Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

‚Јеховините патишта се прави‘

‚Јеховините патишта се прави‘

‚Јеховините патишта се прави‘

„Господовите патишта се прави: праведниците одат по нив“ (ОСИЈА 14:9).

1, 2. Каков почеток им дал Јехова на Израелците, но што се случило со нив?

 ЈЕХОВА им дал на Израелците праведен почеток во времето на пророкот Мојсеј. Меѓутоа, до почетокот на осмиот век пр.н.е., нивната ситуација толку се влошила што во Божји очи биле виновни за тешки престапи. Ова јасно се гледа од 10. до 14. поглавје од книгата Осија.

2 Срцето на Израелците станало лицемерно. Луѓето од тоа десетплеменско царство ‚орале безбожност‘ и жнееле неправедност (Осија 10:1, 13). „Додека Израел беше дете Јас го љубев“, рекол Јехова, „го повикав Мојот син од Египет“ (Осија 11:1). Иако Бог ги избавил Израелците од ропството во Египет, тие му вратиле со лаги и измама (Осија 11:12). Затоа, Јехова им го дава овој совет: „Врати Му се ти на својот Бог, чувај ги љубовта и справедливоста“ (Осија 12:6).

3. Што требало да се случи со бунтовната Самарија, но како можеле Израелците да добијат милост?

3 Бунтовната Самарија и нејзиниот цар требало да завршат катастрофално (Осија 13:11, 16). Но, последното поглавје од пророштвото на Осија започнува со молбата: „Израелу, врати се кај твојот Господ Бог“. Ако Израелците се покаеле и побарале прошка, Бог ќе им покажел милост. Секако, ќе морале да признаат дека „Господовите патишта се прави“ и да одат по нив (Осија 14:1-6, 9).

4. Кои начела од пророштвото на Осија ќе ги разгледаме?

4 Овој дел од пророштвото на Осија содржи многу начела што можат да ни помогнат да одиме со Бог. Ќе ги разгледаме овие: 1) Јехова бара нелицемерно обожавање, 2) Бог покажува милост кон својот народ, 3) треба постојано да се надеваме во Јехова, 4) Јеховините патишта секогаш се прави, и 5) грешниците можат да му се вратат на Јехова.

Јехова бара нелицемерно обожавање

5. Каква служба очекува Бог од нас?

5 Јехова очекува да му принесуваме света служба на чист, нелицемерен начин. Меѓутоа, Израел станал како неплодна „лоза што се расипала“. Жителите на Израел ги ‚умножиле жртвениците‘ што ги користеле во лажното обожавање. Тие отпадници подигнале дури и столбови — веројатно обелисци наменети да се користат во нечистото обожавање. Јехова ќе им ги искршел тие жртвеници и ќе ги уништел тие столбови (Осија 10:1, 2).

6. Која особина не смееме да ја имаме за да одиме со Бог?

6 Кај Јеховините слуги нема место за лицемерство. Но, што се случило со Израелците? Па, ‚нивното срце станало лицемерно‘! Иако некогаш имале склучено сојуз со Јехова како негов предаден народ, во Божји очи станале виновни за лицемерство. Што можеме да научиме од ова? Ако сме му се предале на Бог, не смееме да бидеме лицемери. Пословици 3:32 нѐ опоменува: „На Господа му се гнасни развратните, а близок е со праведните“. За да одиме со Бог, мораме да покажуваме љубов „од чисто срце и добра совест и нелицемерна вера“ (1. Тимотеј 1:5).

Бог покажува милост кон својот народ

7, 8. а) Под кои услови ќе можеме да ја имаме Божјата милост? б) Што треба да направиме ако сме направиле некој тежок грев?

7 Ако го обожаваме Јехова нелицемерно и праведно, ќе ја добиеме неговата милост. На тврдоглавите Израелци им било речено: „Сејте правда, ќе пожнеете љубов [милост, NW]; расчистувајте нови земји: време е да Го барате Господа, додека не дојде и да ви дожди со [да ве поучи во, NW] правда“ (Осија 10:12).

