Пророштвото на Осија ни помага да одиме со Бог
Пророштвото на Осија ни помага да одиме со Бог
„Тие ќе одат по Господа“ (ОСИЈА 11:10).
1. Каква симболична драма наоѓаме во книгата Осија?
САКАШ ли драми со интересни ликови и заплети? Библиската книга Осија содржи една симболична драма. a Во неа се зборува за семејните околности на Божјиот пророк Осија и поврзана е со симболичниот брак што Јехова го склопил со древниот Израел преку сојузот на Мојсеевиот закон.
2. Што знаеме за Осија?
2 Сцената на оваа драма ја наоѓаме во Осија, 1. поглавје. Изгледа дека Осија живеел на подрачјето на десетплеменското царство Израел (наречено и Ефрем, според најголемото племе). Пророкувал за време на владеењето на последните седум цареви на Израел, како и за време на јудејските цареви Озиј, Јотам, Ахаз и Езекија (Осија 1:1). Значи, Осија пророкувал најмалку 59 години. Иако книгата што го носи неговото име била завршена кратко по 745 година пр.н.е., таа има значење и за нас денес, кога милиони луѓе живеат според она што било проречено со зборовите: „Тие ќе одат по Господа“ (Осија 11:10).
Што ни открива еден краток преглед
3, 4. Накратко објасни што е изнесено во Осија, поглавја 1 до 5.
3 Еден краток преглед на книгата Осија, поглавја 1 до 5, ќе ја зајакне нашата решеност да одиме со Бог со тоа што ќе покажуваме вера и ќе живееме во склад со неговата волја. Иако жителите на царството Израел биле виновни за духовна прељуба, Бог ќе бил милостив ако се покаеле. Ова било прикажано со начинот на кој Осија постапил со својата жена, Гомера. Откако му родила едно дете, изгледа дека имала уште две вонбрачни деца. Сепак, Осија ја примил назад, исто како што Јехова бил спремен да покаже милост кон Израелците што ќе се покаеле (Осија 1:1—3:5).
4 Јехова се спорел со Израел затоа што во таа земја немало вистина, добрина ниту спознание за Бог. Тој ќе барал сметка и од идолопоклоничкиот Израел и од своеглавото царство Јуда. Меѓутоа, кога Божјиот народ бил ‚во тага‘, луѓето го барале Јехова (Осија 4:1—5:15).
Се одигрува драмата
5, 6. а) Колку бил раширен блудот во десетплеменското царство Израел? б) Зошто е значајно за нас предупредувањето што му било дадено на древниот Израел?
5 „Оди“, му заповедал Бог на Осија, „ожени се со жена која ќе направи блуд и ќе роди деца од блуд, зашто поради блудството земјата ќе се одврати од Јехова“ (Осија 1:2, NW). Колку бил раширен блудот во Израел? Читаме: „Духот на развратот ги заведува нив [луѓето од десетплеменското царство], та бегајќи од Својот Бог му се предаваат на блудството . . . Му се предаваат вашите ќерки на блудството, прават прељуба вашите невести . . . [Мажите] одат насамо со блудниците и жртвуваат со храмските љубовници“ (Осија 4:12-14).
6 Блудот бил многу раширен во Израел и во дословен и во духовен поглед. Затоа Јехова ќе ги ‚казни‘ Израелците (Осија 1:4; 4:9). Ова предупредување има значење и за нас, затоа што Јехова ќе ги казни оние што во денешно време вршат неморал и нечисто обожавање. Но, оние што одат со Бог ги задоволуваат неговите мерила за чисто обожавање и знаат дека „ниеден блудник . . . нема никакво наследство во царството на Христос и Бог“ (Ефешаните 5:5; Јаков 1:27).
7. Што било симболично прикажано со тоа што Осија се оженил со Гомера?
7 Кога Осија се оженил со Гомера, таа очигледно била девица и му била верна сопруга кога ‚му родила син‘ (Осија 1:3). Како што е прикажано во симболичната драма, кратко откако Бог ги ослободил Израелците од египетското ропство, во 1513 година пр.н.е., со нив склучил сојуз што бил сличен на договор за чесен брак. Со тоа што се согласил на тој сојуз, Израел ветил дека ќе му биде верен на својот „сопруг“, Јехова (Исаија 54:5). Да, овој симболичен брак помеѓу Израел и Бог бил сликовито прикажан со чесниот брак помеѓу Осија и Гомера. Но, колку ли се промениле работите!
