Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

Родители — каква иднина сакате да имаат вашите деца?

Родители — каква иднина сакате да имаат вашите деца?

Родители — каква иднина сакате да имаат вашите деца?

„Момчиња и девици . . . нека Го фалат Господовото име“ (ПСАЛМ 148:12, 13).

1. Какви се родителските грижи за децата?

 ИМА ЛИ родител што не е загрижен за иднината на своите деца? Од моментот кога ќе се роди бебето — па дури и пред да се роди, родителите почнуваат да се грижат за него. Ќе биде ли здраво? Ќе се развива ли нормално? Како што детето расте, се јавуваат и други грижи. Општо земено, родителите им го посакуваат само најдоброто на своите деца (1. Самоил 1:11, 27, 28; Псалм 127:3-5).

2. Зошто многу родители денес многу сакаат нивните деца да имаат убав живот кога ќе пораснат?

2 Меѓутоа, во денешниов свет не е лесно родителите да им го обезбедат на своите деца она што е најдобро. Многу родители имале тешки моменти — доживеале војни, политички немири, економски проблеми, физички или емоционални трауми итн. Секако, од сѐ срце посакуваат нивните деца да не го доживеат истото. Во богатите земји, родителите можеби гледаат како синовите и ќерките на нивните пријатели и роднини напредуваат во кариерата и навидум имаат успешен живот. Затоа, се чувствуваат принудени да прават сѐ што можат за да се погрижат и нивните деца, кога ќе пораснат, да имаат релативно удобен и сигурен живот — убав живот (Проповедник 3:13).

Да се избере убав живот

3. Што избрале христијаните во животот?

3 Како следбеници на Исус Христос, христијаните избрале да му го посветат својот живот на Јехова. Сериозно ги сфатиле Исусовите зборови: „Ако некој сака да појде по мене, нека се одрече од себеси и нека го земе од ден на ден својот маченички столб и постојано нека ме следи“ (Лука 9:23; 14:27). Да, животот на еден христијанин е живот на самопожртвуваност. Сепак, тоа не е живот на сиромаштија и беда. Напротив, неговиот живот е среќен и исполнет — убав живот — затоа што вклучува давање, а Исус рекол дека „повеќе среќа има во давањето, отколку во примањето“ (Дела 20:35).

4. На што ги поттикнал Исус своите ученици?

4 Луѓето во времето на Исус живееле во многу тешки околности. Освен што требало да заработуваат за да преживеат, тие морале да го трпат суровото владеење на Римјаните и тешкиот товар што им го наметнувале лицемерните верски водачи од тоа време (Матеј 23:2-4). Сепак, многу луѓе што чуле за Исус радосно ги оставиле своите лични цели — дури и кариерата — и станале негови следбеници (Матеј 4:18-22; 9:9; Колошаните 4:14). Дали тие ученици ризикувале и си ја загрозиле својата иднина? Забележи што рекол Исус: „Секој кој оставил куќи или браќа или сестри или татко или мајка или деца или земја поради моето име, ќе добие многупати повеќе и ќе наследи вечен живот“ (Матеј 19:29). Исус ги уверил своите следбеници дека неговиот небесен Татко знае што им треба. Затоа ги поттикнал: „Продолжете да го барате најнапред царството и Неговата праведност, а сите овие други работи ќе ви се додадат“ (Матеј 6:31-33).

5. Што мислат некои родители за Исусовата гаранција дека Бог ќе се грижи за своите слуги?

5 Работите не се многу поинакви ни денес. Јехова знае што ни треба, и оние што на прво место во животот ги ставаат интересите на Царството, особено оние што се во полновремена служба, ја имаат истата гаранција дека тој ќе се грижи за нив (Малахија 3:6, 16; 1. Петрово 5:7). Меѓутоа, некои родители имаат поделени чувства во врска со ова. Од една страна, тие би сакале нивните деца да напредуваат во службата за Јехова, а со текот на времето можеби дури и да започнат со полновремена служба. Но, од друга страна, со оглед на економската ситуација и на проблемот со вработувањето во светот денес, сметаат дека е важно младите најнапред да стекнат добро образование за да можат полесно да најдат добра работа, или барем да има на што да се потпрат ако е потребно. За таквите родители, доброто образование обично значи високо образование.

