Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

Го израдуваа срцето на своите родители

Го израдуваа срцето на своите родители

Го израдуваа срцето на своите родители

„СИНЕ МОЈ, кога ти е срцето мудро и јас се радувам од срце“ (Пословици 23:15). Навистина, христијанските родители се радуваат кога нивните деца стекнуваат мудрост како Божјата. Во сабота, на 10 септември 2005 година, 6.859 лица од разни земји присуствуваа на дипломирањето на 119-тиот клас на школата Гилеад. Срцата им трепереа од радост, а особено на родителите на 56-те дипломци.

Дејвид Вокер, долгогодишен член на бетелската фамилија во Соединетите Држави, ја отвори програмата со една срдечна молитва. Потоа, претседавачот Дејвид Сплејн од Водечкото тело на Јеховините сведоци, ја започна програмата обраќајќи им се на татковците и мајките на дипломците: „Вие заслужувате искрена пофалба. Особините што сте ги всадиле во своите синови и ќерки ги мотивирале да се одлучат за мисионерска служба“. На тие родители можеби им е тешко бидејќи нивните синови и ќерки наскоро ќе заминат на далечни доделби. Меѓутоа, брат Сплејн ги охрабри: „Не грижете се за вашите деца. Јехова може да се грижи за нив многу подобро од вас“. Потоа рече: „Мислете на сето добро што ќе го направат вашите синови и ќерки. Оние што страдаат ќе добијат вистинска утеха за првпат во својот живот“.

Како да продолжите да ги радувате другите

Претседавачот најави четири говорници. Најнапред, Ралф Волс од Одборот на подружницата на Соединетите Држави зборуваше на темата „Очите нека ви бидат отворени“. Тој нагласи дека духовното слепило е многу полошо од дословното слепило. Во првиот век, собранието во Лаодикија го изгубило својот духовен вид. На духовно слабите христијани од тоа собрание им била понудена помош, но секогаш е многу подобро да го спречиме таквото слепило со тоа што нашите духовни очи ќе ни бидат отворени (Откровение 3:14-18). Говорникот рече: „Очите нека ви бидат отворени, и гледајте на одговорните браќа онака како што гледа Јехова“. Дипломците не треба премногу да се вознемируваат ако има проблеми во собранието. Господарот Исус Христос знае што сѐ се случува. Тој ќе се погрижи сите работи да се средат во свое време.

Потоа, Самјуел Херд од Водечкото тело одговори на прашањето: „Дали си подготвен?“ Исто како што еден патник си ја понесува на пат облеката што ќе му треба, така и дипломците мора секогаш да бидат облечени во особините на новата личност. Мораат да бидат сочувствителни како Исус. Кога еден лепрозен човек му рекол на Исус: „Само ако сакаш, можеш да ме исчистиш“, Исус рекол: „Сакам. Биди чист“ (Марко 1:40-42). Тогаш говорникот рече: „Ако навистина сакате да им помогнете на луѓето, ќе најдете начин да го направите тоа“. Во Филипјаните 2:3 христијаните се советувани да ги сметаат другите за „подобри од себе“. Брат Херд рече: „Поважно е да се биде понизен во срцето отколку да се има знаење во главата. Само ако сте понизни, вашето знаење ќе им користи на луѓето што ги сретнувате во службата и на вашите браќа и сестри во собранието“. На крајот рече дека, ако дипломците продолжат да се облекуваат во христијанска љубов, подготвени се да отпатуваат на своите доделби, и сигурно ќе бидат успешни (Колошаните 3:14).

Марк Нојмар, еден од инструкторите на Гилеад, ја подбуди љубопитноста на присутните со својот говор со наслов: „Ќе го задржиш ли тоа чувство?“ „Тоа чувство“ се однесува на нашата благодарност за Јеховината добрина. Во Псалм 103:2 стои: „Благословувај Го Господа, душо моја, и не заборави ги Неговите добротворства“. Израелците не покажале благодарност за маната што ги одржувала во живот, нарекувајќи ја „бедно јадење“ (Броеви 21:5). Со текот на времето не се променил квалитетот на маната, туку исчезнала нивната благодарност за неа. Инструкторот рече: „Ако ги заборавите Јеховините дела и дозволите службата во новата земја да ви стане обична работа, тоа ќе се одрази врз вашиот став кон делото што ви го дал Јехова“. Во Псалм 103:4 стои дека Јехова „те овенчува со добрина и љубов“. Дипломците ќе ја почувствуваат Божјата љубов во своите нови собранија.

Еден друг инструктор на Гилеад, Лоренс Боуен, зборуваше на темата „Ќе те стигнат ли благословите?“ Тој рече дека студентите на 119-тиот клас на Гилеад напорно „тренирале“ за да бидат успешни мисионери. Но, сега треба да се држат цврсто за Јехова и верно да го вршат делото што им го доделил тој. Во Откровение 14:1-4, 144–те илјади се опишани како „оние кои постојано го следат Јагнето каде и да појде“. Сите во таа група лојално се држат за Јехова и за неговиот Син без оглед на тешкотиите, и ја постигнуваат својата цел. „Што и да се случи, и ние лојално се држиме за Јехова и за делото што ни го доделил“, рече говорникот. Ако прават така, дипломците ќе видат дека Јеховините благослови ќе ги ‚стигнат‘ (Второзаконие 28:2).

