Дали совеста ти е добро изострена?
Дали совеста ти е добро изострена?
СИ РЕКОЛ ли некогаш: „Во себе чувствувам дека тоа не е во ред,“ или „Не можам да го направам тоа што го бараш. Нешто однатре ми кажува дека е погрешно“? Тоа бил „гласот“ на твојата совест, едно внатрешно чувство за исправно и погрешно, кое или оправдува или осудува. Да, совеста е нешто што ни е вродено.
И покрај тоа што човекот многу се оддалечил од Бог, општо земено, тој сѐ уште поседува способност да разликува што е исправно а што погрешно. Оваа способност ја има затоа што е создаден според Божјиот лик, па затоа може во извесна мера да покажува мудрост и праведност, особини коишто ги има Бог (Битие 1:26, 27). Во врска со ова, Бог го инспирирал апостол Павле да напише: „Зашто кога луѓето од нациите, кои немаат закон, по природа ги прават работите на законот, овие луѓе, иако немаат закон, самите себеси се закон. Токму тие покажуваат дека суштината на законот е запишана во нивните срца, додека нивната совест им сведочи со нив и, во своите мисли, тие се обвинуваат или, пак, се оправдуваат“ * (Римјаните 2:14, 15).
Ова природно чувство на морална одговорност, кое сме го наследиле од првиот човек, Адам, дејствува како „закон“, или правилник на однесување кај луѓето од сите раси и националности. Тоа е способност да се преиспитаме самите себеси и да донесеме проценка сами за себе (Римјаните 9:1). Кај Адам и Ева оваа способност дошла до израз кога го прекршиле Божјиот закон — веднаш потоа се скриле (Битие 3:7, 8). Уште еден пример за тоа како работи совеста е реакцијата на цар Давид кога сфатил дека направил грешка со тоа што извршил попис на народот. Библијата вели: „Давида почна да го пече совеста“ (2. Самоил 24:1-10).
Способноста да си го преиспитаме нашето морално однесување и да донесеме проценка за него може да нѐ поттикне да преземеме еден важен чекор — да се покаеме на начин што Бог го прифаќа. Давид напишал: „Кога молчев, моите коски се исушија од моето офкање преку целиот ден. Тогаш го признав својот грев пред Тебе и својата вина веќе не ја криев. Реков: ‚Ќе му го признам на Господа својот престап,‘ и Ти ми ја прости вината на мојот грев“ (Псалм 32:3, 5). Значи, совеста што добро функционира може да му го врати добриот однос со Бог на оној што згрешил, така што ќе му помогне да сфати дека е потребно Бог да му прости а тој да го следи неговиот пат (Псалм 51:1-4, 9, 13-15).
Совеста исто така може да нѐ предупреди или да нѐ води кога треба да направиме некаков избор или треба да донесеме некоја морална одлука. Токму овој аспект на совеста можеби му помогнал на Јосиф однапред да сфати дека прељубата е нешто погрешно и лошо — грев против Бог. Подоцна, во Десетте заповеди што му биле дадени на Израел, бил вклучен и конкретен закон против прељубата (Битие 39:1-9; Излез ). Очигледно, многу повеќе корист имаме ако си ја изостриме совеста за да нѐ води, а не само да нѐ осудува. Дали твојата совест така работи? 20:14
Да се изостри совеста за да води до исправни одлуки
Иако сите ние се раѓаме со совест, за жал овој дар е оштетен. Иако на човештвото му бил даден совршено добар почеток, „сите згрешија и не ја достигнуваат Божјата слава“ (Римјаните 3:23). Затоа што сме оштетени од гревот и од несовршеноста, нашата совест може да се изопачи и повеќе да не функционира онака како што било предвидено во почетокот (Римјаните 7:18-23). Згора на тоа, врз нашата совест може да дејствуваат и некои надворешни фактори. Врз неа може да влијаат начинот на кој сме биле воспитувани или обичаите со кои сме израснале, верувањата и околината. Се разбира дека расипаниот морал и сѐ пониските морални мерила во светот не може да се мерила на една добро изострена совест.
