Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

Да бидеме вешти и приспособливи проповедници

Да бидеме вешти и приспособливи проповедници

Да бидеме вешти и приспособливи проповедници

„На луѓето од сите видови им станав сѐ, за на секаков можен начин да спасам некои“ (1. КОРИНЌАНИТЕ 9:22).

1, 2. а) Во кој поглед апостол Павле бил делотворен проповедник? б) Како го опишал Павле својот став кон задачата што ја добил?

 СЕ ЧУВСТВУВАЛ пријатно и кога бил со високообразовани луѓе и кога бил со обични шаторџии. Знаел да ги убеди и римските благородници и фригиските селани. Неговите писма ги мотивирале и либералните Грци и конзервативните Евреи. Неговата логика била несоборлива, а начинот на кој допирал до нивното срце бил толку силен што ги трогнувал луѓето. Се обидел да најде заеднички темел со секого за да доведе некои до Христос (Дела 20:21).

2 Тој човек бил апостол Павле, кој несомнено бил делотворен и вешт проповедник (1. Тимотеј 1:12). Од Исус добил налог „да им го носи [Христовото] име на нациите, а и на цареви и на Израеловите синови“ (Дела 9:15). Како гледал на оваа задача? Тој рекол: „На луѓето од сите видови им станав сѐ, за на секаков можен начин да спасам некои. Но, сѐ правам заради добрата вест, за да имам удел во неа со другите“ (1. Коринќаните 9:19-23). Што учиме од примерот на Павле за да можеме поделотворно да проповедаме и да поучуваме?

Еден променет човек успешно ја извршил задачата

3. Што мислел Павле за христијаните пред да се преобрати?

3 Дали Павле отсекогаш бил долготрпелив, обѕирен, дораснат на задачата што ја добил? Секако дека не! Верскиот фанатизам направил од Савле (како што претходно бил познат Павле) суров прогонител на Христовите следбеници. Како млад човек, тој се согласил со убиството на Стефан. Потоа, Павле безмилосно ги прогонувал христијаните (Дела 7:58; 8:1, 3; 1. Тимотеј 1:13). Тој и понатаму ‚дишел со закана и убиство против Господовите ученици‘. Бидејќи не се задоволил со тоа да ги прогонува само верниците во Ерусалим, почнал да ја шири својата кампања на омраза и на север, дури до Дамаск (Дела 9:1, 2).

4. Каква промена морал да направи Павле за да ја изврши својата задача?

4 Причината за силната омраза што ја чувствувал Павле кон христијанството веројатно била увереноста дека таа нова вера ќе го расипе јудаизмот со тоа што ќе внесе во него некои нови, непожелни идеи. Павле бил „фарисеј“, што значи „одвоен“ (Дела 23:6). Замисли си колку мора да бил шокиран кога дознал дека Бог го избрал него за да им го проповеда Христос баш на не-Евреите! (Дела 22:14, 15; 26:16-18). Фарисеите не сакале дури ни да јадат со оние што ги сметале за грешници! (Лука 7:36-39). Без сомнение требало да вложува огромен напор за да го преиспита своето гледиште и да го усогласи со волјата на Бог, кој сака сите луѓе да се спасат (Галатите 1:13-17).

5. Како можеме да се угледаме на Павле во нашата служба?

5 Можеби и ние ќе треба да го направиме истото. Бидејќи сретнуваме сѐ поразлични луѓе на подрачјето на кое живеат луѓе од многу народи и јазици, треба да вложуваме свесни напори да си го преиспитаме ставот и да отстраниме од себе секакви предрасуди (Ефешаните 4:22-24). Сеедно дали сме свесни за тоа или не, врз нас влијаеле околината и образованието. На тој начин можеби ни биле всадени гледишта и ставови што се полни со предрасуди и што се нефлексибилни. Мораме да ги надминеме таквите ставови за да можеме успешно да ги најдеме и да им помогнеме на оние што имаат особини слични на овци (Римјаните 15:7). Тоа го направил и Павле. Тој ја прифатил задачата да ја зголеми својата служба. Мотивиран од љубов, стекнал вештини за поучување што вреди да ги имаме и ние. Всушност, деталното разгледување на службата на овој „апостол на нациите“ покажува дека тој бил прониклив, приспособлив и досетлив кога проповедал и поучувал a (Римјаните 11:13).