8 Колку ќе било убаво Израелците покајнички да го побарале Јехова! Тогаш тој со задоволство би ги ‚поучил во правда‘. Ако сме направиле сериозен грев, да го бараме Јехова, да го молиме да ни прости и да побараме духовна помош од христијанските старешини (Јаков 5:13-16). Исто така, треба да бараме водство од Божјиот свет дух, затоа што „оној кој сее во поглед на своето тело, од телото ќе пожнее распадливост, а оној кој сее во поглед на духот, од духот ќе пожнее вечен живот“ (Галатите 6:8). Ако ‚сееме во поглед на духот‘, и понатаму ќе ја имаме Божјата милост.

9, 10. Како се однесуваат на Израел стиховите од Осија 11:1-4?

9 Можеме да бидеме уверени дека Јехова секогаш постапува со љубов со својот народ. Доказ за тоа наоѓаме во Осија 11:1-4, каде што читаме: „Додека Израел беше дете Јас го љубев, го повикав Мојот син од Египет . . . им жртвуваа на вааловите идоли, им кадеа на киповите, а Јас го учев Ефрема [Израелците] да оди, држејќи го за неговите раце, но тие не сознаа дека се грижев за нив. Ги привлекував со човечки јажиња, со врските на љубовта; им бев како оној, кој во нивната челуст ја олабавува уздата; се наведнував над него и му давав да јаде“.

10 Овде Израел е спореден со едно мало дете. Јехова со љубов ги учел Израелците да одат, држејќи ги за раце. Исто така, ги привлекувал со „врските на љубовта“. Колку трогателна слика! Замисли си дека си родител што му помага на своето дете да ги направи првите чекори. Рацете ти се раширени. Можеби користиш врвка за која твоето детенце се држи за да не падне. Па, и Јехова чувствува исто толку нежна љубов кон тебе. Тој со радост те води со „врските на љубовта“.

11. Во кој поглед Бог станал ‚како оној што ја олабавува уздата‘?

11 Со начинот на кој постапувал со Израелците, Јехова им станал ‚како оној кој во нивната челуст ја олабавува уздата, се наведнува над нив и им дава да јадат‘. Бог постапил како оној што ја олабавува уздата или го подига јаремот за да може животното полесно да јаде. Но, кога Израелците го прекршувале својот јарем на подложност на Бог, потпаѓале под угнетувачкиот јарем на своите непријатели (Второзаконие 28:45, 48; Еремија 28:13). Никогаш да не паднеме во канџите на нашиот најголем непријател, Сатана, за да не ги трпиме болките од неговиот угнетувачки јарем. Наместо тоа, и понатаму да одиме лојално со Бог, кој нежно нѐ сака.

Секогаш надевај се на Јехова

12. Според Осија 12:6, што е потребно за да продолжиме да одиме со Бог?

12 За да одиме со Бог, мораме постојано да се надеваме на него. На Израелците им било речено: „Врати Му се ти на својот Бог, чувај ги љубовта и справедливоста и надевај се секогаш во Господа“ (Осија 12:6). Жителите на Израел можеле да дадат доказ дека покајнички му се враќаат на Јехова со тоа што ќе покажувале добрина и милост, ќе постапувале праведно и ‚секогаш ќе се надевале на Бог‘. Независно од тоа колку време верно сме оделе со Бог, мораме да бидеме решени да покажуваме добрина и милост, да постапуваме праведно и секогаш да се надеваме на Бог (Псалм 27:14).

13, 14. Каква примена дава Павле на стихот од Осија 13:14, и каква причина за надеж во Јехова ни дава тоа?

13 Пророштвото на Осија во врска со Израелците ни дава посебна причина да се надеваме на Бог. „Јас ќе ги избавам од власта на пеколот [гробот, NW]“, рекол Јехова. „Ќе ги спасам од смртта! Смрт, каде е твоето осило? Гробу, каде е твојата победа?“ (Осија 13:14). Јехова немало да ги спаси Израелците од физичката смрт во тоа време, туку на крајот ќе ја проголта смртта засекогаш и ќе ја поништи нејзината победа.