Подготовка за иднината

6. Во која смисла се користи терминот „високо образование“ во оваа статија?

6 Образовниот систем се разликува од земја до земја. На пример, кај нас државата нуди 12 години бесплатно школување (8 години основно и 4 години средно образование). Потоа, учениците може да одлучат да одат на факултет четири или повеќе години, а тогаш дипломираат, или продолжуваат со постдипломски студии по медицина, право, градежништво итн. На ова факултетско образование се мисли кога во оваа статија ќе се спомне терминот „високо образование“. Но, има и технички и стручни школи, во кои се добива уверение или диплома за некој занает или услужна дејност.

7. На какви притисоци се изложени учениците во средните школи?

7 Денес е тренд средните школи да ги подготвуваат учениците за високо образование. За таа цел, во повеќето средни школи главно се изучуваат теоретски предмети што им овозможуваат на учениците да ги положат приемните испити на факултетите, а не предмети што ќе им помогнат да најдат работа. Средношколците денес трпат огромен притисок од професорите, од советниците и од другите ученици да си постават за цел да се запишат на најдобрите универзитети, каде што имаат изгледи да добијат дипломи со кои ќе можат да најдат добро платени работни места.

8. Со кои одлуки се соочуваат христијанските родители?

8 Според тоа, што треба да прават христијанските родители? Се разбира, тие сакаат нивните деца да имаат добар успех на училиште и да стекнат потребни вештини што ќе им помогнат да заработат за живот (Пословици 22:29). Но, дали треба едноставно да дозволат врз нивните деца да влијае духот на ривалство во поглед на материјалниот напредок и успех? На какви цели ги охрабруваат своите деца, сеедно дали со зборови или со својот личен пример? Некои родители многу работат и штедат пари за да им овозможат на своите деца да се запишат на факултет кога ќе дојде време за тоа. Други се спремни и да се задолжат за таа цел. Меѓутоа, цената на една таква одлука не може да се мери само со пари. Која е цената на стекнувањето високо образование денес? (Лука 14:28-33).

Цената на високото образование

9. Што може да се рече за финансиските трошоци за високото образование денес?

9 Кога мислиме на цената, обично мислиме на финансиските трошоци. Во некои земји, високото образование е финансирано од државата и талентираните студенти не мора да плаќаат за упис на факултет. Меѓутоа, во повеќето места високото образование е скапо и станува сѐ поскапо. Една статија во New York Times забележува: „Високото образование некогаш се сметаше за врата што ти отвора нови можности. Денес, тоа само го проширува јазот помеѓу оние што имаат и оние што немаат“. Со други зборови, квалитетното високо образование сѐ повеќе станува повластица на богатите и влијателни луѓе, кои ги праќаат своите деца на школување за да станат и тие богати и влијателни во општеството. Дали христијанските родители треба да им постават таква цел на своите деца? (Филипјаните 3:7, 8; Јаков 4:4).

10. Како е поврзано високото образование со унапредувањето на сегашниов поредок?

10 Дури и онаму каде што високото образование е бесплатно, треба да се земат предвид и некои фактори што не се гледаат на прв поглед. На пример, The Wall Street Journal известува дека во една земја во југоисточна Азија, владата управува со еден школски систем со кој дрско го турка кремот кон врвот“. „Врвот“ значи на крајот да влезеш во некоја од елитните институции во светот — Оксфорд и Кембриџ во Англија, школите на Ајви лигата во Соединетите Држави, и други. Зошто таа влада нуди толку долгорочна програма? „Во корист на државната економија“, стои во извештајот. Образованието може да биде практично бесплатно, но цената што ја плаќаат студентите е живот кој се врти околу унапредување на сегашниов поредок. Иако луѓето во овој свет многу сакаат таков живот, дали и христијанските родители го сакаат истото за своите деца? (Јован 15:19; 1. Јованово 2:15-17).

