Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

Армагедон — среќен почеток

Армагедон — среќен почеток

Армагедон — среќен почеток

ЗБОРОТ „Армагедон“ потекнува од хебрејскиот израз „Хар-Магедон“ или „планина Мегидон“. Се наоѓа во Откровение 16:16, каде што стои: „И ги собраа на местото кое на хебрејски се вика Ар–Магедон“. Кој се собира на Армагедон и зошто? Само два стиха претходно, Откровение 16:14, вели: „Царевите од целата населена земја“ се собрани „за војната на големиот ден на Семоќниот Бог“. Нормално, овие зборови покренуваат и други, многу интересни прашања. Каде се борат овие „цареви“? Поради што војуваат и против кого? Дали тие, како што веруваат многумина, ќе употребат оружје за масовно уништување? Дали некој ќе го преживее Армагедон? Да ѝ дозволиме на Библијата да ни одговори.

Дали тоа што се спомнува ‚планината Мегидон‘ значи дека Армагедон ќе се случува на некоја планина на Блискиот Исток? Не. Како прво, таква планина воопшто не постои — на локацијата на древниот Мегидон има само мал рид кој се издига околу 20 метри над соседната рамнина. Освен тоа, во областа околу Мегидон не би можеле да се соберат сите ‚цареви на земјата и нивните војски‘ (Откровение 19:19). Меѓутоа, тоа било место на најжестоки и најрешавачки битки во историјата на Блискиот Исток. Значи, името Армагедон претставува симбол на решавачки судир со само еден сигурен победник (Види ја рамката „Мегидон —соодветен симбол“ на страница 5).

Армагедон не може да биде само судир меѓу нациите на Земјата, затоа што во Откровение 16:14 пишува дека „царевите од целата населена земја“ формираат еден обединет фронт во „војната на големиот ден на Семоќниот Бог“. Во своето инспирирано пророштво, Еремија рекол дека ‚поразените од Господа‘ ќе бидат расфрлани „од едниот крај на земјата до другиот“ (Еремија 25:33, ПСП). Според тоа, Армагедон не е човечка војна која е ограничена само на некоја конкретна локација на Блискиот Исток. Тоа е Јеховина војна, и тоа од светски размери.

Меѓутоа, забележи дека во Откровение 16:16 Армагедон е наречен „место“. Во Библијата „место“ може да означува состојба или ситуација — во овој случај, дека целиот свет ќе се обедини во отпорот против Бог (Откровение 12:6, 14). Во Армагедон сите нации од Земјата се здружуваат против „небесните војски“ кои се под воена команда на ‚Царот над царевите и Господарот над господарите‘ (Откровение 19:14, 16).

А што е со тврдењето дека Армагедон ќе биде холокауст во кој ќе се користи оружје за масовно уништување или дека некое небесно тело ќе удри во Земјата? Дали еден Бог полн со љубов би дозволил таков страшен крај за луѓето и нивниот дом, Земјата? Не. Тој јасно изјавува дека не ја создал Земјата „залудно“ (NW) туку ‚ја вообличил‘ за живеење (Исаија 45:18; Псалм 96:10). Во Армагедон, Јехова нема да ја уништи нашата планета во некоја огнена катастрофа. Наместо тоа, тој ќе ги уништи „оние кои ја уништуваат земјата“ (Откровение 11:18).

Армагедон — кога?

Низ вековите, постојано било присутно едно прашање кое покренало безброј нагаѓања за тоа кога ќе дојде Армагедон. Ако ја истражуваме книгата Откровение и ја споредиме со други делови од Библијата, ќе можеме да го утврдиме времето кога ќе се одигра оваа многу важна битка. Откровение 16:15 прави врска помеѓу Армагедон и Исусовото доаѓање слично на крадец. Оваа споредба ја употребил и Исус кога го опишувал своето доаѓање да изврши осуда врз овој систем (Матеј 24:43, 44; 1. Солуњаните 5:2).

Како што покажува исполнувањето на библиското пророштво, од 1914 година наваму живееме во последните денови на овој систем. a Завршниот дел од последните денови ќе биде означен со периодот кој Исус го нарекол „голема неволја“. Библијата не кажува колку долго ќе трае тој период, но несреќите што ќе се случат тогаш ќе бидат полоши од сѐ што светот видел досега. Таа голема неволја ќе кулминира во Армагедон (Матеј 24:21, 29).

