Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

Одлучна да продолжам да му служам на мојот Творец

Одлучна да продолжам да му служам на мојот Творец

Животна приказна

Одлучна да продолжам да му служам на мојот Творец

РАСКАЖАЛА КОНСТАНЦА БЕНАНТИ

Сѐ се случи толку брзо! За само шест дена, Камил, нашата 22-месечна ќеркичка, качи висока температура и умре. Мојата болка беше неиздржлива. Сакав и јас да умрам. Зошто Бог дозволи да се случи тоа? Бев збунета.

МОИТЕ родители беа имигранти од Касталамаре, град на Сицилија (Италија). Дошле во Њујорк, каде што, на 8 декември 1908 година, сум се родила јас. Нашето семејство го сочинуваа мајка ми, татко ми и нивните осум деца, пет момчиња и три девојчиња. a

Во 1927 година татко ми, Санто Катанѕаро, почна да оди на состаноците на една мала група Изучувачи на Библијата, како што се нарекуваа Јеховините сведоци тогаш. Џовани де Чека, еден брат Италијанец што служеше во главното седиште (наречено Бетел) во Бруклин (Њујорк), одржуваше состаноци во местото каде што живеевме, во Њу Џерси, близу до Њујорк. По некое време татко ми почна да проповеда и стана полновремен проповедник, продолжувајќи со оваа служба сѐ до својата смрт во 1953 година.

Кога била млада, мајка ми сакала да стане калуѓерка, но родителите не ѝ дозволиле. Во почетокот, под нејзино влијание, не сакав да ја проучувам Библијата со татко ми. Но, наскоро забележав промени кај него. Стана посмирен, поблаг, а во семејството беше многу помирно. Ми се допаѓаше тоа.

Во меѓувреме го запознав Карло, кој беше на моја возраст и беше роден во Бруклин. И неговото семејство, исто како моето, потекнуваше од Сицилија. Наскоро се свршивме, а се венчавме веднаш штом татко ми се врати од конгресот на Јеховините сведоци во Колумбо (Охајо), во 1931 година. По една година се роди нашата ќеркичка, Камил. Кога умре, ништо не можеше да ме утеши. Еден ден Карло плачејќи ми рече: „Камил ми беше ќерка и мене колку што ти беше и тебе. Зошто да не продолжиме со животот и да најдеме утеха еден во друг?

Ја прифаќаме библиската вистина

Карло ме потсети дека говорот што татко ми го одржа на погребот на Камил зборуваше за надежта во воскресение. „Ти се верува ли дека навистина ќе има воскресение?“ го прашав.

„Да!“ ми одговори тој. „Зошто да не видиме што уште има да каже Библијата?“

Таа вечер не можев да заспијам. Во шест часот наутро, пред татко ми да замине на работа, појдов кај него и му кажав дека јас и Карло сакаме да ја проучуваме Библијата. Тој восхитено ме прегрна. Мајка ми, која сѐ уште беше в кревет, нѐ слушна. Ме праша што се случи. „Ништо“, ѝ одговорив. „Едноставно, јас и Карло одлучивме да ја проучуваме Библијата.“

„Сите треба да ја проучуваме Библијата“ одговори таа. Така сите ние, вклучувајќи ги и моите браќа и сестри, вкупно единаесетмина, започнавме да проучуваме заедно како семејство.

Проучувањето на Библијата ми донесе утеха, и полека збрката во главата и тагата ги замени надежта. По една година, во 1935, јас и Карло почнавме да им ја кажуваме библиската вистина на другите. Во февруари 1937 година, откако во главното седиште во Бруклин беше одржан говор во кој беше објаснето кое е значењето на крштавањето во вода, се крстивме во еден хотел во близината, заедно со многу други. Тоа го направив не само затоа што се надевав дека еден ден повторно ќе си ја видам ќеркичката туку и затоа што сакав да му служам на нашиот Творец, кого го запознав и засакав.

Започнуваме со полновремена служба

Да им зборувам на другите за она што го имав научено беше возбудливо и изградувачки, особено затоа што во тоа време многумина реагираа на пораката за Царството и се вклучуваа во објавувањето на таа порака (Матеј 9:37). Во 1941 година, заедно со Карло станавме пионери, како што Јеховините сведоци ги нарекуваат нивните полновремени проповедници. По кратко време купивме камп-приколка, и Карло му ја предаде работата во семејната фабрика за пантолони на мојот брат, Франк. По некое време, бевме радосни кога добивме едно писмо со кое бевме повикани да служиме како специјални пионери. Најпрво служевме во Њу Џерси, а потоа бевме пратени во државата Њујорк.

Во 1946 година, додека присуствувавме на конгресот во Балтимор (Мериленд), бевме замолени да одиме на состанокот со некои претставници на Јеховините сведоци. Таму се сретнавме со Натан Нор и Милтон Хеншел. Ни зборуваа за мисионерското дело и, поконкретно, за делото на проповедање во Италија. Нѐ замолија да размислиме за можноста да одиме на Библиската школа Гилеад на Watchtower.