11. Што покажуваат извештаите во врска со алкохолот и сексуалниот неморал меѓу студентите?

11 Друг фактор за кој треба да се размисли е средината. Студентските домови се познати по лошото однесување на студентите во нив — дрога и алкохол, неморал, измама, малтретирање и многу други лоши работи. Да поразговараме за употребата на алкохол. Известувајќи за журките на кои студентите пијат само колку да се опијат, списанието New Scientist вели: „Околу 44 проценти од [студентите во Соединетите Држави] се опиваат просечно барем по еднаш на две недели“. Истиот проблем е раширен и меѓу младите во Австралија, Британија, Русија и други земји. Кога станува збор за сексуалниот неморал, меѓу студентите денес се користи терминот „авантура за една ноќ“, што, според еден извештај во Newsweek, „значи само една сексуална средба — од бакнежи па до сексуален однос — помеѓу познаници што потоа немаат намера да си кажат дури ни збор“. Анкетите покажуваат дека тоа го прават 60 до 80 проценти од студентите. „Речиси секој студент го прави тоа“, вели еден истражувач (1. Коринќаните 5:11; 6:9, 10).

12. На какви притисоци се изложени студентите?

12 Освен лошата средина, тука е и притисокот што го чувствуваат студентите заради наставната програма и испитите. Се разбира, студентите треба да учат за да ги положат испитите. Исто така, некои можеби ќе треба да работат барем со скратено работно време додека студираат. Сето тоа им одзема многу време и енергија. Тогаш, колку време ќе им остане за духовните активности? Кога ќе се зголемат притисоците, од што ќе се откажат? Дали на прво место и понатаму ќе им бидат интересите на Царството, или ќе ги тргнат настрана? (Матеј 6:33). Библијата ги поттикнува христијаните: „Строго пазете да не одите како немудри, туку како мудри, откупувајќи си го поволното време зашто деновите се зли“ (Ефешаните 5:15, 16). Многу е жално што некои отпаднале од верата затоа што факултетот им одземал премногу време и енергија или додека студирале направиле нешто што Библијата го осудува!

13. За кои прашања мораат да размислат христијанските родители?

13 Се разбира, неморалот, лошото однесување и притисоците воопшто не се ограничени само на факултетите или на студентските домови. Меѓутоа, многу млади во светот го сметаат тоа само како дел од образованието, и мислат дека не е ништо страшно. Дали христијанските родители треба свесно да ги изложат своите деца на таква средина цели четири или можеби и повеќе години? (Пословици 22:3; 2. Тимотеј 2:22). Дали се исплати да се ризикува, сеедно колкава корист ќе имаат младите? А што е најважно од сѐ, што учат младите за тоа што треба да им биде на прво место во животот? * (Филипјаните 1:10; 1. Солуњаните 5:21). Родителите мораат сериозно и во молитва да размислат за овие прашања, како и за опасноста што ги чека ако ги испратат своите деца да учат во друг град или во друга земја.

Имате ли некој друг избор?

14, 15. а) И покрај раширените ставови во светот, кој библиски совет важи денес? б) Кои прашања можат да си ги постават младите?

14 Денес е раширен ставот дека младите можат да успеат во животот само ако имаат факултетско образование. Меѓутоа, наместо да се поведат по она што е популарно, христијаните ја слушаат библиската опомена: „Престанете да се обликувате според овој систем на работи, туку преобразете се со обновувањето на својот ум за самите да се уверите која е добра и прифатлива и совршена волја Божја“ (Римјаните 12:2). Која е Божјата волја за неговиот народ, како за младите така и за старите, во оваа завршна фаза од времето на крајот? Павле го поттикнал Тимотеј: „Биди трезвен во сѐ, трпи зло, врши го делото на евангелизатор, потполно извршувај ја својата служба“. Секако дека овие зборови важат и за сите нас денес (2. Тимотеј 4:5).

