2. Петрово 3:3, 4; Откровение 6:1-8; 11:18). Овде немаме доволно простор за да ги опфатиме сите детали, но ќе ги разгледаме клучните аспекти кои го сочинуваат знакот што го спомнал Исус. Ќе увидиш дека тоа е значајно и важно и за тебе (Види ја рамката на страница 6).

„Судир од епохално значење“

„Ќе се крене нација против нација и царство против царство“ (Матеј 24:7). Германското списание Der Spiegel известува дека пред 1914 година, луѓето „верувале во златна иднина со повеќе слобода, напредок и благосостојба“. Потоа сѐ се сменило. „Војната што започна во август 1914 и заврши во ноември 1918 година е драматичен настан. Таа предизвика распад од историско значење, одвојувајќи го старото од новото“, изјавува списанието GEO. Преку 60 милиони војници од пет континенти учествувале во сурова борба. Во просек биле убивани по 6.000 војници секој ден. Оттогаш, историчарите од секоја генерација и од секое политичко убедување, „на годините од 1914 до 1918 гледале како на судир од епохално значење“.

Првата светска војна наметна неповратни промени во човечкото општество и го втурна човештвото во последните денови од овој систем. Остатокот од тој век беше обележан со уште повеќе војни, оружени судири и тероризам. Работите не се сменија на подобро ни во првите години од овој век. Покрај војните, видливи се и други аспекти од знакот.

Глад, болести и земјотреси

„Ќе има недостиг на храна“ (Матеј 24:7). За време на Првата светска војна, Европа ја погоди глад кој сѐ уште го измачува човештвото. Историчарот Алан Булок напишал дека, во 1933 година, во Русија и Украина „прегладнети толпи скитале низ земјата . . . Покрај патиштата имало купишта лешеви“. Во 1943 година новинарот Т. Х. Вајт бил сведок на гладот во кинеската провинција Хенан. Тој напишал: „Кога има глад, речиси сѐ може да се јаде, да биде сомелено и човечкото тело да го претвори во енергија. Но, за да почне да го јаде она што претходно не можел ни да си замисли да го јаде, човек мора да е соочен со смртта“. За жал, во последниве децении во Африка гладот стана скоро секојдневие. Иако нашата планета дава доволно храна за сите, Организацијата за храна и земјоделие при Обединетите Нации проценува дека 840 милиони луѓе низ целиот свет имаат премалку за јадење.

„Во едно место по друго ќе има чуми“ (Лука 21:11). „Се проценува дека од шпанскиот грип во 1918 година умреле помеѓу 20 и 50 милиони луѓе, повеќе отколку што умреле од чумата или во Првата светска војна“, известува Süddeutsche Zeitung. Оттогаш, голем број луѓе беа погодени со болести како што се маларија, големи сипаници, туберкулоза, детска парализа и колера. А светот шокирано гледа како СИДА-та се шири со несмалена брзина. Збунува тоа што оваа болест продолжува да постои и покрај извонредниот напредок во медицината. Овој парадокс, досега непознат за луѓето, јасно ни покажува дека не живееме во обични времиња.

„Земјотреси“ (Матеј 24:7). Во текот на последниве 100 години, стотици илјади луѓе умреа во земјотреси. Според еден извор, од 1914 наваму, секоја година во просек се случувале по 18 земјотреси, со моќ да рушат згради и да ја отворат земјата. Посмртоносни потреси, доволно силни да срамнат згради, имало еднаш годишно. И покрај напредокот на технологијата, бројот на жртвите останува висок, затоа што градовите што брзо растат се сместени на раседни линии.

Убава вест!

Повеќето аспекти од знакот за последните денови се вознемирувачки. Но, Исус кажал и една убава вест.

„Оваа добра вест за царството ќе биде проповедана по целата населена земја за сведоштво на сите нации“ (Матеј 24:14). Делото што го започнал Исус — проповедањето на добрата вест — требало да го достигне својот врв во текот на последните денови. Ова навистина се случува. Јеховините сведоци ја проповедаат библиската порака и ги поучуваат луѓето кои се спремни да го применат она што го учат во секојдневниот живот. Моментално, над шест милиони Сведоци проповедаат во повеќе од 235 земји на преку 400 јазици.

Забележи дека Исус не рекол дека животот ќе замре поради лошите околности во светот. Тој исто така не рекол дека во светот ќе превладува само еден аспект од знакот. Но, тој прорекол многу настани кои заедно би го сочинувале знакот што би бил препознатлив насекаде на Земјата.

Ако погледнеш зад поединечните настани, гледаш ли еден склоп од настани, еден комбиниран знак кој е од светско значење? Тоа што се случува влијае и на тебе и на твоето семејство. Но зошто, би можеле да прашаме, толку малку луѓе обрнуваат внимание?