8. Како настанало десетплеменското царство Израел, и што можеш да кажеш за обожавањето во него?
8 Жената на Осија ‚пак зачнала и родила ќерка‘. Тоа девојченце и следното дете Гомера најверојатно ги родила во прељубничка врска (Осија 1:6, 8). Бидејќи Гомера го претставувала Израел, можеби ќе прашаш: ‚Како дошло до тоа Израел да стане како една блудница?‘ Во 997 година пр.н.е., десет племиња на Израел се одвоиле од јужните племиња Јуда и Венијамин. Во северното десетплеменско царство Израел било воведено обожавање на теле за луѓето да не одат во Јуда за да го обожаваат Јехова во неговиот храм во Ерусалим. Во Израел длабоко се вкоренило обожавањето на лажниот бог Ваал, кое се одликувало со сексуални оргии.
9. Како што било проречено во Осија 1:6, што се случило со Израел?
9 Кога Гомера го родила своето второ дете, кое по сѐ изгледа било вонбрачно, Бог му рекол на Осија: „Наречи ја со името: Непомилувана (Ло-Рухама), зашто отсега нема да ми биде мила Израелевата куќа, ќе се повлечам од неа [ќе ги протерам, NW]“ (Осија 1:6). Јехова ‚ги протерал‘ Израелците кога Асирците ги одвеле во ропство во 740 година пр.н.е. Но, Јехова покажал милост кон двоплеменското царство Јуда и го спасил, но не со лак, меч, војна, коњи или коњаници (Осија 1:7). Во една единствена ноќ во 732 пр.н.е., само еден ангел убил 185.000 асирски војници што претставувале закана за главниот град на Јуда, Ерусалим (2. Цареви 19:35).
Јеховиниот спор со Израел
10. Што било претставено со прељубата на Гомера?
10 Гомера го напуштила Осија и ‚направила блуд‘, живеејќи во прељубничка врска со друг човек. Со ова биле претставени политичките сојузи што царството Израел ги склучувало со идолопоклоничките народи и на кои почнало да се потпира. Наместо својот материјален напредок да му го припишува на Јехова, Израел му ги припишувал на боговите на тие народи и го прекршил брачниот завет со Бог впуштајќи се во лажно обожавање. Не изненадува што Јехова се спорел со духовно прељубничкиот народ! (Осија 1:2; 2:2, 12, 13).
11. Што се случило со сојузот на Законот кога Јехова дозволил Израел и Јуда да бидат одведени во ропство?
11 Како бил казнет Израел за тоа што го напуштил својот Сопруг? Бог го испратил во „пустината“ на Вавилон, народот што ја освоил Асирија, каде што Израелците биле одведени во ропство во 740 година пр.н.е. (Осија 2:14). Кога со тоа Јехова му ставил крај на 10-племенското царство Израел, не го поништил својот брачен сојуз со првобитната 12-племенска нација Израел. Всушност, кога Бог дозволил Вавилонците да го уништат Ерусалим во 607 година пр.н.е. и жителите на Јуда да станат заробеници, не го укинал сојузот на Мојсеевиот закон со кој 12-племенскиот Израел стапил во симболичен брак со него. Овој однос бил прекинат дури откако еврејските водачи го отфрлиле Исус Христос и го погубиле во 33 н.е. (Колошаните 2:14).
Јехова го опоменува Израел
12, 13. За што се зборува во Осија 2:6-8, и какво значење имале тие зборови за Израел?
12 Бог го опоменал Израел да ги „отфрли блудствата од себе“, но тој сакал да трча по своите љубовници (Осија 2:2, 5). „Заради тоа“, рекол Јехова, „ќе ѝ го заградам патот со трња, ќе ја опкружам со ѕид, за да не ги најде веќе своите патеки. И ќе трча по љубовниците, но не ќе ги стигне, ќе ги бара, но не ќе ги најде. Тогаш ќе рече: ‚Одам да му се вратам на првиот маж, зашто посреќна бев порано отколку сега‘. И таа не разбра дека Јас ѝ давав и жито и вино и масло, дека ја опсипував со сребро и со злато од кое направија идол за Ваала“ (Осија 2:6-8).