Затоа што Армагедон е „војната на големиот ден на Семоќниот Бог“, луѓето не можат ништо да сторат за да го одложат. Јехова има ‚определено време‘ за да ја започне таа војна. „Не ќе се забави“ (Хабакук 2:3).

Еден праведен Бог води праведна војна

Но, зошто Бог би водел војна од светски размери? Армагедон е тесно поврзан со една од неговите главни особини, правдата. Библијата изјавува: „Господ ја љуби правдата“ (Псалм 37:28). Тој ги видел сите неправди што се направени во човечката историја. Ова очигледно предизвикува оправдано незадоволство кај него. Затоа, тој го овластил својот син да води една праведна војна за да го уништи целокупниот злобен систем.

Само Јехова е способен да води една потполно праведна и селективна војна, во која праведните лица, каде и да се на Земјата, ќе бидат заштитени (Матеј 24:40, 41; Откровение 7:9, 10, 13, 14). И само тој има право да ја воспостави својата власт низ целата Земја, затоа што тој ја создал (Откровение 4:11).

Какви сили ќе употреби Јехова против своите непријатели? Едноставно не знаеме. Тоа што го знаеме е дека тој има на располагање средства со кои потполно ќе ги уништи злобните народи (Јов 38:22, 23; Софонија 1:15-18). Меѓутоа, Божјите обожаватели на Земјата нема да учествуваат во таа битка. Визијата од Откровение, поглавје 19, покажува дека во таа војна само небесните војски ќе му се придружат на Исус Христос. Ниеден од Јеховините христијански слуги на Земјата нема да учествува (2. Летописи 20:15, 17).

Еден мудар Бог дава доволно предупредувања

Дали ќе има преживеани? Всушност, никој не мора да загине во Армагедон. Апостол Петар рекол: „Јехова . . . не сака никој да биде уништен, туку сака сите да дојдат до покајание“ (2. Петрово 3:9). И Апостол Павле изјавил дека Божја „волја е сите видови луѓе да се спасат и да дојдат до точно спознание на вистината“ (1. Тимотеј 2:4).

За да го постигне тоа, Јехова мудро се погрижил ‚добрата вест за Царството‘ да се објавува низ целиот свет, на стотици јазици. На сите луѓе им е дадена можноста да преживеат и да бидат спасени (Матеј 24:14; Псалм 37:34; Филипјаните 2:12). Оние кои позитивно ќе реагираат на добрата вест можат да го преживеат Армагедон и вечно да живеат како совршени луѓе на рајска Земја (Езекиел 18:23, 32; Софонија 2:3; Римјаните 10:13). Зарем не би го очекувале токму тоа од еден Бог кој е љубов? (1. Јованово 4:8).

Можно ли е еден Бог на љубовта да војува?

Меѓутоа, многумина се прашуваат зошто еден Бог, кој е олицетворение на љубовта, би предизвикал смрт и уништување на поголемиот дел од луѓето. Таа ситуација можеме да ја споредиме со куќа која е преполна со штетници. Зарем нема да се сложиш дека еден совесен домаќин треба да го заштити здравјето и доброто на своето семејство со тоа што ќе ги уништи штетниците?

Слично на тоа, војната Армагедон мора да се води поради тоа што Јехова ги сака луѓето. Божја намера е да ја направи Земјата рај и да го доведе човештвото до совршенство и мир, кога „никој не ќе го плаши“ (Михеј 4:3, 4; Откровение 21:4). Тогаш, што треба да се направи со оние кои претставуваат закана за мирот и безбедноста на другите луѓе? Бог мора да ги уништи тие „штетници“ — кои се непоправливо злобни — за доброто на праведните лица (2. Солуњаните 1:8, 9; Откровение 21:8).

Голем дел од судирите и крвопролевањата денес се предизвикани од несовршените човечки влади и себичните борби за националистички интереси (Проповедник 8:9). Сакајќи да го рашират своето влијание, човечките влади воопшто не го почитуваат Божјето воспоставено Царство. Со ништо не покажуваат дека ќе им ја предадат власта на Бог и на Христос (Псалм 2:1-9). Затоа, овие влади мораат да бидат отстранети, а тоа ќе отвори пат за праведното владеење на Јеховиното Царство под Христос (Даниел 2:44). Армагедон мора да се случи за еднаш засекогаш да се реши прашањето за тоа кој има право да владее со оваа планета и со човештвото.