15 Наместо да нѐ обземе материјалистичкиот дух на светот, сите треба ‚да бидеме трезвени‘ — да бидеме духовно ориентирани. Ако си млад, запрашај се: ‚Дали давам сѐ од себе за да ја „извршам својата служба“, за да станам слуга на Божјата реч? Какви планови имам за „потполно“ да ја извршам мојата служба? Сум размислувал ли да започнам со полновремена служба?‘ Овие прашања не се лесни, особено ако гледаш како другите млади ги исполнуваат своите себични цели, ‚барајќи нешто големо за себе‘ што мислат дека ќе им донесе одлична иднина (Еремија 45:5ПСП). Затоа, христијанските родители уште од најраното детство мудро им обезбедуваат на своите деца исправна духовна средина и воспитание (Пословици 22:6; Проповедник 12:1; 2. Тимотеј 3:14, 15).

16. Како можат христијанските родители мудро да им обезбедат исправна духовна средина на своите деца?

16 „Мајка ми многу внимаваше на нашето друштво“, вели најстариот од тројцата синови во една фамилија каде што мајката многу години е во полновремена служба. „Не се дружевме со децата од училиште туку само со оние од собранието што имаа добри духовни навики. Исто така, таа редовно ги канеше кај нас оние што беа во полновремена служба — мисионерите, патувачките надгледници, бетелските работници и пионерите, за да се дружиме со нив. Искуствата што ги кажуваа и радоста што им се гледаше ни помогнаа во срцето да ни се роди желба за полновремена служба.“ Колкава причина за радост е што денес сите тројца синови се во полновремена служба — едниот служи во Бетел, другиот ја завршил Школата за оспособување слуги, а третиот е пионер!

17. Какво водство можат да им дадат родителите на младите во изборот на училиште? (Види ја рамката на 29. страница.)

17 Освен тоа што родителите ќе обезбедат јака духовна средина, тие мораат колку што е можно порано да им дадат исправно водство на своите деца кога избираат што ќе учат. Еден друг млад човек, кој сега служи во Бетел, вели: „И татко ми и мајка ми биле пионери пред и откако се венчале и даваа сѐ од себе за да му го пренесат пионерскиот дух на целото семејство. Кога избиравме во кое училиште да се запишеме или кога донесувавме одлуки што ќе влијаат врз нашата иднина, тие нѐ охрабруваа на одлуки со кои ќе можеме најлесно да најдеме работа со скратено работно време за да бидеме пионери“. Наместо да изберат средно училиште во кое се изучуваат теоретски предмети што ги подготвуваат учениците за факултетско образование, родителите и децата треба да размислат за училишта што ќе им користат да градат теократска кариера. *

18. За какви прилики за вработување можат да размислуваат младите?

18 Анкетите покажуваат дека во голем број земји многу се потребни кадри што ќе работат некој занает или ќе вршат услужни дејности, а не факултетски образовани луѓе. Во USA Today се известува дека „на 70% од вработените во претстојните децении нема да им треба факултетска диплома туку средношколска диплома или некое друго уверение за техничка струка“. Многу такви институции одржуваат кратки курсеви за канцелариска работа, поправка на автомобили, компјутери, инсталирање водовод, фризерски услуги и многу други занаети. Дали овие работни места се пожелни? Секако! Можеби не се толку примамливи како што си замислуваат некои, но со нив може да се заработи и овозможуваат флексибилно работно време што им е потребно на оние чија вистинска кариера е службата за Јехова (2. Солуњаните 3:8).

19. Кој е најсигурен начин да имаме живот исполнет со радост и задоволство?

19 „Момчиња и девици“, нѐ поттикнува Библијата, „нека Го фалат Господовото име, зашто единствено Неговото име е возвишено! Неговата слава е над земјата и небото“ (Псалм 148:12, 13). Во споредба со положбата и наградите што ги нуди светот, кариерата на полновремена служба за Јехова несомнено е најсигурен начин да имаме живот исполнет со радост и задоволство. Имај на ум дека Библијата нѐ уверува: „Господовиот благослов збогатува и не придодава никаква мака“ (Пословици 10:22).