13 Иако Израел барал помош од народите што му биле „љубовници“, ниеден од нив не можел да му помогне. Тој бил ограден како да имал околу себе непробојна ограда од трња, така што не можеле да дојдат до него и да му помогнат. По асирската опсада што траела три години, неговиот главен град, Самарија, бил поразен во 740 пр.н.е., а десетплеменското царство никогаш повторно не било обновено. Само некои поединци од заробените Израелци сфатиле колку им било убаво кога нивните прататковци му служеле на Јехова. Тој остаток го отфрлил обожавањето на Ваал и барал повторно да се обнови сојузот со Јехова.
Повторно ја гледаме драмата
14. Зошто Осија повторно имал интимни односи со Гомера?
14 За да ја разбереме подобро врската помеѓу брачните околности на Осија и односот помеѓу Израел и Јехова, да размислиме за овие зборови: „Господ ми рече: ‚Оди пак, љуби ја жената која љуби друг и прави прељуба‘“ (Осија 3:1). Осија ја послушал оваа заповед со тоа што ја откупил Гомера од мажот со кого живеела. Потоа, Осија строго ја опоменал својата сопруга: „За многу дни ќе ми останеш повлечена [моја, NW] не ќе блудничиш ниту ќе му се даваш на некој човек“ (Осија 3:2, 3). Гомера ја послушала оваа опомена и Осија повторно имал интимни односи со неа. Каква врска има ова со Божјите постапки со народот во Израел и Јуда?
15, 16. а) Под кои услови Божјиот укорен народ можел да добие милост? б) Како бил исполнет стихот од Осија 2:18?
15 Додека изгнаниците од Израел и Јуда биле во ропство во Вавилон, Бог ги користел своите пророци ‚да им зборуваат на нивните срца‘. За да добие милост од Бог, неговиот народ морал да покаже дека се кае и да му се врати на својот Сопруг, како што и Гомера се вратила кај својот. Тогаш Јехова ќе го зел од „пустината“ во Вавилон својот укорен народ, кој му бил како сопруга, и ќе го врател во Јуда и Ерусалим (Осија 2:14, 15). Тоа ветување го исполнил во 537 година пр.н.е.
16 Бог го исполнил и следново ветување: „Во оној ден, ќе склучам за нив сојуз со животните во полето, со небесните птици и со земните ползачи; ќе ги истребам од земјата лакот, мечот и војната за да почиваат мирно во неа“ (Осија 2:18). Еврејскиот остаток што се вратил во својата татковина живеел мирно, без никаков страв од животните. Ова пророштво имало исполнување и во 1919 година од н.е., кога остатокот од духовниот Израел бил ослободен од „Големиот Вавилон“, светското царство на лажната религија. Сега, тие живеат мирно, во духовен рај со своите придружници, кои имаат надеж да живеат вечно на Земјата. Меѓу овие вистински христијани никој не покажува особини што потсетуваат на крволочни животни (Откровение 14:8; Исаија 11:6-9; Галатите 6:16).
Послушај ги поуките
17-19. а) Кои особини на Бог сме поттикнати да ги покажуваме и ние? б) Како треба да влијаат врз нас Јеховината милост и сочувство?
17 Бог е милостив и сочувствителен, а такви треба да бидеме и ние. Ова е една поука од првите поглавја на книгата Осија (Осија 1:6, 7; 2:23). Божјата спремност да покаже милост кон покајничките Израелци е во склад со инспирираната пословица: „Кој ги крие своите престапи нема успех, а кој ги исповеда и се одречува од нив, наоѓа милост“ (Пословици 28:13). Утешни за престапниците што се каат се и зборовите на псалмистот: „Смирениот дух е жртва на Бога, нема да го презреш, Боже, понизното и покајничко срце“ (Псалм 51:17).