Затоа, на христијанинот му е потребна дополнителна помош од цврстите и праведни мерила што се наоѓаат во Божјата реч, Библијата. Тие можат да ни помогнат правилно да ги процениме работите и да се исправиме таму каде што треба (2. Тимотеј 3:16). Кога совеста е поучена според Божјите мерила, многу подобро може да нѐ заштити во морален поглед, помагајќи ни ‚да разликуваме исправно и неисправно‘ (Евреите 5:14). Без Божјите мерила, нашата совест може воопшто да не реагира кога ќе тргнеме по лош пат. „Некој пат му се чини прав на човекот“, вели Библијата, „а на крајот води кон смртта“ (Пословици 16:25; 17:20).
За некои полиња од животот, Божјата реч дава јасни упатства и правила, и имаме корист ако ги следиме. Од друга страна, има многу ситуации за кои во Библијата не се дадени конкретни упатства. Може да станува збор за избор во врска со работата, здравјето, рекреацијата, облекувањето и нашиот изглед и друго. Не е лесно човек секогаш да знае што да направи и да донесе исправна одлука. Од таа причина, треба да имаме став како Давид, кој се молел: „Покажи ми ги, Господи, Твоите патишта, научи ме на Твоите патеки! Води ме во Твојата вистина и научи ме, зашто Ти си Бог на моето спасение“ (Псалм 25:4, 5). Колку подобро ги разбираме Божјите гледишта и мислења, толку поспособни ќе бидеме да направиме исправна проценка на работите и да донесеме одлуки со чиста совест.
Затоа, кога се прашуваме околу нешто или мора да донесеме некаква одлука, прво што треба е да размислиме кои мерила од Библијата можат да се применат. Можеби некое од овие: да го почитуваме поглаварството (Колошаните 3:18, 20); да бидеме чесни во сѐ (Евреите 13:18); да го мразиме она што е лошо (Псалм 97:10); да се трудиме да живееме во мир и слога (Римјаните 14:19); да бидеме подложни на оние со авторитет (Матеј 22:21; Римјаните 13:1-7); да му бидеме оддадени само на Бог (Матеј 4:10); да не бидеме дел од светот (Јован 17:14); да се чуваме од лошо друштво (1. Коринќаните 15:33); да бидеме скромни во облекувањето и изгледот (1. Тимотеј 2:9, 10); и да не правиме нешто што ќе спрепне некого (Филипјаните 1:10). Тоа што ќе се потрудиме да увидиме кое библиско мерило важи за нас ќе ни ја зајакне совеста и ќе ни помогне да донесеме исправна одлука.
Слушај ја својата совест
За да може да ни помогне совеста, мораме да ја слушаме. Од нашата совест која е изострена со проучување на Библијата ќе имаме корист само ако реагираме веднаш штом ќе почне да нѐ боцка. Бодежите на една изострена совест можеме да ги споредиме со ламбичките што сигнализираат нешто на контролната табла во еден автомобил. Претпостави си дека се вклучува ламбичката што покажува дека е низок притисокот на маслото. Што би се случило ако веднаш не би презеле нешто и би си продолжиле со возењето? Би можело да дојде до сериозно оштетување на моторот. На сличен начин, нашата совест, или нашиот внатрешен глас, може да нѐ предупреди дека нешто што правиме е погрешно. Кога ќе го спореди она што го правиме или она што размислуваме да го направиме со мерилата што ни ги наложува Библијата, таа светнува во знак на предупредување, исто како што прави и ламбичката на контролната табла. Тоа што ќе му обрнеме внимание на ова предупредување не само што ќе ни помогне да ги избегнеме лошите последици од нашата неисправна постапка туку и ќе придонесе совеста да ни работи исправно.
