Оди со Бог и пожнеј го она што е добро
Оди со Бог и пожнеј го она што е добро
„Посеаја ветар, и ќе пожнеат бура“ (ОСИЈА 8:7).
1. Како можеме да одиме со Јехова?
ПАТУВАЊЕТО низ некој опасен предел ќе биде побезбедно ако нѐ води некој искусен водич. Помудро би било да одиме со еден таков водич наместо да тргнеме сами. Во некој поглед, ова ја илустрира ситуацијата во која се наоѓаме ние. Јехова, така да се каже, се нуди да нѐ води низ огромната пустелија на сегашниов злобен свет. Ќе биде мудро да одиме со него наместо да се обидуваме самите да си ги управуваме чекорите. Како можеме да одиме со Бог? Така што ќе го следиме водството што ни го дава преку својата Реч.
2. Што ќе разгледаме во оваа статија?
2 Претходната статија ја обработи симболичната драма што се наоѓа во книгата Осија, поглавја 1 до 5. Како што видовме, таа драма содржи поуки што можат да ни помогнат да одиме со Бог. Сега да разгледаме некои мисли од 6. до 9. поглавје. Ќе биде добро да почнеме со еден краток преглед на овие четири поглавја.
Еден краток преглед
3. Накратко раскажи што се зборува во Осија, поглавја 6 до 9.
3 Јехова го испратил Осија да му пророкува првенствено на северното десетплеменско царство Израел. Таа нација, позната и како Ефрем според името на нејзиното најголемо племе, го отфрлила Бог. Од 6. до 9. поглавје од книгата Осија гледаме дека народот покажал нелојалност со тоа што го прекршил сојузот со Јехова и постапувал злобно (Осија 6:7). Се потпирал на световни сојузи наместо да се врати кај Јехова. Бидејќи луѓето и понатаму го сееле она што е лошо, требало и да го пожнеат она што е лошо. Со други зборови, ги чекала осуда. Меѓутоа, пророштвото на Осија содржи и една охрабрувачка порака. Пророкот го уверил народот дека можат да му се вратат на Јехова и дека ќе им биде покажана милост ако дадат доказ дека се каат од сѐ срце.
4. Кои практични поуки од пророштвото на Осија ќе ги разгледаме?
4 Од овие четири поглавја од пророштвото на Осија можеме да добиеме натамошни совети што ќе ни помогнат да одиме со Бог. Да разгледаме четири практични поуки: 1) Вистинското каење се покажува со дела, а не само со зборови; 2) жртвите сами по себе не му се угодни на Бог; 3) Јехова е повреден кога неговите обожаватели го отфрлаат; и 4) за да пожнееме нешто што е добро, мораме и да посееме нешто што е добро.
Како се покажува вистинско каење
5. Кажи ги главните мисли од Осија 6:1-3.
5 Од пророштвото на Осија учиме многу за каењето и за милоста. Во Осија 6:1-3 читаме: „Ајде да му се вратиме на Господа! Тој раскина, Тој ќе нѐ исцели: Тој нѐ рани, Тој ќе ни ги завитка раните; по два дни ќе нѐ оживее, на третиот ден ќе нѐ подигне, и ние ќе живееме пред Него. Да се стремиме да го запознаеме Господа; како утринска зора е Неговото јавување. Тој ќе ни дојде како есенски дожд, како пролетен дожд што ја натопува земјата“.
6-8. Што не било во ред со каењето на Израел?
