Ме зајакна примерот на моите родители
Животна приказна
Ме зајакна примерот на моите родители
РАСКАЖАЛ ЈАНЕЗ РЕКЕЉ
Беше 1958 година. Јас и жена ми, Станка, се наоѓавме високо на Алпите, наречени Караванки, обидувајќи се да пребегаме во Австрија. Ова беше многу опасно, зашто вооружените југословенски гранични патроли беа одлучни да го спречат секој таков обид. Одејќи така дојдовме до крајот на една стрмна карпа која нагло се спушташе надолу. Никогаш претходно ја немавме видено планината на австриската страна. Продолживме на исток сѐ додека не наидовме на нерамна стрмнина со карпи и песок. Седнавме на церадата што ја имавме со нас и се лизгавме надолу по планинската падина што водеше во една непозната иднина.
ДА ВИ РАСКАЖАМ како се најдовме во ваква ситуација и како примерот на верност што ми го оставија моите родители ме поттикна да му останам верен на Јехова во тешки времиња.
Израснав во Словенија, која денес е малечка средноевропска земја. Вгнездена е во Европските Алпи, со соседна Австрија на нејзината северна страна, Италија на западната, Хрватска на јужната и Унгарија на источната. Но, кога се родиле моите родители, Франц и Розалија Рекељ, Словенија била дел од австроунгарската империја. По Првата светска војна, Словенија стана дел од една нова држава наречена Кралството на Србите, Хрватите и Словенците. Во 1929 година името на земјата беше сменето во Југославија. Јас сум се родил на 9 јануари таа иста година, во околината на селото Подхом, близу убавото Бледско езеро.
Мајка ми била строго воспитана во духот на католицизмот. Еден нејзин чичко бил свештеник, а три нејзини тетки биле калуѓерки. Таа горела од желба да има своја Библија, да ја чита и да ја разбере. Татко ми, пак, немал баш големи симпатии спрема религијата. Бил огорчен поради улогата што таа ја имала во Големата војна од 1914 до 1918 година.
Ја дознаваме вистината
Некое време по војната, еден роднина на мајка ми, Јанез Брајец, и неговата жена, Анчка, станале Изучувачи на Библијата, како што тогаш се нарекуваа Јеховините сведоци. Тоа време тие живееја во Австрија. Од 1936 година, Анчка во повеќе прилики ја посетуваше мајка ми. Ѝ даде Библија, која мајка ми брзо ја прочита, и неколку примероци од Стражарска кула и други публикации на словенечки јазик што се темелат на Библијата. Кога во 1938 година Хитлер ја зазеде и Австрија, Јанез и Анчка се вратија во Словенија. Се сеќавам дека беа добро образовани, остроумни луѓе со вистинска љубов кон Јехова. Тие често разговараа за библиската вистина со мајка ми, а тоа ја поттикна да му го посвети својот живот на Јехова. Се крсти во 1938 година.
Мајка ми предизвика општа вознемиреност во околината кога престана да ги држи обичаите кои ги немаше во Библијата, како, на пример, славењето Божиќ; кога престана да јаде крвавица; а особено кога ги зеде и ги изгоре сите религиозни предмети и слики што ги имавме. Не требаше да пројде многу време за да започне противењето. Нејзините тетки, калуѓерките, веднаш се потрудија да ѝ пишат, обидувајќи се да ја убедат да ѝ се врати на Богородица и на црквата. Но кога мајка ми им пиша и побара одговор на одредени прашања за Библијата, повеќе не доби никакво писмо. Дедо ми исто така силно ѝ се спротивстави. Тој не беше лош човек, но беше ставен под огромен притисок од роднините и околината. Како резултат на тоа, во неколку прилики ѝ ја уништи целата литература, но Библијата не ја чепна. На колена ја молеше мајка ми да ѝ се врати на црквата. Отиде дури дотаму што ѝ се закануваше со нож. Но татко ми јасно му кажа дека нема да толерира такво однесување.
Татко ми продолжи да го брани правото на мајка ми да ја чита Библијата и самата да си избере во што ќе верува. Во 1946 година и тој се крсти. Тоа што виде како Јехова ја зајакна мајка ми бестрашно да ја брани вистината и покрај противењето и како ја награди нејзината вера, го поттикна да развие свој личен однос со Јехова. И јас извлеков голема корист од навиката на
мајка ми гласно да ми чита од Библијата и од публикациите што се темелат на Библијата.Исто така, мајка ми често долго разговараше со нејзината сестра, Марија Репе, па така јас и тетка Марија се крстивме истиот ден, во средината на јули 1942 година. Еден ден, кај нас дома дојде еден брат и одржа краток говор, па се крстивме во една голема дрвена каца.
