Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

Колку е цврста твојата доверба во Бог?

Колку е цврста твојата доверба во Бог?

Колку е цврста твојата доверба во Бог?

„Продолжете да го барате најнапред царството и Неговата праведност“ (МАТЕЈ 6:33).

1, 2. Што направил еден млад човек во врска со своето вработување, и зошто?

ЕДЕН млад човек сакал да биде од поголема корист за своето собрание. Проблемот лежел во тоа што световното вработување не му дозволувало редовно да присуствува на состаноците. Како го решил тој проблем? Го поедноставил својот живот, дал отказ од работа и по некое време нашол работа што не го спречувала во христијанските активности. Денес тој зема многу помала плата од порано, но сепак успева да ги задоволи потребите на своето семејство и многу повеќе да служи во собранието.

2 Сфаќаш ли зошто тој млад човек постапил така? Можеш ли да се замислиш себеси како го правиш истото ако се најдеш во слични околности? Пофално е што многу христијани го направиле тоа, и нивните постапки покажуваат дека имаат доверба во Исусовото ветување: „Продолжете да го барате најнапред царството и Неговата праведност, а сите овие други работи ќе ви се додадат“ (Матеј 6:33). Имаат доверба дека Јехова ќе им обезбеди сигурност, а не светот (Пословици 3:23, 26).

3. Зошто некои можеби се прашуваат дали денес е практично на прво место да се стави Божјето Царство?

3 Со оглед на тешките времиња во кои живееме, некои можеби се прашуваат дали тој млад човек донел мудра одлука. Денес, еден дел од човештвото живее во крајна сиромаштија, додека други луѓе уживаат во највисокиот животен стандард во историјата. Повеќето луѓе во сиромашните земји без многу размислување веднаш ќе ја искористат секоја прилика да си го олеснат животот. Од друга страна, пак, многу луѓе во побогатите земји се под притисок да го задржат својот животен стандард и покрај нестабилната економија, променливиот пазар на трудот и работодавачите што имаат сѐ поголеми барања. Со оглед на притисокот што го трпат за да заработат, некои можеби се прашуваат: ‚Дали сѐ уште е практично најнапред да се бара Царството?‘ За да одговориме на ова прашање, да видиме кому му се обратил Исус.

„Престанете тегобно да се грижите“

4, 5. Каков пример дал Исус за да покаже дека е разумно Божјиот народ да не биде претерано загрижен за секојдневните работи?

4 Исус бил во Галилеја и му зборувал на едно огромно мноштво луѓе што дошле од многу места (Матеј 4:25). Ретко кој од тие луѓе бил богат. Најверојатно повеќето од нив биле сиромашни. Сепак, Исус ги поттикнал да не им биде најважно да стекнат материјално богатство туку да си соберат нешто многу повредно — духовно богатство (Матеј 6:19-21, 24). Тој рекол: „Престанете тегобно да се грижите за својата душа, што ќе јадете или што ќе пиете, или за своето тело, што ќе облечете. Зарем не значи душата повеќе од храната и телото повеќе од облеката?“ (Матеј 6:25).

5 Многу од оние што го слушале Исус можеби си помислиле дека неговите зборови не се практични. Знаеле дека, ако не работат, нивните семејства ќе страдаат. Меѓутоа, Исус ги потсетил на птиците. Птиците живеат од ден за ден, па сепак, Јехова се грижи за нив. Исус ги потсетил и на тоа дека Јехова се грижи за полските цвеќиња, чија убавина го надминува Соломон во сета негова слава. Ако Јехова се грижи за птиците и за цвеќињата, колку ли повеќе ќе се грижи за нас? (Матеј 6:26-30). Како што рекол Исус, нашиот живот (душа) и тело се многу поважни од храната што ја купуваме за да се прехраниме и од облеката што ја набавуваме за да се облечеме. Ако главно гледаме да сме најадени и облечени, а за службата на Јехова не правиме ништо позначајно, ја промашуваме целта на нашиот живот (Проповедник 12:13).

Урамнотежено гледиште

6. а) Каква одговорност имаат христијаните? б) Во кого имаат целосна доверба христијаните?