14 Обраќајќи им се на помазаните сохристијани, Павле цитирал од пророштвото на Осија и напишал: „Кога ова што е распадливо ќе се облече во нераспадливост и ова што е смртно ќе се облече во бесмртност, тогаш ќе се случи зборот што е напишан: ‚Смртта е проголтана засекогаш‘. ‚Смрт, каде ти е победата? Смрт, каде ти е осилото?‘ Осилото кое предизвикува смрт е гревот, но силата за гревот е Законот. Но, фала Богу, зашто ни ја дава победата преку нашиот Господ Исус Христос!“ (1. Коринќаните 15:54-57). Јехова го подигнал Исус од мртвите, а со тоа дал многу утешна гаранција дека луѓето што се во Божјето сеќавање ќе воскреснат (Јован 5:28, 29). Колку убава причина да се надеваме на Јехова! Меѓутоа, и нешто друго освен надежта за воскресение нѐ мотивира да одиме со Бог.

Јеховините патишта секогаш се прави

15, 16. Што било претскажано во врска со Самарија, и како било исполнето тоа пророштво?

15 Тоа што сме уверени дека ‚Јеховините патишта се прави‘ ни помага и понатаму да одиме со Бог. Жителите на Самарија не оделе по Божјите прави патишта. Како последица од тоа, требало да платат за својот грев и за тоа што немале вера во Јехова. Било претскажано: „Самарија ќе биде запустена зашто се побуни против Својот Бог. Тие ќе паднат од меч, нивните младенци ќе бидат погубени, ќе им ги распорат нивните трудни жени“ (Осија 13:16). Историските записи покажуваат дека Асирците, кои ја освоиле Самарија, биле способни да направат токму такви ужасни ѕверства.

16 Самарија била главен град на десетплеменското царство Израел. Меѓутоа, името Самарија може да се користи за целата територија што ја опфаќа тоа царство (1. Цареви 21:1). Асирскиот цар Салманасар V поставил опсада околу градот Самарија во 742 година пр.н.е. Кога Самарија конечно била поразена во 740 година пр.н.е., многу од нејзините угледни жители биле протерани во Месопотамија и во Медија. Сѐ уште не е сигурно дали Самарија ја освоил Салманасар V или неговиот наследник Саргон II (2. Цареви 17:1-6, 22, 23; 18:9-12). Како и да е, записите на Саргон се осврнуваат на прогонот на 27.290 Израелци во регионот на горниот тек на Еуфрат и во Медија.

17. Наместо да ги презираме Божјите мерила, што треба да правиме?

17 Жителите на Самарија скапо платиле за тоа што пропуштиле да одат по Јеховините прави патишта. Како предадени христијани, и ние ќе претрпиме трагични последици ако почнеме да правиме грев со тоа што ќе ги презираме Божјите праведни мерила. Никогаш да не тргнеме по таков злобен пат! Наместо тоа, секој од нас нека го примени советот на апостол Петар: „Никој од вас да не страда како убиец или крадец или злосторник или како некој кој се меша во туѓи работи. Но, ако страда како христијанин нека не се срами, туку нека го прославува Бога во тоа име“ (1. Петрово 4:15, 16).

18. Како можеме ‚да го прославуваме Бог‘?

18 ‚Го прославуваме Бог‘ со тоа што одиме по неговите прави патишта наместо независно да си ги правиме работите по свое. Каин извршил убиство затоа што тргнал по свој пат и пропуштил да го земе во обѕир предупредувањето од Јехова дека гревот ќе го надвладее (Битие 4:1-8). Валаам се согласил да земе пари од моавскиот цар, но без успех се обидел да го проколне Израел (Броеви 24:10). Бог ги погубил левитот Кореј и други луѓе затоа што се побуниле против авторитетот на Мојсеј и Арон (Броеви 16:1-3, 31-33). Ние во никој случај не сакаме да тргнеме по „патеката на Каин“, кој извршил убиство, ни да се залетаме на „погрешниот пат на Валаам“, ниту, пак, да загинеме во „бунтовниот говор на Кореј“ (Јуда 11). Сепак, ако направиме некој грев, пророштвото на Осија ни дава утеха.

Грешниците можат да му се вратат на Јехова

19, 20. Какви жртви можеле да принесат Израелците што се каеле?

19 Дури и оние што „паднале“ затоа што направиле некој сериозен грев, можат да се вратат кај Јехова. Во Осија 14:2, 3 ја наоѓаме оваа молба: „Израелу, врати се кај Твојот Господ Бог, зашто падна заради Твоето беззаконие. Земете ги со себе зборовите и обратете се кон Господ. Речете му: ‚Одземи го од нас [Прости ни го, NW] беззаконието и прими го за добро и ние ќе Ти дадеме благодарни приноси од своите усни‘“.