6 Кој ги кажал зборовите што се запишани во овие стихови? Некои им ги припишуваат овие изјави на неверните Израелци и велат дека непослушниот народ се преправал дека се кае и дека ја злоупотребувал Божјата милост. Меѓутоа, други велат дека ова го вели пророкот Осија, преколнувајќи го народот да се врати кај Јехова. Без оглед на тоа кој ги кажал тие зборови, клучното прашање е: ‚Дали десетплеменското царство Израел, општо земено, се вратило кај Јехова, покажувајќи искрено каење?‘ Одговорот е ‚не‘. Преку Осија, Јехова вели: „Што можам да сторам за тебе, Ефреме? Што можам да сторам за тебе, Јудо? Вашата побожност [добрина, NW] е како утрински облак, како рана роса што ја снемува“ (Осија 6:4). Колку жална потврда за бедната духовна состојба на Божјиот народ! Добрината речиси ја снемало — како утринската магла што брзо исчезнува кога ќе изгрее сонцето. Иако народот се преправал дека се кае, Јехова не нашол ништо на темел на што би им покажал милост. Во што бил проблемот?
7 Израелците не се каеле искрено, од срце. Во Осија 7:14 читаме за незадоволството на Јехова од неговиот народ: „Тие не Ме повикуваат од срце кога лелекаат на своите легла“. Стих 16 (NW) додава: „И се вратија, но не кај возвишениот“ — односно, не кон возвишениот облик на обожавање. Народот не бил спремен да се врати на возвишеното обожавање на Јехова и да ги направи потребните промени за да го обнови својот однос со него. Всушност, луѓето не сакале вистински да одат со Бог.
8 Имало уште еден проблем во врска со каењето на Израелците. Тие сѐ уште правеле грев — всушност, секакви гревови, вклучувајќи измама, убиство, крадење, идолопоклонство и немудро склучувале сојузи со други нации. Во Осија 7:4 народот е спореден со „печка“, или пекарска фурна, очигледно поради погрешните желби што гореле во нив. Со оглед на ваквата бедна духовна состојба, дали народот заслужувал милост? Ни најмалку! Осија му кажува на бунтовниот народ дека Јехова „ќе си спомне за нивните беззаконија“ и дека „ќе ги казни нивните гревови“ (Осија 9:9). Нема милост за нив!
9. Што учиме за каењето и милоста од зборовите на Осија?
9 Додека ги читаме зборовите на Осија, што учиме во врска со каењето и милоста? Предупредувачкиот пример на неверните Израелци нѐ учи дека, за да извлечеме корист од милоста на Јехова, мораме да покажеме искрено каење. Како се покажува такво каење? Јехова не може да биде измамен само со зборови или со солзи. Искреното каење се гледа од постапките. За да добие милост, престапникот мора потполно да го остави својот грешен пат и да го доведе својот живот во склад со високите мерила на Јеховиното возвишено обожавање.
Жртвите сами по себе не му се угодни на Јехова
10, 11. Како што се гледа од случајот со Израел, зошто жртвите сами по себе не му се угодни на Јехова?
10 Сега да ја разгледаме втората поука што може да ни помогне да одиме со Јехова. Тоа е: Жртвите сами по себе не му се угодни на Бог. Во Осија 6:6 стои: „Милоста [Добрината, NW] ја сакам, а не жртви, и познавањето на Бога повеќе од паленици“. Забележи дека Јехова се радува кога покажуваме добрина — што е особина на срцето — и кога го познаваме Бог. Но, можеби се прашуваш: ‚Зошто овој стих вели дека Јехова не сака „жртви“ и „паленици“? Зарем тие не се барале со Мојсеевиот закон?
11 Жртвите и приносите се барале со Законот, но имало сериозен проблем со луѓето што живееле во времето на Осија. Изгледа дека имало Израелци што совесно давале такви приноси за да покажат пред другите дека му се оддадени на Бог. Сепак, во исто време, тие правеле грев. Со својата грешност тие покажувале дека во нивните срца нема добрина. Исто така, покажале дека го отфрлиле спознанието за Бог зашто не живееле во склад со него. Ако луѓето немале исправен став на срцето и ако не живееле исправно, тогаш што им вределе жртвите? Јехова Бог ги сметал за навреда нивните жртви!
12. Какво предупредување содржи Осија 6:6 за луѓето што живеат денес?