„Размислете“ ни рекоа, „и потоа одговорете ни.“ Кога излеговме од канцеларијата, се погледнавме со Карло, се свртивме и повторно влеговме внатре. „Размисливме“ рековме. „Спремни сме за Гилеад.“ Десет дена подоцна бевме во седмиот клас на Гилеад.

Месеците на обука беа незаборавни. Она што особено нѐ импресионираше беа стрпливоста и љубовта на инструкторите коишто нѐ подготвуваа да се соочиме со тешкотиите на подрачјето во друга земја. Откако дипломиравме, во јули 1946 година, едно време бевме доделени да проповедаме во Њујорк, каде што живееја приличен број Италијанци. Потоа дојде и големиот ден! На 25 јуни 1947 година заминавме за Италија, нашата мисионерска доделба.

Се навикнуваме на својата доделба

Патувавме со еден брод што порано се користел за воени цели. По 14 дена на море, пристигнавме во италијанскиот пристанишен град Џенова. Градот ги носеше раните од Втората светска војна, која заврши две години претходно. На пример, како последица од бомбардирањата, на железничката станица немаше ниту еден прозорец. Од Џенова, со товарен воз, се упативме за Милано, каде што се наоѓаа подружницата и мисионерскиот дом.

Условите за живот во повоена Италија беа многу лоши. Иако градбите се обновуваа, имаше голема сиромаштија. Наскоро, кај мене се појави сериозен здравствен проблем. Според еден доктор, срцето ми беше во толку лоша состојба што сметаше дека е најдобро да се вратам во САД. Мило ми е што испадна дека воопшто немал право. По 58 години, јас сѐ уште сум на својата доделба во Италија.

Бевме само неколку години на нашата доделба кога моите браќа од Соединетите Држави сакаа да ни купат автомобил. Но Карло ја одби нивната понуда, одлука која многу ја ценев. Колку што ни беше познато, во тоа време ниту еден Сведок во Италија немаше автомобил, и Карло сметаше дека е најдобро и ние да задржиме животен стандард сличен на оној на тамошните христијански браќа. Дури во 1961 година добивме еден мал автомобил.

Првата Сала на Царството што ја имавме во Милано беше во еден подрум со земјен под. Немаше тоалет, а вода имаше само кога ќе врнеше и тоа под нашите нозе. Бевме почестени и со друштвото на малечки глувчиња кои чат-пат ќе претрчаа. Светлина ни доаѓаше од две сијалици. И покрај таквите неугодности, беше охрабрувачки да се види како на нашите состаноци доаѓаат искрени поединци и на крајот ни се придружуваат во службата на проповедање.

Искуства од мисионерската служба

Еднаш, на еден човек му ја оставивме брошурата Peace — Can It Last? („Мир — може ли да биде траен?“) Кога бевме на заминување се врати од пазар неговата сопруга, Сантина, натоварена со полни торби. Малку беше нервозна, и ни рече дека имала осум ќерки за кои треба да се грижи и за ништо друго не ѝ останува време. Кога повторно навратив кај Сантина, нејзиниот сопруг не беше дома, а таа плетеше. „Немам време да ве слушам“, рече. „А не знам ни да читам.“

Во себе му се помолив на Јехова и ја прашав дали може да ѝ платам за да ми сплете еден џемпер за маж ми. По две недели го добив џемперот, а со Сантина почнавме редовно да ја проучуваме Библијата со помош на книгата “The Truth Shall Make You Free” („Вистината ќе ве ослободи“). Сантина научи да чита и, покрај противењето на нејзиниот сопруг, напредуваше и се крсти. Пет нејзини ќерки станаа Сведоци, а Сантина им помогна и на многу други да ја прифатат библиската вистина.

Во март 1951 година, заедно со уште две други мисионерки — Рут Канон b и Лоис Калахан, која подоцна се омажи за Бил Венгерт — бевме префрлени во Брешија, каде што немаше Сведоци. Најдовме наместен стан, но по два месеца газдата ни рече да го напуштиме во рок од 24 часа. Бидејќи во областа немаше Сведоци, немавме друг избор освен да престојуваме во хотел, каде што останавме речиси два месеца.

Исхраната ни беше скудна: капучино и кифла за доручек, овошје и ѓеврек со сирење за ручек и овошје и ѓеврек со сирење за вечера. Но и покрај ваквите непријатности, имавме навистина голем благослов. По некое време најдовме малечко станче и, на Одбележувањето на Христовата смрт во 1952 година, во малечката соба што ја користевме како Сала на Царството, дојдоа 35 души.

Се соочуваме со проблеми

Во тоа време свештенството сѐ уште имаше големо влијание над луѓето. На пример, додека проповедавме во Брешија, свештеникот подбуцна некои момчиња да фрлаат со камења по нас. Но и покрај тоа, со текот на времето, 16 души почнаа да ја проучуваат Библијата со нас, и по кратко време станаа Сведоци. И кој беше меѓу нив? Едно од момчињата што ни се закануваше дека ќе фрла со камења по нас! Сега тој служи како старешина во едно од собранијата во Брешија. Кога, во 1955 година, си заминавме од Брешија, 40 објавители на Царството учествуваа во делото на проповедање.