Вешт проповедник на дело

6. Како Павле проникливо забележувал какво било потеклото на оние што го слушале, и со каков резултат?

6 Павле проникливо забележувал какви биле верувањата и потеклото на оние што го слушале. Кога му се обратил на царот Агрипа II, Павле признал дека тој цар бил „извонреден познавач на сите обичаи и спорови меѓу Евреите“. Потоа Павле вешто го користел она што го знаел за верувањата на Агрипа и разговарал со него за работи што царот многу добро ги разбирал. Аргументите на Павле биле толку јасни и уверливи што Агрипа рекол: „Уште малку, па ќе ме убедиш да станам христијанин“ (Дела 26:2, 3, 27, 28).

7. Како Павле покажал дека е приспособлив кога му проповедал на едно мноштво во Листра?

7 Павле бил и приспособлив. Забележи колку бил поинаков неговиот пристап кога се обидел да разубеди едно мноштво луѓе во градот Листра да не ги обожаваат него и Варнава како богови. Се вели дека тие луѓе, кои зборувале ликаонски, биле едни од понеобразованите и суеверни жители. Според Дела 14:14-18, Павле укажал на творештвата и на природните богатства како доказ дека вистинскиот Бог е над другите богови. Она што го зборувал било лесно разбирливо, и изгледа дека со тоа успеал да го ‚задржи мноштвото да не им принесе жртви‘ нему и на Варнава.

8. На кој начин Павле покажал дека е приспособлив и покрај тоа што понекогаш знаел да се налути?

8 Се разбира, Павле не бил совршен и, понекогаш, се лутел за некои работи. На пример, во една прилика, кога бил нападнат на понижувачки и неправеден начин, му се развикал на еден Евреин по име Ананија. Но, кога му кажале дека без да знае кому му се обраќа го навредил првосвештеникот, Павле веднаш се извинил (Дела 23:1-5). Во Атина, тој во почетокот бил ‚раздразнет кога видел дека градот бил полн со идоли‘. Сепак, во својот говор на Марсовото брдо, Павле не покажал таква раздразнетост. Наместо тоа, им се обратил на Атињаните во нивниот форум, разговарајќи на заедничка основа со тоа што го спомнал нивниот олтар „На Непознатиот Бог“ и цитирал еден од нивните поети (Дела 17:16-28).

9. Како Павле покажал досетливост кога разговарал со различни луѓе?

9 Во контактите со различни луѓе, Павле покажал извонредна досетливост. Ја земал предвид културата и средината што го обликувале размислувањето на луѓето со кои зборувал. Кога им напишал на христијаните во Рим, добро знаел дека живееле во престолнината на најголемата сила во тоа време. Главна работа што ја истакнал Павле во своето писмо до христијаните во Рим била дека моќта на Адамовиот грев да расипе е победена со Христовата моќ да откупи. На христијаните во Рим и на оние околу нив им зборувал на јазик кој можел да допре до нивното срце (Римјаните 1:4; 5:14, 15).

10, 11. Како Павле ги приспособил своите примери на луѓето со кои зборувал? (Види ја и фуснотата.)

10 Што правел Павле кога сакал да им објасни длабоки библиски вистини на оние што го слушале? Овој апостол вешто користел секојдневни, лесно разбирливи примери за да објасни длабоки духовни концепти. На пример, Павле знаел дека народот во Рим бил запознаен со системот на ропство низ целото Римско Царство. Всушност, многу од луѓето на кои им пишувал веројатно биле робови. Затоа, Павле го употребил ропството како сликовит пример за да го поткрепи својот цврст аргумент во врска со нечиј избор да се подложи или на гревот или на праведноста (Римјаните 6:16-20).