6 Се разбира, Исус не ги охрабрил своите слушатели да престанат да работат и да чекаат Бог некако да се погрижи за нивните семејства. Дури и птиците мораат самите да бараат храна за себе и за своите пиленца. Значи, христијаните морале да работат ако сакале да јадат. Морале да ги исполнат своите семејни одговорности. Христијаните што биле слуги и робови морале вредно да работат за своите господари (2. Солуњаните 3:10-12; 1. Тимотеј 5:8; 1. Петрово 2:18). Апостол Павле честопати работел како изработувач на шатори за да се прехрани (Дела 18:1-4; 1. Солуњаните 2:9). Сепак, тие христијани не се потпирале на тоа дека световната работа ќе им донесе сигурност. Тие имале доверба во Јехова. Затоа, имале внатрешен мир што го немале другите луѓе. Псалмистот рекол: „Тие што имаат доверба во Јехова се како гората Сион, која не може да се потресе, туку стои довека“ (Псалм 125:1NW).

7. Какво гледиште може да има некој што нема цврста доверба во Јехова?

7 Оној што нема цврста доверба во Јехова можеби мисли поинаку. Повеќето луѓе сметаат дека материјалното богатство е главниот фактор што им носи сигурност. Затоа, родителите ги охрабруваат своите деца да потрошат голем дел од својата младост за да стекнат високо образование, надевајќи се дека така ќе ги подготват за добро платена кариера. За жал, некои христијански семејства утврдиле дека скапо го платиле тоа, бидејќи нивните деца повеќе не мислеле на духовните работи туку на тоа како да се обезбедат материјално.

8. Каква рамнотежа задржуваат христијаните?

8 Затоа, мудрите христијани сфаќаат дека Исусовиот совет подеднакво важи и денес како што важел и во првиот век, и се трудат да останат урамнотежени. Дури и ако мораат многу да работат за да ги исполнат своите библиски одговорности, никогаш не дозволуваат потребата да заработат пари да ги наведе да заборават на поважните духовни работи (Проповедник 7:12).

„Немојте тегобно да се грижите“

9. Во што ги уверува Исус оние што имаат целосна доверба во Јехова?

9 Во својата Проповед на гората, Исус ги посоветувал оние што го слушале: „Немојте тегобно да се грижите и не велете: ‚Што ќе јадеме?‘ или: ‚Што ќе пиеме?‘ или: ‚Што ќе облечеме?‘ Зашто по сето ова желно тежнеат нациите. Зашто вашиот небесен Татко знае дека ви е потребно сето тоа“ (Матеј 6:31, 32). Колку охрабрувачки зборови! Ако имаме целосна доверба во Јехова, тој секогаш ќе ни помага. Меѓутоа, Исусовите зборови се и отрезнувачки. Тие нѐ потсетуваат на тоа дека, ако „желно“ тежнееме по материјални работи, ќе размислуваме како „нациите“, т.е. како луѓето што не се вистински христијани.

10. Кога еден млад човек му пристапил на Исус за да побара совет, како Исус разоткрил кон што има поголема љубов тој млад човек?

10 Во една прилика, еден многу богат млад човек го прашал Исус што треба да направи за да добие вечен живот. Исус го потсетил на барањата на Законот, кој сѐ уште важел во тоа време. Младиот човек го уверил Исус: „Сето тоа го држев; што уште ми недостига?“ Многу луѓе можеби си помислиле дека одговорот што го дал Исус воопшто не е практичен. Тој рекол: „Ако сакаш да бидеш совршен, оди продај го својот имот и дај им го на сиромасите, и ќе имаш благо на небото, па дојди и биди мој следбеник“ (Матеј 19:16-21). Младиот човек си заминал тажен, бидејќи не можел да си замисли да го изгуби своето богатство. Колку и да го сакал Јехова, повеќе го сакал она што го поседувал.

11, 12. а) Кои отрезнувачки зборови ги кажал Исус во врска со богатството? б) Како може богатството да ни отежне да му служиме на Јехова?

11 Овој настан го навел Исус да каже нешто неочекувано: „Ќе му биде тешко на богаташ да влезе во небесното царство . . . Полесно ѝ е на камила да помине низ иглени уши, отколку на богаташ да влезе во Божјето царство“ (Матеј 19:23, 24). Дали Исус сакал да каже дека ниеден богат човек нема да го наследи Царството? Не, бидејќи понатаму рекол: „За Бог сѐ е можно“ (Матеј 19:25, 26). Навистина, со Јеховина помош, некои богати луѓе во тоа време станале помазани христијани (1. Тимотеј 6:17). Сепак, Исус имал добра причина за да ги каже тие зборови, кои ги изненадиле сите. Тој сакал да ги предупреди на нешто.