Потоа, три години служевме во Ливорно, каде што повеќето Сведоци беа жени. Тоа значеше дека ние, сестрите, требаше да извршуваме некои собраниски задачи што нормално би им биле доделени на браќа. Потоа се преселивме во Џенова, таму каде што и почнавме 11 години пред тоа. Но, сега таму веќе имаше собрание. Салата на Царството беше на првиот кат во зградата каде што се наоѓаше нашиот стан.

Само што дојдовме во Џенова, почнав да поучувам една жена чиј маж беше поранешен боксер и сега управуваше со вежбалница за бокс. Жената напредуваше духовно и набргу стана наша сестра. Но нејзиниот сопруг беше противник и остана таков долго време. Потоа почна да ја придружува на состаноците. Не влегуваше во салата, туку седеше надвор и слушаше. Подоцна, откако си заминавме од Џенова, слушнавме дека побарал да ја проучува Библијата. По некое време се крсти и стана прекрасен христијански надгледник. Остана верен сѐ до својата смрт.

Ја проучував Библијата и со една жена која беше свршена за полицаец. Во почетокот тој покажуваше интерес, но по свадбата се смени. Почна да ѝ се противи и таа престана да проучува. Кога подоцна повторно почна да проучува, тој ѝ се закануваше, велејќи дека ако некогаш нѐ начека како проучуваме, двете ќе нѐ застрела. Сепак, таа продолжи духовно да напредува и стана крстен Сведок. Нема потреба да се каже дека не нѐ застрела. Всушност, многу години потоа, кога бев на еден конгрес во Џенова, некој ми пријде одзади, ми ги покри очите со дланките и ми рече да погодам кој е. Не можев а да не заплачам кога го видов него. Откако се изгушкавме, ми кажа дека токму тој ден го симболизирал своето предание на Јехова со крштавање!

Од 1964 до 1972 година имав предност да го придружувам Карло кога ги посетуваше собранијата за духовно да ги зајакне. Служевме низ скоро цела северна Италија — во Пиемонт, Ломбардија и Лигурија. Потоа повторно почнавме со пионерска служба близу до Фиренца и подоцна во Верќели. Во 1977 година во Верќели имаше само едно собрание, но кога си заминавме оттаму, во 1999 година, имаше три. Таа година наполнив 91 година, и ни предложија да се преселиме во мисионерскиот дом во Рим, убава мала куќа во релативно мирно соседство.

Уште една болка

Во март 2002 година Карло, кој секогаш имаше добро здравје, одеднаш тешко се разболе. Здравјето сѐ повеќе му се влошуваше и, на 11 мај 2002 година, почина. Цели 71 година заедно плачевме кога ни беше тешко и заедно се радувавме кога доживувавме благослови. Неговата смрт беше една огромна и тешка загуба за мене.

Често си го замислувам Карло, во неговиот двореден костум и шешир од триесетите. Си ја замислувам неговата насмевка, или ми се причинува дека го слушам неговото смеење на кое уште добро се сеќавам. Со помошта од Јехова и благодарение на љубовта што кон мене ја покажаа многу мили браќа и сестри, смогнав сили да поминам низ овој тежок период. Едвај чекам да дојде време пак да го видам Карло.

Продолжувам со службата

Тоа што му служев на својот Творец е најубавото нешто во мојот живот. Низ годините што минаа ‚вкусив и видов колку е добар Јехова‘ (Псалм 34:8). Ја почувствував неговата љубов и видов како се грижи за мене. Иако го изгубив моето малечко, Јехова ми даде многу духовни синови и ќерки — низ цела Италија — кои ми донесоа голема радост во срцето и мене и нему.

Она што отсекогаш најмногу сум го сакала е да им зборувам на другите за својот Творец. Затоа сѐ уште продолжувам да проповедам и да ги поучувам другите за Библијата. Понекогаш ми е жал што не можам да правам уште повеќе поради моето здравје. Но сфаќам дека Јехова ги знае моите ограничувања и дека ме сака и го цени она што можам да го направам (Марко 12:42). Се трудам и за мене да важат зборовите од Псалм 146:2: „Ќе го фалам Господа додека сум жив, додека ме биде, ќе му пеам на мојот Бог“. c

[Фусноти]

a За активностите на брат ми, Анџело Катанѕаро, пишува во Стражарска кула од 1 април 1975 година, стр. 205-207.

b За нејзината животна приказна види ја Стражарска кула од 1 мај 1971 година, страници 277-280.

c Сестра Бенанти почина на 16 јули 2005 година, додека оваа статија се подготвуваше. Имаше 96 години.

[Слика на страница 13]

Камил

[Слика на страница 14]

На нашата венчавка во 1931

[Слика на страница 14]

Иако отпрвин незаинтересирана, мајка ми се сложи дека сите треба да ја проучуваме Библијата

[Слика на страница 15]

Со брат Нор на дипломирањето на Гилеад во 1946

[Слика на страница 17]

Со Карло кратко пред неговата смрт