12 Зборовите на Осија содржат предупредување за многу луѓе што одат в црква денес. Тие му принесуваат жртви на Бог во облик на верски обичаи. Меѓутоа, нивното обожавање речиси воопшто не влијае врз нивното секојдневно однесување. Дали тие луѓе навистина му угодуваат на Бог ако нивните срца не ги поттикнуваат да примаат точно спознание за него и да го применуваат тоа спознание така што нема да прават грев? Никој нека не си мисли дека побожните дела сами по себе му се угодни на Бог. На Јехова воопшто не му се допаѓаат луѓе што се обидуваат да ја стекнат неговата наклоност само со формално обожавање наместо вистински да живеат според неговата Реч (2. Тимотеј 3:5).
13. Какви жртви принесуваме ние, но што треба да имаме на ум во врска со тоа колку вредат таквите жртви?
13 Како вистински христијани, имаме на ум дека жртвите сами по себе не му се угодни на Бог. Точно, ние не му принесуваме на Јехова животни за жртви. Меѓутоа, ние „му принесуваме на Бог жртва на фалба, односно плод на усните кои даваат јавна изјава за неговото име“ (Евреите 13:15). Важно е да не станеме како грешните Израелци од времето на Осија и да мислиме дека за престапите можеме да надоместиме со тоа што ќе му принесуваме на Бог такви духовни жртви. Да го разгледаме примерот на една млада девојка која скришно се впуштила во сексуален неморал. Подоцна таа признала: „Ја зголемив службата на теренот мислејќи дека со тоа на некој начин ќе надоместам за престапот“. Тоа било слично на она што се обиделе да го направат своеглавите Израелци. Меѓутоа, нашата жртва на фалба му е прифатлива на Јехова само ако е проследена со исправна мотивација на срцето и со побожно однесување.
Јехова е повреден кога неговите обожаватели го напуштаат
14. Што ни открива пророштвото на Осија за Божјите чувства?
14 Третата поука што ја учиме од книгата Осија, поглавја 6 до 9, е како се чувствува Јехова кога неговите обожаватели го отфрлаат. Бог има и силни и нежни чувства. Тој има нежни чувства на радост и сочувство кон оние што се каат за своите гревови. Но, кога неговиот народ не се кае, тој цврсто и одлучно презема нешто. Бидејќи Бог е многу заинтересиран за нашето добро, се радува кога верно одиме со него. „Господ го љуби Својот народ“, стои во Псалм 149:4. Но, како се чувствува Јехова кога неговите слуги се неверни?
15. Според Осија 6:7, како постапувале некои Израелци?
15 Осврнувајќи се на неверните Израелци, Јехова вели: „Тие како Адама го прекршија заветот и таму Ме изневерија Мене“ (Осија 6:7). Хебрејскиот збор преведен со ‚изневерува‘ значи и „мами, постапува неверно“. Во Малахија 2:10-16, истиот хебрејски збор се користи за да се опише нелојалното постапување на оние Израелци што им биле неверни на своите брачни другари. Во врска со употребата на овој термин во Осија 6:7, во еден весник стои дека тоа е „метафора во врска со бракот“, укажува на ситуација „во која е згазена љубовта“.
16, 17. а) Како постапил Израел во врска со Божјиот сојуз со таа нација? б) Што не смееме да заборавиме во врска со нашите постапки?
16 Јехова го сметал Израел за своја симболична сопруга поради сојузот што го склучил со таа нација. Затоа, кога неговиот народ ги прекршил условите на сојузот, тоа било како да извршил прељуба. Бог бил како верен сопруг, но неговиот народ го напуштил!
17 А како е со нас? На Бог му е важно дали одиме со него или не. Не треба да заборавиме дека „Бог е љубов“ и дека е засегнат од нашите постапки (1. Јованово 4:16). Ако одиме по погрешен пат, му нанесуваме болка на Јехова и сигурно ќе го разочараме. Тоа што ќе го имаме ова на ум ќе нѐ спречи да подлегнеме на искушението.