18 Пророштвото на Осија истакнува колку е сочувствителен и милостив Богот што го обожаваме. Дури и ако некои отстапат од неговите праведни патишта, можат да се покаат и да му се вратат. Ако го сторат тоа, Јехова ќе ги пречека со раширени раце. Тој покажал милост кон припадниците на покајничката нација Израел, со која имал стапено во фигуративен брак. Иако не го послушале Јехова и ‚му нанесувале болка на Светиот на Израел, тој бил милостив и си спомнувал дека се тело‘ (Псалм 78:38-41). Таквата милост треба да нѐ мотивира и понатаму да одиме со нашиот сочувствителен Бог, Јехова.
19 Иако во Израел биле многу раширени гревовите како што се убивањето, крадењето и прељубата, Јехова ‚му говорел на Израелевото срце‘ (Осија 2:14; 4:2). Кога размислуваме за милоста и сочувството на Јехова, треба да бидеме охрабрени и да се зајакне нашиот личен однос со него. Затоа, да се запрашаме: ‚Како можам подобро да покажувам милост и сочувство како Јехова во моите односи со другите? Ако некој сохристијанин што ме навредил бара да му простам, дали сум спремен да простам, како што е спремен Бог?‘ (Псалм 86:5).
20. Дај пример што покажува дека треба да имаме доверба во надежта што ни ја дава Бог.
20 Бог ни дава вистинска надеж. На пример, тој ветил: „Од Ахорската Долина ќе направам врата на надеж“ (Осија 2:15). Јеховиниот древен народ, кој му бил како жена, имал сигурна надеж дека ќе се врати во својата татковина, каде што се наоѓала „Ахорската Долина“. Исполнувањето на ова ветување, во 537 година пр.н.е., ни дава добра причина да се радуваме на сигурната надеж што ни ја дава Јехова.
21. Каква улога игра спознанието во нашето одење со Бог?
21 За да продолжиме да одиме со Бог, треба и понатаму да стекнуваме спознание за него и да го применуваме во својот живот. Во Израел луѓето многу малку го познавале Јехова (Осија 4:1, 6). Сепак, некои имале високо ценење за Божјите учења, постапувале во склад со нив и биле многу наградени за тоа. Еден од нив бил и Осија, како и 7.000 души во времето на Илија што не му се поклониле на Ваал (1. Цареви 19:18; Римјаните 11:1-4). Нашата благодарност за Божјата поука ќе ни помогне да продолжиме да одиме со Бог (Псалм 119:66; Исаија 30:20, 21).
22. Како треба да гледаме на отпадништвото?
22 Јехова очекува мажите што предводат во неговиот народ да го отфрлат отпадништвото. Меѓутоа, во Осија 5:1 стои: „Чујте го ова, свештеници, внимавај Израелев дому, царев дому, де послушај, зашто судот е ваш! Вие бевте примка во Миспа и оптегната мрежа во Тавор“. Отпадничките водачи биле примка и мрежа за Израелците затоа што ги наведувале на идолопоклонство. Планината Тавор и местото наречено Миспа веројатно биле центри на таквото лажно обожавање.
23. Каква корист извлече од проучувањето на книгата Осија, поглавја 1 до 5?
23 Досега, пророштвото на Осија ни покажа дека Јехова е милостив Бог што им дава надеж и ги наградува оние што ја применуваат неговата поука и го отфрлаат отпадништвото. Исто како покајничките Израелци во минатото, и ние да го бараме Јехова и секогаш да настојуваме да му угодиме (Осија 5:15). Правејќи го тоа, ќе го жнееме она што е добро и ќе ги имаме неизмерната радост и мир што ги имаат оние што верно одат со Бог (Псалм 100:2; Филипјаните 4:6, 7).
[Фуснота]
a Една симболична драма е изнесена во Галатите 4:21-26. Во врска со неа, види Insight on the Scriptures (Увид во Писмото), том 2, страници 693 и 694, издадена од Јеховините сведоци.
Како би одговорил?
• Што било симболизирано со бракот помеѓу Осија и Гомера?
• Зошто Јехова се спорел со Израел?
• Која поука од книгата Осија, поглавја 1 до 5, ти остави впечаток?
[Прашања]
[Слика на страница 18]
Знаеш ли кого го претставува жената на Осија?
[Слика на страница 19]
Жителите на Самарија биле поразени од Асирците во 740 пр.н.е.
[Слика на страница 20]
Радосниот народ се враќа во својата татковина