12 Ако некој се приврзе за своите поседи, како што било случај со тој млад човек, тие би можеле да му отежнат да му служи на Јехова со сето срце. Истото важи и за оној што веќе е богат, и за оној што ‚е решен да се збогати‘ (1. Тимотеј 6:9, 10). Ако некој премногу се потпира на материјалните работи, може да стане помалку ‚свесен за своите духовни потреби‘ (Матеј 5:3). Затоа, можеби нема да чувствува толку голема потреба од Јеховината помош како што чувствувал порано (Второзаконие 6:10-12). Можеби ќе почне да очекува посебен третман во собранието (Јаков 2:1-4). Исто така, можеби поголемиот дел од своето време ќе го минува за да ужива во богатството отколку за да му служи на Јехова.

Стекни исправен став

13. Каков погрешен став имале христијаните од Лаодикија?

13 Една група луѓе што имале погрешен став за богатството биле христијаните од собранието во Лаодикија во првиот век. Исус им рекол: „Велиш: ‚Богат сум и стекнав богатство и ништо повеќе не ми треба‘, а не знаеш дека си беден и за сожалување и сиромашен и слеп и гол“. Но, богатството не било причината што христијаните од Лаодикија се нашле во толку бедна духовна состојба. Причината била тоа што повеќе се потпирале на богатството отколку на Јехова. Затоа станале духовно млаки, и Исус требало да ги ‚изблуе‘ од својата уста (Откровение 3:14-17).

14. Зошто еврејските христијани ја заслужиле пофалбата на Павле?

14 Од друга страна, пак, Павле ги пофалил еврејските христијани за нивниот став кога противниците почнале да ги прогонуваат. Тој рекол: „Покажавте сочувство спрема оние во затвор, а и радосно го прифативте разграбувањето на вашиот имот, знаејќи дека самите имате подобар и траен посед“ (Евреите 10:34). Тие христијани не биле разочарани од тоа што го изгубиле она што го имале. Ја задржале радоста затоа што го зачувале највредното нешто што го имале, нивниот „подобар и траен посед“. Како трговецот кој жртвувал сѐ што имал за еден скапоцен бисер, кого Исус го спомнал во една споредба, и тие биле решени по никоја цена да не им згасне надежта за Царството (Матеј 13:45, 46). Колку убав став!

15. Како една христијанка од Либерија ги ставила интересите на Царството на прво место?

15 И денес многу луѓе стекнале таков исправен став. На пример, на една млада христијанка во Либерија ѝ било понудено да студира на факултет. Во таа земја, една таква понуда се смета за прилика човек добро да се обезбеди за иднината. Меѓутоа, таа била пионерка, полновремен проповедник, и добила покана привремено да служи како специјален пионер. Избрала најнапред да го бара Царството и да остане во полновремената служба. Заминала на својата доделба и за три месеци започнала 21 библиска студија. Оваа млада сестра и илјадници како неа најнапред го бараат Царството, па дури и по цена на тоа да жртвуваат извесни материјални добивки. Како успеваат да задржат таков став во овој материјалистички свет? Стекнале многу убави особини. Да разгледаме некои од нив.

16, 17. а) Зошто е важно да бидеме скромни за да имаме доверба во Јехова? б) Зошто треба да имаме доверба во Божјите ветувања?

16 Скромност. Во Библијата стои: „Надевај се на Господа со сето свое срце и не се потпирај врз сопствениот разум. Мисли на Него на сите свои патишта и Тој ќе ги исправи твоите патеки. Не замислувај дека си мудар“ (Пословици 3:5-7). Понекогаш, некоја постапка може да изгледа практична од световна гледна точка (Еремија 17:9). Сепак, вистинскиот христијанин бара водство од Јехова (Псалм 48:14). „На сите свои патишта“ — за собраниските работи, во врска со образованието или световната работа, околу рекреацијата или за што и да е друго — тој скромно бара совет од Јехова (Псалм 73:24).

