Добро опколено со зло
Добро опколено со зло
ВО ДЕНЕШНИОВ свет, изгледа дека малку луѓе се спремни да прават жртви за другите. Меѓутоа, сѐ уште постојат некои што сакаат „да ги сменат работите“ — сакаат на некој начин да им прават добро на другите. Секоја година, безброј луѓе даваат милијарди евра за нешто што го сметаат за добра цел. На пример, во 2002 година, добротворните донации во Британија достигнаа рекордна сума од 10 милијарди евра. Од 1999 година, десет дарежливи филантропи дадоа, или ветија дека ќе дадат, повеќе од 30 милијарди евра за да им помогнат на сиромашните.
Некои од добрите дела што ги прават добротворните работници се следниве: им плаќаат медицински сметки на семејства со мали приходи, школуваат деца на самохрани родители, финансираат програми за вакцинација во земјите во развој, им ја даваат првата книга на сиромашни деца, ги снабдуваат сточарите во сиромашните земји со расплодни животни и им доставуваат хуманитарна помош на жртвите од природни катастрофи.
Спомнатите факти покажуваат дека луѓето можат да им прават добро на другите. За жал, има и луѓе кои прават ужасни злосторства.
Злото во пораст
Од крајот на Втората светска војна наваму, регистрирани се 50 случаи на геноцид и масовни убиства од политички причини. „Во нив животот го загубиле 12 милиони војници, како и 22 милиони цивили, што е повеќе од сите жртви во граѓанските и меѓународните војни од 1945 година па наваму“, изјавува весникот American Political Science Review.
Во втората половина од 20 век, во Камбоџа беа убиени 2,2 милиони луѓе од политички причини. Жртви на етничката омраза во Руанда беа преку 800.000 мажи, жени и деца. Во Босна, 200.000 луѓе беа убиени од религиозни и политички причини.
Наведувајќи некои од најновите злосторства, генералниот секретар на Обединетите Нации во 2004 година рече: „Во Ирак гледаме како ладнокрвно се масакрираат цивили, а хуманитарни работници, новинари и други цивили се земаат за заложници и се убиваат на најсуров начин. Во исто време, видовме како ирачките затвореници се срамно малтретирани. Во Дарфур, гледаме како населението е принудено да бега на други места, како нивните домови
се уништуваат, а силувањето се користи како намерна тактика. Во северна Уганда, гледаме осакатени деца кои се принудени да учествуваат во ужасни ѕверства. Во Беслан, видовме деца земени како заложници и брутално масакрирани“.Дури и во таканаречените развиени земји изгледа дека има сѐ повеќе злосторства поттикнати од омраза. На пример, во 2004 година, Independent News извести дека во последната деценија, во Британија „бројот на луѓе кои биле нападнати или малтретирани поради нивната расна припадност се зголемил за единаесет пати“.
Зошто луѓето, кои можат да прават толку добри дела, прават толку ужасни работи? Ќе го снема ли злото некогаш? Како што покажува следната статија, Библијата дава задоволувачки одговори на овие збунувачки прашања.
[Извор на слика на страница 2]
НАСЛОВНА СТРАНИЦА: Mark Edwards/Still Pictures/Peter Arnold, Inc.