Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

„Зборот во право време колку е добар!“

„Зборот во право време колку е добар!“

„Зборот во право време колку е добар!“

ЗА ВРЕМЕ на еден еднодневен собир на Јеховините сведоци, Ким се трудела да слуша и да фаќа белешки додека истовремено се грижела нејзината двеиполгодишна ќеркичка да седи мирна. Кога завршила програмата, една христијанка што седела во истиот ред се свртела кон Ким и искрено ја пофалила за тоа што таа и нејзиниот сопруг убаво се грижеле за ќеркичката додека траела програмата. Ваквата пофалба толку ѝ значела на Ким што дури и сега, по многу години, таа вели: „Кога сум особено уморна на состаноците, помислувам на она што го рече сестрата. Тие љубезни зборови и ден-денес ми даваат сила да продолжам така да ја воспитувам нашата ќерка“. Навистина, зборовите кажани во вистински момент можат многу да охрабрат. Во Библијата стои: „Зборот во право време колку е добар!“ (Пословици 15:23).

Но, на некои од нас можеби им е тешко да ги пофалуваат другите. Понекогаш причината лежи во тоа што сме свесни за своите сопствени недостатоци. Еден христијанин вели: „За мене тоа е како да сум влегол во жив песок. Колку повеќе ги подигам другите, толку повеќе јас тонам надолу“. И од други причини може да ни биде тешко да пофалуваме — ако сме срамежливи, ако немаме самодоверба или, пак, ако се плашиме да не бидеме погрешно разбрани. Освен тоа, ако нѐ пофалувале малку или, пак, воопшто не нѐ пофалувале додека сме биле мали, можеби сега ни е тешко ние да ги пофалуваме другите.

Сепак, штом знаеме дека пофалбата може да влијае добро и врз оној што пофалува и врз оној што е пофален, ќе ги пофалуваме другите во вистинско време (Пословици 3:27). Значи, кои се добрите плодови од пофалбата? Да разгледаме накратко некои од нив.

Добри плодови

Заслужената пофалба може да му ја зголеми самодовербата на оној што е пофален. „Кога другите ќе ме пофалат, чувствувам дека имаат доверба во мене, дека веруваат во мене“, вели Илејн, една омажена христијанка. Да, кога ќе пофалиме некој што нема доволно самодоверба, може да биде охрабрен да ги совлада препреките и, како резултат на тоа, ќе биде радосен. Заслужената пофалба особено им користи на младите. Една млада девојка, која е свесна колку се обесхрабрува од своите негативни мисли, вели: „Секогаш се трудам да му угодам на Јехова, но понекогаш имам чувство дека што и да направам, не е како што треба. Многу сум среќна кога некој ќе ме пофали“. Навистина е точна библиската пословица: „Зборови кажани во право време, се златни јаболки во сребрени садови“ (Пословици 25:11).

Пофалбата може да мотивира и да охрабри. Еден полновремен проповедник вели: „Пофалбата ме охрабрува уште повеќе да се трудам и подобро да ја извршувам службата“. Една мајка на две деца забележала дека, кога другите во собранието ќе ги пофалат нејзините деца затоа што коментираат на состаноците, тие сакаат да коментираат уште повеќе. Да, пофалбата може да ги мотивира младите да напредуваат како христијани. Всушност, сите сакаме да почувствуваме дека другите нѐ ценат и нѐ почитуваат. Во овој свет, во кој стресот е секојдневие, може да се почувствуваме уморни и потиштени. Еден христијански старешина вели: „Кога сум обесхрабрен, однекаде ќе добијам пофалба како одговор на моите молитви“. А Илејн вели: „Понекогаш чувствувам како Јехова покажува дека го цени она што го правам преку она што ќе ми го кажат другите“.

Пофалбата може да ни создаде чувство дека сме прифатени од другите. Искрената пофалба е знак на обѕирност и создава атмосфера на топлина, сигурност и ценење. Таа е доказ дека навистина ги сакаме и цениме сохристијаните. Џоси, која е мајка, вели: „Порано морав да се борам за вистината во религиозно разделен дом. Во тоа време, пофалбата од духовно зрелите лица ја зајакна мојата решеност да не се предадам“. Навистина, ние „сме членови кои си припаѓаат еден на друг“ (Ефешаните 4:25).

Кога сакаме да ги пофалиме другите, полесно можеме да го видиме доброто кај нив. Тогаш ги бараме јаките страни кај другите, а не нивните слабости. Давид, еден христијански старешина, вели: „Кога сме благодарни за она што го прават другите, нема да ни биде тешко почесто да ги пофалуваме“. Ако мислиме на тоа колку великодушно Јехова и неговиот Син зборуваат добро за несовршените луѓе, ќе бидеме поттикнати и ние великодушно да ги пофалуваме другите (Матеј 25:21-23; 1. Коринќаните 4:5).

Кој заслужува пофалба

Затоа што Јехова Бог е Творецот, тој заслужува да биде фален најмногу од сите (Откровение 4:11). Иако ние не сме му потребни на Јехова за да стекне самодоверба или за да го мотивираме, кога го фалиме за неговата величественост, љубов и милост, ни станува поблизок и стекнуваме добар однос со него. Кога го фалиме Бог, полесно можеме да направиме исправна и скромна проценка на сопствените успеси, и тоа нѐ наведува нашиот успех му го припишеме на Јехова (Еремија 9:23, 24). Исто така, Јехова им нуди вечен живот на сите достојни лица, а тоа е уште една причина за да го фалиме (Откровение 21:3, 4). Цар Давид многу сакал ‚да го фали Божјето име‘ и да го ‚велича со зафалници‘ (Псалм 69:30). И ние треба да имаме таква желба.