11 „Меѓу Римјаните“, стои во еден прирачник, „сопственикот можел сосема да ослободи некој роб или, пак, робот можел да си ја купи слободата плаќајќи му на својот сопственик. Слободата можела да се стекне и ако сопственоста му се префрлела на некој бог.“ Ослободениот роб можел да продолжи да работи за својот господар за плата. Изгледа дека Павле алудирал на оваа практика кога пишувал за тоа да се избере кој господар да се слуша — гревот или праведноста. Христијаните во Рим биле ослободени од гревот и сега му припаѓале на Бог. Биле слободни да му служат на Бог, па сепак, ако сакале, тие можеле да изберат да му служат на гревот — својот претходен господар. Овој едноставен но познат пример би ги навел тие христијани во Рим да се запрашаат: ‚На кој господар му служам јас?‘ b

Да учиме од примерот на Павле

12, 13. а) Какви напори треба да вложиме денес за да го достигнеме срцето на нашите слушатели од различно потекло? б) Што си увидел дека е ефикасно кога им проповедаш на луѓе од различно потекло?

12 Исто како Павле, мораме да бидеме проникливи, приспособливи и досетливи за да допреме до срцата на луѓето од најразлично потекло кога разговараме со нив. За да им помогнеме на оние што нѐ слушаат да ја сфатат добрата вест, не сакаме да имаме само површен контакт, да пренесеме напамет научена порака или да оставиме библиска литература. Настојуваме да ги согледаме нивните потреби и грижи, што сакаат а што не сакаат, и нивните стравови и предрасуди. Иако за ова е потребно многу да се размислува и да се вложи напор, објавителите на Царството во целиот свет ревносно го прават тоа. На пример, канцеларијата на подружницата на Јеховините сведоци во Унгарија известува: „Браќата покажуваат почит кон обичаите и начинот на живот на луѓето од другите народи и не очекуваат од нив да се приспособат на локалните обичаи“. И Сведоците на другите места го прават истото.

13 Во една земја на далечниот исток, повеќето луѓе се загрижени за здравјето, воспитувањето на децата и образованието. Објавителите на Царството во таа земја се обидуваат да зборуваат на овие теми наместо да разговараат за влошувањето на условите во светот или за сложени проблеми во општеството. Слично, објавителите во еден голем град во Соединетите Држави забележале дека луѓето во некоја населба на нивното подрачје се загрижени за корупцијата, густиот сообраќај и за криминалот. Сведоците успешно ги користат овие теми за да започнат библиски разговори. Делотворните учители на Библијата се трудат да бидат позитивни и охрабрувачки без оглед на темата на која ќе изберат да зборуваат, нагласувајќи колку е практично да се применуваат библиските начела денес и каква светла иднина ни нуди Бог (Исаија 48:17, 18; 52:7).

14. Опиши како можеме да се приспособиме на различните потреби и околности на луѓето.

14 Исто така, добро е да го менуваме нашиот пристап во службата, бидејќи луѓето имаат сосема различно културно, образовно и религиозно потекло. Начинот на кој започнуваме разговор со луѓето што веруваат во Творец, но не и во Библијата, ќе се разликува од начинот на кој разговараме со оние што не веруваат дека постои Бог. Со некој што смета дека секоја религиозна литература служи за заведување и пропаганда, презентацијата што ја користиме ќе се разликува од онаа што ја користиме кога зборуваме со некој што прифаќа сѐ што учи Библијата. Треба да бидеме приспособливи и кога разговараме со луѓе со различен степен на образование. Вештите учители ќе користат аргументи и примери што се соодветни за ситуацијата (1. Јованово 5:20).

Да им помогнеме на новите проповедници

15, 16. Зошто е потребно да се обучат нови проповедници?

15 Павле не бил заинтересиран само за тоа да ги подобри своите методи на поучување. Видел потреба да ги обучи и да ги подготви и оние од помладата генерација, како што биле Тимотеј и Тит, да станат делотворни проповедници (2. Тимотеј 2:2; 3:10, 14; Тит 1:4). Слично, и денес е многу потребно да се даде и да се добие таква обука.