Јехова активно ќе биде вклучен во Армагедон затоа што им го мисли доброто на луѓето. Додека условите во светот се влошуваат, само Божјето совршено владеење потполно ќе ги задоволи потребите на луѓето. Само неговото Царство ќе донесе вистински мир и напредок. Каков би бил светот доколку Бог никогаш не преземе акција? Зарем омразата, насилството и војните нема да продолжат да го измачуваат човештвото, како што и било низ вековите на човечко владеење? Всушност, битката Армагедон е една од најдобрите работи што можат да ни се случат! (Лука 18:7, 8; 2. Петрово 3:13).

Војна што ќе им стави крај на сите војни

Армагедон ќе постигне нешто што ниедна војна досега не го постигнала — крај на сите војни. Кој не копнее по денот кога сите војни ќе бидат само минато? Меѓутоа, ниеден обид на луѓето да им стават крај на војните не успеал. Тој постојан неуспех само ја нагласува вистинитоста на зборовите на Еремија: „Знам, Господи, дека патот на човекот не е во неговата власт, дека човекот, кој што оди не може да ги управува своите чекори!“ (Еремија 10:23). Во врска со тоа што ќе постигне Јехова, Библијата ветува: „Ги прекрати војните до крајот на земјата, ги крши лаковите и ги ломи копјата, ги изгорува колите со оган“ (Псалм 46:8, 9).

Кога нациите ќе го употребат своето смртоносно оружје една против друга и ќе претставуваат закана да ја уништат животната средина, Творецот на Земјата ќе преземе акција — во библискиот Армагедон! (Откровение 11:18). Затоа, оваа војна ќе го постигне она на што богобојазливите луѓе низ вековите можеле само да се надеваат. Таа војна ќе докаже дека Сопственикот на Земјата, Јехова Бог, има право да владее со неа и со сето свое творештво.

Затоа, луѓето што ја сакаат праведноста не треба да се плашат од Армагедон. Напротив, тоа дава основа за надеж. Војната Армагедон ќе ја исчисти Земјата од сета расипаност и злоба и ќе го отвори патот за еден праведен нов систем под владата на Божјето Месијанско Царство (Исаија 11:4, 5). Армагедон не е страшен катастрофален крај, туку ќе означи еден среќен почеток за праведните лица кои ќе живеат засекогаш на рајска земја (Псалм 37:29).

[Фуснота]

a Види Спознание кое води во вечен живот, поглавје 11, издадена од Јеховините сведоци.

[Рамка/слика на страница 5]

МЕГИДОН — СООДВЕТЕН СИМБОЛ

Древниот Мегидон се наоѓал на стратешка положба и гледал кон западниот дел од плодната долина Језраел, во северен Израел. Ги контролирал меѓународната трговија и воените патишта, кои таму се вкрстувале. Затоа, Мегидон станал место на одлучувачки битки. Во својата книга Градови од светот на Библијата — Мегидон (Cities of the Biblical World—Megiddo), професор Греам Дејвис напишал: „Градот Мегидон . . . бил лесно пристаплив за трговците и патниците од сите правци; но во исто време, ако бил доволно моќен, со овие патишта можел да го контролира пристапот и на тој начин да управува со развојот и на трговијата и на војната. Затоа не изненадува што бил . . . плен за кој често се воделе војни, и кога некој ќе го добиел, го бранел со сите сили“.

Долгата историја на Мегидон започнува во вториот милениум  пр.н.е., кога на тоа место египетскиот владетел Тутмос III ги поразил ханаанските владетели. Таа продолжува низ вековите сѐ до 1918 година, кога британскиот генерал Едмунд Аленби ѝ нанел тежок пораз на турската армија. Токму кај Мегидон, Бог му помогнал на судијата Варак да му нанесе поразителен удар на ханаанскиот цар Јаил (Судии 4:12-24; 5:19, 20). Во околината на Мегидон судијата Гедеон ги поразил Мадијамците (Судии 7:1-22). Исто така, таму биле убиени царевите Охозиј и Јосиј (2. Цареви 9:27; 23:29, 30).

Според тоа, соодветно е Армагедон да се поврзе со тоа подрачје, бидејќи таму се воделе одлучувачки битки. Тој е соодветен симбол за целосната победа на Бог над сите непријателски сили.

[Извор на слика]

Pictorial Archive (Near Eastern History) Est.

[Слики на страница 7]

Армагедон ќе означи еден среќен почеток

[Слика на страница 7]

На луѓето низ целиот свет им се дава предупредување и можност да го преживеат Армагедон