Даваат плодови во службата

Секој викенд додека траеше школата, студентите учествуваа во проповедничката служба. Додека Валас Ливеранс, архивар на школата, ги интервјуираше во склоп на програмата, беше очигледно дека постигнале успех. Тие ја проповедаа добрата вест на најмалку десет јазици и почнаа да ја проучуваат Библијата со многу луѓе. Една брачна двојка од студентите на Гилеад почнале да ја проучуваат Библијата со еден Кинез. По две посети, го прашале како се чувствува што го запознава Јехова. Тој ја отворил својата Библија и ги замолил нив да го прочитаат стихот од Јован 17:3. Чувствувал дека се наоѓа на патот што води во живот.

Потоа Ентони Морис од Водечкото тело интервјуираше тројца браќа што служат во Одборите на подружниците од Брегот на слоновата коска, Доминиканската Република и Еквадор. Овие браќа ги уверија дипломците дека Одборите на подружниците едвај чекаат тие да пристигнат и да им помогнат да се приспособат на своите доделби.

Потоа Леонард Парсон од бетелската фамилија во Соединетите Држави интервјуираше тројца членови на Одборите на подружниците во Демократска Република Конго, Папуа Нова Гвинеја и Уганда. Овие браќа ги поттикнаа дипломците сосема да се внесат во проповедничката служба. Една двојка мисионери што поминале повеќе од 21 година во Конго им помогнале на 60 луѓе да се крстат. Сега таа двојка ја проучува Библијата со 30 лица, а 22 од нив присуствуваат на собраниските состаноци. Со толку голема духовна жетва, сега е идеално време да се служи како мисионер.

Да се сведочи со чувство на итност

Герит Леш од Водечкото тело го одржа последниот говор. Неговиот говор беше на тема: „Да зборуваме за Бог и да сведочиме за Исус во Господовиот ден“. Зборовите „сведоштво“, „сведок“, „сведоци“, „(по)сведочи“ и „сведочење“ се појавуваат 17 пати во книгата Откровение. Значи, Јехова многу јасно кажува каква работа има за својот народ. Кога треба да дадеме такво сведоштво? Јован пишува дека тоа треба да го правиме во текот на „Господовиот ден“ (Откровение 1:9, 10). Тој ден започнал во 1914 година, сѐ уште трае и денес, и ќе продолжи и во иднина. Според Откровение 14:6, 7, ангелите помагаат во делото на сведочење за Бог. Откровение 22:17 покажува дека одговорноста да се води делото на сведочење за Исус му е доверена на остатокот од помазани христијани. Но, сите треба да ја искористиме таа чест сега. Во 20. стих пишува дека Исус вели: „Доаѓам бргу“. Брат Леш ги поттикна сите присутни: „Повикајте ги луѓето: ‚Дојдете, земете од водата на животот бесплатно‘. Исус доаѓа брзо. Спремни ли сме за тоа?“

Фред Раск, кој 11 години служел како инструктор на школата Гилеад, ја заврши програмата со благодарна молитва до Јехова што длабоко ги трогна сите присутни. Тоа беше соодветен крај за овој радосен ден.

[Рамка на страница 13]

ПОДАТОЦИ ЗА КЛАСОТ

Број на застапени земји: 10

Број на земји во кои се доделени: 25

Број на студенти: 56

Просечна старост: 32,5

Просек на години во вистина: 16,4

Просек на години во полновремена служба: 12,1

[Слика на страница 15]

119. клас што дипломираше на Школата Гилеад

Во списокот долу, редовите се нумерирани однапред наназад, а имињата се наведени одлево надесно во секој ред.

1) Хелгесен С.; Даугор Х.; Пјерлуиси А; Џозеф И.; Раканели К. 2) Берџ Т.; Батлер Д.; Фридлан Џ.; Нуњез К.; Паважо С.; Думен Т. 3) Камачо О.; Линдквист Л.; Брумер Е.; Веселс Е.; Бартон Џ.; Вудхаус О.; Думен А. 4) Тирион А.; Конели Л.; Фурние К.; Џил А.; Јонсон К.; Хамилтон Л. 5) Бирд Д.; Скрибнер И.; Камачо Б.; Лашински Х.; Халахан М.; Либуда О. 6) Џозеф А.; Линдквист М.; Хелгесен К.; Нуњез Д.; Скрибнер Ш.; Фурние Џ. 7) Пјерлуиси Ф.; Паважо Т.; Брумер К.; Раканели П.; Батлер Т.; Вудхаус М.; Либуда Ј. 8) Лашински М.; Фридлан С.; Бартон И.; Тирион М.; Бирд М.; Берџ Џ. 9) Веселс Т.; Халахан Д.; Конели С.; Џил Д.; Даугор П.; Хамилтон С.; Јонсон Т.