Што ќе се случи ако избереме да не му обрнеме внимание на предупредувањето? Со текот на времето, совеста може да престане да реагира. Ефектот од упорното игнорирање или потиснување на гласот на совеста може да се спореди со она што се случува кога на гола кожа се втиснува жиг со железо за жигосување. Изгореното место, бидејќи му се уништени сите нервни завршетоци, губи осет (1. Тимотеј 4:2). Една ваква совест повеќе не реагира кога се прави грев, ниту, пак, предупредува за да спречи такво нешто да се повтори. Затапената совест не обрнува внимание на Библиските мерила за исправно и погрешно и затоа е оштетена совест. Таа совест е расипана, а оние што ја имаат „изгубиле секакво морално чувство“ и се отуѓени од Бог (Ефешаните 4:17-19; Тит 1:15). Колку трагичен резултат!
„Задржете чиста совест“
Ако сакаме да задржиме јака совест, мора постојано да се трудиме околу тоа. Апостол Павле рекол: „Непрестајно се трудам да имам свесност да не извршам престап Дела 24:16). Како христијанин, Павле непрестајно си ги преиспитувал постапките и се исправал таму каде што треба за да биде сигурен дека не му згрешил на Бог. Тој знаел дека на крајот, Бог ќе биде тој кој ќе одреди дали она што го правиме е исправно или погрешно (Римјаните 14:10-12; 1. Коринќаните 4:4). Како што рекол: „Сѐ е голо и отворено изложено пред очите на оној кому ние мораме да му положиме сметка“ (Евреите 4:13).
ниту против Бог ниту против луѓето“ (Павле спомнал и да не им грешиме на другите. Добар пример за тоа е советот што им го дал на христијаните во Коринт во врска со „јадењето храна принесена на идоли“. Тој истакнал дека дури и кога некоја наша постапка не е погрешна сама по себе од гледна точка на Божјата реч, многу е важно да се земе предвид совеста на другите. Пропустот да се стори тоа може да предизвика духовно ‚да пропаднат нашите браќа за кои Христос умрел‘. Покрај тоа, можеме да го уништиме и својот однос со Бог (1. Коринќаните 8:4, 11-13; 10:23, 24).
Затоа, продолжи да си ја изоструваш совеста и да се трудиш да ти остане чиста. Кога донесуваш одлуки, барај водство од Бог (Јаков 1:5). Проучувај ја Божјата реч и дозволи мерилата што се во неа да ти ги обликуваат умот и срцето (Пословици 2:3-5). Кога ќе се појави некој сериозен проблем, разговарај со зрели христијани за да бидеш сигурен дека исправно си ги сфатил библиските мерила што се вклучени (Пословици 12:15; Римјаните 14:1; Галатите 6:5). Размисли како одлуката што ќе ја донесеш ќе се одрази на твојата совест, на другите и, пред сѐ, како ќе се одрази врз тојот однос со Јехова (1. Тимотеј 1:5, 18, 19).
Нашата совест е прекрасен дар кој со многу љубов ни го дал нашиот небесен Татко, Јехова Бог. Ако ја употребуваме во склад со волјата на оној што ни ја дал, ќе станеме поблиски со својот Творец. И додека настојуваме да ‚задржиме чиста совест‘ во сѐ што правиме, станува сѐ поочигледно дека сме создадени според Божјиот лик (1. Петрово 3:16; Колошаните 3:10).
[Фуснота]
^ пас. 3 Грчкиот збор за совест употребен овде значи „внатрешна способност да се донесе морална проценка“ (The Analytical Greek Lexicon Revised, од Харолд К. Молтон); „да се направи разлика меѓу она што е исправно и погрешно од морална гледна точка“ (Greek-English Lexicon, од Џ. Х. Тајер).
[Слики на страница 13]
Дали совеста ти е изострена за да те води а не само да те осудува?
[Слика на страница 14]
Ако ги учиме и ги применуваме библиските мерила ќе имаме добро изострена совест
[Слики на страница 15]
Не ги игнорирај предупредувањата на својата совест