16 Во 1914 година, во целиот свет имало отприлика 5.000 објавители на Царството; денес, секоја седмица се крштаваат околу 5.000 нови лица! (Исаија 54:2, 3; Дела 11:21). Кога новите ќе се поврзат со христијанското собрание и сакаат да учествуваат во службата, потребни им се обука и водство (Галатите 6:6). Многу е битно да ги користиме методите на Учителот, Исус, кога ги поучуваме и ги обучуваме учениците. c

17, 18. Како можеме да им помогнеме на новите да стекнат самодоверба во службата?

17 Исус не се задоволувал само со тоа да најде мноштво луѓе и да им рече на апостолите да почнат да проповедаат. Најнапред тој им ја нагласил потребата да се проповеда и ги охрабрил да се молат во врска со службата. Потоа им обезбедил три главни работи: придружник, подрачје и порака (Матеј 9:35-38; 10:5-7; Марко 6:7; Лука 9:2, 6). И ние можеме да го сториме истото. Сеедно дали му помагаме на своето дете, на некој нов интересент или на некој што извесно време не одел во служба на проповедање, треба да се потрудиме да дадеме ваква обука.

18 На новите им треба голема помош за да научат со самодоверба да ја објавуваат пораката за Царството. Можеш ли да им помогнеш да се подготват и да извежбаат некоја едноставна, интересна презентација? На подрачјето, нека учат од твојот пример додека ти зборуваш на првите неколку нови места. Можеш да го следиш примерот на Гедеон, кој им рекол на другите што се бореле со него: „Гледајте ме . . . и правете што ќе правам и јас“ (Судии 7:17). Тогаш дај му на новиот прилика да учествува. Искрено пофали ги новите за нивниот труд и, кога е потребно, дај им кратки предлози за да се подобрат.

19. На што си решен додека настојуваш ‚потполно да ја извршиш својата служба‘?

19 За ‚потполно да ја извршиме својата служба‘ решени сме да бидеме поприспособливи во нашиот пристап, и сакаме да ги обучиме на истото и новите проповедници. Кога ќе размислиме за тоа колку е важна нашата цел — да го пренесеме самото спознание за Бог што води до спасение — уверени сме дека вреди да вложиме секаков напор што е потребен за да ‚им станеме сѐ на луѓето од сите видови, за на секаков можен начин да спасиме некои‘ (2. Тимотеј 4:5; 1. Коринќаните 9:22).

[Фусноти]

a За да видиш примери за таквите особини што ги покажувал Павле во службата, разгледај ги стиховите од Дела 13:9, 16-42; 17:2-4; 18:1-4; 19:11-20; 20:34; Римјаните 10:11-15; 2. Коринќаните 6:11-13.

b Слично, кога го објаснил новиот однос помеѓу Бог и неговите „синови“ помазани со дух, Павле употребил еден правен концепт што им бил многу познат на неговите читатели во Римското Царство (Римјаните 8:14-17). „Посинувањето во основа било вообичаено во Рим, и било тесно поврзано со тамошните сфаќања за семејството“, стои во книгата Свети Павле во Рим (St. Paul at Rome).

c Во моментов, програмата Пионерите им помагаат на другите е во тек во сите собранија на Јеховините сведоци. Оваа програма го користи искуството и обуката на полновремените проповедници за да им се помогне на понеискусните објавители.

Се сеќаваш ли?

• Како можеме да се угледаме на Павле во нашата служба?

• Кои промени во размислувањето веројатно треба да ги направиме?

• Како можеме да пренесуваме позитивна порака?

• Што им е потребно на новите проповедници за да стекнат самодоверба во службата?

[Прашања]

[Истакната мисла на страница 29]

Апостол Павле бил прониклив, приспособлив и досетлив кога проповедал и поучувал

[Истакната мисла на страница 31]

Исус обезбедил три основни работи за своите ученици: придружник, подрачје и порака

[Слики на страница 28]

Павле успеал да им проповеда на различни слушатели со тоа што бил приспособлив

[Слика на страница 30]

Делотворните проповедници го земаат предвид културното потекло на своите слушатели

[Слика на страница 31]

Вештите проповедници им помагаат на новите да се подготват за службата