Како можеме да го жнееме она што е добро
18, 19. Кое начело го наоѓаме во Осија 8:7, и како тоа начело важело во случајот со Израелците?
18 Да ја разгледаме четвртата поука од пророштвото на Осија — како можеме да го пожнееме она што е добро. Во врска со Израелците, со нивната лудост и ништожноста на нивниот неверен правец, Осија пишува: „Посеаја ветар, и ќе пожнеат бура“ (Осија 8:7). Овде наоѓаме едно начело што треба да го имаме на ум: Она што го правиме сега е директно поврзано со она што ќе ни се случи подоцна. Како се покажало дека ова начело важи во случајот со неверните Израелци?
19 Со тоа што правеле грев, тие Израелци го сееле она што е лошо. Дали би можеле да продолжат да го прават тоа без да пожнеат лоши последици? Сигурно немало да ја избегнат осудата. Во Осија 8:13 стои: „[Јехова] ќе ги спомнува нивните беззаконија и ќе ги казнува нивните гревови“. А во Осија 9:17 читаме: „Мојот Бог ќе ги отфрли зашто не Го послушаа; и ќе скитаат меѓу народите“. Јехова ќе ги смета Израелците за одговорни за нивните гревови. Затоа што посеале нешто што е лошо, требало и да пожнеат нешто што е лошо. Божјиот суд против нив бил извршен во 740 година пр.н.е., кога Асирците го поразиле десетплеменското царство Израел и ги одвеле неговите жители во ропство.
20. Што учиме од искуството на Израелците?
20 Од она што им се случило на тие Израелци учиме една неизбежна вистина: Ќе го пожнееме она што сме го посеале. Божјата реч нѐ предупредува: „Немојте да се залажувате: Со Бог нема подигрување. Зашто, што човек сее, тоа и ќе пожнее“ (Галатите 6:7). Ако сееме нешто лошо, тогаш и ќе пожнееме нешто лошо. На пример, оние што живеат неморално, ќе пожнеат горки последици. Престапникот што не се кае го чека несреќна иднина.
21. Како можеме да го жнееме она што е добро?
21 Тогаш, како можеме да пожнееме нешто што е добро? На ова прашање можеме да одговориме со една едноставна илустрација. Ако еден земјоделец сака да жнее пченица, дали ќе посади јачмен? Сигурно не! Мора да го посади она што сака да го жнее. Слично на тоа, ако сакаме да пожнееме нешто што е добро, тогаш мораме и да посееме нешто што е добро. Сакаш ли секогаш да жнееш нешто добро — задоволувачки живот сега, со можност да добиеш вечен живот во Божјиот нов свет? Тогаш мораш и понатаму да сееш нешто што е добро така што ќе одиш со Бог и ќе живееш во склад со неговите праведни мерила.
22. Кои поуки ги извлековме од Осија, поглавја 6 до 9?
22 Од 6. до 9. поглавје на книгата Осија научивме четири поуки што можат да ни помогнат да одиме со Бог: 1) Вистинското каење се покажува со дела; 2) жртвите сами по себе не му се угодни на Бог; 3) Јехова е повреден кога неговите обожаватели го отфрлаат; и 4) за да пожнееме нешто што е добро, мораме и да посееме нешто што е добро. Како можат последните пет поглавја од оваа библиска книга да ни помогнат да одиме со Бог?
Како би одговорил?
• Како се покажува вистинско каење?
• Зошто жртвите сами по себе не му се угодни на нашиот небесен Татко?
• Како се чувствува Бог кога неговите обожаватели ќе го напуштат?
• Што мораме да сееме за да жнееме што е добро?
[Прашања]
[Слика на страница 23]
Како утрински облак, добрината во Израел исчезнала
[Слика на страница 23]
Злобните желби на Израел гореле како печка
[Слика на страница 24]
Зошто Јехова ги отфрлил жртвите на својот народ?
[Слика на страница 25]
За да пожнееме нешто што е добро, мораме и да посееме нешто што е добро