17 Доверба во Јеховините ветувања. Павле рекол: „Оној кој му пристапува на Бог мора да верува дека тој постои и дека ги наградува оние кои сесрдно го бараат“ (Евреите 11:6). Ако се сомневаме дека Јехова ќе ги исполни своите ветувања, ќе ни изгледа сосема логично ‚да го користиме светот во потполност‘ (1. Коринќаните 7:31). Од друга страна, пак, ако имаме цврста вера, ќе бидеме решени најнапред да го бараме Царството. Како можеме да изградиме цврста вера? Со тоа што ќе му се приближиме на Јехова преку редовни, срдечни молитви и преку редовно проучување (Псалм 1:1-3; Филипјаните 4:6, 7; Јаков 4:8). Како цар Давид, можеме да се молиме: „Господи, на тебе се надевам, велам: ‚Ти со мој Бог!‘ О колку е голема Твојата добрина“ (Псалм 31:14, 19).

18, 19. а) Како трудољубивоста ја зајакнува нашата доверба во Јехова? б) Зошто еден христијанин треба да биде спремен да прави жртви?

18 Трудољубивост во службата за Јехова. Павле покажал дека постои врска помеѓу довербата во Јеховините ветувања и трудољубивоста кога напишал: „Сакаме секој од вас да ја покажува истата трудољубивост за да бидете потполно сигурни во надежта сѐ до крајот“ (Евреите 6:11). Ако сме зафатени во службата за Јехова, тој ќе ни помогне. Секогаш кога ќе ја почувствуваме таа помош, нашата доверба во него се зајакнува, стануваме „цврсти, непоколебливи“ (1. Коринќаните 15:58). Нашата вера се обновува, а нашата надеж се зајакнува (Ефешаните 3:16-19).

19 Спремност да се прават жртви. За да го следи Исус, Павле жртвувал надежна кариера. Јасно е дека донел исправна одлука, иако неговиот живот понекогаш бил тежок од финансиска гледна точка (1. Коринќаните 4:11-13). Јехова не ни ветува луксузен живот, а понекогаш неговите слуги трпат и немаштија. Нашата спремност да водиме поедноставен живот и да правиме жртви покажува колку силно сме решени да му служиме на Јехова (1. Тимотеј 6:6-8).

20. Зошто стрпливоста е многу битна за оној што на прво место ги става интересите на Царството?

20 Стрпливост. Ученикот Јаков ги поттикнал сохристијаните: „Практикувајте стрпливост до присутноста на Господ“ (Јаков 5:7). Во овој свет во кој сѐ се случува со забрзано темпо, тешко е да се биде стрплив. Сакаме сѐ веднаш да се случи. Но, Павле нѐ поттикнува да се угледаме на оние што „преку вера и стрпливост ги наследуваат ветувањата“ (Евреите 6:12). Биди спремен да чекаш на Јехова. Вечен живот на рајска земја — тоа сигурно вреди да се чека!

21. а) Што покажуваме кога на прво место ги ставаме интересите на Царството? б) Што ќе разгледаме во следната статија?

21 Да, Исусовиот совет да го бараме најнапред Царството е практичен. Кога го правиме тоа, покажуваме дека навистина имаме доверба во Јехова и дека го избираме единствениот сигурен начин на живот за еден христијанин. Меѓутоа, Исус ни дал и совет да продолжиме ‚да ја бараме најнапред Божјата праведност‘. Во следната статија ќе видиме зошто тоа охрабрување е особено потребно денес.

Можеш ли да објасниш?

• Каква урамнотеженост нѐ поттикнал Исус да имаме во врска со материјалните работи?

• Што учиме од Исусовата споредба за камилата и иглените уши?

• Кои христијански особини ни помагаат најнапред да го бараме Божјето Царство?

[Прашања]

[Слика на страница 21]

Многу од оние што ги слушале Исусовите зборови биле сиромашни

[Слика на страница 23]

Богатиот млад човек повеќе ги сакал своите поседи отколку Бог

[Слика на страница 23]

Трговецот од Исусовата споредба жртвувал сѐ за еден скапоцен бисер

[Слика на страница 24]

Ако сме зафатени во службата за Јехова, тој ќе ни помогне