20 Израелците што се каеле можеле да му принесат на Бог „благодарни приноси од своите усни“. Тоа биле жртви на искрена фалба. Павле укажал на ова пророштво кога ги поттикнал христијаните да ‚му принесуваат на Бог жртва на фалба, односно плод на усните кои даваат јавна изјава за неговото име‘ (Евр. 13:15). Ние имаме многу голема чест да одиме со Бог и да му принесуваме такви жртви денес.

21, 22. Каква обнова требало да доживеат покајничките Израелци?

21 Израелците кои го оставиле својот своеглав начин на живот и му се вратиле на Бог, му принеле „благодарни приноси од своите усни“. Затоа доживеале духовна обнова, токму како што ветил Бог. Во Осија 14:5-8 Јехова вели: „Ќе ги исцелам од нивното отпаѓање, ќе ги љубам од сето срце, зашто Мојот гнев се одврати од нив. Ќе му бидам како роса на Израел; тој ќе цвета како лилјан, ќе пушти корен како на Ливан, ќе ги шири гранките далеку, славата ќе му биде како на маслината, мирисот како Ливан. Пак ќе се врати во Мојата сенка, ќе ја одгледува својата пченица, ќе ги одгледува лозјата што ќе го добијат името на ливанско вино“.

22 Покајничките Израелци ќе бидат духовно излечени и повторно ќе ја уживаат Божјата љубов. Јехова ќе им стане како освежувачка роса во таа смисла што изобилно ќе ги благослови. Неговиот обновен народ ќе има ‚слава како на маслината‘, и тие сигурно ќе одат по Божјите патишта. Бидејќи и ние сме решени да одиме со Јехова Бог, што се бара од нас?

Продолжи да одиш по Јеховините прави патишта

23, 24. Со кое охрабрувачко пророштво завршува книгата Осија, и како влијае тоа врз нас?

23 За да одиме со Бог, мораме да ја покажуваме „мудроста одозгора“ и секогаш да постапуваме во склад со неговите прави патишта (Јаков 3:17, 18). Последниот стих од пророштвото на Осија гласи: „Кој е мудар нека го сфати ова, и разумниот човек нека сознае! Зашто Господовите [Јеховините, NW] патишта се прави: праведниците одат по нив, а грешниците паѓаат на нив“ (Осија 14:10).

24 Наместо да нѐ водат мудроста и мерилата на овој свет, да бидеме решени да одиме по Божјите прави патишта (Второзаконие 32:4 ‚NW). Осија го правел тоа 59 години. Тој верно ги пренесувал Божјите пораки, знаејќи дека оние што се мудри и разборити ќе ги сфатат тие зборови. Како е со нас? Сѐ додека Јехова ни допушта да сведочиме, ќе продолжиме да ги бараме оние што мудро ќе ја прифатат неговата незаслужена љубезност. И радосни сме што можеме да го правиме тоа додека потполно соработуваме со „верниот и разборит роб“ (Матеј 24:45-47).

25. Во што треба да ни помогне разгледувањето на пророштвото на Осија?

25 Тоа што го разгледавме пророштвото на Осија треба да ни помогне да продолжиме да одиме со Бог со надеж дека ќе добиеме вечен живот во новиот свет што го ветил (2. Петрово 3:13; Јуда 20, 21). Колку прекрасна надеж стои пред нас! А таа надеж ќе стане стварност за секого од нас ако продолжиме да покажуваме со зборови и со дела дека, кога велиме ‚Јеховините патишта се прави‘, навистина го мислиме тоа.

Како би одговорил?

• Ако го обожаваме Бог на чист начин, како ќе постапува тој со нас?

• Зошто треба секогаш да се надеваме на Јехова?

• Зошто си уверен дека Јеховините патишта се прави?

• Како можеме и понатаму да одиме по Јеховините прави патишта?

[Прашања]

[Слика на страница 28]

Прифати ја духовната помош од христијанските старешини

[Слика на страница 29]

Пророштвото на Осија ни дава причина да се надеваме на Јеховините ветувања за воскресение

[Слики на страница 31]

Продолжи да одиш со Бог со надеж во вечен живот