Личните интереси пред сѐ

„Забранетео пливање!“, „Висок напон!“, „Намали ја брзината!“. Ова се некои од знаците и предупредувањата кои често ги гледаме но ретко ги почитуваме. Зошто? Лесно сме понесени од она што во моментот ни се чини дека е најдобро за нас. На пример, може да почувствуваме потреба да возиме побрзо отколку што дозволува законот, или можеби ни се плива токму таму каде што е забрането. Меѓутоа, не е мудро да не ги почитуваме знаците.

На пример, во лавините на Алпите во Австрија, Франција, Италија и Швајцарија понекогаш загинуваат туристи кои ги игнорираат предупредувањата да скијаат само на сигурни патеки. Според Süddeutsche Zeitung, многу туристи кои ги игнорирале таквите предупредувања живеат според мотото: „Без ризик нема забава“. За жал, игнорирањето на предупредувањата може да има трагични последици.

Зошто луѓето не обрнуваат внимание на знакот што го опишал Исус? Можеби се заслепени од алчност, затапени од апатија, парализирани од неодлучност, заглибени во рутина или контролирани од стравот да не го изгубат угледот. Дали можеби нешто од ова да те тера да не му обрнеш внимание на знакот на Исусовата присутност? Зарем не би било помудро да го препознаеш знакот и соодветно да дејствуваш?

Живот на рајска Земја

Сѐ поголем број луѓе му обрнуваат внимание на знакот на Исусовата присутност. Кристијан, еден млад оженет човек од Германија, пишува: „Ова се мрачни времиња. Несомнено живееме во ‚последните денови‘“. Тој и неговата сопруга поминуваат многу време зборувајќи со другите за месијанското Царство. И Франк живее во Германија. Тој и сопругата ги охрабруваат другите со добрата вест од Библијата. Франк вели: „Поради ситуацијата во светот, многу луѓе денес се загрижени за иднината. Ние се обидуваме да ги охрабриме со библиските пророштва за рајска Земја“. На тој начин, Кристиан и Франк помагаат да се исполни еден аспект од Исусовиот знак — проповедањето на добрата вест за Царството (Матеј 24:14).

Кога последните денови ќе стигнат до својот крај, Исус ќе го збрише овој стар систем и луѓето што го поддржуваат. Тогаш, Месијанското Царство ќе управува со работите на Земјата, а тоа ќе доведе до проречените рајски услови. Човештвото ќе биде ослободено од болестите и од смртта, и мртвите ќе бидат воскреснати на Земјата. Овие прекрасни можности ги очекуваат сите оние што го препознаваат знакот на времињата. Зарем не би било мудро да дознаеме нешто повеќе за знакот и што мораме да правиме за да го преживееме крајот на овој систем? Секако дека ова би требало да биде нешто од првенствена важност за секој од нас (Јован 17:3).

[Истакната мисла на страница 4]

Исус прорекол многу настани кои заедно би го сочинувале знакот што би бил препознатлив насекаде на Земјата

[Истакната мисла на страница 6]

Гледаш ли еден склоп од настани, еден комбиниран знак кој е од светско значење?

[Рамка/слики на страница 6]

ПРЕПОЗНАВАЊЕ НА ЗНАЦИТЕ НА ПОСЛЕДНИТЕ ДЕНОВИ

Беспримерни војни (Матеј 24:7; Откровение 6:4).

Глад (Матеј 24:7; Откровение 6:5, 6, 8).

Болести (Лука 21:11; Откровение 6:8).

Зголемено беззаконие (Матеј 24:12).

Земјотреси (Матеј 24:7).

Критични времиња со кои тешко ќе се излегува на крај (2. Тимотеј 3:1).

Претерана љубов кон парите (2. Тимотеј 3:2).

Непослушност кон родителите (2. Тимотеј 3:2).

Недостиг на природна наклоност (2. Тимотеј 3:3).

Поголема љубов кон задоволствата отколку кон Бог (2. Тимотеј 3:4).

Недостиг на самосовладување (2. Тимотеј 3:3).

Без љубов кон добротата (2. Тимотеј 3:3).

Не ја забележуваат опасноста што се приближува (Матеј 24:39).

Исмејувачите ги отфрлаат доказите за последните денови (2. Петрово 3:3, 4).

Глобално проповедање на Божјето Царство (Матеј 24:14).

[Извори на слики на страница 5]

I светска војна: од The World War—A Pictorial History, 1919; сиромашно семејство: AP Photo/Aijaz Rahi; жртва на детска парализа: © WHO/P. Virot