Нашите сообожаватели заслужуваат пофалба. Кога ги пофалуваме, постапуваме во склад со Божјата заповед „да се поттикнуваме кон љубов и кон извонредни дела“ (Евреите 10:24). Добар пример за ова дал апостол Павле. Тој му напишал на собранието во Рим: „Пред сѐ, му благодарам на мојот Бог преку Исус Христос за сите вас, бидејќи за вашата вера се зборува по целиот свет“ (Римјаните 1:8). Слично, и апостол Јован го пофалил сохристијанинот Гај за неговиот извонреден пример, затоа што ‚одел во вистината‘ (3. Јованово 1-4).

Денес, кога некој сохристијанин ќе покаже некоја христијанска особина на извонреден начин, кога убаво ќе изнесе некоја добро подготвена задача на состанокот или кога од сѐ срце ќе коментира, имаме убава прилика да му кажеме дека го цениме тоа. Можеме да пофалиме и едно дете кога гледаме како се труди да ги најде библиските стихови за време на некој собраниски состанок. Илејн, која веќе ја спомнавме, вели: „Сите имаме различни дарови. Кога ќе го забележиме она што го прави некој друг, покажуваме благодарност за различните дарови што ги имаат Божјите слуги“.

Во семејството

Дали треба да се пофалуваме во семејството? Сопругот и сопругата треба да вложат многу време, труд, љубов и внимание за да се грижат за семејството во духовен, емоционален и материјален поглед. Тие сигурно заслужуваат да чујат пофалби еден од друг и од децата (Ефешаните 5:33). На пример, во врска со една способна жена, Божјата реч вели: „Нејзините синови се подигаат и ја наречуваат среќна, и нејзиниот маж ја фали“ (Пословици 31:10, 28).

И децата заслужуваат пофалба. За жал, некои родители веднаш знаат да им кажат на своите деца што очекуваат од нив, но ретко ги пофалуваат за трудот што го вложуваат да покажат почит и да бидат послушни (Лука 3:22). Кога децата добиваат пофалби во првите години од својот живот, се чувствуваат сакани и поспокојни.

Точно, треба да вложиме труд за да ги пофалуваме другите, но имаме многу користи ако го правиме тоа. Всушност, колку повеќе ги пофалуваме оние што заслужуваат, толку посреќни ќе бидеме (Дела 20:35).

Кажувај и примај пофалби со исправен став

Меѓутоа, за некого пофалбите можат да претставуваат испит (Пословици 27:21). На пример, кај оние што имаат склоност да бидат горделиви, пофалбата би можела да создаде чувство дека се многу подобри од другите (Пословици 16:18). Затоа, треба да бидеме претпазливи. Апостол Павле го дал овој разумен совет: „Му велам на секого од вас да не мисли за себе повеќе отколку што треба да мисли, туку да мисли така како што е по здравиот разум, секој по мерката на вера што му ја доделил Бог“ (Римјаните 12:3). За да им помогнеме на другите да не паднат во стапицата да мислат премногу за себе, можеби ќе биде мудро да не се сосредоточуваме на работи како што се високата интелигенција или убавината. Наместо тоа, треба да ги пофалуваме другите за нивните добри дела.

Кога кажуваме и примаме пофалба со исправен став, таа може позитивно да влијае врз нас. Ќе бидеме поттикнати да признаеме дека Јехова е заслужен за сето добро што го правиме. Исто така, пофалбата може да нѐ охрабри да продолжиме да постапуваме исправно.

Искрената и заслужена пофалба е дар што секој од нас може да го даде некому. Кога обѕирно им го подаруваме на другите, тој може да им значи повеќе отколку што можеме да си замислиме.

[Рамка/слика на страница 18]

Писмо што длабоко ја трогнало

Еден патувачки надгледник живо се сеќава на една прилика кога тој и неговата сопруга се вратиле во станот каде што биле сместени по еден многу студен зимски ден што го поминале во служба. Тој вели: „На жена ми ѝ беше студено и беше обесхрабрена, и ми рече дека не може да издржи повеќе. Таа рече: ‚Колку поубаво би било да служиме полновремено во некое собрание, да си живееме на едно место, и редовно да ја проучуваме Библијата со наши интересенти‘. Не сакав во тој момент да донесеме каква и да е одлука, и ѝ реков дека ќе продолжиме со службата до крајот на седмицата па ќе видиме како ќе се чувствува тогаш. Ако и тогаш сака да престанеме, ќе го почитувам нејзиното мислење. Истиот ден наминавме во поштата и видовме дека има писмо од подружницата адресирано на нејзино име. Во писмото таа беше искрено пофалена за трудот што го вложува во проповедничката служба и затоа што покажува истрајност, и покрај тоа што сигурно ѝ е тешко секоја седмица да спие во различен кревет. Толку беше трогната од таа пофалба што веќе никогаш не спомна да престанеме со патувачката служба. Всушност, неколку пати таа ме охрабри мене да продолжиме кога јас помислував да се откажеме“. Оваа брачна двојка останала во патувачката служба речиси 40 години.

[Слика на страница 17]

Кој заслужува пофалба во твоето собрание?

[Слика на страница 19]

Децата се среќни кога родителите со љубов се грижат за нив и ги пофалуваат