Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

Доказ за љубов, вера и послушност

Доказ за љубов, вера и послушност

Доказ за љубов, вера и послушност

ТОА утро, 16 мај 2005 година, на фармите на Watchtower во Волкил (Њујорк) беше пријатно свежо и сончево. Како тепих искосениот тревник и леите со цвеќе сјаеја од дождецот што падна пред зори. Една патка со своите осум патчиња кротко си пливаше по мирната вода, близу до работ на езерцето. Посетителите се восхитуваа на убавината. Зборуваа тивко, небаре не сакаа да го нарушат спокојството на утрото.

Посетителите беа Јеховини сведоци, кои пристигнаа од 48 земји од целиот свет. Но, тие не дојдоа да го видат пејзажот. Нив ги интересираше што се случува во големата зграда од црвени тули, најновиот додаден дел на бетелскиот комплекс во Волкил. Кога влегоа во зградата повторно имаа на што да се восхитуваат, иако тоа што овде го видоа не беше ниту тивко ниту спокојно.

Од меѓукатот, погледот на посетителите остана вкочанет на лавиринтот од машини. Пет огромни печатарски машини се поставени на измазнетиот бетонски под на површина поголема од шест фудбалски игралишта. Тука се печатат Библии, книги и списанија. Големи ролни хартија, секоја тешка по 1.700 килограми, се вртеа како што се вртат тркалата на брзите камиони. Една ролна, долга 23 километри, се одмотува и минува низ машината за печатење за само 25 минути. Во исто време, машината го нанесува и го суши мастилото и ја лади хартијата за да може да се дипли во вид на списанија кои потоа брзо се движат на високите подвижни ленти за да бидат спакувани во кутии и испратени до собранијата. Други машини печатат текст на големи книжни блокови кои потоа брзо се префрлаат во складиштето и се редат од подот до таванот, од кадешто ќе бидат пратени во книговезницата. Целата операција е една симфонија на прецизни движења диригирани од компјутер.

Напуштајќи ја печатницата, посетителите отидоа да ја разгледаат книговезницата. Овде машините дневно произведуваат по 50.000 книги со тврд повез и делукс Библии. Книжните блокови се подредуваат, подврзуваат и рамнат. Потоа се ставаат кориците. Купчињата готови книги се ставаат во картонски кутии. Кутиите автоматски се затвораат, им се става налепница и се редат на палета. Освен тоа, на друга подвижна лента дневно се составуваат и се пакуваат по 100.000 книги со меки корици. И ова е еден цел свет од машини — безброј мотори, подвижни ленти, запчаници, тркала и ремени — и сѐ се движи со зашеметувачка брзина за да се произведува Библиска литература.

Брзите и најсовремени машини функционираат со прецизност на добар часовник, и претставуваат чудо на модерната технологија. Како што ќе видиме, тие исто така се и доказ за љубовта, верата и послушноста на Божјиот народ. Но, зошто печатењето беше префрлено од Бруклин (Њујорк) во Волкил?

Главната причина беше за да се поедностават печатењето и транспортот со тоа што сите работи ќе се вршат на едно место. Со години, книгите беа печатени и пренесувани од Бруклин, а списанијата беа печатени и пренесувани од Волкил. Спојувањето на двете операции на едно место ќе го намали персоналот и ќе овозможи подобро искористување на средствата посветени за Божјата служба. Исто така, бидејќи машините во Бруклин веќе беа доста стари, од Германија беа нарачани две нови MAN Roland Lithoman машини за печатење. Овие машини беа преголеми за да ги собере во печатницата во Бруклин.

Јехова ја поддржува работата

Целта на печатењето отсекогаш била што повеќе да се рашири добрата вест за Божјето Царство. Беше очигледно дека Јехова ја благословува работата од самиот почеток. Од 1879 година до 1922 година книгите ги печатеа печатарски фирми. Во 1922 година беше изнајмена шесткатна зграда на улицата Конкорд број 18 во Бруклин, и беше купена опрема за печатење книги. Некои од тоа време се сомневаа дека браќата ќе можат да успеат во печатењето.

Еден од оние што се сомневаа беше и директорот на фирмата што ги имаше отпечатено повеќето наши книги. Кога ја посети зградата на улицата Конкорд, тој рече: „Во рацете имате првокласна опрема за печатење, а никој нема врска што треба да се прави со неа. За шест месеци сето ова ќе биде куп старо железо; и ќе сфатите дека вистинските луѓе што треба да го вршат печатењето за вас се оние што отсекогаш и го правеле тоа, и на кои тоа им е работа“.

Тогашниот надгледник на печатницата, Роберт Џ. Мартин, забележа: „Тоа што го рече звучеше доста логично, но тие го исклучија Бог од работите; а тој секогаш бил со нас . . . Не помина долго а ние веќе правевме книги“. Следните 80 години Јеховините сведоци отпечатија милијарди парчиња литература на своите печатарски машини.