На принудна работа за време на Втората светска војна
Во 1942 година, сред Втората светска војна, Германија и Италија ја окупираа Словенија и ја поделија меѓу себе и Унгарија. Моите родители одбија да се приклучат на Фолксбунд, Нацистичка народна организација. Јас одбив да кажам „Хајл Хитлер“ во училиште. Изгледа дека мојот учител ги информирал претпоставените за ситуацијата.
Нѐ качија во возот што одеше кон еден замок близу до селото Хитенбах, во Баварија, кој се користеше како логор за принудна работа. Татко ми се договори со пекарот од тоа место да работам и да живеам кај нив. Тогаш го научив пекарскиот занает, што подоцна во животот многу ми се најде. Со текот на времето и останатите од моето семејство (како и тетка Марија и нејзиното семејство) беа однесени во логорот Гунценхаузен.
Кога заврши војната, требаше да ѝ се приклучам на една група за да појдам кај што беа моите родители. Но, вечерта пред да тргнам, се појави татко ми. Не знам каде ќе ми беше крајот ако отидев со групата, затоа што беше од сомнителен карактер. Повторно ја почувствував нежната грижа на Јехова, кој ги користеше моите родители да ме штитат и поучуваат. Три дена заедно пешачевме за да се сретнеме со целото семејство. Во јуни, 1945 година, сите се вративме дома.
По војната, во Југославија на власт дојдоа комунистите, на чело со претседателот Јосип Броз Тито. Како последица, условите за Јеховините сведоци и понатаму беа тешки.
Во 1948 година, на ручек ни дојде еден брат од Австрија. Полицијата го следеше и ги уапси сите браќа кај кои појде на гости. И татко ми беше уапсен зашто го поканил а не ја известил полицијата, и одлежа две години затвор за тоа. На мајка ми и беше многу тешко, не само затоа што го немаше татко ми туку и затоа што знаеше дека наскоро и јас и мојот помал брат ќе се соочиме со испит на неутралноста.
Затворска казна во Македонија
Мојот повик за воена служба го добив во ноември 1949 година. Појдов да се пријавам и да објаснам дека одбивам да служам поради приговор на совеста. Властите не сакаа ни да чујат за тоа и ме натоварија во возот со регрути кој одеше за Македонија.
Три години бев сосема отсечен од семејството и браќата и оставен без секаква литература па дури и без Библија. Беше многу тешко. Ме одржуваше тоа што длабоко размислував за Јехова и за примерот на неговиот Син, Исус Христос. Ме зајакна и примерот што ми го дадоа моите родители. Тоа што постојано се молев за сила, ми помогна да не паднам во очај.
Подоцна ме пратија во затворот во Идризово, близу до Скопје. Секој затвореник во затворот работеше некаква работа или занает. Отпрвин, јас работев како чистач и
курир меѓу канцелариите. Иако често бев предизвикуван од еден затвореник кој порано бил член на тајната полиција, со сите други — стражарите, затворениците, па дури и со управникот на затворската фабрика — одлично ми одеше.Нешто подоцна чув дека во затворската пекарница им бил потребен пекар. Неколку дена потоа, на прозивката дојде управникот. Чекореше покрај редот, застана пред мене и ме праша: „Ти си пекар“? „Да, господине“ реков. „Утре сабајле јави се во пекарницата“ ми одговори. Затвореникот што ми се закануваше често ќе пројдеше покрај пекарницата но ништо не можеше да направи. Таму работев од февруари до јули 1950 година.
Потоа бев префрлен на југ во бараките во Волкодери, близу Преспанското езеро. Блиску ми беше и Отешево, од каде што можев да им пишувам на своите. Работев на изградба на пат, но најголемиот дел од времето го поминав работејќи во пекарница, што многу ми ја олесни ситуацијата. Бев ослободен во ноември 1952 година.
Додека не бев во Подхом, во областа се формирало собрание. Отпрвин, собранието ги одржувало состаноците во еден пансион во Сподње Горје. Подоцна татко ми дал на располагање една соба од нашата куќа за тоа. Бев радосен што и јас можев да им се придружам кога се вратив од Македонија. Исто така го обновив познанството со Станка, со која инаку се запознав пред да одам во затвор. На 24 април 1954 година се зедовме. Но, на мојот одмор му се ближеше крајот.
Затворска казна во Марибор
Во септември 1954 година повторно добив позив за војска. Овој пат бев осуден на затворска казна со траење од преку три и пол години во затворот во Марибор, кој се наоѓа на источниот крај на Словенија. Веднаш штом можев, набавив хартија и пенкала. Почнав да запишувам сѐ на што можев да се сетам — стихови, цитати од Стражарска кула и мисли од други христијански публикации. Ако се сетев уште на нешто додека ги читав белешките, веднаш го додавав. Кога излегов од затворот тефтерот беше полн, и тоа ми помогна да останам сконцентриран на вистината и да останам духовно јак. Молитвата и размислувањето ми беа исто така од непроценлива корист за мојата духовна сила, зашто ми дадоа поголема храброст за да им ја кажувам вистината на другите.