[Фусноти]

^ пас. 13 Искуства на оние што повеќе го ценеле теократското отколку факултетското образование можеш да најдеш во англиските изданја на Стражарска кула од 1 мај 1982, страници 3-6; 15 април 1979, страници 5-10; Разбудете се! од 8 јуни 1978, страница 15; и 8 август 1974, страници 3-7.

^ пас. 17 Види го српското издание на Разбудете се! од 8 октомври 1998, „Во потрага по сигурен живот“, страници 4-6, и англиското издание од 8 мај 1989, „Каква кариера да изберам?“, страници 12-14.

Можеш ли да објасниш?

• Во што ја полагаат христијаните својата доверба за сигурна иднина?

• Со кои предизвици се соочуваат христијанските родители во врска со иднината на своите деца?

• За што мора да се размисли кога се пресметува трошокот за високото образование?

• Како можат родителите да им помогнат на своите деца да градат кариера во Јеховината служба?

[Прашања]

[Рамка на страница 29]

Колку вреди високото образование?

Повеќето од оние што се запишуваат на факултет се надеваат дека ќе добијат диплома што ќе им овозможи да најдат добро платено и сигурно работно место. Меѓутоа, извештаите од владата покажуваат дека само околу една четвртина од оние што одат на факултет добиваат диплома во рок од шест години — што е очаен показател за успехот. Па дури и да се добие диплома, дали таа гарантира добро работно место? Забележи што велат некои сегашни истражувања и анкети.

„Ако завршите на Харвард или на Дјук, нема автоматски да имате подобра работа или повисока плата . . . Фирмите не знаат многу за младите кандидати за вработување. Блескавата диплома (на Ајви лигата) може да остави силен впечаток. Но, потоа, повеќе вреди она што човек може или не може да го сработи“ (Newsweek од 1 ноември 1999).

„Иако денес за едно просечно работно место треба да имаш поголема стручност отколку во минатото . . , стручноста што е потребна за тие работни места се неопходни вештини што се стекнуваат во средно училиште — математика, читање и пишување, кои се добиваат по девет години образование, а не вештини што се стекнуваат на факултет . . . Учениците не мораат да одат на факултет за да добијат добра работа, туку треба добро да ги совладаат вештините што се стекнуваат со средно образование“ (American Educator, пролет 2004).

„Повеќето факултети се во сериозен расчекор со реалниот свет кога ги подготвуваат студентите да стапат во работен однос откако ќе завршат со факултетот. Стручните училишта . . . доживуваат наплив од ученици. Од 1996 до 2000 година, бројот на ученици во нив се зголеми за 48% . . . Во меѓувреме, оние скапи факултетски дипломи за кои треба да се вложи толку многу време станаа побезвредни од кога и да е порано“ (Time, 24 јануари 2005).

„Предвидувањата на американското Министерство за труд даваат лоша слика за 2005 година, дека најмалку една третина од оние што дипломирале по четири години факултетско образование нема да најдат работа според струката“ (The Futurist, јули/август 2000).

Со оглед на сево ова, сѐ повеќе просветни работници сериозно се сомневаат дека високото образование денес вреди. „Ги учиме луѓето да имаат погрешна иднина“, се жали извештајот во Futurist. За разлика од тоа, забележи што вели Библијата за Бог: „Јас Господ, твојот Бог, те учам за твое добро, те водам по патот по кој треба да одиш. О, да внимаваше на Моите заповеди, твојот мир ќе беше како река, а твојата правда како морски бранови“ (Исаија 48:17, 18).

[Слика на страница 26]

Ги оставиле личните цели и го следеле Исус

[Слика на страница 31]

Христијанските родители мудро им обезбедуваат на своите деца јака духовна средина уште од најраното детство