Потоа, на 5 октомври 2002 година, на годишниот состанок на Watch Tower Bible and Tract Society of Pennsylvania, беше објавено дека Водечкото тело одобрило печатарската дејност на подружницата во Соединетите Држави да се пресели во Волкил. Беа порачани две нови машини, кои требаше да бидат испорачани во февруари 2004 година. Браќата требаше да направат проект и да ја прошират печатницата за, по 15 месеци, да може во неа да се стават новите машини. Потоа, во следните девет месеци, требаше да се инсталираат сите функции што требаше да ги извршуваат книговезницата и одделот за испорака. Кога чуја кој е рокот, некои можеби се посомневаа во успехот — задачата изгледаше застрашувачки голема. Но, браќата знаеја дека, со благослов од Јехова, можно е да се заврши.

„Радосен дух на соработка“

Знаејќи дека Јеховиниот народ спремно ќе се понуди да помогне, браќата го започнаа проектот (Псалм 110:3). Обемноста на зафатот бараше повеќе работници од оние што работеа во одделите за изградба во Бетелот. Повеќе од 1.000 браќа и сестри од Соединетите Држави и Канада со познавање од градежништвото доброволно служеа од една седмица до три месеци како дел од програмата за привремени доброволци. Беа поканети и други меѓународни слуги и доброволци да учествуваат во проектот. Многу помогнаа и Регионалните одбори за изградба.

За мнозина, тоа што се пријавија да учествуваат како доброволци на проектот во Волкил значеше и големи трошоци и отсуство од работа. Но, со радост ги направија овие жртви. Потребата да се сместат и нахранат многуте вакви доброволци ѝ даде можност на бетелската фамилија да стори сѐ што може за да го поддржи овој проект. Преку 535 членови на бетелската фамилија од Бруклин, Патерсон и Волкил се пријавија доброволно да работат на проектот во саботите, покрај своите вообичаени секојдневни обврски. Огромната поддршка што ја даде Божјиот народ на овој историски обид беше возможна само затоа што Јехова го поддржуваше проектот.

Други дадоа финансиски придонес. На пример, браќата примија писмо од деветгодишната Аби. Таа пишува: „Многу сум ви благодарна за сѐ што правите — за да ни направите прекрасни книги. Можеби наскоро ќе дојдам да ве видам. Тато вели догодина! Ќе носам значка за да знаете која сум. Еве 20 долари за новата машина за печатење! Тоа е мојот џепарлак, но јас сакам да ви го дадам вам, браќа“.

Една сестра напиша: „Ве молам прифатете ги моите плетени капи како подарок, ги сплетов со моите две раце. Би сакала овие капи да им бидат дадени на оние што работат на проектот во Волкил. Еден годишен календар вели дека оваа зима ќе биде многу остра. Дали е во право или не, не знам. Но знам дека голем дел од работата во Волкил ќе се извршува надвор, и сакав да се осигурам дека на моите браќа и сестри ќе им биде топло на главата. Не поседувам ниту една од способностите што ги бараат браќата, но знам да плетам, па одлучив да ја употребам оваа своја способност за да придонесам колку што можам“. Беа приложени 106 плетени капи!

Печатницата беше завршена според планот. Џон Ларсон, надгледникот на печатницата, рече: „Имаше толку радосен дух на соработка. Кој можеше и да се посомнева дека Јехова не ја благословува работата? Сѐ одеше толку брзо. Се сеќавам, беше мај 2003 и јас стоев во калта и ги гледав браќата што го ставаа темелот на зградата. По помалку од една година стоев на истото тоа место, гледајќи како машините печатат“.

Програмата за посветување

Програмата за посветување на новата печатница, како и на трите станбени згради, беше одржана во Волкил во понеделник, на 16 мај 2005 година. Бетелските комплекси во Патерсон и Бруклин, како и канадскиот Бетел, беа поврзани со телевизиски пренос. На програмата присуствуваа вкупно 6.049 луѓе. Теодор Џерес, член на Водечкото тело на Јеховините сведоци, служеше како претседавач и даде краток преглед на историјата на печатарската дејност. Преку интервјуа и видео снимки, членовите на одборот на подружницата Џон Ларсон и Џон Кикот ја разгледаа историјата на проектот за изградба и на печатарската дејност во Соединетите Држави. Џон Бар од Водечкото тело го одржа заклучниот говор, посветувајќи му ја новата печатница и трите станбени згради на Јехова Бог.

Во текот на следната седмица, бетелските работници од Патерсон и Бруклин имаа можност да прошетаат низ новите објекти. Во текот на таа седмица имаше 5.920 посетители.

Како гледаме на печатницата?