Тогаш ми беше дозволено да примам едно писмо и една 15–минутна посета месечно. За да ме види, Станка патуваше по цела вечер со воз за да стигне рано сабајлето па да може истиот ден и да се врати. Овие посети многу ме храбреа. Потоа смислив план како да се снабдам со Библија. Седевме со Станка еден карши друг на масата, а до нас стоеше стражар за да нѐ надгледува. Кога не гледаше во нас, во чантата ѝ пуштив писменце во кое ја замолив следниот пат кога ќе дојде во неа да стави Библија.
Станка и моите родители сметале дека тоа е премногу опасно, па затоа раздвоиле на листови еден примерок од Христијанските грчки списи и ги ставиле во земички. Така ја добив Библијата што ми требаше. На истиот начин добивав и примероци од Стражарска кула, кои Станка рачно ги пишуваше. Веднаш ќе ги препишев со мој ракопис и ќе го уништев оригиналот, па ако некој ги најдеше немаше да може да открие како сум ги набавил.
Бидејќи непрестајно сведочев, другите затвореници велеа дека сигурно ќе си навлечам проблеми. Во една прилика бев внесен во еден доста жив разговор за Библијата со еден затвореник. Слушнавме како во бравата влегува клуч, и внатре влезе стражар. Веднаш си помислив дека ќе добијам казна затворска самица. Но стражарот не дојде за тоа. Го чул разговорот и сакаше и тој да ни се придружи. Задоволен од одговорот на своите прашања, тој си замина заклучувајќи ја зад себе вратата на ќелијата.
Последниот месец од мојата затворска казна, одговорниот член на комисијата што имаше задача да им помогне на затворениците да се подобрат, ме пофали затоа што задржав непоколеблив став за вистината. Тоа го сметав за убава награда за моите напори да го објавувам Јеховиното име. Во мај 1958 година бев повторно ослободен од затвор.
Бегство во Австрија, потоа Австралија
Во август 1958 година умре мајка ми. Претходно веќе некое време боледуваше. Потоа, во септември 1958 година го добив третиот позив за војска. Таа вечер со Станка ја донесовме важната одлука што нѐ одведе до драматичното минување на границата кое веќе го спомнав. Без никому да кажеме, спакувавме два ранци и една церада и излеговме од прозорецот, итајќи кон австриската граница на западната страна од планината Стол. Изгледаше како Јехова да ни го покажуваше патот затоа што знаеше дека ни требаше малку мир.
Австриските власти нѐ пратија во еден камп за бегалци близу Салцбург. Во текот на шесте месеци престој во него секогаш бевме со локалните Сведоци‚ така што поминавме многу малку време во кампот. Останатите во кампот се чудеа како успеавме да најдеме пријатели за толку кратко време. Тогаш за прв пат присуствувавме на еден собир. Друго нешто што го доживеавме за првпат беше тоа што можевме слободно да проповедаме од куќа до куќа. Ни беше многу тешко да ги оставиме овие драги пријатели кога дојде време да се разделиме.
Австриските власти ни понудија можност да емигрираме во Австралија. Никогаш ни на сон не ни дошло дека би отишле некаде толку далеку. Прво отидовме со воз до Џенова (Италија), а потоа се качивме на брод што одеше за Австралија. На крајот се населивме во градот Волонгонг, во Нов Јужен Велс. Тука се роди нашиот син, Филип, на 30 март 1965 година.
Животот во Австралија ни даде прилика да учествуваме во многу гранки на службата, вклучувајќи ја и можноста да им сведочиме на други коишто се доселија од подрачјето на поранешна Југославија. Благодарни сме за благословите од Јехова, вклучувајќи го и тоа што сме во можност да му служиме обединето како семејство. Филип и неговата сопруга, Сузи, имаат предност да служат во австралиската подружница на Јеховините сведоци, а имаа и можност да поминат две години во подружницата во Словенија.
И покрај предизвиците што со себе ги носат староста и здравствените проблеми, јас и мојата сопруга продолжуваме со службата за Јехова. Толку многу сум благодарен за убавиот пример што ми го оставија моите родители! Тој и понатаму ме храбри, помагајќи ми да го правам она што го кажал апостол Павле: „Радувајте се во надежта. Издржете во неволја. Истрајте во молитва“ (Римјаните 12:12).
[Слика на страници 16 и 17]
Моите родители кон крајот на 1920-тите
[Слика на страница 17]
Мајка ми, десно, со Анчка, која ѝ ја пренесе вистината
[Слика на страница 18]
Со мојата сопруга, Станка, кратко откако се зедовме
[Слика на страница 19]
Собранието што одржуваше состаноци кај нас дома во 1955
[Слика на страница 20]
Со сопругата, синот Филип и неговата сопруга, Сузи