Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

Самопожртвуваноста носи Јеховин благослов

Самопожртвуваноста носи Јеховин благослов

„Мојата помош е од Јехова“

Самопожртвуваноста носи Јеховин благослов

ЧОВЕК качен на велосипед минува низ густа шума во Камерун. Со часови вози низ поплавени патишта и низ кал, изложувајќи се на опасност само за да охрабри некого. За да поучуваат една група луѓе што живеат далеку од населените места, двајца од Зимбабве пешачат по 15 километри преминувајќи надојдени реки, со облеката и чевлите ставени врз глава за да не се натопат. На сосема трето место, една жена станува во четири часот наутро за да посети и да поучи една медицинска сестра која може да најде еден час слободно време само во раните утрински часови.

Што им е заедничко на овие луѓе што прават вакви жртви? Сите тие се Јеховини сведоци, полновремено вклучени во делото на поучување за вистините од Библијата. Некои од нив се општи и специјални пионери, други се мисионери и патувачки надгледници, а илјадници служат како доброволци во бетелските домови низ целиот свет. Нивна главна карактеристика е самопожртвуваноста. a

Исправен мотив

Јеховините сведоци го следат советот што му го дал апостол Павле на Тимотеј: „Дај сѐ од себе да се покажеш како одобрен пред Бог, како работник кој нема од што да се срами, кој исправно ракува со речта на вистината“ (2. Тимотеј 2:15). Но, што ги мотивира овие стотици илјади Сведоци да служат како полновремени проповедници?

Одговорот што тие го даваат на ова прашање е: љубовта кон Бог и кон луѓето (Матеј 22:37-39). Токму така и треба да биде, зашто ако не е љубовта она што нѐ мотивира, без разлика колку правиме, сѐ ќе ни биде залудно (1. Коринќаните 13:1-3).

Самопожртвувана служба

Сите предадени христијани го прифатиле повикот на Исус: „Ако некој сака да појде по мене, нека се одрече од себеси и нека го земе својот маченички столб и постојано нека ме следи“ (Матеј 16:24). Да се одречеме од себеси значи спремно да го прифатиме фактот дека им припаѓаме на Јехова Бог и на Исус Христос и да препуштиме тие да нѐ водат. Ова натерало мнозина да се посветат на самопожртвувана полновремена служба.

Многу Сведоци вложуваат голем труд да изнајдат начини за уште повеќе да му служат на Јехова. Да ја земеме за пример 56-годишната Јулија, општ пионер од Сао Пауло, Бразил. „Еден брат, Кинез, ми се јави на телефон да ме праша дали би сакала да учам кинески“, се присетува таа. „Со оглед на мојата возраст, не ни помислував да учам друг јазик. Но, по неколку дена, решив да се нафатам на таа тешка задача. Денес можам да објаснувам работи од Библијата на кинески.“

Подружницата на Јеховините сведоци во Перу известува: „Последниве години, стотици општи пионери се преселија во недоделени подрачја, покажувајќи храброст и самопожртвуваност. Се преселија во далечни градови каде што нема основни комуналии, а можноста да се најде работа е многу мала. Овие браќа и сестри се спремни да поднесат сѐ само да останат на нивните доделби. А што е најважно, она што го прават во службата донесува добри резултати на многу места. Патувачките надгледници известуваат дека, со помошта од овие самопожртвувани општи пионери, се основани нови групи“.

Некои христијани си го ризикувале и животот за да им помогнат на своите соверници (Римјаните 16:3, 4). Еден покраински надгледник, кој служи во една област во Африка каде што беснее војна, кажува: „Пред да стигнеме до последниот контролен пункт, кој се наоѓаше меѓу територијата окупирана од бунтовниците и онаа управувана од владата, околу мене и сопругата застанаа четворица воени заповедници на бунтовниците и нивните телохранители, и побараа да се идентификуваме. Кога ни ги проверија личните карти видоа дека сме од територијата под управа на владата, и тоа ги налути. Ме обвинија дека сум шпион и одлучија да ме фрлат во една јама. Им објаснив кои сме, и на крајот некако нѐ  пуштија“. Колку беа благодарни собранијата што овој самопожртвуван брачен пар успеа да ги посети!

И покрај тешкотиите што се вклучени, бројот на ваквите полновремени слуги сѐ повеќе расте низ целиот свет (Исаија 6:8). Овие трудољубиви работници многу ја ценат можноста да му служат на Јехова. Со сличен самопожртвуван дух, и милиони други го слават Јехова. За возврат, тој богато ги благословува (Пословици 10:22). Уверени дека и понатаму ќе ги благословува и поддржува, овие вредни работници го имаат истиот став што го имал псалмистот кој пеел: „Мојата помош е од Јехова“ (Псалм 121:2NW).

[Фуснота]

a Види Календар на Јеховините сведоци за 2005, ноември/декември.

[Истакната мисла на страница 9]

„Народот Твој е подготвен за денот на Твојот бој“ (ПСАЛМ 110:3, Радосна Вест).

[Рамка на страница 8]

ЈЕХОВА МНОГУ ГИ ЦЕНИ ОНИЕ ШТО ОДДАДЕНО МУ СЛУЖАТ

„Бидете цврсти, непоколебливи, секогаш обилно вработени во делото Господово, знаејќи дека вашиот труд во врска со Господ не е залуден“ (1. Коринќаните 15:58).

„Бог не е неправеден да го заборави вашето дело и љубовта што ја покажавте кон неговото име“ (Евреите 6:10).