Во говорот за посветување, брат Бар ги потсети своите слушатели дека, колку и да изгледа импресивно печатницата, таа не е важна заради машините што ги има, туку заради луѓето. Литературата што ја печатиме длабоко влијае врз животот на луѓето.

Секоја од новите преси може да отпечати милион трактати за само нешто повеќе од еден час! Сепак, еден единствен трактат може да има далекусежно влијание на нечиј живот. На пример, во 1921 година, еден тим работници работеле долж железничката пруга во Јужноафриканската Република. Еден од нив, по име Кристијан, забележал парче хартија заглавено под една шина. Тоа бил еден од нашите трактати. Кристијан го прочитал со голем интерес. Потрчал кон својот зет и возбудено извикал: „Денес ја најдов вистината!“ Кратко потоа пишале до заедницата барајќи повеќе информации. Подружницата во Јужноафриканската Република им пратила додатна литература. Двајцата проучувале, се крстиле и ја споделувале библиската вистина со другите. Како резултат, многумина ја прифатиле вистината. Всушност, во почетокот на 1990-тите повеќе од сто нивни потомци беа Сведоци на Јехова — и сѐ само затоа што еден човек нашол еден трактат на железничката пруга!

Литературата што ја печатиме, рече брат Бар, ги води луѓето кон вистината, ги држи во вистината, ги мотивира да покажуваат поголема ревност и го обединува братството. А најважно од сѐ, литературата, која сите ние им ја делиме на другите, го слави нашиот Бог, Јехова!

Како гледа Јехова на печатницата?

Исто така, брат Бар ја замоли публиката да размисли за тоа како гледа Јехова на печатницата. Тој сигурно не зависи од неа. Ако сака може да направи и камењата да ја проповедаат добрата вест! (Лука 19:40). Понатаму, нему не му оставаат најсилен впечаток сложеноста, големината, брзината или можностите на машините. Па тој го создал универзумот! (Псалм 147:10, 11). Јехова знае уште понапредни начини на кои би можело да се произведува литература, начини кои ниту се откриени ниту, пак, човек може да си ги замисли. Тогаш, што е тоа што за Јехова има вистинска вредност? Сигурно дека, преку оваа печатница, тој ги гледа скапоцените особини на својот народ — љубовта, верата и послушноста.

Беше даден убав пример за љубовта. Едно девојче прави торта за своите родители. Најверојатно, родителите ќе бидат задоволни. Да, каква и да излезе тортата, она што им значи на родителите е љубовта на нивното дете, која ја покажува со тоа што вложило толку труд. Исто така и Јехова, кога ја гледа новата печатница, не му се најважни зградата и машините. Најважно му е тоа што преку нив тој ја гледа љубовта што ја имаме за неговото име (Евреите 6:10).

Понатаму, исто како што на арката гледал како на еден доказ за верата на Ное, така и оваа печатница Јехова ја гледа како еден доказ за нашата вера. Вера во што? Ное имал вера дека она што го претскажал Јехова, ќе се исполни. Ние веруваме дека живееме во последните денови, дека добрата вест е најважната порака што се објавува на Земјата и дека е многу важно луѓето да ја чујат. Свесни сме дека пораката што ја носи Библијата може да спаси животи (Римјаните 10:13, 14).

Несомнено, Јехова во оваа печатница гледа и доказ за нашата послушност. Како што знаеме, тој сака добрата вест да биде проповедана низ целиот свет пред да дојде крајот (Матеј 24:14). Оваа печатница, заедно со другите печатници во разни делови од земјината топка, ќе одигра своја улога во исполнувањето на таа задача.

Да, љубовта, верата и послушноста што беа покажани во финансирањето, градењето и функционирањето на овие објекти се гледа и во ревносните активности на Јеховиниот народ насекаде, додека продолжуваат со објавувањето на вистината на секој што сака да слуша.

[Рамка/слики на страница 11]

РАЗВОЈОТ НА ПЕЧАТАРСТВОТО ВО СОЕДИНЕТИТЕ ДРЖАВИ

1920: Авенија Миртл бр. 35, Бруклин. Се печатат списанија на првата ротациона машина.

1922: Печатницата е преместена во шесткатна зграда на улица Конкорд бр. 18. Почнуваат да се печатат и книги.

1927: Печатницата е преселена во новоизградената зграда на улица Адамс бр. 117.

1949: Додадени се девет ката со што печатницата двојно се зголемува.

1956: Повторно двојно се зголемува печатницата на улица Адамс, со новата зграда изградена на улица Сендс бр. 77.

1967: Изградена е десеткатница преку која меѓусебно се поврзуваат сите печатници, кои се десетпати поголеми од претходно.

1973: Направена е помошна печатница во Волкил, главно за производство на списанија.

2004: Процесот на печатење, поврзување и испраќање во Соединетите Држави се извршува на едно место, во Волкил.